Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXV
Поглавје XXIV | Во Софија 1906 година — Социјалистот Александар Андонов — Михаил Чаков со чета во Велешко — Учество во Велешко — Учество во штрајкот на перничките рудари од Алексо Мартулков |
Поглавје XXVI |
Јас целата 1906 година ја истерав во Софија и бев постојанен посетувач на Работничкиот клуб, на улица „Цар Симеон“ бр. 113. Собрание не пропуштив, а партискиот живот на Социјал-демократската партија тогаш беше многу интензивен. Таа година стана првиот расцеп на тесните социјалисти и таканаречените, „либерали-социјалисти“ на чело со Никола Харлаков. Се отцепија од партијата и се обединија широките социјалисти. Со Харлаков имаше мнозина македонски социјалисти кои беа членови на ВМОРО. Мене социјализмот на „либералите“[1] не ме привлекуваше и му останав верен на дедо Благоевиот социјализам.
Но по македонска линија со отцепените наши другари се разбиравме, особено со Александар Андонов, родум од град Пирдоп. Тој инаку како мене заразен од туберкулоза, но во поширок размер, без работа, студираше во Софискиот универзитет. Гладувавме на сермија. И јас зимата бев без работа. Александар Андонов беше принуден многу капитални книги од неговата скромна библиотека да ми ги даде за да му ги продавам и да го продолжи со некој ден својот мизерен живот. Пролетта и летото заедно го врвевме слободното време по клупите на градската градина и ги разгледувавме нашите македонски работи, коишто беа во многу тешка положба. Андонов беше многу очаен, зашто беше бессилен поради неговото разнишано здравје да му биде полезен на национал-револуционерното движење и многу пати ми велеше оти требало да си тури крај на својот страдален живот. Еден ден во зората кога било тивко во градската градина откај клупите се слушнува тапо пукнување од револвер. Кога појдуваат градските пазачи на местово откај што се чул истрелот, најдуваат мртов труп на младинец, а тој да ти биде на мојот скап и неразделен другар Андонов, еден многу чесен, идеален истакнат македонски социјалист — револуционер. Не можев да турам рака на неговата архива, која беше од големо значење за нашето национал-револуционерно движење. И да ја бев прибрал којзнае дали ќе ја зачував, зашто мојот живот беше многу бурен, живот на цел бездомник, и за оваа работа не ме бидуваше. Ми расправаше порано, дури беше жив, Наум Томалевски оти тој ја прибрал неговата архива и имала вредност за нас, та требаше да ни ја даде. Васил Главинов ќе можеше да ја зачува, тој беше добар антиквар и би ја исползувале. Наум Томалевски беше убиен и не можев да ја приберам архивата од него. Кон есента 1906 година беше испратен во Велешко со голема чета Михаил Чаков. Овој беше еден од старите другари на Гоцета Делчев и учествуваше во бојот на с. Баница, Серско, кај што беше убиен Делчев. Беше интелигентен и добар агитатор, но му недостигнуваше нужната борбеност за да може да биде полезен во Велешко. Во негово време се разрасна голема афера во Велешко, која најде на силен одјек. Велешкото раководство на ПО одвлекува еден богат трговец, Евреин од Солун, кој беше дошол во Велес да купи афион. За неговото одвлекување им содејствувал Гошо Парталов, пријател на Евреинов. За содејството, на Парталов му веќаваат да му дадат една сума, со која да го продолжи своето образование во Бугарија. Парталов со Евреинов заедно бидува предаден на Михаила Чаков, кој ги прикрива низ велешките села, движејќи се со четата. Влегуваат во преговори со домашните на Евреинов и се договоруваат за откупот. Сумата била неколку илјади турски лири. Наближувајќи денот на откупот, велешките раководители, многу умни, му пишуваат писмо на Чаков, ко се наоѓал тогаш во с. Горно Чичево, и писмово му бидува предадено на Парталов од селскиот курир, кој не знаел, се разбира, што пишува во него, a Чаков по тоа време спиел со Евреинот. Парталов го отвора писмово и го прочитува. Писмово било пишано од Димка Крепиев, раководител на градскиот комитет. Со писмото тој наредува да биде убиен Парталов, за да можат да се заштедат парите, што требаше да му бидат дадени нему според договорот, а и тој не требало да остане жив, бидејќи бил расипан тип, дружел со видни Турци, та можел да биде опасен со предавство на власта. Откако го прочитува писмово, Парталов го прибира со себе и незабележано се измолкнува од куќата и забегнува право во с. Долно Чичево во мудурлакот. Тамо прави раскривање оти четава заедно со пленетиот Евреин се наоѓа во с. Горно Чичево. Веднаш бидуваат кренати на нозе војниците што биле во селото и заедно со жандармеријата ја нападнуваат во Горно Чичево куќата кај што беше на конак четава. При узбуната за нападнувањето на аскерот, Чаков заедно со своите другари Корлемечки бега на кај му гледаат очите, оставајќи го Евреинот кој бидува ослободен од аскерот. Чаков успева да избега, но во Велешко се разодвитка страшна афера, која фрли в затвор многу работници на ВМОРО, а други забегнаа во Бугарија. Во Софија зимата 1906 година претерав еден, може да се каже, кучешки живот. Здравјето ми беше растроено од хроничната туберкулоза и крволиптањето беше зачестило, но сѐ ова не ме задржуваше од активно учество во борбите што се беа разгориле тогаш како во национал-револуционерниот живот, така и во партиските и синдикалните борби на тесните социјалисти. Се разбира, моето учество беше спрема силите на обичен редов. Железничарскиот штрајк во тоа време беше исползуван од тесно-социјалистичката партија многу добро и неговото влијание се засили сред железничарите за сметка на влијанието на широко-социјалистичката партија сред нив. Во штрајкот на перничките рудари кој беше од големо историско значење за синдикалните борби во Бугарија, зедов учество под раководството на другарот Георги Димитров. Исто така зедов учество и во штрајкот на трамвајските работници во Софија. Во однос на мојот личен живот бев крајно немарлив. Тоа ми пречеше да бидат избегнати многу мои страдања. Состојбата на здравјето ми пречеше активно да учествувам во борбите на ВМОРО во Македонија и бев принуден, наспроти мојата волја, да живеам како емигрант подолго време во Бугарија. Но девиза во животот ми беше стихот на Ботева: „Да се бори кој како може со душманите на народот“. Понатака ќе се запрам поопширно на нашата дејност во тоа време. Белешки
|