Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXIV

Од Wikisource
Поглавје XXIII Пак на пат за Бугарија — Кај војводата Мише Развигоров — Средба со Дамета Груев — Конкресот на ВМОРО во Рилскиот манастир — Разговор со Ѓорче Петров — Судбата на војводата Бобе Стојчов — Борби во Кумановско — Влошување положбата во Азот — Смртта на Панче Константинов и Гого Ацев — Алабакот заминува за Македонија

од Алексо Мартулков
Поглавје XXV
Нашата положба со другарот Лазар Плавев беше веќе неподнослива од многумесечниот нелегален живот во Велес и сакавме да си заминеме во Бугарија на одмор. Го поставивме ова сакање преку раководното тело во градов и тоа се согласи на драго срце да ни даде пат да си заминеме. Но ние со Лазара Плавев се согласивме да не заминеме веднаш, ами еден по еден. Во случај на некаква неискреност од страна на раководното тело еден барем да загине, а другиот да остане жив. Овој страв постоеше повеќе кај Плавева и затоа тој изитруваше да остане последен.

Јас заминав сам. Тоа беше околу септември 1905 година, (за жалост, не можам да ги давам точно датите на настаните поради немање на белешките држани од мене, а напамет е невозможно да се запомнат точно датите). Патот ми беше тогаш низ Штипско, а сега Св. Николско, и на третиот ден од моето заминување од Велес бев во с. Превод — Штипско што го затеков Мишета Развигоров со неговата чета. Како со Мишета, така и со мнозина од неговите четници се познавав одамна, особено бев близок со Димитар Нетков, родум од Штип, уште од времето на востанието. Наидов меѓу нив на многу убав прием и за време на моето престојување имавме долги разговори во врска со создадената тешка положба кај нас по востанието и што ни претстои да направиме за да излеземе од неа среќно. Се разбира, наполно не можевме да бидеме согласни, но во општ дух беше видлива согласноста; природно, до колку можевме да бидеме искрени помеѓу нас.

Мене Мише Развигоров ми остави впечаток на добар организатор. Навистина тој беше создал една доста солидна организација во Штипско и овој успех се должеше многу на фактот, што ѝ даваше тој големо предимство на социјалната дејност. Тој беше им ја организирал заемно-спомагателната помош на селаните за купување земјата од беговите и во овој поглед имаше големи успеси во Овчеполието. Исто така тој водеше ефикасна борба против лихварството и на многу бегови и чорбаџии успеа да им ги поништи сенетите на задолжени селани, а на селаните на кои не им беа поништени сенетите им забрануваше да ги исплатат. Во случај на збирање по егзекутивен начин на долговите од власта, им забрануваше на селаните да ги купат продадените имоти. Тогаш во Штипска околија, по силата на мирцштегските реформи, беше укинат данокот „десетарлак“ и беше заменет со поземјениот данок.

Развигоров воопшто беше го организирал добро и бојкотот на населението за неплаќање на даноците. Во овој поглед беше отишол многу понапред од сите други околии во Македонија, дури и од Серско. Тој беше проникнал со своето влијание и во соседните околии на Штипско. Беше го сплотил околу себе поголемиот дел од интелигенцијата во Штипско и во самиот град Штип и навистина беше еден од најздравите столбови на неоврховистите во Скопскиот округ. Имено поради квалитетите На добар организатор и поради неговата дејност на социјална база, Мише можеше да се рехабилитира, зашто тој беше многу компромитиран по време на Виничката афера, кога правеше многу големи раскривања пред турската полиција, та поради тоа аферата зеде многу големи размери — рекорд во нашата национал-револуционерна борба. Но Мише, за да го крепи својот авторитет, имаше и друг квалитет: жесток, мачител над населението и за најмали провинувања во однос на неоврховистичката дејност, на провинетите им изрекуваше најжестоки казни.

Во истиот ден во с. Превод беше и четата на Бобета Стојчев, но оваа беше во одделен стан во горното маало на селово. Мише ми рече дека Бобе Стојчев станал веќе невозможен со своето пиење и пијан вршел многу пати произволи, та може да создаде и некоја поголема афера на Организацијата. Ете зошто тој требало да биде обезоружан. — „Вечерва ќе го обезоружам“. Јас му направив белешка: „Нема ли да стане едно степување меѓу двете чети при обидот за обезоружување, а Бобе не е сила за фрлање? Во таков случај може да има лоши последици не само во загубите на двете чети, ами и после за селово од возможните репресалии на власта“. Но Мише ме увери дека нема опасност од степување. „Самиот негов помошник Васил Аџаларски е мој човек, рече, а и поголемиот дел од четниците се со мене“. При ваков случај јас немав што да велам повеќе. Наполно оправдани ги најдував зборовите на Мишета за обезоружувањето.

Вечерта се разделивме со Мишета и другарите и си го продолжив патот. Во Кратовско пак се одморив неколку дена и им бев гостин на своите стари пријатели: Јордана Спасов и Богдана Баров. Во с. Кнежа се сретнав со Дамета Груев. Тој ме распраша за положбата во Велешко, Поречето и Прилепско. Јас бев многу искрен спрема него и наполно му изложив на кое дереџе сме и мојата уплашеност за во иднина. Даме беше доста голем ум за да не ги оспори некои мои сигурни предвидувања и плашења, но се надеваше дека и покрај сѐ тоа, ќе се преживеат сите тешкотии и ќе успееме да се снајдеме со сите непријатели. Мене не ми се сакаше да се задлабочувам повеќе за да каже тој како ќе можеме да ги надвладееме мачнотиите и во крајот на краиштата ќе победиме. Со какви сили и средства и по кој пат ќе одиме? (На оваа тема ние после во Софија Дамета водевме разговори неколку пати; само бевме веќе на многу противречни гледишта и допирни точки помеѓу нас немаше). Од Кнежа отидов во Емирица, каде што се сретнав со Петрета Ангелов. Со овега бевме поблиски и можевме да се разбереме подобро. Кај него ме зеде курирот Алексо и по два дена ја префрлив границата среќно и стигнав во Софија.

По пат за Софија го сретнав Ивана Банскалијата, познат другар од Ќустендил. Куќата на семејството Басканлиеви беше стан пункт на прогресивните револуционери од Самоковското училиште, кои играа голема улога во нашите борби. Кај ова семејство, при моите престојувања во Ќустендил, одев често и таму сум имал среќавања со Пеша Самарџиев, Добри Даскалов, Иван Дочев, Душка Желев и други. Со Ивана Банскалијата бевме големи пријатели и по многу прашања се разбиравме. Овој беше со анархистички разбирања како и Пешо Самарџиев, но по национал-револуционерната линија се разбиравме. Co него се сретнавме во анчето при с. Врба на џадето за Софија, Радомирско. Починавме повеќе време во анчето и се изнапивме ракија колку што можевме да пиеме. Тој ми рече дека тие дни ќе заминувал за Тиквешко со Пеша Самарџиев. Јас претчувствував нешто лошо за нив во сегашново нивно одење во Македонија и ова претчувство не го скрив пред Ивана. Го предупредив да бидат многу претпазливи, зашто положбата во Македонија, особено во Вардарска и Западна, беше многу влошена. Движењето На четите беше многу мачно од засиленото гонење на Турците, а и другите непријатели беа доста засилени и опасноста од нив не беше помала од онаа на турската власт. Се разделивме со прегрнувања и избацувања и секој од нас си трина за местото кој каде одеше.

Моите претчувства не излегоа напразни. Пешо Самарџиев беше убиен од Ивана Радналијата од заседа во Кожув Планина, а Иван Банскалијата, враќајќи се за Бугарија, беше убиен во с. Кнежа, Светиниколско.

Со моето пристигање првата потреба беше да најдам работа. Ја најдов во трамваите. Станав кондуктер и можев да работам само пет-шест месеци. Јас имав секогаш за принцип, кога престојував во Софија, да се наместам на работа за да си го осигурам своето издржување и да не зависам во материјален однос од никого.

По еден месец дојде во Софија Лазар Плавев, најде пари и замина за Јужна Америка на печалба. Наближуваше есента и македонските кругови беа во трескава дејност за подготвувањето на конгресот на ВМОРО. Овој беше првиот конгрес по востанието. Сарафов еден ден ми се пофали оти бил избран за делегат од Битола. Конгресот се одржа во Рилскиот манастир и беше наречен Првиот Рилски конгрес. Јас бев еден ден на работа по Књажевската линија и смената од работа ми стана во Павлово. Седнав да чекам трамвај за да си појдам во Софија. Кога, достаса идејќи од конгресот една група делегати, меѓу кои беа Сарафов, Ѓорче Петров, Пере Тошев и други. Се поздравивме и тие ме поканија да влезам во бираријата каде што ќе починеа и после на стемнување ќе продолжеа за Софија. Јас ја примив поканава на драго срце, толку повеќе што можев да научам нешто за решенијата на конгресот. Се разбира, тие в бирарија со чаша в рака се воздржуваа да зборуваат по работите на конгресот, но јас можев да го запрашам одделно Сарафова да ми каже нешто поинтересно за решенијата на конгресот. (На друго место имам повеќе пишано за решенијата на тој конгрес).

Не е безинтересен и мојот личен разговор со Ѓорчета Петров по тој повод. На моето прашање како може да земе конгресот решение за разрушителната дејност на Сарафова и Матова со нивното исклучување од редовите на ВМОРО и дека, ако ја продолжат таа дејност, ќе им биде наложено најтешкото накажување, а после да се дојде до едно компромисно решение со кое на Сарафова му се дава една од највисоките должности — инспектор на четите, тој ми одговори: „Вистина, на конгресот имаше едно претежно мнозинство против нив и не можеше да се избегне едно нивно накажување, но имавме ли возможност да го примениме таму, кога беше дошол секој со својата охрана, и тоа од нивните најверни орудија, спремни да отидат до крајност. Ние ризикувавме да го претвориме контресот во касапница. Но да се има предвид, конгресот стануваше на бугарска територија и власта, знаејќи го настроението на конгресистите, беше ги зела нужните мерки, во случај на опасност за нејзе поблиските луѓе, да интервенира и да не столчи како сол. А тоа би била најголема катастрофа за нашата кауза, зашто ќе изтинеше елитата на нашата национал-револуционерна организација. Сарафов и Матов не се случајни луѓе во нашиот национал-револуционерен живот и станале фактори со реална сила зад својот грб како овде во нашата емиграција, така и во самата Македонија. Та би настанал таков хаос внатре, а и така е влошена нашата положба во Македонија повеќе од секогаш во минатото. Земајќи го се тоа предвид, јас и Јане Сандански бевме пожарогасители и го наложивме ова компромисно решение. Јас сум за зачувувањето целоста на ВМОРО и за тоа — идејните противречја кај нас да се изживеат внатре во нашите редови".

Не е безинтересно да пораскажам за судбината на Бобета Стојчев. По моето заминување од с. Превод, уште истата вечер Мише Развигоров го обезоружува со дел од четата негова, а нејзиниот поголем дел на чело со помошникот Васил Аџаларски се присоединува кон Мишета. По неговото обезоружување, на неколку дена, Мише го отерува Бобета со другарите негови во с. Кукушиње и таму го осудува на смрт, а другарите негови да бидат обезоружени и испратени во Бугарија.

Еден од останатите живи од Бобевите четници, Пане Шошолчев, родум од Скопје, ми расправаше: „Кога го осудија Бобета на смрт, Мише ги натера двајца селани од с. Кукушиње да му го копаат гробот пред негови очи, но Бобе со невидена ладнокрвност го гледаше копањето на гробот свој, без да му трепне окото, ни сенка од страв не можеше да му се забележи по лицето. Токму се завршуваа подготовките за егзекуцијата, еве ти го достаса Атанас Бабата со неколцина четници на коњи. Слегувајќи од коњ, се отправи кон Мишета, го фати за брадата и почна да го пцуе: „Кој ти го даде тоа право сам ти да обезоружуваш и осудуваш еден заслужен деец од минатото, без согласноста и судот на Окружното тело и повисоките институции на Организацијата и тоа против еден долгогодишен војвода“. После отиде при Бобета, му ги одврза рацете и сите нас обезоружените нѐ зеде со него. Нас нѐ препрати во Бугарија, а Бобета го задржа при себе во Кратовско, за да го судат".

Бобе беше осуден со исклучување од Организацијата и лишување од војводството. Тој беше во немилост и кај Сарафова и лишен од неговата подршка, макар да беше многу близок човек со него. Положбата му беше многу тешка и мизеруваше. Јас бев негов личен пријател и не можев да го гледам да гладува и ги делев долго време со него моите многу скромни средства за живот.

Но по Рилскиот конгрес, зимата, дојде во Софија една делегација од Кумановско на чело со раководителот на Кумановскиот реон Ѓорѓи Караманов, со мисија да закупи оружје за нивниот реон и да биде вооружена и испратена една чета во Кумановско. Во Кумановско извесно време по востанието се вртеше Бобе Стојчев, но после замина за Скопскиот реон каде што се движеше предимно. Бобе беше си спечалил во Кумановско големи симпатии меѓу населението како смел борец.

Во Кумановско беше испратен со чета и Костадин Нунков, родум од Бугарија, анархист по убедување, добар и прогресивен деец во ВМОРО. Toј во својата кратка дејност во Кумановско остави добри траги, но за жалост набргу беше откриен и убиен од Турците.

Во Кумановско беше испратен за војвода и Бајчев, родум од Шумен, Бугарија, но овој, по соберувањето на една крупна сума пари за вооружување на Кумановско, замина за Бугарија да закупи оружје, но ги прибра парите за себе и заминува за својот роден град, без да купи оружје и не се враќа веќе во Кумановско.

Во ова време српската вооружена дејност се засилува и зема застрашителни размери во Кумановско. Како насекаде, српските „ослободители“ отпочнуваат насилно да ги тераат селаните во селата во кои навлегле да стануваат „прави“ Срби и непокорливите бидуваа тешко накажувани. Се ова ги натера кумановските раководни сили, како што спомнав погоре, да соберат голема сума пари и да дојдат во Софија за да купат оружје и да се вооружи голема чета, војвода на која сакаа да и биде Бобе Стојчев, во чии борбени квалитети имаа голема верба. Освен тоа, симпатиите на кумановското население кон него ги правеа непопустливи да примат друг војвода за нивниот реон. И Задграничното претставителство: Ѓорче Петров, Петре поп-Арсов и Димитар Стефанов беа принудени да се согласат да биде војвода за Кумановско Бобе Стојчев. И така, на борецот Стојчев, осуден на смрт од Мишета Развигоров и после осуден од специјален суд на ВМОРО со исклучување од Организацијата и лишување од војводство, Задграничното претставителство, по волјата на населението од внатрешноста, беше принудено да му ги воспостави сите одземени права. Тој замина за Кумановско, но не беше долготраен неговиот живот.

Понапред уште истакнав, оти во Кумановско околиски раководител беше Илија Левков. Во 1905 година решаваат да биде убиен српскиот архиерејски намесник поп-Ташко, по народност Цинцарин. Овој факт нема што да го чуди никого, зашто не беше реткост оваа појава. Многу Цинцари од Македонија беа видни дејатели на српската пропаганда. Поп-Ташко беше многу способен и енергичен дејател и до голема степен се должи на него засиленото влијание на Србите во Кумановска околија, а исто така и во самиот град Куманово. Кога борбата се заостри веќе и се во деше со оружје, тогаш имено решаваат да биде убиен поп-Ташко. За убијци бидуваат испратени од четата двајца четници: Димче Бачев, родум од Велес, и Крсте Лазаров Коњушки. Поп-Ташко беше убиен на улица, а убијците не беа фатени, но беа земени в затвор мнозина од Куманово на чело со Илија Левков и беа осудени на тешки накажувања. Убиството беше извршено во времето на Костадина Нунков. Крсте Левков му беше како помошник на Нункова и по неговото убиство тој продолжи со дел од останатата чета да се врти во Кумановско. Тој беше постојано во Кумановско и имаше доста борби со Србите. По убиството на Бобета, тој остана веќе за околиски војвода.

Панче Костадинов отпочнува да се готви за посериозна борба со српските чети и да се закрепи здраво Во Велешко. Летото 1905 година тој со целата чета, која се состоеше тогаш од 30 души, појдува во с. Поменово преку Мукус за с. Ореовдол, но без нужната претпазливост, се движел многу распашано низ Мукус. Предупреден од Пана Мокренчето и Велка Апостолов, одделенски началници од неговата чета, да не се движат групово, ами да пуштат една предна патрола и со потребната претпазливост да го претресат патот откај што ќе помине четава, зашто тука беше опасно од заседа на Србите, Костадинов им рекол со еден надуен тон оти овие станале поголеми војводи од него и сакаат да му даваат ум. Тој продолжил да се движи напред накај Ореовдол и кога накачувале за билото за да префрлат за Ореовдолско, бидуваат нападнати од заседа на Глигора Соколовиќ. Ги рануваат Панчета Костадинов и Дача Јотов, а еден од четниците им убиваат.

Целата чета се расштукала на разни страни, без да може да организира сопротива против Србите. Костадинов, војвода со менталитет на офицер, кој знае секогаш повеќе од простосмртните војници и не трпи приговори и совети од подолните, ја изложува четава на удар, кој донесе лоши последици за идниот развој на настаните. Мене ми рекоа после пријателите-четници, кои гледаа пообјективно на работите, дека по овој удар од војводава — офицер се провалил полетот на населението, особено во Азот. Тие навлегуваа во селата на Азот, за да ги организираат, но се налагаа со терор и немаа морална сила.

Не оди многу време, околу крајот на летото по опишанава случка, по оздравувањето од раните Костадинов и Дачо, со целата чета одат во селата Ореовдол. Габрово, Бистрица и Капиново. Во последново село Костадинов го фаќа раководителот на селово и го осудува, зашто примал српски чети и поради овој грев сака да го убие. Оформува суд и ги извикува одделенските началници на четата за судот. Кога Костадинов ја сака смртната пресуда, одделенскиот началник Пане Мокренчето му ставува приговор, оти не е согласен со смртната пресуда, мотивирајќи го дека Капиново е мало село од 11 куќи и било немисливо да укаже отпор против српските чети. Раководителот бил добар човек и во ништо не се провинил спрема нив, а напротив секогаш им бил на услуга. Костадинов веднаш избувнува и му се нафрлува на Панчета Мокренчето со зборовиве: „Ти си србоманец и го браниш србоманскиот раководител на село Капиново, но поради тоа ти си опасен четник во нашава чета и треба да се справам со тебе уште сега“. Веднаш дава заповед да му го земат оружјето и да биде поставен под стража. Од Капиново четава оди во с. Орешје каде што се сретнува со четата на Алабакот, дојден од Крушовско.

Пано Мокренчето ми раскажа: „Дојде кај мене Павле Наумов и ми рече: „Панче, тебе Костадинов те осудува на смрт и уште денеска ќе бидеш застрелан, но земи го овој пиштол и кога ке бидеш изведен за стрелање, уби го Костадинова“. Јас не го примив револверот, ами останав спокоен да го очекувам својот крај, но по малку бев извикан кај војводите. Костадинов ми даде едно писмо во плик и ми рече: „Земи го ова писмо со кое наредувам да ти се даде пат за Бугарија, кај што ќе си одиш". Јас го зедов писмото, но Алабакот ми рече: „Дај го писмото да видам што пишува". Откога го скина пликот и го прочита писмото, веднаш се нафрли против Костадинова со зборовиве: „Та тоа е голема мизерија од твоја страна да наредуваш да биде убиен таму за каде е предназначено писмово, Панче. Не може така. Земи, друго писмо напиши, за да му се даде пат за префрлување во Бугарија, како што решивме“. Ми ја спаси главата Алабакот. Алабакот продолжи: „Си даваш ли сметка оти убиството на Панета ќе ја влоши уште повеќе положбата наша во Азот, а и така сме загазиле многу. Ќе ја загубиме и својата база во с. Бистрица, која е единствено најздрава за нас во Азот, а половината од с. Бистрица му се роднини на Панета.“ Костадинов, при ова решително замешување на Алабакот, напиша друго писмо и откога го прочита Алабакот, го затворија во плик и ми го дадоа. Јас веднаш тргнав со еден курир што одеше за с. Бистрица. Таму отидов кај мојот роднина Неделко Кумезот, којшто беше раководител на селото. Уште истата вечер дојде кај мене брат ми од с. Мокрино, испратен од Глигора Соколовиќ и Тренка кои биле в село наше и откако се научиле за моето обезоружување, Ни предлагаат да се присоединиме кон нивните чети, но и покрај настојувањето на брата ми да ги послушам српските војводи и да се присоединам кон нив, јас не се согласив, ами си останав пак македонски четник и утредента заминав за Велес, а од таму за Бугарија. Во Софија преседов неколку месеци, после заминав со Милана Гурлукот за Светиниколско".

Овој случај вака подробно го изнесувам за да се види колку грешки правеа некои наши војводи, особено во Велешко, кај што требаше да бидат многу внимателни и тактични во својата работа. Со својата војничка суровост надмениот Костадинов ја влоши уште повеќе положбата во Азот и создаде поволни услови за засилувањето на Србите.

Во крајот на 1905 година, Костадинов дојде во Софија со голема сума пари за купување оружје и да вооружи голема чета, а во крајот на зимата 1906 година замина за Велес. Но кога пристигна во Велешко и денува во ветревскиот манастир Св. Јован, придружен од четата на Бобета Стојчев, бидуваат откриени од Турците и во отворениот бој, кој трајал цел ден, им бидуваат нанесени големи загуби. Ењу Какашев, родум од Стара Загора, социјалист по убедување, тешко ранет, бидува пленет од Турците, излекуван и осуден на вечна робија. Своето накажување го излежува Во Скопскиот затвор во Куршумли-ан и при превратот од 10 јули се ослободува по силата на општата амнестија. Костадинов и Бобе Стојчев со четите успеваат прекунок да си пробијат пат и да се оддалечат во с. Новачани, каде што денуваат. Од Новачани Костадинов со четата појдува во Велес, а Бобе Стојчев во село Лугунци, каде што утредента го откриваат Турците. Се заврзува голем бој. При нееднакви сили Турците го запалуваат селото. За да не паднат живи в раце на Турците, по истрошувањето на муницијата, со останатите уште по еден фишек, живите четници заедно со Бобета се самоубиваат. Така го заврши Бобе Стојчев својот многу бурен живот.

Панче Костадинов пролетта 1906 година, заедно со Гого Ацев, прилепски војвода, со целата милиција. од Велес и велешките села, преземаат поход во Порече, со намера да си ги расчистат сметките со Србоманите. Одат и го нападнуваат с. Крапа и враќајќи се за Велешко, близу до Орешје наидуваат на една голема заседа, устроена од Србите. При отворениот бој паѓаат убиени војводите Панче Костадинов и Гого Ацев и други четници, останатите се разбегнуваат. Така долгоготвениот поход заврши со катастрофални последици и Србите имаа веќе господарствена положба во Азот, Поречето, прилепските села по подножјето на Бабуна планина, делови во Кичевско и настапуваа во сите овие околности за да ја рашируваат својата сфера на влијание и господство.

Истава пролет заминува од Софија Алабакот со голема чета за Македонија. По ова време со мала чета замина за Вардарска Македонија и инспекторот на четите на ВМОРО Борис Сарафов. Тој во неколку месечен престој обиколи неколку реони, а потоа се врати Во Бугарија за претстојниот Втори рилски конгрес.