Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXII
Поглавје XXI | На пат за Бугарија — Кај војводата Јордан Спасов — Револуционерно судење за грабење мома меѓу каракачаните — Спогодба меѓу Алабакот и Стефан Димитров — Конференција во с. Крива Круша од Алексо Мартулков |
Поглавје XXIII |
По овие советувања јас се разделив со другарите и со Цветка Христов заминавме за Велес и од таму за Бугарија. По патот за Бугарија се запревме подолго време во Кратовско. Имавме среќавање со Атанаса Бабата во с. Стубол, а после во с. Калниште со Јордана Спасов.
Овие обајцата имаа посебни чети; околиски војвода беше Бабата. Овој беше родум од Бугарија, исто така тој беше истргнат од средината на лумпенскиот елемент од Софија како и Михаил Апостолов — Попето и под влијанието на Делчева обата станаа примерни и истакнати борци во редовите на ВМОРО. Тие одиграа голема улога при организирањето на вооружената четничка борба и беа едни од најдобрите борци против врховизмот. Јордан Спасов, прост селанец, родум од с. Кнежа, Светиниколско, беше организиран од Делчева кога овој беше главен учител во Штип. Спасов беше долгогодишен нелегален активен борец и ништо друго не го интересуваше, освен да му биде залазено неговото реонче за дејност. И тој светец со здрава селска душа — Македонец, беше убиен од Тодора Александров во првите дни на Младотурскиот преврат во 1908 година заедно со неговиот неразделен другар, исто таков човек како него, Јордан Секулички и тоа по најжесток начин. Врзани голи на забиени вземји колови, им ги намачкуваат телата со мед. На јакото јулско сонце осите налетуваат на нивните голи тела, касајќи ги. Умираат несреќниците во ужасни маки. Тогаш на Јордана Спасова му беше секретар Богдан Баров, наш другар социјалист. Тој настојуваше да се задржиме неколку дена во Кратовско за да можеме да си исприкажеме сè што ни тежеше на душата. Од с. Калниште отидовме во Лесновскиот манастир каде што останавме неколку дена. Имаше многу дела од судски карактер за разгледување, но главно да направиме голема почивка. Лесновскиот манастир беше најздравата тврдина на Организацијата во Кратовско. Јордан Спасов ни кажа оти имале голема беља со Каракачаните во планината Паниква. Таму еден од момоците — овчари поради меѓусебната љубов со една ќаинска ќерка се осмелил да ја граби. Но Каракачаните, макар да живеат овчарски живот, се разделени на касти: ќаи и момоци. Ќаите се сопственици на големи стада овци и ергелиња коњи, а некои од момоците, како нивни овчари, имаа помал број овци и коњи. Ќаите се женат и мажат само меѓу себе, така што една ќаинска ќерка не може да се омажи за момок. Но сега по грабењето на девојката се заврзала остра борба меѓу ќаите и момоците и со вооружен напад една вечер ќаите ја земат девојката и ја одвлекуваат од колибата на нејзиниот љубовник. Момоците се вооружуваат, ги нападнуваат ќаите за да ја вратат девојката. Се отворил бој, но за среќа немало жртви. Споров бил доставен до Кочаничката општина и општинскиот суд решава да бидат прашани младите, ако се согласни и се милуваат, да им биде позволено да се венчаат. Но на ваквото разрешување на спорот ќаите не се потчинуваат, бидејќи по таков начин би се нарушиле старите нивни традиции, кое нешто можело да донесе раскапување на нивниот морал. Положбата беше многу критична, бидејќи можеше да стигне и до крвави жртви. Ова нешто требаше да се избегне по секоја цена, зашто се разрушува една здрава база на организацијата, каква што беше планината Пониква и каракачанските колиби. Решиваме да заминеме за Пониква, за да го разгледаме ова прашање. За поголема тежест на нашиот суд таму, решивме, јас да бидам судијата, испратен од Централниот комитет нарочно за разгледување на ова дело, а Цветко Христов, кој имаше долга брада и долга коса како од поп, да е поп на комитетот, и тоа да е испратен специјално за делово. Откога преседовме еден ден: во с. Јамиште, отидовме во Пониква. Таму стоевме три дена. Уште првиот ден го започнавме разгледувањето на делото. Дојдоа сите ќаи и поголемиот дел од момоците. Уште при првите распрашувања се забележуваше надменото држање при одговорите на ќаите. Мсмоците, напротив, беа многу скромни. Се разбира, нашите симпатии беа на страната на момоците. По подробно ислушување на станатото, дојдовме до заклучок да се повикаат на ислушување младите, велејќи им на странките оти пресудата ќе зависи од тоа ислушување и оти тие ќе се потчинат на пресудата. Во противен случај Организацијата ќе биде принудена да прибегне кон најстроги санкции. Беа доведени младите. Момчето беше на 25 години и бешо здраво, кому може да му завидат мнозина, а момата на 22 — 23 години, малку слабодушна, но лична. Момчето, се разбира, одговори со „да“ а момата потем долго внатрешно измачување со еден одвај чуен глас рече „не“. Но очигледно беше дека над неа извршиле голем притисок ќаите. Ние, по кратко советување, им рековме на сите да ја напуштат колибата, освен момата, за да биде ислушана насамо. По очигледното незадоволство. ќаите беа принудени да се потчинат и излегоа од колибата, а момоците излегоа задоволни, гледајќи во судов трудење да можат ќаите да бидат удрени. Откако остана сама момата, јас како претседател на судот ја уверував, без да се плаши, да ја каже самата вистина. Организацијата е силна секого да го постави на местото, ако сака да ѝ напакости некој. Меѓутоа, момата продолжуваше да молчи. Се зафаќа Цветко Христов како „поп“ да ја советува да не ја крие вистината, што ја чувствува таа во нејзината душа, без да се плаши од мачењето на ќаите и ако ја скрие самата вистина, е „греота пред бога“ и други попски работи. Но не можеше да ја расколеба и на поставеното последно прашање да одговори со „да“ или „не“, таа одговори одвај чујно: „не“. Ѝ реков оти е слободна да си оди дома. Сега не остануваше ништо друго за нас, освен да изречеме една пресуда, која ќе ги задоволи ќаите. Но не сакавме да ги оставиме ненакажани. Решивме тие да бидат накажани да платат 25 турски лири глоба, затоа што ја нападнале со оружје колибата на момчето и ја одвеле момата. Саморасправањето со оружје е забрането од законите на Организацијата, а момоците се накажуваат со 5 турски лири, затоа што со оружје ги нападнале ќаите за да им ја отмат момата. Момчево да си бара друга мома штом го нејќе љубовницава негова. Ги извикавме странките и ИМ ја прочитав пресудава. Ќаите почнаа да фучат, но Јордан Спасов им рече да мируваат и да се потчинуваат, оти да не им биде удвовна глобата, и ако си позволат другпат слични произволи, тогаш накажувањето ќе биде многу строго и ќе предвидува, освен парична глоба, и други санкции. Овој случај јасно говори дека класната омраза постои и сред последните планински колиби, а не само во големите градови, меѓу имотните и безимотните. Класната борба е факт во животот насекаде. На третиот ден дојде во Пониква, четникот - курир Алексо од с. Дурачка Река, Паланечко, и утредента со Цветка — „попот“ си заминавме за границата. Патувањето ни беше прекуден до с. Кркле, кајшто преноќевавме и другиден вечер во с. Костур отпочинавме. По полноќ се отправивме за границата и низ месноста „Рамна Нива“ близу Деве-Баир ја минавме среќно. Во Софија се ставив уште првиот ден со Органџиев. Со овега ние се разбиравме подобро одошто со другите гемиџии. Овој беше уште како ученик во Софиската гимназија доста начитан и не му недостануваше марксистичка култура поради кое не ѝ го оспоруваше значењето на масовната организација. Соработката беше повеќе возможна со овега, одошто со секој друг. Неговата чесност и отвореност, неговата благородна душа, готовност да се жртвува за своите блиски, ги зближуваше кон него познатите и беше секогаш опколен од пријатели кои го сакаа. Јас бев многу приврзан кон него. Пред моево доаѓање беше дошол во Софија општиот наш пријател и другар Лазар Плавев, испратен од Стефана Димитров со мисија да организира една чета и, вооружена од Татарчев — Матов, да замине со неа за Велешко како негов помошник-војвода. Ние веќе почнавме со Органџиева да се советуваме со Плавев за да влијае на Стефана Димитров за неговото зближување со Алабакот. Овој како наш сочувственик се согласи да ни биде на помош при оваа работа. Не знам дали сум згрешил тогаш и дали сум ја искривувал линијата како социјалист, но сога сум убеден оти го работев она што за моментот беше нужно и полезно. Од четата на Плавев беа и тројца младинци од Азот: првиот беше Секула од с. Ораовец, внук на поп-Чурета, еден од првите србомански дејци, кој изигра голема улога во засилувањето на влијанието на Србите во Азот; вториот беше Јонче од с. Мокрени, многу симпатичен младинец, убиен заедно со Стефана Димитров, и третиот Пане Мокренчето, исто од с. Мокрени. Тие беа дошле од Белград при Сарафов за да заминат со некоја чета во Македонија да се борат за нејзиното ослободување. Оваа околност беше згодна, преку нив можеше да се работи поуспешно во Азот. Четава од Плавев се состоеше од 13 души. Тој си појде бргу по моето приститање во Софија. Во Велешко му беше определен реонот на левата страна од Вардар. По еден месец од моето заминување од Велешко, Алабакот и Стефан Димитров се сретнуваат во с. Попадија и по подолги разговори се постигнува спогодба помеѓу нив. Алабакот како помошник на Стефана да дејствува во северозападниот дел на Велешко: Азот и Ќумурџикол, но на крајот на преговорите иде писмо од Велес во кое му се соопштува на Стефана Димитров дека било стрелано на Ризо Ризов од убиец пратен од сарафистите. „По прочитуваље на писмово, Стефан, ми кажуваше Алабакот, скокна на нозе и рече оти разбирачка и соработка меѓу мене и тебе, Иване, е невозможна. Ние кога преговараме овде за зближување, твоите луѓе стрелаат на најдобриот револуционер во градот, Ризо Ризов“. Стефан се заврти кон мене и изјави: „За обајцата нема место во Велешко, или ти или јас треба да останеме сами“. Го напушти станот кај што бевме и јас бев принуден да си заминам со четата од с. Попадија, но верувај ми, Алексо, оти јас немам абер од таа работа и го мразам до смрт мојот братучед, Тодора Оровчанов; тој е главниот виновник за тоа. Не верувам веќе оти ќе се повтори друг случај, како овој во Попадија. Нашава родина е многу несреќна што не може да се оствари едно такво благородно и корисно дело“. По овој случај Алабакот, инаку веќе многу разочаран, се движи во Велешко без секаква иницијатива до свикувањето на околиската конференција во с. Крива Круша во месец октомври. На неа се избра за околиски војвода Стефан Димитров, а се решава Алабакот да го напушти Велешко. Тој се потчинува на тоа решение и го напушта Велешко. Се прибира во Софија. Но можевме ли ние да се помириме со ваков финал на нашата иницијатива во Велешко? Пропаѓаа сите надежи за проектираниот наш план за ексот, преку кој можевме да се снабдиме со средства не само ние, (да внесеме голем дел револуционерна литература и да создадеме печат за издигањето на политичката култура на нашиот народ, особено на членоовите од ВМОРО), ами исто така и ВМОРО ќе имаше средства толку нужни во тешките времиња што ги преживувавме. |