Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XLVI
Поглавје XLV | Влијание на Илинденската организација — Алексо Паша — Убиството на Тодор Александров — Клањата во Горна Џумаја — Прочиствување на Организацијата од прогресивни елементи — Појавата на ВМРО (Обединета) — Расцеп сред врховиститите: михајловисти и протогеровисти — Пратеник во бугарскиот парламент — Избивање на македонски прогресивни дејци — Обид да бидам убиен — Весникот „Македонска правда“ од Алексо Мартулков |
Поглавје XLVII |
Како секција кон КПБ, нашата македонска група „Освобождение“, и покрај големото влијание сред трудбеничките маси, не можеше да одбележи голем напредок. Дури може да се рече дека нејзиното влијание сé повеќе слабеше. „Автономистите“ станаа голема сила. Опозицијата против нив беше слаба: федералистите изгубија многу луѓе пред и во 9-тојунскиот преврат, а добар дел од нивните дејци избегаа во странство.
Илинденската организација, претседателствувана од Георги Занков, печалеше успеси. (Нејзиниот весник „Илинден“ го редактираше Арсени Јовков, родум од с. Селце, Дебарско, талантлив поет и журналист). За неа водеа сметка сите политички кругови во Бугарија. Таа обединуваше во себе големи маси од емиграцијата. Организираше собири и импозантни манифестации, особено по повод Илинден. Во политички однос, Илинденската организација пројавуваше најголема трезвеност и објективност, не се увлекуваше во политичките партиски борби. Не станувајќи орган на реакцијата, таа ги подбираше само оние акции што можеа да принесат полза за национал-ослободителното дело на македонскиот народ. И „ВМРО“ (автономистичка“), се претвори веќе во масовна организација и мачно можеше да ги затвори вратите за навлегувањето во неа попрогресивни елементи. Мачно можеше една организација што како свој лозунг си го постави извојувањето на автономијата (иако, како што видовме, никојпат тоа не ѝ било цел) да се развива во духот што се сакаше од нејзините создавачи. Таа се револуционизираше, особено по септемвриските настани. Алеко Паша, којшто му конкурираше на Александрова за шефство во „ВМРО“, ги прибра во организацијата забегнатите наши другари. Тој им даде важни должности и ги направи функционери во организацијата. Целта му беше: опрен врз нив, а со нивното содејство да ги засили своите позиции за сметка на Александрова. Алеко Паша ги прибра во организацијата и старите санданисти во Пиринска Македонија. Една ваква „ВМРО“, со ваков состав, навистина почна да прогресира и да придобива револуционерен карактер. Луѓето од Илинденската организација започнаа да ја поткрепуваат. Имено поради овој процес во организацијата на „автономистите“, беше дадена директива од КПБ, комунистите и др. да навлегуваат во Илинденската организација и во емигрантските организации. Нашето навлегување најповеќе се засили во редовите на Илинденската организација. Димо Хаџи-Димов веќе редовно соработуваше во в. "Илинден". Неговиот редактор Арсени Јовков, мој личен пријател, беше голем сочувственик на комунистичкото движење. Тој водеше умела редакциона политика. Вратите на весникот беа отворени за секој прогресивен соработник. Статиите на самиот редактор беа пишани во прогресивно-револуционерен дух. Весникот "Илинден" се читаше од сите прогресивни елементи во Бугарија. Тиражот му беше огромен. Особено се пројави прогресивниот дух во македонските кругови — како резултат од новиот курс на КПБ по македонското прашање — при погребот на дедо Димитар Благоев, инаку Македонец, еден од највидните први социјалисти на Балканот. На погребот зеде учество целата маса на Илинденската организација со своето знаме облечено во црн траур. Исто така и други маси од емиграцијата учествуваа на погребот. Се разбира, сѐ ова не можеше да не биде забележено од Александрова и Протогерова. Тодор Александров, пред 9-тојунскиот преврат, беше величан од печатот на буржоазната опозиција одвај ли не како бугарски Мусолини. Тој беше станал идеал на бугарската буржоазија, зашто и требало на бугарија да има еден авторитет со силна рака — да постави ред и да ги заштити нејзините класни интереси. Тој тип со мала глава а големи амбиции, пожесток и од Нерона, го воведе теророт како систем во меѓусебните борби во македонското движење. Тој се вманијачи да стане бугарски Мусолини. Но не успеа во тоа. Деветтојунскиот преврат го издигна на прв план проф. Александар Цанков. Затоа Александров почна да бара други патишта за своето издигање кон сѐ поголема власт. Гледајќи како во „ВМРО“ и во емигрантските организации нараснуваат прогресивните сили и дека еден ден тој сам ќе биде пометен, Александров решава да земе курс „налево“. Замина во странство. Меѓутоа, од обиколката по европските главни градови остана разочаран. Никаде не можеше да најде поткрепа кај прогресивните кругови во Европа, иако скапо платени задгранични претставители и создаваните за таа цел друштва на македонската младина што студираше по европските универзитети вршеа агитација. Во Европа беше позната престапната дејност на Александрова, тој верен пес на реакцијата, и неговите убиства и насилија над трудбеничките маси во Бугарија. Во резултат на нашата агитација сред емиграцијата и во „ВMPO" — дека единствената поткрепа на поробените народи во нивната борба за ослободување може да им укаже Советскиот Сојуз, а преку него и прогресивните кругови во светот, Александров беше прикуден да бара пат да влезе во допир со Советскиот Сојуз. За таа цел тој се реши да го повика при себе нашиот стар прогресивен македонски револуционер Димитар Влахов за да го натовари да замине за Советскиот Сојуз заедно со неговиот зет Михаил Монев и да влезе таму во преговори за поткрепа на македонското ослободително дело. Другарот Влахов го прими предлогот и со Монева замина за Советскиот Сојуз. Преговорите во Москва приклучија и потоа продолжија во Виена. Таму, на една конференција се дојде до согласито на кои основи во иднина треба да се базира македонското национал-ослободително движење.[1] Прв услов за согласието беше соединувањето на Македонците. на сите, инаку распокинати, сили. Декларацијата што ја напишал другарот Влахов ја потсилил лично Александров — на оние места каде што се зборува за за водење борба против реакцијата балканска, поспецијално против бугарската реакција. Обединетите македонски сили во единствена ВМРО си поставуваат за цел: извојувањето на слободна, независната Македонија — рамноправен член на идната Балканска Федерација. Тоа ќе се постигне при општ сојуз со другите балкански револуционерни организации и при сојуз со национално поробените и социјално потиснатите маси, — со борба против империјализмот, главниот виновник за националното ропство и социјалното угнетување на народите. Во духот на декларацијата се реши да биде напишан манифест до македонскиот народ и тој своевремено да биде публикуван. Тодор Александров и генерал Протогеров го ополномоштуваат Петра Чаулев, третиот член од ЦК на „ВМРО“, да го потпише овој манифест. Во тоа време, летото 1924 година, се одржа конгресот на Илинденската софиска организација. Дневен ред на конгресот беше: избирање еден член од таа организација, којшто според статутот, има право да из бира дополнителен член во ЦК на Илинденската организација. Нашето влијание во софиската организација беше се засилило, толку многу, што при изборот на делегати имавме беспорно мнозинство. Комунистите мене ме поставуваат за кандидат. Јас по тоа време бев во провинцијата; работев како бојаџија по мостовите. ЦК на Илинденската организација ја поставува кандидатурата на мојот стар пријател од Велес инж. Тодор Органџиев. И двете страни воделе усилена агитација сред членовите на софиската организација. На крајот на краиштата, за да не се усложни и заостри борбата уште повеќе, се решава и двете кандидатури да се повлечат. Така за член во ЦК на Илинденската организација се избира Димитар Иванов, родум од Крушево. През месец јуни јас дојдов во Софија кај Васила Главинов. Тогаш тој ми кажа: „Поради постигнатото согласие меѓу партијата и „ВМРО“ за заедничка дејност, определени се другарите, меѓу кои си и ти, што ќе заминат внатре во Македонија, за да бидат врската меѓу КП и „ВМРО“. Така, Христо Јанков ќе замине за Солунскиот округ, Ангел Поп Василев ќе замине Скопскиот за Битолскиот округ, а ти ќе заминеш за да бидете врската округ. Вие ќе имате како задача меѓу Внатрешната организација и комунистичката организација таму.“ Јас, се разбира, се согласив што ми наредила партијата. Ја дадов својата адреса да ми пишат кога ќе се уреди прашањето околу моето заминување. Но атмосферата ја најдов во Софија крајно затегната. Заедничката дејност на земјоделците и комунистите регистрираше огромни успеси. И нашите македонски кругови беа раздвижени. Мирисаше на бура... Другарите со кои се сретнав тогаш во Софија, а кои инаку беа добро информирани за општата ситуација на македонските работи, ми кажаа дека постигнатата спогодба за заедничка дејност меѓу „ВМРО“ и партијата не ќе може да се реализира, зашто Софија силно реагира. А во Софија се крупните фигури на врховизмот: Баждарев, К. Прличев и Наум Томалевски со своите приврзаници. Тие се против Виенската спогодба. Националниот комитет е исто така против, и со поткрепата на Цанковата влада ќе им наложат на Тодор Александров и генерал Протогеров да се откажат од обединувањето. Дури еден многу близок човек на Баждарева, Марко Иванов, бивш војвода во Леринско, ми рече: „Тодор Александров веќе си ја испеал песната, особено по неговото враќање од Европа. Тој е страшно неудобен и е пречка за развитокот на „револуционерната“ организација. За убиства и збор не може да му се каже, а без нив ние сме исправени пред катастрофа во организацијата. Господството на разрушителните сили во неа е факт. А Александров e тешко болен: туберкулозата доста му напреднала, неспособен е да се движи и да работи; кај ќе седне и легне, не му се станува веќе. Со еден збор, тој за нас е труп во секој однос и треба да се отстрани.“ Јасно! Пресудата веќе беше изречена над него. Зборував со другарот Христо Јанков за тоа дека работите не врват добро. Верба не може да се има во врховистите. Ние треба да очекуваме страшен удар. Јас си заминав на работа во провинцијата. Меѓу Влахов и Чаулев од Виена, од една страна, и Тодор Александров и Протогеров, од друга страна изби спор околу публикувањето на манифестот. Првите од Виена настојуваа незабавно да се публикува. Вторите настојуваа да се одложи неговото објавување, поради реакцијата во Бугарија. Уште незакрепнати здраво по Виенската спогодба, тие се плашеа од брзото и предвремено публикување, да не бидат исправени пред катастрофални удари. За да ги запознаат и ги посветат подобро во тоа пред какви тешкотии се исправени, Александров и Протогеров ги повика Влахова и Чаулева да дојдат во Пиринска Македонија, за да се спогодат — зашто не може сѐ да се довери на книга и да се пише! Меѓутоа, Влахов и Чаулев не ја примија поканата да дојдат. Во поканата тие видоа стапица. Ќе бидат фатени и убиени. Најпосле, во Виена решаваат — спротивно на желбата на Александрова и Протогерова — да го публикуваат манифестот, го испраќаат во Бугарија, којшто беше публикуван во весник „Илинден“. Се разбира негодувањето во владеачките кругови беше големо, а во редовите на „ВМРО“ страшно беше незадоволството. Не задоцне и пресијата над Александров и Протогеров. Тие при тоа откажаа оти потписите во манифестот се нивни. Трагедијата почна. Така, при патувањето на Александров и Протогеров за Пирин, на конгресот на Петричкиот револуционерен округ, тие бидуваат пресретнати од вооружени луѓе. Овие го убиваат Александрова и неговиот ординарец Панзов, родум од Св. Николе, а на растреперениот од страв Протогеров му кажуваат да си биде спокоен: за него нема заповед за убивање и да си го продолжи патот. Протогеров, пристигајќи на местото определено за конгресот, соопштува што станало. Сите ги поразила оваа вест. Решаваат да го држат во тајна убиството додека да бидат најдени убијците и казнети. Физичките убијци на Александрова беа Димче Вретенарчето и Штерју Влахов. После тие беа убиени. Конгресот беше одложен. По извесно време, през месец септември се свикува проширена конференција на организацијата во Горна Џумаја, на која го повикуваат да присуствува ЦК на Илинденската организација. Иако беа предупредени дека им се готви стапица и ќе бидат убиени, членовите на ЦК на Илинденската организација заминуваат. Заминаа и софиските големци од Организацијата. И токму во предвечерината кога се собраа сите делегати, почнува нападот на делегатите набележани да бидат убиени. Тогаш беа убиени: Алеко Паша, потполковникот Атанасов и др. (Потполковникот Атанасов, виден член од Воената лига, во еден спор со земјоделци во кафеана „Панах“ во Софија, убива двајца од нив и забегнува во Пиринска Македонија, присоединувајќи се кон „автономистите". Тој беше интелигентен човек и добар организатор. Набргу стана еден од големите фактори на Организацијата. Тој се зближи со Алеко Паша и умело маневрираше меѓу него и Тодора Александров. Така можеше да се создаде добра база за спроведување на своите планови, се разбира, под раководството на Воената лига. А дворецот и владеачките кругови, сакајки да се ослободат од Александрова, којшто веќе беше станал неудобен за нив, го убиваат, припишувајќи и го убиството на левицата во организацијата. Прекрасен повод да биде уништена и таа). Тогаш бидуваат нападнати и илинденци. Петар Ацев, Владо Георгиев и др. се сокриваат во казармата, а Георги Занков и Арсенија Јовков се упатиле да бегаат за Дупница. Првиот успева да избега и да оди во странство, а Јовкова, инаку крупен, не можејќи да бега, гонителите го настигаат и го убиваат. Истиот ден беа убиени насреде улица федералистот Славко Ковачев и нашиот другар Димо Хаџи-Димов. Убиството на Александров ѝ го припишаа на левицата во Внатрешната организација и на комунистите. Беа убиени многу наши другари и санданисти (серчани). Во Софија го убија нашиот другар Ангел Поп Василев. Насекаде низ Бугарија беа убиени многу левичари меѓу македонските кругови. Многу македонски дејци забегнаа во странство за да спасат глава. По тој начин беше ликвидирана левицата во преторијанската „ВМРО“. Тогаш беа убиени и Никола Генадиев, македонец, бивш министер и депутатите Харалампи Стојанов, комунист и Петко Петков, лев земјоделец. Веднаш, уште на конгресот во Горна Џумаја, се избира нов ЦК, во кој влегоа: Протогеров, Иван Михаилов и Георги Поп Христов. За задгранични претставители беа избрани Кирил Прличив. Наум Томалевски и Георги Баждарев; за егзекутор на ЦК беше избран Перо Шанданов. Новиот ЦК на преторијанската „ВМРО“ веднаш се зафати со прочистувањето на организацијата од прогресивни елементи. Инаку, ЦК стана веќе надежен, во рацете на своите патрони: дворецот и владата. Тој се претвори во орган на полициската секција и военото министерство. Реакцијата во Бугарија триумфуваше. Многу мајки беа расплакани, многу сираци и вдовици останаа. Го убија во Ќустендил и Каранова, еден од најдобрите пријатели и соработник на Гоце Делчев. Внатрешните борби меѓу земјоделците и комунистите, од една страна, и владеачката организација, од друга страна, многу се изоструваа. Џелатите преторијанци пак се готови за нови убиства. Во почетокот на 1925 година беше убиен универзитетскиот професор Никола Милев, еден од големите идеолози на македонскиот врховизам. За ова убиство преторијанците го казнија со смрт, и тоа по најѕверски начин, Милан Манолев, родум од Кукуш, анархист и добар пријател на Стамболијски. По безуспешниот атентат на цар Бориса по патот од гр. Орхание за Софија, започна уште поужасен терор: многу комунисти и леви земјоделци беа истепани и фрлени во затворите. Беше донесен закон за заштита на државата, чии што одредби беа страшни. Претседателот на Националниот комитет, избран за депутат во пашалакот на царските преторијанци — Пиринска Македонија, дури бараше — при изгласувањето на овој закон — да се казнуваат — не само дејствијата, туку и комунистичките убедувања! Комунистичката партија беше ставена надвор од законите. Но борбениот дух на бугарските работници и селани не можете да се убие. Наскоро беше создадена работничката партија за легална борба во создадената ситуација. Во истото време се поставија основите на Внатрешната македонска револуционерна организација (Обединета) — врз принципите легнати во основата на Виенскиот манифест. Секретар на обласниот комитет на „Обединетата“ во Бугарија и Пиринска Македонија беше другарот Симеон Кавракиров. Се создаде поорганизирано прогресивно македонско движење во братставата и друштвата во Бугарија. Во ред места во Бугарија и Пиринска Македонија се создадоа комитети на „Обединетата“. Нејзиното влијание почна да расте и да печали терен во емигрантските организации. Во Гевгелиското, Кукушкото, Струмичкото, Дојранското и Велешкото братство таа имаше доминантна положба. А и во другите братства се чувствуваше нејзиното влијание. Врховистите испраќаа чети во Вардарска и Егејска Македонија — но тие само го засилија и онака големиот терор што власта го вршеше над македонскиот народ таму. Малите групи врховисти во Вардарска Македонија не можеа да отпочнат една поширока и активна работа. Студентскиот процес во Скопје — се славеше во Бугарија. Се велеше дека се работи за моќна организација на „ВМРО“ во Вардарска Македонија. Некои членови од таа студентска група што успејаа да избегаат во Бугарија беа славени како богови херои и добро примени. На еден од тие „херои“ — Караџов, родум од Штип, недоволен од предимствата што од организационите фактори им биле дадени на некои од неговите другари, избега назад во Вардарска Македонија и раскри многу факти што ја компромитираа организацијата на врховистите — преторијанци. Исто така голем прав се крена во Бугарија во врска со фамозната петиција на тројцата „македонски" општественици од Вардарска Македонија: Глигор Анастасов, Шалев и Димитар Илиев, што тие ја дадоа од Општеството на народите. Се разбира, успехот на таа петиција беше рамен на дупка во морето! По оваа „блескава акција“ „хероите“ се прибраа во мајка Бугарија, каде што им се приреди блескав прием. Врховистичкиот печат трубеше за „хероите“. Се држеа политички собири итн. за поткрепа на петицијата. Но еден ден еден од „хероите“, Димитар Илиев. родум од Прилеп, по професија адвокат, избега во Вардарска Македонија и се легализира таму. Анастасов и Шалев пак влегоа во воено-полициската секција на военото министерство. (Оттаму и добиваа пензии: Анастасов до својата смрт, а Шалев — до 9 септември 1944 година. Но и во редовите на „ВМРО“ почна нешто да крцка. Волчето што го создадоа Прличев, Баждарев и Томалевски, — Иван Михаилов почна да ги апе и нив. Се започна една фракциска борба меѓу ЦК и Задграничното претставителство, а исто така и меѓу Протогеров и Иван Михаилов. Последниот од волче стана волк, диктатор во организацијата. Тој сакаше ЦК да има полно раководство во организацијата, а членовите на Задграничното претставителство, (коишто како избрани лица имаа право на дејствителни членови на ЦК и полни права во раководењето на организацијата) да не се избираат веќе, ами да се назначуваат од ЦК. Спрема тоа, ЗП треба да биде орган на ЦК и да работи по негови директиви. Се разбира, членовите на ЗП жестоко ги бранеа своите привилегии. Иако тие имаа лошо мнение за способностите на генерал Протогоров (го викаа „Хралупа“, т. е. Шупливиот), го направија шеф на својата фракција во „ВМРО“. Се разбира, го имаа предвид авторитетот на Протогерова во буржоазните и воените кругови во Бугарија. Така се стигна, значи, до расцеп во редовите на врховистите. Се создадоа две фракции: михајловисти и протогеровисти. И двете претендираа дека се вистински претставители на организацијата. Почнаа меѓусебно да се исклучуваат од неа. Кон протогеровистите се присоедини и членот на ЦК на „ВМРО“ Георги Поп Христов и началникот на егзекутивата Перо Шанданов. Имајќи мнозинство од ЦК на својата страна, протогеровистите изјавуваа оти тие се вистинскиот врховен институт на организацијата — и по силата на статутот. Меѓутоа, факт беше дека михајловистите имаа господувачки позиции во пашалакот — Пиринска Македонија. Повеќето од комитациите останаа во нивни редови. Освен тоа, касата на организацијата беше во нивни раце. Затоа тие претендираа оти претставуваат мнозинство во организацијата и, следствено, тие се организацијата. Како што се гледа, принципиелни разлики во погледите меѓу нив немаше. Протогеровистите имаа сериозни удари. Им беа убиени: генерал Протогеров, Георги Баждаров, Наум Томалевски и многу други. Кирил Прличев и Георги Поп Христов веднаа глави, капитулираа, откажувајќи се од понатамошна борба. Но ја продолжија борбата други водачи на протогеровистите: Перо Шанданов, Крстан Поп Тодоров и Пецо Трајков. Избрани како ЦК на протогеровистичката „ВМРО“ ја продолжија борбата со михајловистите. Иако редовите им беа оретчени, тие енергично се бореа против многубројниот непријател на чија страна беше дворецот и владеачките кругови во Бугарија. Bo таа нерамна борба паднаа многу убиени од нивна страна, но и тие истепаа доста видни михајловисти. По капитулацијата на Георги Поп Христов и Кирил Прличев, новиот ЦК на протогеровистите, избран сд нивниот конгрес во 1931 година, зазеде едно попрогресивно, ако може така да се рече, становиште по однос на македонското ослободително дело. Протогеровистите си поставија сега за цел да постигнат спогодба со „Обединетата“. Затоа Перо Шанданов замина во Берлин и со претставителите на „Обединетата“ склучи спогодба за заедничка соработка. За врска меѓу протогеровистите и „Обединетата" во Бугарија бев одреден јас. Соработката, и при крстосување на интересите, продолжи до есента 1933 година. Инаку, до последно време ние се толериравме. Позициите на прогресивното движење во Бугарија јакнеа. Растеше и влијанието на „Обединетата“. Во парламентарните избори (за 22-то обикновено народно собрание) одржани по паѓањето на Цанковиот кабинет, кога дојде на власт втората влада на „Демократскиот зговор„ (создаден по 9-јунскиот преврат) на чело со Андреја Љапчев, партијата доби во софиските квартали (предимно настанети од Македонци) „Расадникот“ и „Захарната фабрика" најмногу гласови. Беше избран за депутат кандидатот на Работничката партија, Христо Калајџиев. Но по растурањето на 22-то обикновено народно собрание, прогресивната македонска емиграција реши од своја средина да има депутат во бугарското Народно собрание, како што беа претставени во него михајловистите со својата парламентарна група од депутати избрани во нивниот пашалак — Пиринска Македонија. Со Работничката партија се постигна согласие да биде и прогресивната македонска емиграција претставена со еден кандидат во „Трудовиот блок“. Но бељата беше оти никој не се осмелуваше да биде кандидат. Секој ден се тркалаа трупови по софиските улици. Беснееше страшен терор на михајловистите. При таква ситуација, јасно беше дека кандидатот од прогресивната македонска организација требаше да биде готов да си ја кладе главата в торба. Се реши јас да се кандидирам. Се согласив. Јас сум обичен борец во македонското револуционерно движење. Кога се сака мојата глава да ја дадам во негов интерес, нема друг избор: ќе ја дадам. И на изборите јас добив. Бев избран во колегијалната листа. И Христо Трајков беше избран, само на централната листа. Така ние — прогресивното македонско движење — имавме двајца претставители во бугарското Народно собрание. Во собранието, иако господаруваше мнозинството од Демократскиот блок и министер-претседател беше Никола Мушанов, не се допушташе да се издига глас по македонското прашање. Само јас поставив повеќе од десет прашања до соодветните министри. Меѓутоа, ниедно од тие прашања не беа ставени на разгледување. Буржоазијата не сакаше да биде разгледувано македонското прашање во бугарскиот парламент, зашто ќе дојдеше до критика на нејзиниот став по тоа прашање. Моите прашања, главно, беа во врска со големите зулуми што врховистите — преторијанци ги вршеа во Пиринска Македонија и во другите делови на државата. Инаку, нашата парламентарна работа се состоеше во апострофи и реплики, што стигаа и до сериозни караници и ѓурултии, со противниците од врховистичката парламентарна група. Пролетта 1932 година се вршеа избори во братствата за делегати на Конгресот на братствата. Во Софија ние постигнавме голем успех. Наши делегати беа избрани во Гевгелиското, Кукушкото, Струмичкото и Дојранското братство. И во Велешкото братство нашата листа доби мнозинство, но михајловистите кренаа голем шум. Поумерените од нив се одделија со мене и двајца наши другари да преговараат. Тие предлагаа да cе повлечам јас, а да ме замени друг наш другар. Ова свое сакање го мотивираа со тоа, дека јас како народен претставител и политичко лице на една политичка партија не можам да бидам делегат на еден македонски национален конгрес. Ние многу лесно ги одбивме нивните аргументи. Јас истакнав оти аргументот за мојата политичка припадност и депутатство не фаќа место. Им реков дека сум претставител на македонското прогресивно движење, избран на листата на „Трудовиот блок“, во којшто бевме претствени како одделна организација, — а не на некаква друга партија. Освен тоа, истакнав, ако се тргне по истата логика, тогаш не би требало да бидат делегати ни народните претставители од парламентарната група на михајловистите. Тие најпосле отворено ни рекоа дека според добиените инструкции нема да дозволат да бидам јас делегат на конгресот. Се растр чаа да доведат уште членови на братството, редовни и нередовни, за повторно гласање. При оваа ситуација некои наши сочувственици беа поколебани. Ние го напуштивме собранието изјавувајќи дека ние сме законски избрани делегати и оние што ќе бидат повторно избрани немаат право да бидат делегати. Наши делегати беа избрани и во Варна, Пловдив, Бургас, Плевен и др. места. На конгресот ние имавме повеќе од третина од делегатите. Конгресот беше бурен. Работата на конгресот мина при големи опструкции од наша страна. Другарот Христо Трајков остро ја критикуваше дејноста на Националниот комитет. Тогаш официозниот весник „Знаме", орган на демократите, пиша дека за првпат во организациониот живот на емиграцијата се појавува таква многубројна дисциплинирана опозиција од комунистичко потекло. Во статите што следеа по тоа весникот алармираше за оваа „опасност“ и повикуваше на „сериозна борба“ против неа. Со други зборови им се Даваше „карт бланш“ на врховистичките орудија да отпочнат, „смислена" и „сериозна“ борба против нас со своето испитано средство — теророт и убиствата. И навистина, убиствата не задоцнија. Се почна со избивањето на Павел Попандов, Божидар Митрев, син на прочуениот костурски војвода Митре Влахот, и др. Од сред Софија врховистите го кренаа секретарот на ВМРО (обединета) Симеон Кавракиров. Го Држеа во пленство во својот пашалак — Пиринска Македонија цели осумнаесет месеци и по деветнаесеттомајскиот преврат (1934 г.) го убија во Рила Планина. По одвлекувањето на Кавракирова, ние не се уплашивме. Напротив, почнавме една порешителна и поефикасна борба против неоврховистите. Беше поставено јас да го издавам и редактирам весникот. Решивме весникот да се вика „Македонско знаме“, орган на прогресивната македонска организација. Преку весникот поведовме борба против михајловистичката гангстерска банда. Ги изнесувавме сите вандалштини на михајловистите во Пиринска Македонија. Водевме и една Доста остра полемика со в. „Македонија", орган на Националниот комитет. Меѓутоа, излегувањето на весникот и пречеше на владата, па сите броеви беа инкриминирани (по чл. 7 од Законот за заштита на државата), од полицијата, којашто и прибегнуваше до нивната конфискација. Ние наоѓавме возможност да ги креваме напечатените егземплари од печатниците (по разбирливи причини, весникот не се печатеше постојано во една печатница) и да го растураме во Софија и внатрешноста. Публиката просто го грабеше весникот за да научи нешто ново за вандализмот на михајловистите. Треба да се рече дека тогаш беа сковани перата на сите журналисти и во весниците во Бугарија не можеше ни збор да се сретна против михајловистите. Исклучок правеа: секидневникот, „Ново време“, редактиран од велешанецот Тодор Петров — Јукс (тој беше убиен заради тоа од михајловистите) и партискиот орган „Ехо“, коишто по нешто пишуваа за михајловистите. Како што реков, сите броеви на нашиот весник беа инкриминирани. Но михајловистите не се задоволија со тоа. Тие ме осудија на смрт. На 12 јануари 1933 година во Софија тие направија обид да ме убијат, но само ме ранија. Дванаесет дека по овој настан истата михајловистичка банда го уби, пак во Софија, другарот Христо Трајков. Таа го уби и другарот Петко Напетов, нар. претставител. Не беше Македонец, но го убија по порачка на воено полициската секција при военото министерство. Истата година беа убиени: Димитар Сурлев, заменикот на Кавракирова, Христо Хрлев („графот“), Јосиф Николов и многу други како во Пиринска Македонија така и во другите делови на државата. И по моето ранување, весникот „Македонско знаме" продолжуваше да излегува. Ние ни за момент не го употребивме личниот терор како средство во борбата со противниците. Нашата идејно-морална сила беше голема. Противникот не можеше, и покрај бесниот терор, да нѐ уништи. Напротив, нашето прогресивно движење се повеќе се ширеше сред македонските емигрантски маси. Нашата борба наиде на големи симпатии и во странство. Преку својата усна и писмена агитација во странство, претставителите од „Обединетата" (Влахов, Поп Томов), ги разобличуваа убиствата и грабежите на михајловистите. Видни писатели, научници Томас Ман, и општественици, како: Анри Барбис, Ајнштајн, Виктор Маргерит, Теодор Драјзлер, Ромен Ролан и многу други испраќаа протестни телеграми до владата и претседателот на Народното собрание. Копии од тие телеграми добивав редовно и јас за да ги објавам во весникот. Во нив михајловистите беа жигосувани како џелати и убици. Овој наш успех не беше мал. Во лицето на ВМРО (Обединета) и на македонското прогресивно движење прогресивниот свет ги гледаше вистинските борци за ослободувањето на Македонија. Во Бугарија се изострија борбите меѓу политичките партии особено по 1933 г. Комунистичкото движење се засилуваше а исто така и земјоделското. Поради ова господството на буржоазијата се застрашуваше. Таа беше веќе неспособна да се одржи на власт со дотогашниве уставни средства. Ете поради тие причини се појавија во нејзините кругови идеолози на фашизмот. Одрекнувајки го уставот, фашизмот ја подготвуваше државата да ги брани економските и политичките интереси на буржоазијата. Во тоа време се обновува и „Звено“ како легален орган на Воената лига во бугарската армија. Оваа лига ги регрутираше своите членови од вишето офицерство со републикански тенденции, под раководството на Дамјан Велчев. Кружокот "Звено" издаваше свое истоимено списание под редакцијата на Димо Казасов. Треба да се каже дека списанието беше пишувано во фашистички правец, спрема тоа првите идеолози на фишизмот на Бугарија беа звенарите. Враќајќи се од странство, министер-претседателот на Бугарија Никола Мушанов, летото 1933 г., изјави дека, убиствата на михајловистите стигнале веќе кулминациона точка и дека ја компромитираат положбата на Бугарија. Поради тоа владата ќе земе сериозни мерки против михајловистите. Ке бидат гонети и казнувани не само фактичките ами и моралните убици. И навистина, владата на Мушанов прибегна до општа обезоружителна акција. При блокадата на Софија беа откриени видни протогеровисти на чело со членот на нивниот Ц. К. Перо Шанданов, коишто беа интернирани. Михајловистите, како органи на власта, престанаа со убиствата и се прибраа во својот пашалак — Пиринска Македонија. Од сето тоа настапи една поспокојна атмосфера. Инаку ситуацијата беше полоша одошто на фронт за време на војна и животот на луѓето беше несигурен. Истата година протогеровистите започнаа да го издаваат весникот „Македонска правда“, редактиран од Димитар поп Ефтимов и Коста Ламбрев. Овој весник се пишуваше во прогресивен дух. Во него се зборуваше веќе за идеата за јужнословенската федерација. Но овој правец на весникот не им се допаѓаше на протогеровистичките чорбаџии. Поради тоа редакторите беа исфрлени и заменети со други. Весникот продолжи во врховистички дух. Белешки
|