Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XLVII
Поглавје XLVI | Ликвидација на михајловистите и нивната вооружена сила — В. „Македонско знаме“ и паролата за македонската нација — Судскиот процес против „Обединета“ — Македонската прогресивна емиграција во изборната борба во 1937 година од Алексо Мартулков |
нема |
По 19-мајскиот преврат, што го изврши Воената лига под раководството на Дамјан Велчев, беше ликвидирано со михајловистите и со нивната вооружена сила. Тие не укажаа никаков отпор.
Националниот комитет беше растурен и заменет со самоназначен од протогеровистите Временен комитет. Последните почнаа широка дејност во печатот и го издигнаа лозунгот: нема македонско, ами има само бугарско прашање. И за нас, прогресивните Македонци, се создадоа услови за поактивна легална борба. Организиравме едно централно раководство за спроведување на една попрогресивна линија во братствата и други македонски организации. Во раководството бевме: Христо Калајџиев, Борис Михов и јас. Работата одеше добро. Продолжуваше да излегува весникот „Македонско знаме", а во неговите колони се заговори веќе за македонска нација. Овој лозунг печалеше сѐ повеќе приврзаници. Но весникот го забрани и го запре полицијата. По извесно време започнавме да го издаваме весникот „Македонски вести“. Редактор му беше Ангел Динев. Во него веќе порешително се постави прашањето за македонската нација. Македонското прогресивно движење постојано се засилуваше. Тоа веќе се забележуваше насекаде. За Ѓурѓовден 1935 година решивме масовно и свечено да го прославиме Гоцевиот ден. На утрото приредено по тој повод во софискиот театар „Одеон" присуствуваше голема маса народ која до последно место го исполни салонот на театарот, дури и на улицата пред театарот имаше народ. Утрото се одржа истовремено со големата воена парада во Софија. Оваа наша акција уште повеќе ги збесна владеачките кругови и врховистите. Ние започнавме да приготвуваме собранија за едно големо отпразнување на Илинден и за таа цел се советувавме со Илинденската организација. Меѓутоа, полицијата ги забрани собранијата и уличните манифестации а само дозволи да се одржи помен в црква. Како што истакнав погоре, и ВМРО (Обединета) и младинската нејзина организација „Ножот“ започнаа да создаваат комитети во провинцијата и во Пиринска Македонија. Се засили издавањето на брошури и сл. Но полицијата почна да ги гони нашите организации. Беа откриени организациите во Бургас, Пловдив и Св. Врач и уапсени многу наши другари. Најпосле дојде и до голема провала во Софија. Бевме уапсени поголемиот дел од раководството на „Обединатата". На судењето 1936 г. сите изјавивме пред судот дека по народност сме Македонци. Се разбира ова ја отежни нашата положба. Бевме осудени по на 5 години затвор и по на 8 години лишување од граѓанските права. Истовремено Димитар Влахов и Владимир Поп Томов беа осудени во отсуство по на 12 и пол години. Поради овие удари нашето движење доста пострада. Во 1937 година бев амнистиран. Го најдов движењето пак здраво организирано. За ова многу беше заслужен секретарот на обласниот комитет на Обединетата Антон Југов, родум од село Карасуле, Ениџе-Вардарско. На изборите од 1937 година партијата не можеше да кандидира свои луѓе, ами беше принудена да ги подржува кандидатурите на опозиционите политички партии. Владата се повеќе земаше курс кон фашизирање на земјата. За определување на кандидатите од Пиринска Македонија ние подржувавме дека треба да имаме решителен збор. Затоа заедно со Југова имавме состанок со секретарот на Работничката партија Мито Станев. Во Горноџумајско кандидат беше наш човек, во Разлошко, Светиврачко и Петричко ги подржавме звенарските кандидати, а во Неврокопско го подржавме кандидатот на владината листа, за да не дозволиме да биде избран михајловистичкиот кандидат. Звенарите станаа поумни, кога беа кутнати од власт од Цар Бориса, којшто им нанесе тежок удар. Тие се убедија оти без општествена база не се задржува власт. Сега, од фашистички настроени — а тоа не им донесе успех! — тие започнаа да еволуираат во „прогресивно-демократски“ правец. Гледајќи го тој процес ние решивме да ги поткрепиме нивните кандидатури, Југов ме прати мене да преговарам со Иван Харизанов, кандидат за Светиврачка околија, и со Кимон Георгиев, кандидат за Разлошка околија. За да парламентарната ги поткрепуваме во изборите и во дејност, јас меѓу другото им поставив дека треба да се раководат од тоа дека македонското прашање предимно е прашање на македонскиот народ. Затоа не треба да ѝ се пречи на неговата борба и секоја пречка да биде критикувана. Се разбравме и ги поткрепивме. При изборите владата изврши нечуени фалсификати и терористички акти. Цели изборни кутии беа заменети! Во резултат на тоа звенарските кандидати пропаднаа, иако за Кимон Георгиев гласаа 70% од гласачите. Нашиот кандидат во Горноџумајско беше избран, а избран беше и владиниот кандидат во Неврокопско. Во Софија, во IV реон, мнозинството ја подржуваше кандидатурата на Божин Димитров Проданов, наш стар деец, родум од Солунско. Југов и други ја подржуваа кандидатурата на Павел Шатев. На конференцијата по тој повод беше примена кандидатурата на Божина, а на Шатева беше отфрлена. Јас тогаш интервенирав и благодарејќи на своето влијание сред Бугарите успеав да наложам Шатев да биде примен за втор кандидат. При тоа се надевав дека после ќе го убедам мојот личен пријател Божина да се откаже од кандидатурата во полза на Шатев, зашто тоа е нужно за успехот на нашето дело. на Божина, а на Шатева беше отфрлена. Јас тогаш интервенирав и благодарејќи на своето влијание сред Бугарите успеав да наложам Шатев да биде примен за втор кандидат. При тоа се надевав дека после ќе го убедам мојот личен пријател Божина да се откаже од кандидатурата во полза на Шатев, зашто тоа е нужно за успехот на нашето дело. Меѓутоа, при потврдувањето на кандидатурите окружниот судија ја отфрли кандидатурата на Шатева, како лице наблагонадежно по преценка на полицијата. Затоа ЦК на КП сакаше да ја подржи кандидатурата на земјоделецот Панчо Маџаров, зашто дедо Божин (така го викавме затоа што беше стар) не бил погодна личност поради староста, недоволно развиен интелект и неборбен карактер. Јас ги најдов членовите на ЦК кога расправаа за ова и решително се противставив, изјавувајќи дека нашиот кандидат може и дрво да биде, но ние ќе го избереме, зашто не можеме да се откажеме од стеченото право да бидеме претставени во Народното собрание со нам пратеник, Македонец. И ЦК беше принуден да ја прими кандидатурата на дедо Божина. И дедо Божин, и покрај слабите квалитети на оратор и сл., беше избран со мнозинство гласови во IV реон, каде што Македонците беа тврдина на Партијата. Нова војна беше на праг. Во 1939 таа започна.[1] Белешки
|