Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје VII

Од Wikisource
Поглавје VI Конфликт меѓу Васил Главинов и Гоце Делчев — Потреба од екс за да се дојде до парични средства — Посета на бомболеарницата во с. Саблер на пат за Велес

од Алексо Мартулков
Поглавје VIII
Во Софија се наместив на стан во дуќанската галерија на Васил Главинов. Ги најдов односите помеѓу Главинова и Делчева непријателски.

Васил Главинов, заедно со социјалистот Глигор Серлиев и Коста Кипров, ученик во Педагошкото училиште во Ќустендил, а родум од Разлог, со содејството на чиновникот во касовата служба на поштата истиот град, ја оберуваат касата и парите ги прибираат Главинов и Серлиев. Нивниот помошник, поштенскиот чиновник, по таа работа, заминува за Македонија и се настанува како учител во Воден, каде што свршува со својот живот.

Делчев — длабоко сум уверен во тоа — бил посветен во таа акција и зел учество во нејзината подготовка. Но по успешниот обир, кога тој ги посакува парите од Главинов, овој откажува да му ги за да не се најдат во нив правдајќи се дека — за да не се најдат во нив — тие ги закопале надвор од градот близу до едно дрво, но заврнал пороен дожд и ги одвлекла парите надојдената суводолица. Кога отишол после Главинов да ги откопа и да ги прибере парите, не ги нашол. Ова оправдание на Главинов не фаќаше место. Но да се заплаши тој да ги даде парите, беше невозможно, зашто беше многу цврст и бестрашлив. Делчев не се решаваше да биде применета соодветната санкција спрема него, т. е. да биде казнет со смрт — како што велеше тој. Зашто Главинов беше фанатик — социјалист и голем аскет во својот личен живот. Следствено, тие пари ќе беа потрошени за социјалистичкото движење, не ќе одеа залудо. Нивните односи до последниот момент од животот на Делчева не се подобрија.

Васил Главинов и другарите во Македонската социјалистичка група, ги најдов во пооживена дејност. Излегувањето на весникот „Политичка слобода" беше многу нередовно поради недостиг на средства. Пак наидов и во нашите кругови да се спремаат за еден екс за да се дојде до средства нужни за набавување голема количина литература, за да се осигура редовното издавање на нашиот орган „Политичка слобода", како и да се засили нашата организациона дејност, во Македонија. За целта требаше да бидат испратени некои членови од групата за внатрешноста. Мене ме задолжуваа да си заминам назад за Велес и да го подготвам теренот за ексот.

По двомесечен престој во Софија јас си заминав за Велес пешки со кираџии низ Кустендил. Главинов ми даде писмо до Серлиева во Ќустендил, за да се запознам со него. Таму го најдов мојот школски другар, велешанецот Александар Минов, ученик во самоковското железарско училиште. Тој беше го напуштил училиштето[1] со своите другари. Тие, организирани од Делчев, работеа во железарските работилници на ВМОРО во Ќустендил и во с. Саблер за леење бомби и поправка на оружје. Минов ме одведе во работилницата и ме запозна со Велко Михов и другите работници. Повеќето од нив станаа војводи и големи дејци во ВМОРО. Велко Михов беше социјалист. Тоа беше во 1899 година во месец август. Среќно пристигнав во Велес и се зафатив здраво за работата.

Многу книги што ги набавивме во минатото се губеа. Ако ги дадеш некому, мала возможност имаше да ги прибереш назад. Ќе земеше ли некој пообемна книга, особено со поголема вредност, не ја враќаше, зашто сакаше да ја задржи за себе. Повеќе можеа да се зачуваат брошурите и тие можеа да отидат од рака в рака и по таков начин да опфатат поголем круг читатели. Многу од книгите се поништуваа при претресите за да не попаднат во рацете на полицијата. Со еден збор, не можеше да се зачува повеќе нешто од книгите за да има од нив поголема постојана библиотека. Сето ова ја налагаше нуждата од поголемо внесување на книги и тоа во многу повеќе примероци. А средствата беа толку ограничени, одвај можеше да се покријат и најелементарните нужди. Затоа нуждата од екс се налагаше.

Белешки

  1. Печатна грешка во самото издание