Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје VI

Од Wikisource
Поглавје V Анархистичкиот кружог во Пловдив — Манџуков, Герџиков — Крадење на панаѓијата на владиката Натанил — Средба со Гоце Делчев

од Алексо Мартулков
Поглавје VII
Манџуков, Герџиков и некои други ученици во пловдивската гимназија, образуваа анархистички кружок. Манџуков ми раскажуваше:

„Еден ден со Герџиков отидовме во една меана. Таму затековме една компанија од Македонци, играа комар и пиеја. Особено ни го привлече вниманието еден од нив со долга коса, кој им беше како водач на другите. Зафатија да пеат една руска нихилистичка песна. Водачот со долгата коса и еден до него ја подржуваа песната. Пиејќи долго, се расчувствуваа и почнаа да отправуваат закани спроти сите крунисани глави на светот и дека еден ден ќе ги сринат, така што никаква власт на земнава топка да не остане и да настане ден на безвластие. Нас нѐ привлече таа компанија и се приближивме кон нивната маса. Се запознавме со пеачите. Се покажа дека биле комити што зеле учество во „востанието“ през 1895 година.[1] Така, ние си најдовме згодна средина за да ја започнеме борбата за ослободување на Македонија, нашата главна мечта тогаш.“

„Нихилистот беше Јордан Бошков, родум од Велес. Тој уште во 1885 година зел учество во превратот за соединување на Северна и Јужна Бугарија. Живеел и во Русија, каде што станал нихилист, но во сушност беше голем алкохоличар, а и другарот негов не беше поарен. Ние се спријателивме со нив и образувавме револуционерен кружок со цел да ја ослободуваме Македонија. Но првата задача на кружокот беше да се најдат пари. Решивме, јас да ја украдам панагијата на вујчо ми Натанаил.“

„Решено — сторено. Еден ден ја украдов панагијата. Кражбата е многу лесна за куќниот арамија. Панагијата со Герџиков ја однесовме во станот на Ордан Бошков, а оттаму ја зеде неговиот другар Македонец од Дебарско, сигурно од Галичник или од Лазарополе, за да ја продаде, но не целата панагија, а Ордан Бошков опитен во таа работа ги вади Дијамантите и дебранецот му ги продава на еден јувелир во Пловдив. Кога се врати, тој беше се напил[2] и во весело настроение влезе во одајата. На прашањето од Ордана Бошков што сторил, тој само му намигна. Разбравме веќе ние со Герџиков во каква компанија сме попаднале И ништо не ни остануваше освен да си ги собереме чуковите и да си одиме од квартирата на Бошков, бидејќи така „успешно“ ја постигнавме целта за „ослободувањето“ на Македонија.“

„По извесно време се откри кражбата, кога вујчо ми требаше да служи служба в црква. Ја побаруваат панагијата, но не ја најдуваат. По распрашувањето на служителите, да не би некој од нив да ја зел и поради можност таа работа да отиде во полицијата, а оттаму да пострада особено домашниот слуга (сомнението паѓаше повеќе на него), јас се покајав и со плачење му признав на вујчо ми оти јас сум крадецот. Вујчо ми не ми рече ништо и се повлече во својот работен кабинет.“

Владиката Натанаил беше со широка благородна душа и сите заштеди од неговата голема владичка заплата одеа за благородни цели, особено за издршка на сиромашни македонски младинци за завршување на нивното образование. Еден од тие младинци — негови питомци беше и видниот македонски деец Трајко Китанчев. Исто така познато е дека Натанаил беше организатор на првото Кресненско востание и „Охридската завера" по Берлинскиот конгрес, како реакција на македонскиот народ против него.

Манџуков, исклучен со некои свои другари од пловдивската гимназија, се мести во разни гимназии, ја завршува гимназијата без да положи матура, минува во Швајцарија, во Женева да студира хемија. Се разбира, пак издржуван од вујко му. Но, се враќа назад уште првата година, не се запишува на студии во Софија, ами целта му е да отиде во Македонија со свои другари.

Герџиков и тој се среќаваат со Гоце Делчев и се договоруваат со него за заминувањето нивно за Македонија, со препорака од Гоцета до месните раководители во внатрешноста, да им го даваат нужното содејство. Манџуков се решава да отиде во Скопје, договорувајќи се со Делчева да биде украдена панагијата на скопскиот владика Синеси. За да може да има достап при владиката во митрополијата, тој го помолува вујка си за препорака до Синеси да го земе при него да живее и да биде наместен таму на работа. Зема препорака од вујка си, а Делчев му пишува писмо на Кандиларова, тогаш учител и раководител на ВМОРО во Скопје, да му помогне на Манџуков. Со Јордана Калчев Манџуков пристигнува во Скопје и оди кај Синесија со препорака од вујка си. Синесија го пречекува како што треба. Кандиларов, добивајќи го писмото од Делчева за давање содејство на Манџукова, не скрива со каква цел идат овој и другарот негов во Скопје и го предупредуваат веднаш владиката да се чува од внукот на пловдивскиот владика и да му откаже секакво гостопримство. Поради тоа Манџуков ја напушта митрополијата така, како што си оди човек испаден од свадба. Место содејство од револуционерните кругови во Скопје, тие беа подгонети од Скопските раководители не се влијаеја од софиските претставители на ВМОРО, макар да беше во прашање Делчев, срцето на РО. Гледаа на работите низ скопската призма и се раководеа во нив по силата на своите разбирања.

На тоа се должи што му го испрати Делчев 10-те наполеона на Манџуков, за да си појде во Софија. Бргу по мене и тој дојде во Софија но скопските блискост помеѓу нас во Софија ја немаше. Кога пристигнаа во Софија, го најдоа Коста Кирков „слободен", бидејќи татко му ѝ го даде на Организацијата саканиот откуп. За таа цел татко му дојде во Софија и му ја внесе саканата сума на Задграничното претставителство.

„Одвлечените“ беа однесени од анархистите и предадени на ВМОРО. За тоа нешто помогна Шурков, тој ги предаде „самоодвлечените“ на РО. Голема беше омразата на анархистите против Шурков, но то се оддели од нив и наполно се присоедини кон Организацијата и ЗП го испрати како организатор — агитатор во Серско и Солун. Тој појде таму како фотограф. Кога пристигнав јас во Софија, не го затеков него.

Белешки

  1. Манџуков мисли на Мелничкото востание кое се одвивало во Бугарија и Македонија.
  2. Печатна грешка во самото издание