Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје III

Од Wikisource
Поглавје II Формирање на социјалистички групи во Битола, Крушево, Скопје и др. — Нашата политичка програма.

од Алексо Мартулков
Поглавје IV
Во 1900 година се образува социјалистичка група во Битола. Во неа беа активни членови: Никола Петров Русински од село Русиново, Малешевско; Веле Марков од село Селце, Крушевско, обата работници дрводелци; Иван Дренски и Петар Иванов, од Крушево, бојаџии; и Никола Карев, подоцна претседател на Првата македонска република. Во истото време се основа група и во Крушево од страна на Лазар Главинов, дрводелец од Велес, а слична социјалистичка група се основа и во Скопје. Исто така, како социјалисти поединечно се пројавија на многу места во Македонија и ред луѓе.

Но да се мисли дека при тогашните услови можеше да се создаде масовно социјалистичко движење во Македонија и во Европска Турција, би било наивно. Недостасуваше најглавниот елемент за социјалистичка дејност - индустрискиот пролетаријат. До колку го имаше, во слабо развиената индустрија кај нас, го сочинуваа повеќе Турци, Грци и Евреи, со многу мал процент Македонци. Ние имавме слаба да проникнеме сред него за агитација и организациона дејност. Ние работевме во ерата „класа против класа со три гласа". Ете зошто кај нас беа застапени повеќе национално-револуционерните задачи, отколку класните. возможност

Нашата програма, до колку можам да си спомнам, беше: предведувани од хумани, прогресивни идеи, македонските социјалисти-револуционери си поставија за цел да се извојува полното политичко и економско ослободување на народите населени во Македонија и Одринско. За постигнувањето на таа цел ние не познававме други средства, освен р е в о л у ц и ј а т а.[1] Во согласност со тоа главно средство за ослободувањето на Македонија и Одринско, беше определен и кругот на нашата дејност. Слободата не ја сакавме како подарок, зашто го прифативме принципот: подарената слобода народот не ќе знае да ја чува и цени. Ете зошто во кругот на нашата дејност работничката класа и блиските нејзе работни маси требаше да ги освестиме морално и умствено и да работиме за нивното воспитување во духот на независноста и цивилизацијата. Ние не го сакавме сменувањето на еден монарх со друг, туку се стремевме да извојуваме политичка автономија.

За да го постигнеме ослободувањето на Македонија и Одринско, бевме готови да влеземе во сојуз со сите народносни групации на територијата на Европска Турција, коишто беа надахнати со ослободувачки цели и работеа за нивното остварување и со сите оние што сочувствуваат кон нашите идеи. Ние Македонците, за да се избавиме од беззаконијата и варварството на турските власти, како прво требаше да имаме политичка автономија, што ќе послужи да се прекратат борбите меѓу малите балкански држави.

За да можеше да успее борбата во Македонија, требаше да се ликвидираат шовинистичките пропаганди што идеа од соседните земји и само го попречуваа самостојното политичко ослободување на Македонија; да им се даде можност на сите националности да устројат кантони во кои според мнозинството на населението од тие кантони да се уредат опште ствените работи, по примерот на Швајцарија.

Ние ќе водиме непомирлива борба против националните омрази, макар и од каде да доаѓаат тие. На работниците ќе им помагаме сестрано. Ние ги мразиме шовинистичките стремежи во Бугарија, Србија и Грција, од кои ништо добро не произлегува за поробените народи, туку напротив - се распалува непријателството меѓу националностите кај нас и се усложнува и онака веќе лошата положба под турскиот режим. Н а р о д и т е и м а а т п р а в о н а с л о б о д н о с а м о о п р е д е л у в а њ е. М а к е д о н и ј а н а М а к е д о н ц и т е.[1][2]

Појдувајќи од сопствените наши интереси, ние не сме против прогресивните струи во останатите балкански земји. Како социјалисти ќе работиме за с о ц и ј а л н а т а р е в о л у ц и ј а,[1] во исто време и за политичкото ослободување на Македонија и Одринско. Ќе ги подготвиме масите да ги разберат вистинските услови на нашиот живот и да ги усвојат социјалистичките идеи.

Вооружени со овие идеи, водевме агитација масите на ВМОРО и бевме едни од најупоритите, непомирливи и доследни борци против внатрешниот и надворешниот врховизам. Ние не се задоволувавме само со усна и печатна агитација, туку внесувавме и растуравме револуционерна социјалистичка литература, до колку можевме да ја внесеме од надвор при тогашните многу тешки услови за извршување на таква работа. Мнозина социјалисти беа видни функционери во ВМОРО, како Крсто Асенов, Димо Хаџи Димов, Димитар Влахов, Никола Русински, Веле Марков, Никола Карев, Велко Михов, Делчо Коцев, Никола Дечев, Чудомир Кантарџиев, а и самиот водач на ВМОРО Гоце Делчев не беше туѓ на социјалистичките идеи.

Белешки

  1. 1,0 1,1 1,2 Напишано така во самото издание
  2. Здебелениот текст е додаден да се олесни разликувањето на зборовите.