Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје II
Поглавје I | Моето одење во Софија — Составот на Македонската социјалистичка група во Софија — Создавањето на првата социјалистичка група во Македонија — Подготовки за учество во Првомајската прослава — Нашето знаме — Учество во Првомајската манифестација — Гоце Делчев на манифестацијата — Судбина на знамето од Алексо Мартулков |
Поглавје III |
Во 1896 година јас заминав за Софија и можев да воспоставам врска меѓу Велес и Софија. Кога стигнав таму, отидов право во дрводелската работилница на Главинов, која се наоѓаше на улица „Марија Лујза". Тој работеше заедно со Андреја Керемитчиев, родум од Велес, исто социјалист. За да има доверба Главинов во мене, ја носев од Велес договорената парола "Пролетери", напишана на една деланкаталаш,[1][2] за да може полесно да се прикрие при преминувањето на границата. По прочитувањето на паролата, Главинов многу се зарадува и како татко ме прегрна и избаци. Неговата татковска љубов спрема мене беше голема и остана до крајот на неговиот живот, макар што јас во својот живот и борби да му чинев понекогаш незгоди, како што велеше тој, но љубовта не престана. Многу нешто му должам, и тоа во многу погледи.
Во работилницата на Главинов беше клубот на Македонската социјалистичка револуционерна група, редакцијата и администрацијата на весникот "Револуција", библиотеката и се друго што се однесуваше на животот и дејноста на групата. Уште истиот ден има можност да се запознам со сите другари од групата. Оваа група беше составена од разнородни луѓе. Тие ми наспомнуваа на руската емигрантска интелигенција, чиј што живот така успешно е опишан романот "Дим" од великиот руски писател Тургенев. Членови на групата беа: редакторот на „Револуција" Стојан Русев (во него немаше ништо социјалистичко; тој поскоро беше нешто како анархисти свој род), Атанас Раздолов од Малешевско (поет, не беше лишен од талент, но многу беше се пропил, та неговата даровитост отиде по пустина; тој поскоро беше народник и го привлекуваше секаква посензационална акција), Димитар Мирасчиев, родум од Штип (симпатизер социјалист, стопроцентен национал револуционер, кој играше голема улога во изградувањето на нашето националнo револуционерно движење; особено се истакна со своето херојско држење за време на прочуената во нашата историја „Виничка афера"; до крајот на својот живот беше истакнат прогресивен македонски револуционер), Стојан Попов - Чичото (поет, којшто особено се пројави во детската литература; него социјалистичките идеи го обземаа во извесен период, за да исчезнат во друг), жената на Стојан Попов, Роза Попова (една од талантливите артистки и првите создатели на бугарскиот театар; имаше голем ентузијазам да биде полезна во ослободителното дело на македонскиот народ, само што ѝ недостасуваше социјалистичка култура), Андон Шулев, родум од Велес (тој скоро беше се вратил од Швајцарија,[3] каде што студираше правни науки на Вибурскито универзитет; интелектуалец со завидна - за времето - марксистичка култура и со позитивен каракатер; устојчив во своите погледи). Имаше уште многу други симпатизери што наминуваа во работилницата („клубот“) на Главинов, но не ги паметам, за да можам да кажам нешто за нив. Но главното беше што оваа група луѓе се сметаа, а и беа сметани, како македонски социјалисти, револуционери за тоа време, иако повеќето од нив исчезнаа како чад. Но поставената основа од нив не исчезна: Македонското социјалистичко револуционерно движење продолжи да живее, неколку години во Бугарија. А во Македонија македонското социјалистичко движење, независно од него, почна да живее една година порано. Меѓу нив уште истата година беше воспоставена врска. Тоа сето беше во дните пред Први мај. Трескаво се готвевме за неговото отпразнување. Мене ме опфати неопислив ентузијазам, затоа што за прв пат во својот живот ќе земам учество во една улична манифестација со пригодна свеченост, - манифестација во која гледавме средство за подготвување и опробување на силите за водење на борбата за остварувањето на идеалите што ми беа најскапото и свето во мојот живот. Ги приготвувавме транспарентите со соодветни пароли за мајската манифестација. Главно беше да се приготви знамето. Тоа се шиеше и везеше во домот на Андом Шулев. Материјата беше од најфина црвена коприна, срмата беше од најчисто злато. (Се наоѓаше во куќата на Шулев; ја донесол уште од старо време татко му Саздо Шулев од Виена, каде што тој често одел поради своите големи трговски врски со Австрија). Во работата околу приготвувањето на знамето беше зафатена и Роза Попова. Со својот артистички усет таа многу придонесе за неговата уметничка изработка. И навистина, нашето знаме беше едно од најубавите, во манифестацијата. Но незгодата беше во тоа што полицијата на кнез Фердинанд не позволуваше знамето да се развева на манифестацијата, а исто така гледаше да се избегне секаков македонски карактер во неа под изговор да не се влошеле односите со Турција (?!).[3] А Фердинанд, пред една година само, го организира преку своите орудија, врховистите, навлегувањето на многубројни Вооружени чети во Македонија, заради нејзиното "ослободување"! Ваквата забрана од страна на полицијата многу не обеспокои и бевме избрале една делегација[3] да отиде до градоначалникот на престолнината, народникот Славков, да протестира. Делегацијата беше составена од другарите: Андон Шулев, Игно Драндаров и Атанас Раздолов. При среќавањето нивно со градоначалникот, овој изрично им рекол дека ако се обидат членовите на нашата група да манифестираат како Македонци, со македонско знаме, ќе биде принуден да прибегне кон сурови мерки со апсење на виновните. Нашиве другари најенергично протестирале против ваквиот однос на власта, бидејќи не е во склад со тогашната конституција (уставот) на Бугарија. И затоа, рекле делегатите: „ние, македонските социјалисти - револуционери, и покрај сето ова, ќе манифестираме така како што сметаме дека е целесообразно". За да можеме да манифестираме и покрај oваа забрана, на возможен начин, дршката на знамето беше изработена на делови (според случајот да може да се зглобува и разглобува). Дршката се состоеше од три дела, кои еден со друг се прицврстуваа со помошта на цилиндрични желевца. На врвот на знамето беше изработена една бакарна кама. Неа заедно знамето јас ја носев за време на манифестацијата, а деловите од дршката, другите другари. На знамето на едната страна беше извезена паролата: „Ослободувањето на Македонија е дело на Македонците", а на другата страна паролата „Македонија на Македонците". Камата на врвот од знамето означуваше дека ослободувањето на Македонија може да се оствари само преку вооружена борба. Ние, Македонците, сочинувавме значителна група во редиците на манифестантите. Здружно, по четворица во ред, бодро манифестиравме. На многупати знамето го развевавме при манифестирањето по улиците и тоа при најпрометните места. Штом ќе го видеа веднаш полицајците развеаното знаме, веднаш се втурнуваа за да ни го одземаат. Меѓутоа, ние успевавме веднаш да го разглобиме. И знамето и камата ги прибирав јас, исчезнувајќи во редиците на манифестацијата, а тоа мене ми беше возможно, зашто бев речиси детиште и лесно можев да се сокривам. Претходно ќе си го скриев в џеб моето февче и ќе си го турев каскетот, што за секој случај го носев со мене. Јас си го носев уште февчето на глава за да се истакнува моето скорешно доаѓање од Македонија и уште на тој начин да се манифестира, (како што велеше Главинов) дека во внатрешноста има веќе социјалистичко движење, кое ги зафатило дури и децата. Нешто романтично, ама практично агитационо средство! Пред ручек заврши манифестацијата во „Борисовата градина", каде што приредивме ручек. За време на почивката имаше играње оро и ние Македонците го развеавме знамето и околу него, под звуците музиката, тргнавме македонско оро. На првото оро со фесот на глава, го водев танецот јас. Сите учесници во манифестацијата, собрани да го гледаат македонското оро, одушевено ни ракоплескаа. Но по пол час играње, поради големата шумност околу нас, беше привлечено вниманието на полицијата. Таа се втурна да го грабне знамето, но него го снема: усилбите на полицајците останаа јалови. Се разбира дека јас си бев на својата должност за да ги приберам знамето и камата и да исчезнам од пред очите на полицајците, со каскет на глава. Полицијата го бараше Македончето со февчето, ама не можеше да го најде. По почивката во „Борисовата градина" манифестантите тргнаа низ булеварот „Грaф Игнатиев", и на плоштадот „Славејков“ се запреа. Тука одржаа говори по повод празникот. Меѓу другите, зборуваше и Андон Шулев од името на нашата група. Наспомнувајќи ја главната цел на нашето движење, тој истакна дека нашата задача е да се бориме за извојување полна автономија на Македонија и Одринско и за нејзиното гарантирање, за создавањето на Балканската федерација, во кој случај би исчезнале причините што ги разделуваат балканските народи, не би имало веќе непријателски односи меѓу нив, би било гарантирано и нивното слободно и независно постоење Овој случај го изнесувам за да го потврдам фактот дека меѓу слушателите беше и водачот на македонското национално движење Гоце Делчев, кој особено аплаудираше при говорот на другарот Шулев. Овој факт остави силен впечаток во мојата душа и до ден-денешен кога си спомнувам за него изникнува радост, каква што ја изживував тогаш. Јас Делчева не го познавав, туку другарите ми го покажаа кој е и рекоа дека дошол сега во Софија од Македонија како задграничен претставител. (Заедно со Ѓорче Петров тие беа избрани за такви од страна на одржаниот конгрес на ВМОРО во Солун). Манифестацијата тргна од плоштадот „Славејков" низ улица „Александар Први" кон дворецот, но полицијата при пресеката на улица „Алабинска“ ни го пресече патот, не дозволувајќи да поминеме покрај дворецот. Ние лесно не се потчинивме на оваа полициска наредба и стана тепање со полицијата. На крајот на краиштата, таа надви и бевме принудени да се вратиме низ улица „Алабинска", продолжувајќи да манифестираме. Кај Работничкиот клуб манифестацијата се заврши. Сето ова укажа големо влијание на мене за да се зацврстат моите социјалистички убедувања, коишто и до денешниов ден ми се најсветото во животот. Нашето прво македонско социјалистичко револуционерно знаме не беше изнесувано и развевано ниту на една манифестација или по каков друг случај сѐ до 1919 година. Во споменатата година на мајската манифестација, која отпочнуваше и се отвораше големиот плоштад пред „Лавовиот мост“ во Софија се собравме огромна маса Македонци за да манифестираме. Тогаш беше изнесено и нашето старо знаме. Не можам да ги опишам чувствата што ме возбудуваа во тој момент гледајќи го нашето развиено прво знаме, што го криев и носев на манифестацијата во 1896 година. Не можев солзите да ги додржам. Во оваа манифестација беше и нашата стара другарка Роза Попова, придружена од нејзиниот другар Стојан Попов. Ја поканив да дојде при мене, ја одведов пред развеаното знаме и ѝ го посочив, велејќи ѝ: „Другарке Розо еве го нашето прво знаме, кое се шиеше и везеше под твое раководство, и со кое за прв пат манифестиравме на првомајската манифестација во 1896 година". Таа голема артистичка душа со невидена одушевеност се фрли и фати да го бацува знамето, закривајќи го лицето со него, целата во солзи. Сцена којашто кај многумина од присутните предизвика солзи на очите. Ете ја среќата моја во животот! Вакви случки на спомени од моите големи преживувања не се ретки и смислата на мојот живот и мојата среќа се крие во нив. Зашто животот во својата целост е големо време, особено мојот со моите големи страдања. Нашето знаме беше изгорено заедно со другите знамиња што се чува во клубот на Партијата на улица „Свети Кирил и Методи", кога една збирштина нападна на клубот и го изгоре на празникот Свети Кирил и Методи во 1922 година. Да го стори тоа, збирштината беше поттикната од Стојана Омарчевски, министер за просвета во земјоделскиот кабинет на Стамболиски. Со цел да се ожесточи збирштината за овој ужасен акт, беше инсцениран еден провокаторски атентат со фрлање бомби на манифестацијата, приредена од владата по случај празникот Свети Кирил и Методи. Од тој атентат никој не пострада, но самиот крена голем шум. Оттогаш започнаа акциите против нас социјалистите во Бугарија. Белешки |