Манифест на Главниот Штаб на Македонската Војска - 1880

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Манифест на Главниот Штаб на Македонската Војска - 1880

од [[Провизорната Влада на Македонија]]
Манифестот бил прогласен на 29 Јуни 1880 на Пирин Планина. Бил испратен до сите дипломатски претставници во Битола, Солун и Цариград (денешен Истанбул). Овој манифест е еден од најзначајните документи на Провизорната Влада на Македонија, извршно тело на Народното Собрание на Македонија. Манифестот бил пронајден во документацијата на Централната Архива на Октомвриската Револуција и Социјалистичката Обнова на Москва (Оддел: Гроф Игнатиев, Бр. 730, Опис 1, Ед.хр.79). [1]



Манифест на Главниот Штаб на Македонската Војска


Прогласен на Пирин Планина, на 29 Јуни 1880


Браќа Македонци,


Еве петстотини години црни, темни облаци се надвиснале над сите Македонци и нашата татковина. Ние, клети робови на Отоманите, не можеме веќе да ги трпиме страшните пискотници на нашите силувани мајки и сестри, на децата оттргнати од мајчините гради. Дојде нож до коска! Никој веќе не ги слуша нашите пискотници. Христијанска Европа го предаде нашиот страдален народ на самоволието на турскиот верски фанатизам. Нашата последна надеж, членот 23 од Берлинскиот договор, пропадна. Не ни останува ништо друго освен да земеме оружје в рака со слоганот „Смрт или Слобода за Македонија“. Со тешко срце се решивме на овој чекор, знаејќи дека таа борба ќе биде тешка и крвата, но принудени сме да ја земеме судбината на нашата земја во наши раце. Не им веруваме веќе на ветувањата, зашто крвта на нашите жртви повикува на одмазда.


Македонци,

Наближува часот да се судриме со нашиот вековен поробител. Подгответе се како верни синови на нашата страдална Македонија. Заборавете ги сите меѓусебни кавги, зашто сите ние сме нејзини синови, независно од вера и народност. Ние сме пред се’ и над се’ Македонци. Не верувајте им на нашите соседи кој се спровреле меѓу нас како змии и не мамат за нивните сопствени интереси. Здружете се под знамето на Македонија, дигнете го високо, високо во борбата за слобода и независност. Само така сложни ќе успееме да ја сочуваме за нас нашата мила татковина Македонија и да добиеме целосна автономија.


Храбри македонски синови,

Нашите соседи одвај чекаат да ја грабнат Македонија за себе, да ја поделата, да ја раскасапат. Да се здружиме под едно знаме: само Македонци, зашто само соединети како браќа ќе можеме да се ослободиме од очајот и турскиот јарем, и да си останеме свои на својата земја. Збијте ги редовите и чекајте го нашето заедничко Македонско востание. Со пушка на рамо и сабја в рака, придружете и’ се на нашата македонска војска во борбата против безмилосните варварски неверници. Избркајте ги тие што работат за туѓите интереси и ви попуваат: „Ведната глава сабја не сече“. Одговорете им: „На пушка со пушка, на нож со нож!“

Нема веќе да трпиме други да ни ја кројат судбината, да стоиме пред нивните порти и да молиме за милост од нивните камени срца. Денеска имаме наша македонска војска во нашите планини, можеби не уште бројна, но со Божја помош и ваша, ќе стане силна. Ќе се бори за ослободуваќе и ќе извојува победа за нашата прекрасна татковина.

Затоа ве молиме браќа Македонци, не го зимајте овој Манифест како уште еден повик, туку подготвувајте се за општо Македонско востание против нашите вечни тирани. Се надеваме дека сите вистински Македонци ќе го чујат повикот за нашата крвата борба. Затоа го завршуваме овој повик со девизата:

„Смрт или Слобода! Да живее слободна Македонија“

Главен штаб на Македонската Војска, во рамките на Македонската Лига.


Председател: В. Дијамандиев

Главни војводи: Иљо Малешевски; Кочо војвода од село Лакоса, Сереско; Коста војвода од село Левуново, Мелник; Ангел војвода од село Куманич, Неврокопско; Миледиџик војвода од село Карлухово, околија Захна; Стојан војвода од Џегурово, Мелник; Георги војвода од село Карчево, Демир-Хисарско; Тодор војвода од село Страчишта, Неврокопско.

Пирин Планина 29 Јуни 1880

Белешки[уреди]

  1. Discourses of collective identity in Central and Southeast Europe (1770-1945) Page 481 By Balázs Trencsényi, Michal Kopeček ISBN 978-963-7326-52-3 (2006)

-