Прејди на содржината

Коста Солев / Радоста е голема

Од Wikisource
„Радоста е голема“

од Коста Солев Рацин
Издаден е постхумно во „Иднина“ на српскохрватски. Преведен на македонски од Јован Бошковски.
Беше потполн молк. Ни едно движење. Од подот се испаруваше тешка смрдеа, во ќошот, во прашума од пајажина, пајакот нечујно ја плетеше својата густа мрежа. Со очајна досада, Јово тоа веќе со денови го гледа. Тој стои во ќошот како вкочанет. Низ решетката на вратата него будно го демнее едно око и тој не смее ни да мрдне. Така го мачат.

Тогаш френгот наеднаш чкрапна и бесниот чуваров глас го раздра молкот:

- На, скоту! Заврти се!

Јово се сврти и киниса накај вратата. Од долго стоење нозете му се беа толку вкочаниле, што при движењето му се раскршуваа коските. Неговиот поглед се крстоса со чуваровите очи. Сети морници, така беа крвнички бесни. Стоејќи на прагот, чуварот со треперлива рака подаваше спрема него некое мало пакетче, завиткано со сина книга. Јово застана пред чуварот и ја спружи раката. Но тогаш овој наеднаш го тргна пакетчето накај себе и го задржа в рака. Во неговите очи засветка злобна смешка, устата пакосно му се исклешти.

- Чуј, ти, гаду, кој ти го праќа ова?

- Јас не знам. Вие го видовте.

- Некоја жена, што велиш?

- Jас не ја знам.

- Не знаеш, не знаеш... Немаш девојка?

- Не.

- Ниедна баш?

- Има една, ама таа не ме сака.

- Руса ли е?

- Не.

Чуварот пак го спопадна бес.

- Држи гаду гадовиќ, ребрата довечера ќе ти ги скршам. Лапај само, и јас веќе од тебе ќе се налапам...

Потоа со трескот ја удри вратата и неговиот глас молкна со мумлање во ходникот. Настана пак молк.

Јово како занесен го држеше пакетчето в раце. Го помина в час некоја топлина, но и кожата му се наежи: чуварот нема да му остане должен. Пак, значи, довечера она... Издвоен од светот веќе со месеци, зараснат во коса и брада, бушав, неисчешлан, немиен, дење сам, ноќе сам, приклопен со ѕвоното на грозата и свикнат со него да се постапува како со некое животно, Јово како да беше подивел во тоа тесно мемливо собиче, во кое влегуваа само одблесоци од сонцето од окната на големиот прозорец од спротива. Веќе со недели, под застрашување на жестоки тепаници, тој стои преку цел ден во ќошот и упорно гледа во мемливиот ѕид и во пајакот, што безгрижно ја плете својата мрежа. Како ништо друго околу да нема: со целото битие станал некое напнато чуло, кое на чкрапнувањето на френгот се собира како животно. Ставен во челуста на ѕвер, малку и тој стана животно.

Кој тоа се беше сега сетил за него?

Тој навистина не знаеше. Го влечеше љубопитна желба да го одвитка пакетчето. И веќе ја беше разгрнал хартијата, кога пак го тргна ненадејно викот чуваров и чкртањето на френгот. Пак лом.

- Ти си уште тука, ти стоиш уште тука!... Аааа, чекај ме сега!, викаше чуварот отклучувајќи ја вратата. Потоа како волк налета на Јово. Со едно диво движење му го зграпчи пакетчето и го тресна на подот. Предметите се распрскаа. Од некое малечко шише се разлеа на подот дебела жолта течност - мед. Згмечена, фигурата на едно колаче издишуваше на штиците. Но чуварот на тоа не се ни обзре. Тој тапо го удри Јова по слабините, што овој одлета во ќошот како перница. Потоа го зграпчи за коси и го кутна на подот. Со своите јаки војнички цокули зеде да го удира кај ќе стаса, одбирајќи ги особено слабините.

- Тука да се разболиш! Тука да изгниеш! Од слезина да цркнеш!... Ти заповедав ли секогаш да си во ќошот, додека да паднеш во несвест! А ти се мрсулавиш над подароците - е, нема, вала!... На ти!... На!... Мислиш на оние што ти го пратиле тоа! Нема да ти поможе! Од мене нема лесно...

Од жестина, од некоја несфатлива дивјачка лутина, чуварот се беше сиот зазбивал, искалувајќи го својот бес. Непоимливо беше сето тоа, до очај непоимливо, но во него беше животно. И тој, најпосле, го засити.

По подот лежеа распрскани предмети.

- Збери го тоа, па седи!, се врекна чуварот.

Стенкајќи пригушено, Јово се поткрена. Го болеше грбот, зглобовите, слабините. Збиваше. Како само го боли! Не само зглобовите и грбот, не, и нешто друго го боли. Тој не може да си даде одговор зошто сето ова стана. Тој уште не може да мисли. Само сеќава дека е нешто страшно, нешто грозно измрцварено во него. И тоа го пече. Боли.

Ги собра предметите колачиња, банбони, чоколади. Тој ги струпа сите на куп кај леглото. Чуварот уште стои кај вратата. Го погледнува.

- Седи!, заповеда пак чуварот.

Потоа ја заклучи вратата и си отиде.

Јово се издиша. Пак сите проклетии се стоварија врз него! Тој седна на леглото и немошно ја забуца главата меѓу колената. И од јад, од некоја болна немош, него за момент го спопадна некое тапо очајание и солзи му навреа на очи. Како е тешко да бидеш сам, наполно сам, во оваа грозна челуст! Зошто со него ова го прават, о, зошто...

Во жилите му течеше оловото на крвта, така тешко дише. На изудираните места како да имаше јаглења. Сеуште не може да се смири. Тогаш наеднаш се сети на работите што му ги донесе чуварот. Глеј па уште не ги ни разгледал! Очите му се уште солзни. Тој само тапо ги мина со поглед. Но тогаш во сеќавањето нешто му светна. Уште не можеше добро да се присети, но веќе го обземаше некоја живост. Се пулеше на црвената обвивка на еден од предметите, која беше наполу скината и на преостанатиот дел стоеја четири златни слова: „лада“. Тоа беа задните два слога од зборот чоколада, но вака издвоени, тие требаше нешто да значат. Јово наеднаш истрпна од силна возбуда. Па тоа е Влада! Да, Влада! Неговиот другар Влада, кој му го праќа тоа! Така уште порано, додека беа заедно, тие се здоговорија. Сега му стана јасно и која била онаа женска. Возбудата го обзеде уште посилно. Па тоа не е само Влада, тука се и останатите другари! Тие не го заборавиле! Тие мислат на него! Тие се со него! Другари! Голем и дивен збор, голема и возвишена смисла на неговата борба! Тие се со него, тој не е, тој не смее, да се сеќава сам!

Јово трепереше од радост. Како тоа беше дивно! Во тој момент, како тоа беше дивно!

Беше радост, голема радост...


Поврзано


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 50 години.