Прејди на содржината

Коста Солев Рацин/ Блазирани глупости за насмевката на Мона Лиза

Од Wikisource

„Блазирани глупости за насмевката на Мона Лиза“

од Коста Солев Рацин
Објавена е во 1939 на српскохрватски, а преведена на македонски од Тодор Димитровски.
Некојси М. Рашиќ напишал книшка за тоа што треба да знаеме за синдикалното движење. На страница 34-35 од книшката тој се осврнал и на прашањето за односот на работништвото спрема досегашната култура:

„Работникот не ја сака капиталистичката уметност, зашто во неа не се наоѓа себеси... Работничката книжевност и уметност не ги интересира блазираната насмевка на Мона Лиза, болната фантазија на Хамлета и циркузијадата на средновековните рицари... Работникот ја сака тажната песна и лелекот на денешнината, зашто во тоа наоѓа оправдание (!) и страсност за живот и борба“... (М. Р. „Шта треба да знамо о радн. организацијама“)

Ова мислење, се разбира, нема никаква врска ни со работничките организации, ни со новата култура. Оваа малограѓанска подивеност, што се покрива со превезот на „работничкото гледање“, се поклопува со анахронизмот и подивеноста на интелигенцијата од најдекадентните редови на граѓанството (дадаистите и` цртаа мустаци на Мона Лиза!). Но, тоа е и сосема разбирливо: анархизмот не е ништо друго освен наопаку свртена буржоазност!

А навистина работничкото, и навистина културно гледање на односот на старата и новата култура изгледа вака:

„Без јасно сфаќање дека новата култура може да биде создадена единствено преку познавањето на културата создадена низ целиот развиток на човештвото и преку преработката на таа култура – без такво јасно сфаќање ние нема да ја решиме таа задача. Новата култура не се јавува искокнувајќи којзнае од каде, не се јавува со измислувањето од луѓе што се сметаа себеси за специјалисти за нова култура. Тоа е сè полна бесмислица! Новата култура треба да се јави со природниот развиток на оние резерви од знаења што ги создало човештвото досега... Потребно е да се преземе сета култура што е создадена досега, и од неа да се изгради нова“.

Што би рекол М. Рашиќ ако би сме му кажале дека еден голем познавач на работничките прашања и во прогонство не би одел без Гетевиот „Фауст“? Што би рекол ако би сме му кажале дека истиот тој велик човек плачел гледајќи ја драмата „Госпоѓата со камелии“, и дека се воодушевувал од Бетовеновата музика, зборувајќи: Кога го слушам тоа, горд сум на човекот што под најлоши услови за живот создал вака величествени творби! Што би рекол М. Рашиќ ако му кажеме дека „Хамлет“ е една од најчитаните и најљубими работнички книги во работничката земја.

Мисли ли Рашиќ дека великите реалистички уметнички дела на минатото немаат што да му кажат на работништвото, дека ништо не му зборуваат за човештвото што живеело, што живее, што се развива по законите по кои се развивало и во минатото, продолжувајќи ги борбите и патиштата на минатото, - и тие закони, тие борби, тие патишта, оптимизмот на борбата, оптимизмот на животот – зарем сето тоа не им е оставено на новите сили токму во уметноста? И зарем тие нови сили не се денеска единствени чувари на сите уметнички вредности, на сите тие човечки светињи, што ги оставило минатото, и кои се денеска така морничаво загрозени, загрозени од срамота и оган?

М. Рашиќ нема никакво право еден вака нечовечки, неработнички однос спрема културата да му го препишува на работништвото. Ако навистина го сака работништвото, нека го поштеди од своето мислење за работничката уметност. И својата плачевност и своите лелеци нека не му ги припишува на работништвото, зашто работништвото го движат напред велики, човечки, хуманистички идеали.

М. Рашиќ има уште еден сомисленик. Тоа е Р. В. Сандиќ. Тој млад човек ја отфрла целата досегашна лирика и тврди дека нова лирика ќе создаделе „само луѓе од работничката средина“ и дека таа „лирика е на показ“. Зарем ова не личи на оваа култура што треба да се роди – „незнајно од каде“? Зарем ова не личи на оние стари, одамна, одамна погребани идеи на пролеткултот, што поникнаа од редовите на руските махисти и ревизионисти? Жал ни е, но на младиот Сандиќ мораме да му кажеме дека луѓето се со подруго мислење од него: велат дека самото работништво, уморено и органичувано од работата, дури ни во новите услови на животот, не може да создаде нова култура, не може да создаде без помошта на интелектуалци, специјалисти.

Од ваквото Сандиќево сфаќање на културата е логичен патот до афирмацијата на декадентната подивеност и антикултурност на извесниот господин Нахмијас, творецот на срамната „Југословенска антилирика“. И Сандиќ, за жалост, и го поминал тој пат. За таа срамна книшка рече (во „Радничке новине“, бр. 7) дека е „потреба на сегашнината“. Повторуваме: некултурната малограѓанска подивеност во работничките редови само е друго лице на декадентната анархичност и подивеност.


Поврзано


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 50 години.