Книга на израелеви судии/ 13 глава
12 глава | Книга на израелевите судии 13 глава од н.п. |
14 глава |
1 Израелевите синови продолжија да прават зло пред Господовите очи, и Господ ги предаде во рацете на Филистејците за четириесет години.
2 А беше некој човек од Сараја, од Дановото племе, по име Маној. Жена му беше неротка и немаше деца.
3 На таа жена и се јави Господов Ангел и и рече: „Ти си неплодна и немаш раѓано.
4 Но отсега внимавај: да не пиеш ни вино ни жестоки пијалаци, и да не јадеш ништо нечисто.
5 Зашто, ќе заносиш, еве, и ќе родиш син. И брич нека не помине преку неговата глава, зашто детето, од мајчината утроба, ќе Му биде посветено на Бога - ќе биде Божји Назиреј, и тој ќе почне да го избавува Израел од рацете на Филистејците.”
6 Жената отиде и му кажа на мажот: „Божји човек дојде кај мене, лицето му беше како на Божји Ангел, полно со достоинство. Не го прашав откаде дојде, ниту тој ми го кажа своето име.
7 Но ми рече: ‘Ти ќе зачнеш и ќе родиш син. Отсега не пиј вино ни жестоки пијалаци, и не јади ништо нечисто, зашто твоето дете ќе биде Божји Назиреј од мајчината утроба до смртта.’”
8 Тогаш Маној Му се помоли на Господа и рече: „Господи, Те молам, Божјиот човек, што еднаш го испрати, нека дојде уште еднаш кај нас и нека нè поучи што треба да правиме со детето кога ќе се роди!”
9 Господ го послуша Маноја, и Господовиот Ангел дојде пак кај жената додека седеше во полето. Маној, нејзиниот маж, не беше покрај неа.
10 Жената отрча брзо за да го извести мажот и му рече: „Ете, ми се јави човекот, кој дојде кај мене во оној ден.”
11 Маној стана, тргна по жената, и кога дојде при човекот, го праша: „Дали си ти оној, кој зборуваше со женава?” А тој одговори: „Јас сум.”
12 ”Кога ќе се исполни она што си го рекол - пак рече Маној - според кои прописи и како треба да се постапува со детето?”
13 Господовиот Ангел му одговори на Маноја: „Жената нека се чува од сè што и забранив.
14 Нека не ужива ништо што доаѓа од виновата лоза, нека не пие ни вино ни жестоки пијалаци, нека не јаде ништо нечисто, и нека пази сè што и заповедав.”
15 Тогаш Маној му рече на Господовиот Ангел: „Со задоволство ќе те задржиме и ќе те нагостиме со јаре.”
16 На тоа Господовиот Ангел му рече на Маноја: „ И да ме задржиш, јас не ќе јадам од твоето јадење, туку ако сакаш да жртвуваш паленица, принеси Му ја на Господа.” Маној не знаејќи дека тоа е Господов Ангел,
17 и му рече на Господовиот Ангел: „Како ти е името, за да можеме да те почестиме кога ќе се исполни она што го рече.”
18 Господовиот Ангел му одговори: „Зошто прашуваш за моето име? Тоа е таинствено.”
19 Тогаш Маној зеде јаре и лебен принос па Му ги жртвува, врз камен, како паленица на Господа, Кој прави таинствени работи.
20 Кога пламенот од жртвеникот почна да се вишка кон небото, Господовиот Ангел се дигна во пламенот. Кога Маној и неговата жена го видоа тоа, паднаа со лицето на земја.
21 Господовиот Ангел не им се јави веќе на Маној и на неговата жена. Тогаш Маној сфати дека тоа е Господов Ангел.
22 ”Без друго ќе умреме - и рече на жената - зашто Го видовме Бога.”
23 ”Ако Господ сакаше да нè умртви, - му одговори жената - не ќе ги примеше паленицата и лебниот принос од нашата рака, не ќе ни го покажеше сè тоа ниту ќе нè оставеше да чуеме нешто такво.”
24 Жената роди син и му го даде името: Самсон. Детето порасте, и Господ го благослови.
25 И Господовиот Дух почна да дејствува во него во Дановиот логор, меѓу Сараја и Естаол.
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse