Книга на Исус Невин/ 23 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

22 глава Книга на Исус Невин
23 глава
од н.п.
24 глава


 1 Поминаа многу денови откако Господ му даде на Израел да се одмори од сите непријатели наоколу. И Исус беше остарел, навлегол во години.
  2 Затоа Исус ги повика сите Израелци, старешините, главатарите, судиите и управителите нивни, и им рече: „Остарев и напреднав во годините.
  3 Вие бевте сведоци на сè што Господ, вашиот Бог, пред ваши очи, им направи на сите народи заради вас: Господ, вашиот Бог, се бореше за вас.
  4 Видете, ви ги разделив вам со жрепка во наследство на вашите племиња сите народи што останаа, и сите оние народи што ги истребив од Јордан до Големото Море на запад.
  5 Господ, вашиот Бог, сам ќе ги гони пред вас и ќе ги истера од пред вас, и ќе ја завладеете нивната земја, како што ви вети Господ, вашиот Бог.
  6 И така, бидете постојани и сè поцврсти во тоа да го пазите и вршите сè тоа што е напишано во Книгата на Мојсеевиот Закон, и да не отстапете од тоа ни десно ни лево.
  7 Не мешајте се со тие народи кои останаа меѓу вас; и не спомнувајте ги имињата на нивните богови ниту се колните во нив; не служете им и не клањајте им се.
  8 Туку држете се до Господа, својот Бог, како што правевте до денес.
  9 Господ, изгони од пред вас големи и силни народи, и никој до денес не можеше да устои пред вас.
10 Еден од вас тераше пред себе илјада зашто Господ, вашиот Бог, се бореше за вас, како што ви вети.
11 Внимателно пазете да го љубите Господа, вашиот Бог, зашто се работи за вашиот живот.
12 Зашто ако се одметнете и се долепите до остатокот на оние народи, кои останаа меѓу вас, и ако се поврзете со нив и се измешате со нив и тие со вас,
13 знајте добро дека Господ, вашиот Бог, ќе прекрати да ги гони тие народи од пред вас; тие ќе ви станат стапица и мрежа, ќе им бидат бич на вашите слабини и трње во вашите очи, сè додека не се иселите од оваа добра земја што ви ја дава Господ, вашиот Бог.
14 Еве, јас тргнувам денес на пат каде одат сите на земјата. Знајте и признајте со сето свое срце и со сета своја душа: ниедно од овие ветувања, кои ви ги даде Господ, вашиот Бог, нема да остане неисполнето.
15 И како што ви се исполнило секое ветување, што ви го даде Господ, вашиот Бог, така Господ, ќе ја исполни секоја закана додека не ве избрише од лицето на оваа добра земја, која ви ја даде Господ, вашиот Бог.
16 Ако го прекршите сојузот што Господ, вашиот Бог, го склучи со вас; ако им служите на други богови и им се клањате, ќе избувне Господовиот гнев против вас, и скоро ќе ве снема од добрата земја, која ви ја даде Господ.”

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.