Прејди на содржината

Книга на Исус Невин/ 24 глава

Од Wikisource

23 глава Книга на Исус Невин
24 глава
од н.п.
нема
врати се кон Стариот Завет


  1 Потоа Исус ги собра сите Израелеви племиња во Сихем; и ги свика Израелевите старешини, главатарите, судиите и управителите нивни, и тие застанаа пред Господа.
  2 Тогаш Исус му рече на целиот народ: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Некогаш вашите татковци, Тара, Аврамовиот и Нахоровиот татко, живееја од онаа страна на Реката и им служеа на другите богови.
  3 Но Јас го зедов вашиот татко Авраам од онаа страна на Реката и го поминав низ сета Ханаанска Земја, му го намножив потомството и му го дадов Исака.
  4 На Исака му ги дадов Јакова и Исава. На Исава му ја дадов гората Сир во сопственост. Јаков и неговите синови отидоа во Египет.
  5 Тогаш ги испратив Мојсеја и Арона и го удрив Египет со казните што ги направив во него, и тогаш ве изведов.
  6 Ги изведов вашите татковци од Египет, и стигнаа на море; Египетците ги гонеа вашите татковци со бојни коли со коњаници сè до Црвеното Море.
  7 Тогаш извикаа кон Господа, и тој развлече густа магла меѓу нив и Египетците и ги воведе во морето, што ги прекри. Видовте со своите очи што им сторив на Египетците; потоа останавте долго време во пустината.
  8 После ве воведов во земјата на Аморејците, кои живеат отаде Јордан. Завојуваа со вас и Јас ги предадов во вашите раце; ја зедовте во наследство нивната земја, зашто Јас ги уништив од пред вас.
  9 Тогаш се крена Моавскиот цар Валак, синот Сефоров, за да војува со Израел, и тој го повика Валаама, синот Веоров за да ве проколне.
10 Но Јас не бев волен да го послушам Валаама, и тој ве благослови, и ве спасив од неговата рака.
11 Тогаш поминавте преку Јордан и дојдовте во Ерихон, главатарите на Ерихон поведоа војна против вас - како и Аморејците, Ферезејците, Ханаанците, Хетејците, Гергесејците, Евејците и Евусејците - но Јас ги предадов во вашите раце.
12 Јас испратив пред вас стршели, кои тераа пред вас два аморејски цареви: нема што да им благодариш на својот меч ни на својот лак.
13 Ви дадов земја, за која не се трудевте, и градови, кои не ги градевте, и се населивте во нив; ви дадов и лозја и маслинови градини, што не ги садевте, а денес ве хранат.’
14 И затоа сега бојте се од Господа и служете Му совршено и верно! Одстранете ги боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката и во Египет, и служете Му на Господа!
15 Меѓутоа, ако вам не ви е угодно да Му служите на Господа, тогаш денес изберете кому ќе му служите: можеби на боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците во чија земја сега престојувате. Јас и мојот дом ќе Му служиме на Господа.”
16 Народот одговри: „Далеку нека е од нас да го оставиме Господа а да им служиме на други богови.
17 Господ, нашиот Бог, нè изведе нас и нашите татковци од Египет, од домот на робувањето, и Тој направи пред наши очи големи чудеса и нè чуваше по целиот пат по кој одевме и меѓу сите народи низ кои поминувавме.
18 Уште повеќе: Господ ги изгони пред нас сите народи, и Аморејците, кои живееја во оваа земја. И ние ќе Му служиме на Господа, зашто е Тој наш Бог.”
19 Тогаш Исус му рече на народот: „Вие не можете да Му служите на Господа, зашто Тој е свет Бог, ревнив Бог, Кој не може да ги поднесе вашите престапи ни вашите гревови.
20 Ако Го оставите Господа за да им служите на туѓите богови, ќе се сврти против вас и ќе ве уништи, откако ви правеше добро.”
21 А народот му одговори на Исуса: „Не, ние ќе Му служиме на Господа!”
22 На тоа Исус му рече на народот: „Сами сте сведоци против себе, дека Го избравте Господа за да Му служите.” Му одговорија: „Сведоци сме.”
23 ”И така, мавнете ги сега туѓите богови што се меѓу вас, и приклонете ги своите срца кон Господа, Израелевиот Бог.”
24 Народот му одговори на Исуса: „Ќе Му служиме на Господа, својот Бог, и ќе го слушаме Неговиот глас.”
25 Така во тој ден Исус склучи Сојуз со народот и му ги утврди Одредбата и Законот. Тоа беше во Сихем.
26 Исус ги запиша тие зборови во Книгата на Божјиот закон. Потоа зеде голем камен и го положи таму под дабот, што беше покрај Господовото светилиште.
27 Потоа Исус му рече на сиот народ: „Ете, овој камен нека ви биде сведок, зашто ги чу зборовите што ги зборуваше Господ; тој ќе биде сведок за да не Му затаите на својот Бог.”
28 Тогаш Исус го отпушти народот, секого во неговото наследство.
29 По овие настани почина Исус, Навиновиот син, Господов слуга, на возраст од сто и десет години.
30 Го погребаа во крајот што го наследи во Тамнат-Сарах, во Ефремовата Гора, северно од гората Гаш.
31 Израел му служеше на Господа во текот на целиот век на Исуса и во текот на целиот век на старешините, кои го надживееја Исуса и кои ги видоа сите дела што ги направи Господ за Израел.
32 Јосифовите коски, што Израелевите синови ги донесоа со себе од Египет, ги закопаа во Сихем, во земјиштето што Јаков го имаше купено од синовите на Емор, Сихемовиот татко, за сто сребреници и што им припаднаа во наследство на Јосифовите синови.
33 Умре и Елеазар, синот Аронов, и го погребаа во Гибеа, што му припаѓаше на неговиот син Финес, а се наоѓаше во Ефремовата Гора.

Поврзано

[уреди]

Надворешни врски

[уреди]

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse