Иван Хаџи Николов за основање на револуционерна организација – 1892 г.*
Иван Хаџи Николов за основање на Македонската револуционерна организација од Иван Хаџи Николов |
Во јули 1892 година дојдов во Софија за да побарам преку Коста Шахов, кој издаваше македонски весник, едно авторитетно лице, Македонец, кој ќе дојде во Солун и ќе застане на чело на револуционерната организација за ослободување на Македонија.
Откако ме ислуша, К. Шахов ми рече: разбрав што сакаш, но не можеш да го најдеш тука бараното лице. Тука сите се шмеќари, само зборуваат, а кога ќе дојде за работа, ги нема. Тука има само едно лице со кое можеш сериозно да зборуваш по македонското прашање. Тоа е јункерот Гоце Делчев. Се согласивме со Коста Шахов да му соопшти на Гоце дека сакам да се видам со него и в недела во два часот попладне да се сретнеме кај Шахов. Во определеното време јас отидов во печатницата на Коста Шахов и таму ги затеков двајцата. За да разговараме послободно, предложив да отидам во Борисовата градина и таму, во некој оддалечен крај, да разговараме.
1. Организацијата да се основе во Македонија, а не во Софија, бидејќи основана во Софија и раководена од Софија, Србите и Грците ќе ја третираат како измислица на бугарската влада, ќе основаат и тие такви организации и од нашата организација нема да излезе ништо. При тоа таа треба да биде тајна. 2. Основачите да се Македонци, чесни, да имаат добро име и да живеат во Македонија, за да бидат постојано во контакт со населението во Македонија, да бидат и тие изложени на истата опасност на каква што ќе бидат изложени нивните следбеници, преку кое полесно ќе ја спечалат и довербата на населението. 3. Паролата треба да биде автономијата на Македонија. Нашето барање треба да се потпира врз член 23 од Берлинскиот договор, за да се надеваме на успех. Да постигнеме автономија на Македонија, значи да ја откинеме не само од Турците туку и од Србите и Грците. Оцртани еднаш границите на автономна Македонија, Србите и Грците не ќе можат да бараат делови од неа, додека ако посакаме присоединување на Македонија кон Бугарија, Србите и Грците ќе посакаат и тие делови од неа. Нашата задача треба да биде да ја спасиме Македонија цела, а тоа може да стане преку автономна Македонија. 4. Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, зада не и’ влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади.
|
Извор
[уреди]Гоцев лист /1 (1933), 8; Гане Тодоровски, Формирањето на ВМРО според ракописните мемоари на Иван Хаџи Николов. Разгледи /10 (1969), стр. 1072-1074.