Прејди на содржината

Закон за верските заедници и религиозните групи

Од Wikisource
Закон за верските заедници и религиозните групи

од [[Влада на Република Македонија]]
закон на Република Македонија, Сл. Весник на Р.Македонија бр. 35/97 од 23.07.1997 година


I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1

Со овој закон се уредува положбата на верските заедници, основањето и работата на религиозните групи, верската поука и верските училишта, како облик на остварување на слободата на вероисповеста и на изразување на верата.

Член 2

Верските заедници, односно религиозните групи се слободни во вршењето на верските работи и верските обреди.

Член 3

Верски работи и верски обреди во Република Македонија може да врши само регистрирана верска заедница, односно религиозна група. Верските заедници и религиозните групи својата дејност ја вршат во согласност со Уставот, законите и другите прописи.

Член 4

Забрането е граѓанинот на било кој начин да се принудува или попречува да стане или да биде член на верска заедница или религиозна група. Забрането е граѓанинот да се принудува да учествува или да не учествува во верски обреди или други видови изразувања на верата. На граѓанинот не може да му бидат ускратени правата што ги има според Уставот и закон, поради верски определби, припаѓање на верска заедница или религиозна група, вршење, односно учество во вршење на верски обреди и други видови изразување на верата. Изразувањето на вероисповеста или припадноста на верска заедница, односно религиозна група не го ослободува граѓанинот од обврските што како граѓанин ги има според Уставот, законите и други прописи.

Член 5

Странски државјанин може, по барање на верска заедница, односно религиозна група, да извршува верски работи и верски обреди, по претходно одобрение на органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи.

Член 6

Верските собири, верските обреди, верскиот печат, верската поука, верските училишта и други видови изразување на верата не можат да се користат за политички цели, за поттикнување на верска, национална и друга нетрпеливост и за други дејства забранети со закон.

Член 7

Верските заедници и религиозните групи можат да основаат верски училишта во постапка и под услови утврдени со овој закон. Верските заедници, односно религиозните групи можат да основаат социјални и добротворни установи, во постапка и под услови уредени со закон.

II. ВЕРСКИ ЗАЕДНИЦИ И РЕЛИГИОЗНИ ГРУПИ
Член 8

Верската заедница според овој закон е доброволно организирана, непрофитна заедница на верници од иста вероисповест. За една вероисповест може да постои само една верска заедница.

Член 9

Религиозна група, според овој закон, е доброволно, непрофитно здружување на верници со исто верско убедување кои не припаѓаат на регистрирана верска заедница. Граѓаните можат слободно и јавно да основаат религиозни групи, во согласност со овој закон.

Член 10

Религиозна група со седиште во Република Македонија можат да основаат најмалку 50 полнолетни лица, државјани на Република Македонија, со постојано живеалиште во Република Македонија. Основачите на религиозната група одлука за основање и правила, односно друг акт со кој се уредува организацијата и работењето, донесуваат на собир на основачите.

Член 11

Основачите на религиозната група, определуваат лице (одговорно лице) кое до органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи ќе поднесе пријава во рок од 30 дена од денот на донесувањето на одлуката за основање. Пријавата од став 1 на овој член содржи: назив, податоци за основачите, седиште, предмет на дејствување, означување на просториите во кои се вршат верските работи и верските обреди и податоци за лицата одговорни за работата и за застапување и претставување на религиозната група. Кон пријавата се поднесуваат правилата, односно друг акт со кој се уредува организацијата и работењето, како и други податоци и документи со кои се докажува исполнувањето на условите за основање.

Член 12

Називот на религиозната група треба битно да се разликува од називите на веќе регистрираните верски заедници, односно религиозни групи. Називот треба да упатува на фактот дека е религиозна група и на видот на изразувањето на верата што преку неа се врши. Во називот на верската заедница, односно религиозната група не смеат да бидат содржани зборовите “Република Македонија”, називите на други држави, називи на државни или јавни органи и институции и други ознаки. Седиштето на верската заедница, односно религиозната група која врши верски работи и верски обреди на подрачјето на Република Македонија задолжително е во Република Македонија.

Член 13

Религиозната група за која е утврдено дека е основана во согласност со овој закон, се запишува во регистарот што се води кај органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи. Органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи пропишува поблиски прописи во врска со водењето и содржината на регистарот.

Член 14

Верските заедници и религиозните групи имаат својство на правни лица. Религиозната група својството на правно лице го стекнува од денот на уписот во регистарот од член 13 на овој закон. Верските заедници, односно религиозните групи можат да основаат социјални и добротворни установи во постапка утврдена со закон. Одлуките на органите на верските заедници, односно на религиозните групи немаат дејство надвор од нив. Исправите на органите на верските заедници, односно религиозните групи немаат својство на јавни исправи.

Член 15

Верските заедници, односно религиозните групи, во рамките на своето работење во согласност со овој закон, можат да ги користат средствата за јавно информирање, и да издаваат печатени работи. Работата и користењето на средствата за јавно информирање, издавањето на печатени работи од став 1 на овој член и публикување на реклами со верска содржина се врпи во согласност со закон.

Член 16

Верските заедници, односно религиозните групи можат да прибираат доброволни прилози за верски и хуманитарни цели. Прилозите можат да се прибираат во просториите и во местата во кои се вршат верските обреди и верските работи, а надвор од нив само со одобрение на надлежниот орган за внатрешни работи. Граѓанинот не смее да биде принудуван или спречуван да дава прилози за намените од став 1 на овој член. Верските заедници, односно религиозните групи не можат да утврдуваат обврски на верниците за давање прилози од став 1 на овој член.

Член 17

Верските службени лица и други лица што вршат верски обреди и верски работи можат од граѓаните да примаат надоместок, односно награда за верските работи и верските обреди што ги вршат по нивно барање, во согласност со прописите на верската заедница, односно религиозната група.

Член 18

Верски обреди и верски работи се вршат во цркви, џамии и други храмови, како и во дворови кои со нив претставуваат една целина, на гробишта и во други простории на верската заедница, односно религиозната група. Со вршењето на верските обреди и верските работи од став 1 на овој член не може да се повредува јавниот ред и мир, како и верските чувства и другите слободи и права на граѓаните кои не се припадници на верската заедница, односно религиозната група.

Член 19

Верски обреди и верски работи можат да се вршат и во други простории и места достапни на граѓаните, со одобрение од надлежниот орган за внатрешни работа, по претходно мислење од органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи. Барањето за добивање одобрение од став 1 на овој член организаторот на обредот го поднесува најмалку 15 дена пред денот на одржувањето на верскиот обред. Во барањето се наведува видот на обредот, кој го изведува, целта на обредот, како и времето и местото каде што истиот ќе се врши. Органот од став 1 на овој член го известува подносителот на барањето дали го одобрува или не го одобрува одржувањето на верскиот обред најдоцна ссдум дена пред денот на планираното одржување на верскиот обред. По исклучок од став 1 на овој член, традиционални верски обреди и верски работи (литии и слично) во други простории и места достапни до граѓаните се вршат со претходно известување на органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозниге групи.

Член 20

За верски обреди што во согласност со одредбите на овој закон се вршат по барање на граѓанин во неговото живеалиште (семејна слава, венчавање, крштевање, сунетисување, исповедување, благослов на куќа или друг имот и слично) не е потребно посебно одобрение. Верски обред (крштевање, сунетисување и слично) на малолетник може да се врши само со согласност од родителите, односно старателот а ако малолетникот е постар од десет години потребна е и негова согласност. За овие обреди задолжително се обезбедуваат нужни хигиенски, здравствени и други услови. Лицата кои се сместени во болници, домови за старци и слични институции можат да вршат изразување на својата вера и по сопствено барање да бидат посетувани од свештени лица заради вршење на верски обреди, во согласност со куќниот ред на институцијата во која се сместени.

Член 21

Во случај кога во согласност со закон се преземаат посебни мерки за заштита на здравјето на граѓаните, јавниот ред и мир, безбедноста и имот од поголем обем, надлежниот орган за внатрешни работи може да забрани одржување на верски собири и посети на верски манифестации за времето додека траат околностите поради кои наведените мерки се преземени.

Член 22

Верските заедници, односно религиозните групи можат, во согласност со закон, да имаат и да стекнуваат во сопственост недвижности и други средства потребни за вршење на нивната дејност. За изградба или стекнување на објект наменет за вршење на верски работи и верски обреди, покрај условите утврдени со закон, верската заедница, односно религиозната група е должна да обезбеди позитивно мислење од органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи.

Член 23

Лицата одговорни за работата и за застапувањето и претставувањето на религиозната група се должни да поднесат до органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи пријава за секоја статусна промена или престанок на религиозната група, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на одлуката за промена или престанок.

III. ВЕРСКА ПОУКА И ВЕРСКИ УЧИЛИШТА
Член 24

Верска поука може да се изведува само во јавни простории во кои се вршат верски обреди и верски работи. За посетување на верска поука од страна на малолетник потребна е согласност од родител, односно старател, како и негова согласност, ако е постар од десет години. Верска поука со ученици може да се изведува само во време кога учениците немаат настава во училиштата.

Член 25

Верските заедници и религиозните групи имаат право да основаат верски училишта во сите степени на образование, освен во основното образование, за школување на верски службеници, како и ученички домови за сместување на лицата кои се школуваат во тие установи. Верско училиште, односно ученички дом од став 1 на овој член може да се основа по претходно добиена согласност од органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи. Министерството за образование и физичка култура може да врши увид во наставните програми и нивното остварување во согласност со Уставот и закон, во смисла на член 6 од овој закон. Верската заедница, односно религиозна група е должна известувањето за основање верско училиште, со актот за целите и внатрешната организација на училиштето и наставен план и програма во согласност со одредбите на овој закон да го поднесе до органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи најмалку три месеци пред денот определен за почеток на неговото работење. Органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи е должен своето мислење да го достави до верската заедница, односно религиозната група во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на известувањето. До колку согласноста на органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи е негативно, верската заедница, односно религиозната група има право на приговор до Владата на Република Македонија, во рок од 15 дена од добивањето на согласноста. Верски училишта основани од верски заедници, односно од религиозни групи можат да посетуваат само лица со завршено задолжително основно образование или лица на кои во согласност со закон им престанала обврската за задолжително основно образование.

Член 26

Верските заедници, односно религиозните групи самостојно управуваат со верските училишта и ученичките домови што ги основале во согласност со овој закон. Наставните планови и програми во верските училишта не смеат да бидат во спротивност со Уставот и закон. Настава во верско училиште може да изведува само државјанин на Република Македонија. Странски државјанин може да изведува настава во верско училиште само повремено, со одобрение од органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи.

Член 27

Одговорното лице во верското училиште, односно ученичкиот дом е должно да му ги става на располагање на надлежниот орган од член 25 став 3 на овој закон сите податоци потребни за вршење увид во работењето на верското училиште, односно ученичкиот дом, како и во рок определен од тој орган да ги отстрани утврдените неправилности.

IV. КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ

Член 28 Со парична казна од 30.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок лице кое врши верски работи и верски обреди во спротивност со член 3 на овој закон.

Член 29

Со парична казна од 30.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок: - лице кое на било кој начин принудува граѓанин да стане член на верска заедница или религиозна група (член 4 став 1); - лице кое принудува граѓанин да учествува или да не учествува во верски обреди или други видови изразување на верата (член 4 став 2) и - странски државјанин кој врши верски работи и верски обреди или изведува настава во верско училиште без претходно одобрение од органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи (членови 5 и 26 став 4).

Член 30

Со парична казна од 30.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок: - лице кое принудува или спречува граѓанин да дава прилози наменети за верски и хуманитарни цели (член 16 став 2); - лице кое врши верски обред и верски работи надвор од просториите од член 18 став 1; - лице кое со вршењето на верски обреди или верски работи ги повредува јавниот ред и мир, како и верските чувства и другите слободи и права на граѓаните (член 18 став 2) и - лице кое врши верски обред без барање на граѓанин во неговото живеалиште, на малолетно без соодветна согласност и во болници, домови за старци и слични институции, спротивно на нивниот куќен ред (член 20 ставови 1, 2 и 3).

Член 31

Со парична казна од 30.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок: - лице кое изведува верска поука надвор од просториите во кои се вршат верски обреди и верски работи (член 24 став 1); - лице кое организира или изведува верска поука на малолетник без соодветна согласност (член 24 став 2) и - лице кое изведува верска поука со ученици во време кога учениците имаат настава во училиштата (член 24 став 3).

Член 32

Со парична казна од 50.000 до 100.000 денари ќе се казни за прекршок: - одговорното лице на религиозната група ако во пропишаниот рок не поднесе пријава до органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи (член 11 став 1); - одговорното лице во верската заедница, односно религиозната група кое работењето и користењето на средствата за информирање, издавањето печатени работи и публикувањето реклами со верска содржина, го врши спротивно на закон (член 15) и - одговорното лице во верската заедница, односно религиозната група кое прибира и користи доброволни прилози за други цели (член 16 став 1).

Член 33

Со парична казна од 50.000 до 100.000 денари ќе се казни за прекршок верската заедница, односно религиозната група ако: - утврдува обврска на верниците за давање прилози за верски и хуманитарни цели (член 16 став 3); - основа верско училиште за ученици во основното образование (член 25 став 1) и - основа верско училиште без позитивно мислење на органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозни групи (член 25 став 2). Член 34 Со парична казна од 50.000 до 100.000 денари ќе се казни за прекршок верско училиште ако: - наставата во верското училиште ја посетуваат лица без завршено основно образование (член 25 став 6); - ангажира или овозможи странски државјанин да изведува настава без одобрение од надлежниот орган (член 26 став 4) и - не му ги става на располагање на надлежниот орган податоците потребни за вршење надзор над работењето или не ги отстрани утврдените неправилности (член 27).

V. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 35

Органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи, во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе ги пренесе во својот регистар верските заедници и религиозните групи што се пријавени во Министерството за внатрешни работи до влегувањето во сила на овој закон. Постојните верски заедници и религиозните групи од став 1 на овој член, се должни да го усогласат своето работење со одредбите на овој закон во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила.

Член 36

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за правната положба на верските заедници (“Службен весник на СРМ” број 39/77). Член 37 Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.