Прејди на содржината

Естира (вики-превод)

Од Wikisource

Нехемија Естер
Библија (вики-превод)
од н.п.
Јов


Глава 1

[уреди]

Симнување од престолот на царицата Вашти.

[уреди]

1Беше тоа во времето на Ксерксес[1], оној Ксерксес што владееше од Индија, па сѐ до Куш[2], со сто дваесет и седум области[3]. 2Во тоа време царот Ксерксес владееше од својот царски престол во престолнината Суса[4]. 3Во третата[5] година на неговото владеење приреди гозба за сите негови благородници и службеници. Присутни беа воените старешини на Персија[6] и Медија[7], кнезовите и благородниците од сите области.

4Кога го покажа неизмерното богатство на своето царство, сјајот и славата на неговото величество, а тоа траеше многу денови, сто и осумдесет на број, 5и кога завршија овие денови, приреди царот седумдневна гозба во предворјето на градината на царската палата за сите луѓе што се затекнаа во градот Суса, од најголемиот па сѐ до најмалиот. 6Бели и сини ленени платна беа закачени со јажиња од бел и пурпурен лен, на алки од сребро и столбови од мермер. Златни и сребрени легла беа поставени врз подот поплочен со порфир, мермер, мајката на бисерот[8] и скапоцени камења. 7Се служеше вино во златни бокали, секој бокал различен од другите, царско вино изобилно, според дарежливоста на царот[9]. 8Пиењето беше без принуда, според наредбата на царот, зашто тој им беше наредил на сите кои служеа вино во неговиот дворец, на секој човек да му налеваат толку колку што тој сака.

9И царицата Вашти приреди гозба за жените во царскиот дворец на царот Ксерксес.

10На седмиот ден, кога царот добро се беше орасположил од виното, им нареди на Мехуман, Бизта, Харвона, Бигта, Авагта, Зетар и Каркас, седуммината евнуси кои служеа пред царот Ксерксес, 11да ја доведат царицата Вашти пред царот со царската круна на глава, за да им ја покаже на луѓето и благородниците нејзината убавина, зашто таа беше многу убава. 12Но царицата Вашти одби да дојде, како што ѝ беше наредено од царот, преку неговите слуги. Царот силно се разгневи и неговата лутина се разгоре во него.

13Тогаш им проговори царот на мудреците, луѓето кои ги разбираа времињата[10], зашто така правеше царот постојано и се советуваше со оние кои ги познаваа законите и правото. 14А до него беа: Каршена, Шетар, Адмата, Таршиш, Мерес, Марсена и Мемухан, седуммина благородници од Персија и Медија, луѓе кои имаа пристап до царот[11] и кои беа на највисоки места во царството.

15„Што според законот треба да ѝ сторам на царицата Вашти, зашто таа не се потчини на наредбата на царот Ксерксес, пренесена од евнусите?“

16Тогаш одговори Мемухан пред царот и пред благородниците: „Она што го направи царицата Вашти не е само против царот, туку и против сите благородници и против сите луѓе кои живеат во областите на царот Ксерксес, 17оти ќе се расчуе за таа постапка на царицата и сите жени ќе ги презираат своите мажи. Ќе велат: ’Царот Ксерксес наредил да ја доведат царицата Вашти пред него, но таа не дошла.' 18Уште денеска жените на благородниците на Персија и Медија кои слушнале за оваа постапка на царицата, истото ќе им го направат на своите мажи, па на непочитувањето и расправиите крај ќе им нема.

19Затоа, ако му е така угодно на царот, нека издаде неотповиклив[12] царски указ и нека биде запишано во законите на Персија и Медија, Вашти веќе никогаш да не смее да се појави во присуство на царот Ксерксес, а нејзиното царско место нека ѝ го додели царот на некоја друга жена, подобра од неа. 20Кога ќе се расчуе за указот на царот, кој ќе биде разгласен низ целото царство, кое ете е многу големо, сите жени ќе ги почитуваат своите мажи, од најголемиот па сѐ до најмалиот.“

21Им се допадна овој совет на царот и на благородниците, и царот постапи според препораката на Мемухан. 22Тогаш испрати царот проглас до сите царски области, до секоја област со нејзиното писмо и до секој народ на неговиот јазик, разгласувајќи[13] секому на неговиот сопствен говор дека секој маж треба да биде господар во својот дом.

Глава 2

[уреди]

Естер станува царица.

[уреди]

1После[14] овие настани, откако стивна гневот на царот Ксерксес, се сети на Вашти, на она што таа го стори и на она што беше наредено во врска со неа. 2Тогаш предложија придружниците на царот, оние кои го служеа: „Нека се побараат за царот убави млади девојки, девици. 3Нека назначи царот луѓе задолжени за таа работа во сите области на неговото царство и нека ги донесат сите убави млади девици во престолнината Суса, во харемот под управа на царскиот евнух Хегај, кој е задолжен за жените, и да им се даде сѐ што им треба за разубавување. 4Тогаш онаа девојка која ќе му се допадне на царот нека биде царица наместо Вашти.“ Му се допадна овој совет на царот и тој така и направи.

5А имаше во престолнината Суса еден човек, Евреин од племето Венијаминово, Мордахај[15] му беше името, син на Јаир, син на Шимеј, син на Киш. 6Тој беше одведен од Ерусалим заедно со заробениците кои беа одведени со Јехонија[16], царот на Јуда, а кои ги зароби вавилонскиот цар Невухаднессар. 7Тој ја беше посвоил Хадаса[17], а таа е Естер[18], ќерката на неговиот чичко, бидејќи таа немаше ни татко ни мајка. Девојката беше нежна и убава во ставата. Кога умреа татко ѝ, и мајка ѝ, ја посвои Мордахај и му стана ќерка.

8Кога се расчу наредбата на царот и неговиот указ, и кога беа доведени многу девојки во престолнината Суса под управа на Хегај, и Естер беше одведена во царскиот дворец под управа на Хегај, оној кој беше задолжен за жените. 9Му се допадна девојката и ја доби неговата наклоност, па веднаш ѝ даде сѐ што ѝ требаше за дотерување. Ѝ обезбеди посебна храна и седум слугинки избрани и доделени од царскиот дворец, па ја пресели неа и нејзините слугинки во најдобриот дел од харемот.

10Естер не откри од кој народ е и од кое семејство, зашто Мордахај ѝ беше заповедал да не открива. 11Секој ден Мордахај одеше близу до дворот на харемот, за да дознае како е Естер и што се случува со неа.

12Пред да дојде редот на една девојка да оди кај царот Ксерксес, требаше да помине дванаесет месеци во дотерување, како што беше пропишано за жените, шест месеци со миртово масло и шест месеци со мириси и женска козметика. 13Вака одеше девојката кај царот: Сѐ што сакаше од харемот ѝ се даваше за да го понесе со себе во царскиот дворец. 14Вечерта одеше, а наутро се враќаше во харемот, во друг дел под управа на царскиот евнух Шаашгаз, кој беше задолжен за наложниците. Не се враќаше повторно кај царот, освен ако царот не беше задоволен со неа и не ја повикаше по име.

15Кога дојде ред кај царот да оди Естер, ќерката на Авихаил, чичкото на Мордахај, која тој ја беше посвоил, таа не побара ништо друго, освен она што ѝ препорача царскиот евнух Хегај, оној што беше задолжен за жените, и Естер им се допадна на сите што ја видоа. 16Естер беше одведена кај царот Ксерксес, во неговиот царски дворец, во десеттиот месец, а тоа е месецот тевет, во седмата година од неговото владеење.

17Естер го привлече царот повеќе од која било друга жена, и се здоби со неговата наклоност, му прирасна за срце[19] повеќе од било која друга девица, па ѝ стави царска круна на главата и ја направи царица наместо Вашти. 18Приреди царот голема гозба за сите благородници и негови службеници, гозба во чест на Естер. Тој ден беше прогласен за празник[20] низ сите области и беа поделени дарови, според дарежливоста на царот[21].

Мордекај го открива заговорот.

[уреди]

19А кога по втор пат се собраа девиците, тогаш Мордахај седеше пред царската порта[22]. 20Естер не откри од кое семејство е и од кој народ, токму онака како што ѝ беше рекол Мордахај, и таа ги слушаше неговите упатства исто како и кога живееше кај него.

21Во текот на деновите кога Мордахај седеше пред царската порта, се налутија Бигтан и Тереш, двајца царски старешини, стражари пред влезот и направија заговор да дигнат рака[23] на Ксерксес. 22Но овој заговор беше откриен од Мордахај и тој ѝ кажа за тоа на царицата Естер, а царицата Естер му пренесе за тоа на царот од името на Мордахај. 23Тогаш ова беше испитано и се разоткри заговорот, па ѝ двајцата беа обесени на бесилка[24], а ова, во присуство на царот, беше запишано во летописите на тоа време.

Глава 3

[уреди]

Хаман сака да ги уништи Евреите.

[уреди]

1После овие настани, царот Ксерксес му направи чест на Хаман, син на Хамедата, Агагиец, и го воздигна. Му даде место[25] највисоко од сите благородници кои беа со него. 2Сите царски службеници кои беа крај царската порта клечеа на колена и му правеа чест на Хаман, зашто така беше заповедал за него царот. Но Мордахај не клечеше[26] и не му правеше чест.

3Тогаш царските службеници кои беа крај царската порта го прашаа Мордахај: „Зошто ти не се покоруваш на царската наредба?“ 4И откако така му зборуваа ден за ден, а тој не се расправаше со нив, му кажаа на Хаман да види до кога ќе се трпи таквото однесување на Мордахај, зашто тој им беше кажал дека е Евреин.

5Кога виде Хаман дека Мордахај не клечи на колена и не му прави чест, се исполни Хаман со бес. 6Малку му се виде да прати човек[27] за да го убие Мордахај, а му беа кажале од кој народ е Мордахај, затоа Хаман гледаше како да ги уништи сите Евреи, народот на Мордахај, во целото царство на Ксерксес.

7Во дванаесеттата[28] година на царот Ксерксес, во првиот месец, а тоа е месецот нисан, фрли тој пур, а тоа е жрепка. Фрлена беше жрепка во присуство на Хаман, за секој ден и за секој месец[29], сѐ до дванаесеттиот месец, а тоа е месецот адар.

8Тогаш Хаман му рече на царот Ксерксес: „Има еден народ[30], распрснат и расселен меѓу народите во сите области од вашето царство. Нивните обичаи се разликуваат од обичаите на сите други народи, на царските закони не се потчинуваат и на царот не му е од полза да ги трпи. 9Ако му е по волја на царот, нека нареди да бидат уништат. Десет илјади таланти[31] сребро приложив во царската ризница, ги предадов во рацете на оние кои треба да ја извршат оваа работа.“

10Го симна царот прстенот-печат од рака и му го даде на Хаман, синот на Хамедата, Агагиецот, непријателот на Евреите, 11и му рече царот на Хаман: „Парите задржи си ги, а со народот прави како што сметаш за исправно.“

12Тогаш, во тринаесеттиот ден од првиот месец, беа повикани царските записничари, и беше запишано сѐ што им нареди Хаман на царските сатрапи, на управниците над сите области, на благородниците од сите народи, за секоја област со нејзиното писмо, за секој народ на неговиот јазик. Во името на царот Ксерксес беше запишано и запечатено со царскиот прстен-печат. 13Испратија писма преку гласници до сите царски области да се уништи, да се убие и истреби секој Евреин од младо до старо, и дете и жена, за само еден ден, на тринаесеттиот[32] ден од дванаесеттиот месец, а тоа е месецот адар, и нивните имоти да се разграбаат. 14Препис од овој указ да се донесе како закон во сите области и да им се објави на сите народи, за да бидат подготвени за тој ден.

15Излегоа гласниците потерани од царската наредба и указот беше издаден во престолнината Суса. Царот и Хаман седнаа да пијат, а во престолнината Суса настана забуна.

Глава 4

[уреди]

Мордахај ја преколнува Естер за помош.

[уреди]

1Кога дозна Мордахај што сѐ се беше случило, ја раскина Мордахај облеката своја, стави врз себе вреќиште и пепел посипа, излезе среде градот и плачеше, липаше силно и горчливо. 2Тој стигна само до пред царската порта, зашто никој облечен во вреќиште не смееше да влезе во царската порта. 3Во секоја област, во секое место каде што царскиот указ беше донесен, жалост голема настана меѓу Евреите со пост и плак и лелек. Вреќишта ставија врз себе многумина и пепел посипаа.

4Кога дојдоа слугинките на Естер, и евнусите, и ѝ кажаа, царицата многу се натажи. Испрати облеки да му облечат на Мордахај и да го соблечат од него вреќиштето, но тој не прифати. 5Тогаш Естер го викна Хатах, еден од царските евнуси кој ѝ беше доделен, и му нареди да открие што станува со Мордахај и зошто така се однесува.

6Излезе Хатах и отиде кај Мордахај, на градскиот плоштад пред царската порта. 7Мордахај му раскажа за сѐ што се беше случило и му го кажа точниот[33] износ на пари кој му го ветил Хаман на царот за царската ризница, за да ги уништи Евреите. 8Му го даде и преписот од указот кој беше издаден во Суса, за нивно искоренување, за да ѝ го покаже на Естер и да ѝ објасни, да ѝ каже веднаш да оди кај царот и да моли за милост, да се заложи пред него за својот народ.

9Се врати Хатах, и ѝ ги пренесе на Естер зборовите на Мордахај. 10Тогаш Естер му кажа на Хатах што да му пренесе на Мордахај: 11„Сите службеници на царот, сите луѓе од царските области знаат дека ако било кој маж или жена пријде кај царот во внатрешниот двор, без да биде повикан, законот вели да биде убиен[34], освен ако царот не го допре со својот златен жезол, та да преживее. А јас не сум повикана да одам кај царот има веќе ете триесет дена.“

12Тогаш му ги пренесе на Мордахај зборовите на Естер. 13Одговори Мордахај, и ѝ возврати на Естер: „Немој да си мислиш во себе дека единствено ти, од сите Евреи, ќе се извлечеш само затоа што си во царскиот дом. 14Ако ти сега премолчиш, ако во ова време ништо не сториш, ќе се најде за Евреите спас и избавување од друго место. Но ти и семејството на твојот татко ќе изгинете. Кој знае, можеби токму за едно вакво време ти стана царица.“

15Тогаш одговори Естер и му испрати порака на Мордахај: 16„Оди, собери ги сите Евреи што се наоѓаат во Суса и постете за мене! Не јадете и не пијте три дена и три ноќи, а јас и моите слугинки исто така ќе постиме! Потоа јас ќе одам кај царот, иако тоа не е по законот, па ако погинам, нека погинам.“

17Излезе Мордахај и направи сѐ онака како што му беше кажала Естер.

Глава 5

[уреди]

Естер го моли царот.

[уреди]

1На третиот ден облече Естер царска облека и застана во внатрешниот двор на царскиот дворец, пред царскиот дом, а царот седеше на својот царски престол, во царскиот дом, токму наспроти влезот. 2Кога царот ја виде царицата Естер како стои во предворјето, му се допадна, па го зеде царот златниот жезол в рака, пријде кон Естер и ја допре со врвот на жезолот.

3Тогаш тој ја праша: „Што е царице Естер? Што бараш? И да е до половината царство - ќе ти биде дадено.“

4А Естер одговори: „Ако му е така угодно на царот, нека дојде денеска царот, заедно со Хаман, на гозбата што јас ја приредив за него.“

5Царот одговори: „Брзо доведете го Хаман, за да ја исполниме желбата на Естер!“ И така царот и Хаман отидоа на гозбата што ја приреди Естер. 6Пиејќи вино, царот ја праша Естер: „Кажи што бараш и ќе ти биде дадено? Каква е твојата молба? И да е до половината царство - ќе ти биде исполнето.“

7Тогаш одговори Естер и рече: „Мојето барање и молба е 8ако сум нашла милост во очите на царот и ако на царот му е угодно да ме награди и моето барање и молба да ги удоволи, да дојде царот со Хаман и утре на гозбата што ќе ја приредам за нив. Тогаш ќе одговорам на прашањето на царот.“

Бесот на Хаман против Мордахај.

[уреди]

9Излезе Хаман тој ден среќен и развеселен, но кога го виде Хаман Мордахај покрај царската порта, и тој не стана и не покажа страв од него, се исполни Хаман со бес против Мордахај. 10Се воздржа Хаман и си отиде дома. Ги викна кај себе своите пријатели и својата жена Зереш.

11Им се испофали Хаман за своето огромно богатство, за своите многу синови, и сета чест што му ја направи царот и како го воздигна над сите благородници и службеници царски. 12А исто така кажа: „Никој друг не повика царицата Естер на гозба со царот, туку само мене. И утре сум поканет од неа, заедно со царот. 13Но сето тоа не ме прави среќен, сѐ додека го гледам Евреинот Мордахај како седи пред царската порта.“

14Тогаш жена му Зереш и сите негови пријатели му рекоа: „Направи бесилки, педесет лакти високи[35], и утре побарај од царот да го обеси Мордахај на нив. Потоа оди со царот среќен на вечера.“ Ова му се допадна на Хаман и тој направи бесилки.

Глава 6

[уреди]

На Мордахај му се прави чест.

[уреди]

1Таа ноќ сонот му побегна на царот, па нареди да ја донесат книгата на летописите од тоа време и да му читаат од неа. 2И се најде запишано дека Мордахај ги раскринка Бигтана и Тереш, двајцата царски старешини и стражари пред портата, кои спремаа заговор да дигнат рака на Керксес.

3Тогаш царот праша: „Каква чест му беше направена на Мордахај и какво признание му беше дадено за ова?“, а луѓето околу царот, оние кои го служеа одговорија: „За него ништо не е сторено.“

4Царот рече: „Кој е во дворот?“, тогаш Хаман влезе во предворјето на царскиот дом, за да му зборува на царот да го обеси Мордахај на бесилките што ги подигна за него.

5Слугите на царот му оговорија: „Ете го Хаман стои во дворот.“ Царот нареди да влезе.

6Кога влезе Хаман, царот го праша: „Што да стори царот за човек од кого е задоволен, каква чест да му направи?“, а Хаман си помисли во себе: „На кого друг царот би му правел чест, освен мене?“ 7Па му одговори Хаман на царот: „На оној човек од кого царот е задоволен и сака да му направи чест, 8нека му донесат царска облека, онаа царот што ја носи, и коњот царот што го јава, оној што има царска грива на главата. 9Нека ја предаде облеката и коњот во рацете на еден од благородните царски кнезови, па нека го облече човекот со кого царот е задоволен и сака да му направи чест. Потоа нека го води качен на коњ низ улиците на градот и нека разгласува пред него: ’Вака му се прави на човек со кого царот е задоволен и сака да му направи чест.'“

10А царот му нареди на Хаман: „Брзо оди, земи ја облеката и коњот, како што ми советуваше и сето ова направи му го на Евреинот Мордахај, оној што седи пред царската порта. Ништо да не заборавиш од сето ова што ми го препорача.“

11И така, ја зеде Хаман облеката и коњот, го облече Мордахај, го качи на коњот и го водеше по улиците, викајќи пред него: „Вака му се прави на човек со кого царот е задоволен и сака да му направи чест.“

12Потоа Мордахај се врати кај царската порта, а Хаман оттрча дома натажен и со покриена глава, 13и им рече Хаман на својата жена Зереш и на сите негови пријатели што му се беше случило. Неговите советници и неговата жена Зереш му одговорија: „Штом Мордахај, оној пред кого си почнал да паѓаш, е потомок на Евреите, нема да можеш да истраеш против него. Ќе бидеш уништен, сигурно ќе бидеш уништен пред него.“ 14Додека сѐ уште зборуваа со него, царските евнуси пристигнаа и побрзаа да го одведат Хаман на гозбата што ја приредуваше Естер.

Глава 7

[уреди]

Обесувањето на Хаман.

[уреди]

1Отидоа царот и Хаман да се гостат со царицата Естер. 2На вториот ден, пиејќи вино, царот повторно ја праша Естер: „Кажи што бараш царице Естер и ќе ти биде дадено? Кажи ја твојата молба и ако е и до половината царство - ќе ти биде исполнето?“

3Тогаш одговори царицата Естер и рече: „Ако сум нашла милост во твоите очи царе, и ако на царот така му е угодно, подари ми го мојот живот, тоа ми е барањето и поштеди го мојот народ, тоа ми е молбата. 4Продадени сме, јас и мојот народ, за да нѐ уништат, да нѐ исколат и да нѐ истребат. Ако како робови и робинки бевме продадени, јас ќе си молчев, зашто не вреди за такво нешто царот да се вознемирува.“

5Тогаш праша царот Ксерксес, и ѝ рече на царицата Естер: „Кој е тој, каде е тој чие срце можело да направи такво нешто?“

6А Естер рече: „Човекот кој е наш противник и непријател е овој злобен Хаман.“ Тогаш Хаман се стресе од страв пред царот и пред царицата. 7Царот стана бесно од пиењето вино и отиде во градината на дворецот, а Хаман остана да ја моли царицата Естер за својот живот, сфаќајќи дека царот веќе му ја беше решил судбината.

8Кога царот се врати од градината на дворецот во просторијата за гозби, каде што пиеше вино, Хаман падна врз леглото каде што лежеше Естер, а царот извика: „Зарем и на царицата ќе ѝ досадуваш, додека сум јас присутен!?“ Само што зборот излета од устата на царот, на Хаман му го покрија лицето.

9Тогаш Харвона, еден од царските евнуси рече: „Видете, бесилките што ги направи Хаман за Мордахај, оној кој проговори и му помогна на царот, стојат пред домот на Хаман високи педесет лакти.“ А царот рече: „На нив обесете го!“

10Така Хаман го обесија на бесилките кои тој ги направи за Мордахај, а гневот на царот се смири.

Глава 8

[уреди]

Царскиот указ во корист на Евреите.

[уреди]

1Уште истиот ден царот Ксерксес ѝ го даде на царицата Естер целиот имот на Хаман, непријателот на Евреите, а Мордахај дојде пред царот, зашто Естер кажа што ѝ е тој. 2Го зеде царот прстенот-печат, што го беше одзел од Хаман и му го даде на Мордахај, а Естер го назначи Мордахај да раководи со имотот на Хаман.

3Естер повторно му се помоли на царот и падна пред неговите стапала. Плачеше и молеше да го сопре злото на Хаман Агагиецот и она што тој го кроеше против Евреите. 4Тогаш царот го протегна до Естер својот златен жезол, па се дигна Естер, застана пред царот

5и рече: „Ако му е на царот така угодно и ако јас сум нашла милост пред него, ако е ова исправно според царот и јас сум нашла наклоност во неговите очи, нека се напише наредба со која се поништуваат[36] писмата на Хаман, синот на Хамедата, Агагиецот, кои тој ги напиша за да се уништат Евреите кои живеат во сите области на царот. 6Зашто како можам јас да поднесам да го гледам тоа страшно зло што ќе падне на мојот народ, и како можам да поднесам да го гледам уништувањето на моето семејство.“

7Тогаш царот Ксерксес им одговори на царицата Естер и на Евреинот Мордахај: „Ете, имотот на Хаман ѝ го дадов на Естер, а него го обесија на бесилки, зашто тој дигна рака на Евреите. 8Сега вие напишете[37] во корист на Евреите сѐ што сметате за потребно, нека биде тоа од името на царот и запечатете го со царскиот печат, зашто она што ќе се напише во името на царот и ќе се запечати со царски печат, не може да биде отповикано.“

9И така, на дваесет и третиот ден од третиот месец[38], а тоа е месецот сиван, повикани беа царските записничари и беше запишано сѐ што Мордахај им нареди во врска со Евреите на сатрапите, на управителите и на благородниците во областите, од Индија па сѐ до Куш, сто дваесет и седум области, на секоја област со нејзиното писмо, на секој народ на неговиот јазик, и на Евреите со нивното писмо и на нивниот јазик. 10И беше запишано од името на царот Ксерксес и беше запечатено со царскиот прстен-печат, па испратија писма преку гласници, кои јаваат на брзи царски коњи, одгледани во коњушници.

11Тогаш царот им дозволи на Евреите во сите градови да се соберат и да се заштитат. Да ги убијат, уништат и истребат сите вооружени војски од народите и областите кои ќе ги нападнат нив, нивните деца и жени, а нивните имотите да ги ограбат, 12и тоа во ист ден во сите области на царот Ксерксес, во тринаесеттиот ден од дванаесеттиот месец[39], а тоа е месецот адар. 13Препис од овој указ да се донесе како закон во секоја област и да им се објави на сите народи, за да бидат подготвени Евреите за тој ден и да им се одмаздат на своите непријатели.

14Излегоа гласниците јавајќи на царските коњи, брзајќи потерани од царската наредба, а указот беше издаден во престолнината Суса.

15Мордахај си замина од кај царот во царска наметка, сина и бела, голема круна од злато и долга наметка од нежно ленено платно и пурпур, а градот Суса се радуваше и славеше. 16За Евреите настапи време на среќа и радост, задоволство и чест. 17Во секоја област, во секој град, во секое место каде што пристигнуваше царскиот указ, радост и задоволство се ширеше меѓу Евреите, славје и веселба. И многу луѓе од останатите народи станаа Евреи, затоа што ги беше фатил страв од Евреите.

Глава 9

[уреди]

Победа на Евреите.

[уреди]

1На тринаесеттиот ден од дванаесеттиот месец, а тоа е месецот адар, кога требаше царскиот указ и неговата наредба да бидат извршени, тогаш кога непријателите на Евреите се надеваа дека ќе ги надвијат, сега ова се сврте и Евреите дигнаа рака на оние што ги мразеа. 2Се собраа Евреите по градовите во сите области на царот Ксерксес за да тргнат против[40] оние кои го бараа нивното уништување. И ниту еден човек не можеше да им се спротивстави, зашто силен страв ги беше фатил сите народи од нив. 3Сите благородници во областите, сатрапите, управителите и оние што ги спроведуваа царските работи им помагаа на Евреите, зашто страв ги беше фатил од Мордахај, 4зашто истакнат беше Мордахај во царскиот дворец и угледот негов се прошири низ сите области, зашто човекот Мордахај стануваше сѐ посилен и посилен.

5И така Евреите ги поразија сите нивни непријатели, прободувајќи ги со меч, убивајќи ги и уништувајќи ги, а на оние што ги мразеа им направија сѐ што сакаа. 6Во престолнината Суса Евреите убија и уништија петстотини мажи. 7Исто и во Першандата, Делфон и Аспата, 8во Пората, Адалиа и Аридата, 9во Пармашта, Арисај, Аридај и Ваизата. 10Ги убија десетте синови на Хаман, синот на Хамедата и непријателот на Евреите, но на ограбено[41] рака не ставија.

11Истиот ден се изнесе пред царот бројот на погубените во престолнината Суса, 12па царот ѝ рече на царицата Естер: „Во престолнината Суса Евреите убија и уништија петстотини мажи и десетмината синови на Хаман. Што направија во останатите царски области? Кажи сега што бараш и ќе ти биде дадено. Кажи ја твојата молба и ќе ти биде исполнета.“

13А Естер одговори: „Ако му е по волја на царот, нека им биде даден на Евреите кои се во Суса и утрешниот ден за да го исполнат указот, а десетмината синови на Хаман нека ги обесат на бесилките.“

14И така царот нареди ова да се изврши, па беше издаден указ во Суса и десетмината синови на Хаман беа обесени. 15Се собраа сите Евреи кои беа во Суса на четиринаесеттиот ден од месецот адар и убија во Суса триста мажи, но на ограбено рака не ставија.

16А останатите Евреи кои беа во царските области се собраа за да се заштитат и да се ослободат од нивните непријатели, да ги убијат оние што ги мразат, седумдесет и пет илјади, но на ограбено рака не ставија. 17Бидна тоа на тринаесеттиот ден од месецот адар, а на четиринаесеттиот се одморија и го направија тој ден - ден за прослава и радост.

Прославување на Пурим.

[уреди]

18Но Евреите кои беа во Суса се собраа и на тринаесеттиот и на четиринаесеттиот ден, па се одморија на петнаесеттиот ден и него го направија ден за прослава и радост.

19Затоа Евреите селани, оние што живеат во неутврдени градови и селски области го слават[42] четиринаесеттиот ден од месецот адар, се радуваат и се веселат и тој ден им е за правење добри дела и давање подароци на своите пријатели.

20Ги запиша овие настани Мордахај и испрати писма до сите Евреи кои се во сите области на царот Ксерксес, блиски и далечни, 21за да им наложи секоја година да го слават четиринаесеттиот и петнаесеттиот ден од месецот адар. 22Зашто тие се деновите кога се ослободија Евреите од нивните непријатели, тоа е месецот кој се претвори од тага во радост, од жалост во славје. Нека пазат на тие денови на веселба и радост, да даваат подароци во храна еден на друг и дарови за сиромашните! 23Се согласија Евреите и почнаа да слават, како што им беше напишал Мордахај, 24оти Хаман, синот на Хамедата, Агагиецот и непријателот на сите Евреи спремаше завера против Евреите, за да ги уништи. Фрли пур, а тоа значи жрепка, за сосема да ги уништи. 25Но кога таа завера стаса пред царот, тој написмено нареди сето зло што тој го спремаше против Евреите да му се врати на глава, да го обесат и него и неговите синови на бесилки. 26Затоа овие денови се нарекуваат Пурим, од зборот пур. Затоа, заради сите зборови кои во ова писмо беа запишани, заради сѐ што видоа и што им се случи, 27го востановија Евреите и го прифатија, тие и нивните наследници и сите оние кои ќе им се приклучат. И не треба да го пропуштаат, туку да пазат на него, да го слават секоја година на овие два дена, како што им беше пропишано и востановено за нив тоа време. 28А овие денови треба да се памтат и да се пазат во секое поколение, во секое семејство, во секоја област и во секој град. Деновите на Пурим никогаш да не престанат меѓу Евреите, во нивното сеќавање, ниту да одумрат меѓу нивните наследници.

29Така напиша царицата Естер, ќерката на Авихаил и Евреинот Мордахај, со целата власт што ја имаше, за да се потврди ова второ писмо за Пурим. 30И испрати писма до сите Евреи во сто дваесет и седумте области на царството на Ксерксес, испрати зборови на добра волја и охрабрување, 31за да се востановат овие денови на Пурим, како што им беше одредено времето, токму онака како што пропиша за нив Евреинот Мордахај и царицата Естер, и токму онака како што си беа востановиле за себе и за своите наследници времиња за постење и жалост. 32Указот на Естер ги потврдува правилата за Пурим и влегува во записот.

Глава 10

[уреди]

Големината на Мордахај.

[уреди]

1И наложи царот Ксерксес данок за целото свое царство, сѐ до морските брегови. 2А сите дела на сила и моќ, заедно со големината на Мордахај, кого царот го воздигна, зарем не се запишани во книгата на летописите на царевите од Медија и Персија? 3Ете, Евреинот Мордахај стана втор до царот Ксерксес и возвеличен меѓу Евреите, ценет од многумината свои пријатели, оној што работи за доброто на својот народ и зборува во корист на сите свои роднини.

Забелешки

[уреди]
  1. Евр. Ахашверош. Ксерксес е транслитерација на персиското име Кшајаршан, која преку грчкиот јазик се одомаќила и кај нас. Инаку Ксерксес го наследил својот татко Дарие и владеел од 486 до 465 г. пр. Хр.
  2. Област во горниот тек на Нил.
  3. Според Херодот, Дарие го организирал своето царство на дваесет сатрапии, а областите биле помали административни единици и делови од секоја сатрапија. Над секоја сатрапија владеел сатрап (3:12, 8:9, 9:3).
  4. Престолнината Суса била утврден комплекс на дворци, јасно одвоен од околниот град (3:15; 4:1-2,6; 8:15)
  5. Во 483 и 482 г. пр. Хр. Составот на гостите и траењето на гозбата укажуваат дека овој собир веројатно бил свикан за да се приготви походот против Елинските полиси. Таков собир е опишан и од Херодот.
  6. Евр. Парас.
  7. Евр. Мадај.
  8. Некој вид скапоцен камен.
  9. Букв. според раката на царот.
  10. Астролози.
  11. Букв. кои го гледаа лицето на царот.
  12. Неотповикливоста на Персиските закони е спомната и во 8:8 и Да 6:8.
  13. Или: „секој маж треба да биде господар во својот дом и неговиот говор треба да се употребува во неговиот дом.“, веројатно мислејќи на етнички мешаните бракови.
  14. Естер била одведена кај царот во седмата година од неговото владеење, односно во декември 479 г. пр. Хр.
  15. Повеќето Евреи во Вавилон имале по две имиња, едно еврејско и едно паганско, така на пример Естер имала еврејско име Хадаса. Еврејското име на Мордахај не е запишано, а паганското име веројатно е изведено од името на вавилонскиот бог Мардук. Таблиците од Борсипа, близу до Вавилон, спомнуваат писател по име Мардукаја, кој бил сметководител или висок службеник во престолнината Суса во времето на царот Ксерксес.
  16. Јеконија, изведено од Евр. Јехоиахин 2 Цар 24:8-17, 2 Лет 36:9-10;
  17. Хадаса значи: од мирта.
  18. Естер е изведено или од персискиот збор за ѕвезда, или од името на вавилонската божица Иштар.
  19. Букв. му стана пријатна.
  20. Еврејскиот збор можеби подразбира ослободување од даноци, ослободување на робови, простување на долгови и ослободување од служење војска.
  21. Букв. според раката на царот.
  22. Кај старите градови, портите биле главни собиралишта и места за трговија.
  23. Букв. да испратат рака против Ксерксес.
  24. Обесени или набодени на колец.
  25. Букв. место за седење.
  26. Причината зошто Мордахај не клечел пред Хаман и не му оддавал чест не е вториот закон (2 Мој 20:4). Евреите им оддавале чест и клечеле пред цареви (1 Са 24:8, 2 Са 14:4, 1 Цар 1:16) и пред други личности (1 Мој 23:7, 33:3; 44:14). Едно објаснување е дека се работи за омразата која веќе долго време постоела меѓу Амалекијците и Евреите. Таа омраза почнува уште во времето на избавувањето од Египет (2 Мој. 17:8-16; 4 Мој. 25:17-19) и продолжува низ историјата на Израел (1 Са 15; 1 Лет 4:43 и Естер ). Хаман е наречен Агагиец, што се поврзува со амалекискиот цар Агаг (1 Са 15:20 ). Друго објаснување е дека Хаман бил разузнавач во корист на македонското царство, кое граничело со персиското. Мордахај знаел за тоа и барал повод да го раскринка. Тука зборот Агагиец се доведува во врска со старата македонска престолнина Ајга, попозната како Егеј.
  27. Букв. рака против Мордахај.
  28. Април или мај, 474 г. пр. Хр, во петтата година од царувањето на Естер.
  29. Според Септуагинтата: да го одберат денот и месецот. И жрепката падна на дванаесеттиот месец, а тоа е месецот адар.
  30. Името на народот намерно не е спомнато, бидејќи Евреите, иако имале посебни закони и обичаи, ги почитувале царските закони, и тоа на царот сигурно му било познато.
  31. Околу 375 тони.
  32. На седми март, 473 г. пр. Хр.
  33. Тоа што Мордекај знаел за точниот износ на пари покажува дека тој веројатно бил висок службеник на царот Ксерксес.
  34. За тој закон пишува и Херодот (3.118,140).
  35. Букв педесет кубити, околу дваесет и три метри.
  36. Указот на царот не можел да се отповика, но можело со нов указ на Евреите да им се обезбеди заштита.
  37. Без формално да се отповика претходниот указ, се издава нов со кој се поништува дејството на претходниот.
  38. На 25 јуни, 474 г. пр. Хр., два месеци и десет дена после донесувањето на Хамановиот указ.
  39. На 7 март 473 г. пр. Хр. Езра ќе ги поведе Евреите кон Ерусалим (Езр 7:9).
  40. и испратија рака.
  41. Саул скапо го чинело ограбувањето на Амелекијците, 500 години порано (1 Са 15:17-19).
  42. Денеска Пурим се слави на четиринаесетти насекаде меѓу Евреите, освен во Ерусалим, каде што се слави на петнаесеттиот ден од месецот адар.