Едгар Алан По/ Колосеум

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

„Колосеум“

од Едгар Алан По

На древен Рим ти симбол си! И живот најбогат
на размисли возвишени од Времето оставени
низ векови закопани во сјај и моќ!
Најодзади, по толку многу дни
на морно ходочастие и врела жед
(жед по врутоците на знаење во тебе што лежат)
пред тебе клекнувам, јас, човек изменет и скротен,
во твоите сенки клекнувам и така го пијам
во душата сè твое: велиние, мрак, слава.

Големина! И Време! И Спомени за Елда!
И мол! Осаменост! И мрачна Ноќ!
Сега те чувствувам - во сета твоја моќ -
О магии посилни од оние на царот јудејски,
со кои учеше во бавчите Гетсимански!
О милини помоќни од занесеноста на Халдеа,
што блика од молчаливите ѕвезди!

Тука, кај паднал херој, столб вишен паѓа!
Тука, кај орел лажен блескотел во злато,
црн лилјак в полноќ бдее како страж!
Тука, кај дамите на Рим, своите кадрици златни
ги вееле на ветрот, сега се вее троскот сув!
Тука, кај што на златен трон монархот дремел,
се лизга како призрак во својот дом на мрамор,
плиснат од сјајот блед на засрпениот месец,
се лизга брзиот и нем гуштер на камењата.

Но, стој! Ѕидовите - аркади покриени со бршлен -
овие плочки во мувла - овие тажни и неми копја -
овие нејасни первази - овој испокршен фриз =
овие венци оштетени - оваа руина - овој остаток -
овие камења - Ех! Овие камења сиви - зарем е тоа сè!
Пророчки гласови и бучни, се будат секогаш
од нас, од сите Руини, од нас мудрите,
како мелодијата на Мемнон за Сонцето.
Ние владееме со срцата на најсилните - владееме
со деспотската моќ над сите гигантски умови.
Немоќни не сме - ние камењата без боја.
Не ни одминала моќта - ни сета наша слава -
ни сета магија на нашето величие -
ни сиот восхит што нè опкружува -
ни сите тајни сокриени во нас -
ни сеќавањата што не покриваат
и не обвиваат во облека поголема од слава.


Поврзано[уреди]


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.