Едгар Алан По/ Јулалум

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

„Јулалум“

од Едгар Алан По

Сводот сив беше пеплосан, сколтен;
секој лист беше окапан, сув -
секој лист беше таговно сув:
беше ноќ на Листокапот вжолтен,
незаборавен, осамен, глув:
беше ноќ, сета в магли, крај Обер,
в маѓепсаната област на Вир,
в мочуришното езеро Обер
сред сенишните гори на Вир!

Таму еднаш, по врвици штури,
сред кипариси заскитан бев -
со Психеа, сам, чекорев
в срце дур ми вилнееја бури,
чунки порој низ забревтан рев,
чунки лавина в немирен гнев
во сумпорните струи на Јаник,
покрај Артик што слеваат бол
и што бучат под врвот на Јаник,
бучат накај Северниот Пол!

беше разговор грижовен, леден,
беа мислите в грч некој клет -
Беше споменот пресушен цвет -
Чунки не беше Листокап следен;
Ја заборавивме ноќта по ред,
(таа ноќ, ноќ над ноќите в свет!)
В ум ни штукна тој маѓепсан предел,
штукна Обер сред магли и лед,
штукна Вир, мочуришниот предел
кај што сеништа сноваат вред.

Веќе полноќта беше се скрила,
ѕвезден часовник в доцниот мрак
јави Утро и Ден светлозрак -
Тогаш раскошно, ко самовила,
сјајна, дворога, со играв лак,
в миг Астарта изгреа мила,
со рог двоен, со извиен лак,
полна елмазен блесок и свила,
јасна, дворога, со игрив лак.

Реков: „Потопла е од Дијана
и се носи в бескрајната шир,
како воздишка в темната шир.
Таа знае за мојата рана
што ми крвавее незапир!
Дојде како предвесница рана
од соѕвездјето Лав, Летен мир,
да нè води кон мрачниот вир.

Дојде светлина разиграна
да ни свети разискрена, сјајна.
Дојде до Лавовата јама, тајна,
да го буди небесниот мир“

Но, Психеа за часок ме сепна:
„Немам верба во ѕвездава, знај -
Поглеј, бледа е, не верувај:
Бегај побрзо одовде, шепна,
бегај далеку од овој крај!“
Така рече Психеа и трепна,
крила извалка в првата, се препна,
па влечејќи се жално, се препна,
жална, таговна, несреќна в тмај.

„Сон е сè“, реков, „Сон толку чуден:
Дај да врвиме ај, под месечев зрак!
Да се капеме ај, под тој кристален зрак!
Поглеј, блештат под сјај изумруден
Убост, Надеж, ко најнежен страк,
Сводот, глеј, пламна цел ноќва пак!
Повери му се нему ти, буден,
ќе не води ко небесен зрак,
оти сводот со светлост е скуден
а тој блешти во доцниов мрак“.

Па ја бакнав, ја смирив Психеа,
да не тажи ја викнав на друм -
Јас ја смирив со збор. Шепнешкум
ја доодевме сета алеа;
Туку в миг: пред нас гроб! Грда стреа!
Гроб, чиј натпис се впи в мојот ум.
„Што ли пише?“ - ја прашав јас неа.
Ми одговори веднаш Психеа:
„Тука почива в мир Јулалум! -
Твојот љубовен бол, Јулалум!“

Тогаш срцево пеплоса, сколте,
чунки лист некој окапан, сув, -
чунки лист некој окапан, сув -
Вивнав в плач: „Беше Листокап вжолтен,
незаборавен, осаменм глув,
кога патував ваму и чув
грозни крикови в таинствен мир -
в таа ноќ, в таа ноќ што ме клука.
Кој ли демон ме довлечка тука?
Сега спомнувам: магли крај Обер -
маѓепсаниот предел на Вир -
мочуришното езеро Обер
и сенишните гори на Вир.“

Тогаш двата си рековме: „Тука
горски сеништа сниват пак -
кутри, жаловни сеништа пак
кријат тајна погребана тука,
кријат нешто сред морничав мрак -
чунки извлекле в свет божилак
за да клука ко месечев зрак,
на порочнава земја да клука,
пекол душите да ни ги клука?“


Поврзано[уреди]


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.