Едгар Алан По/ Ѕвона

Од Wikisource

„Ѕвона“

од Едгар Алан По

I

Слушни санки, слушни ѕвон -
сребрен ѕвон!
Како слухот ни го сладат, како чувствата ги гладат!
Ѕвечат, фрчат, ѕвечно минат
среде студот ноќен вон!
Дури в ноќта јасна, сина,
рој од ѕвезди тоне в сон,
чиниш ечи стаклен ѕвон -
Ѕингар-ѕингар! Чин! Чин! Чин!
Руник реди ритам фин.
Ѕвонат ситно прапорчиња, ројат китно срмен сињак,
колку драг е овој ѕвон,
ѕвон! ѕвон! ѕвон!
Слатка ѕвека, кратка ека, ѕвечен ѕвон,

II

Слушни весел свадбен ѕвон -
слатен ѕвон!
Колку среќа ли ни ниду, колку нежности ли буди!
Преку ноќен опој благ
од сладости слага траг -
Преку звукот сиот злат,
в красен, јасен, гласен склад
колку чисто јути он,
јури како грлицата, дури в мракот крилца мавта
под месечев сребрен чолн!
Звучен ѕвон, ех широк ѕвон,
како блик на песна мека в мракот никна бесна река!
Како ли се лее он,
несопирлив, своден ѕвон,
иднината ли ја сони
напред занес што го гони
да се лула и да ѕвони -
Ех тој ѕвон
ѕвон! ѕвон! ѕвон! ѕвон!
ѕвон! ѕвон! ѕвон!
што се римува и лее, што се ритмува и сè е
ноќ и сон

III

Слушни гробно-кобен ѕвон-
бронзен ѕвон!
За тревога вреви, чука, та до бога крева бука!
Како звук на ужас сега, срцето го клука, стега!
Воздухот се тресе вон,
дречлив, ечлив, сечлив ѕвон!
Прокоб и ужас збрал,
низ ноќта се разлеал
како вик и како крик
на немоќен зловолник,
моли, вика да го трогне, милост, жал да има огнот,
тој луд, тој лут ужас поган, тој глув, бесен, страшен оган,
високо што рупа, скока
како очај мрачноока,
низ бессилен напор, докрај
да го стегне барем в миг
и месецот бледолик!

Еј тој ѕвон, тој бронзен ѕвон,
погибел ни вести он,
како татни, бучи, бие, како грми трешти, рие,
како ужас сиве вон,
во воздухот растреперен сипер чад и темна прав,
сипе страв!
Сепак воздухот, тој добро знае
и од ѕвекот
и од екот,
та опасноста ја следи како слабее и бледи,
како лета, како прета, како шета,
како чмае,
пред тој свиен, пред тој скриен, пред тој гневен, срдит ѕвон,
пред тој ѕвон.
ѕвон! ѕвон! ѕвон! ѕвон!
ѕвон! ѕвон! ѕвон!
таа бука ноќ што клука ко грд сон!

IV

Слушни железен ти ѕвон-
тежок ѕвон!
Спомнува за крај ли тој преку едноличен пој?
Во ноќниот мир и спокој
втренчил молкот будно око,
закатанчен, злости полн, заканува овој тон!
Звук низ уплав извалкал,
в за'рѓано грло збрал
само стон!

А народот коси кубе,
сосем сам под вишно кубе,
нè буди нас вловест ѕвон,
пригушен и монотон.
Врз градите тежи камен:
почивајте вечен сон!
Нема маж и нема жена,
жив створ, ѕверка исплашена,
(сеништа сал има...)

Кралот нивен дават тон,
бие, бие, бие ѕвон -

Победница песна ѕвони,
радост градите ги полни
таква песна дур се лее
и пак тој ѕвон игра, пее:
Ѕигар-ѕигар! Чин! Чин! Чин!
Руник реди ритам фин:
Бука, чукање на ѕвона -
овој стон и овој ѕвон,
погребален, жален ѕвон,
ѕингар-ѕингар! чин! чин! чин!
без да чека носи он,
Руник реди ритам фин
во заледен стон и ѕвон,
ѕвон! ѕвон! ѕвон! ѕвон!
ѕвон! ѕвон! ѕвон!
ѕвон што плаче, ѕвон што јачи, тежок ѕвон!


Поврзано[уреди]


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.