Гоце Делчев/ Писма/ Гоце Делчев до Еврем Каранов (17/10/1895)

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Писмо од Гоце Делчев до Еврем Каранов
17 октомври 1895 (с.с.)
од Гоце Делчев
29 октомври 1895 (н.с.)
Писмо од Гоце Делчев до Еврем Каранов, 17 октомври 1895 г.


Содржина на писмото[уреди]

Господине Каранов,

Пред неколку недели г. Чакаров се јавил со офицерска униформа (чин поручник) во Виница со намера да прогласи внатрешно востание! Благородна намера! Нема поспасоносен лек од оној со кој се зафатил Чакаров. Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Но кои се тие што ќе се кренат сега на востание? Г-н Чакаров ли? Ако востание може да се крене со 1-40 души, Македонија одамна ќе беше слободна државичка. Но бидејќи тоа е невозможно, а треба луѓе, тогаш што да прави? Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, којшто го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечка правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него, па тогаш, наместо г. Чакаров да бара 40 души, ќе го бараат него 400, за да застанат под неговото знаме. Ако не стане така и ако се прогласи востание, жално ќе биде за народот, а тешко и горко за виновникот. Жално е зашто залудно ќе се изгубат најмлади сили (едни по зандани, други по бесилки), ќе се остават невини Македонки на самоволието на скотските и жестоки страсти на дивјаците и најпосле ќе останат под јатаганот на Азиецот 5-годишни деца и 70-годишни старци и за сето тоа виновникот ќе биде одговорен и пред својата совест, и пред народот, и пред историјата.