Прејди на содржината

Второ писмо од апостол Павле до христијаните во Коринт (вики-превод)

Од Wikisource
Прво писмо од апостол Павле до христијаните во Коринт (вики-превод) Второ писмо од апостол Павле до христијаните во Коринт
Библија (вики-превод)
од н.п.
Писмо од апостол Павле до христијаните во Галатија (вики-превод)


Глава 1

[уреди]


Авторство и поздрави

[уреди]



1Од Павле, наименуван од Бог да Му биде апостол на Исус Христос,
и од нашиот драг брат Тимотеј,
до Божјата црква во градот Коринт и до сите христијани во цела Ахаја[1].

2Ви посакувам Бог, нашиот небесен Татко, и Господ Исус Христос да ви бидат благонаклонети и да ви дадат мир.

Утешителот Бог

[уреди]



3Благословен нека е Бог, Кој е и Татко на нашиот Господ Исус Христос, Татко на милосрдието и Бог од Кој ни доаѓа секоја утеха! 4Во секоја наша невола нѐ утешува, за да можеме и ние да ги утешуваме другите што се во некаква невола, со истата утеха со која Бог нас нѐ утешува. 5Колку повеќе страдаме за Христос, толку повеќе Бог ќе нѐ опсипе со утеха преку Христос. 6Кога ние страдаме, тоа е за ваше добро и за ваше спасение, зашто кога Бог ќе нѐ утеши нас, тоа и за вас ќе претставува охрабрување и така ќе бидете поподготвени трпеливо да поминете низ истите страдања низ кои ние сега минуваме. 7Имаме цврста верба во вас, иако знаеме дека сега минувате низ страдања низ кои и ние сме минувале, но ќе бидете утешени на истиот начин на кој и ние бевме утешени.

8Сметам, драги пријатели христијани, дека треба да знаете за страдањата низ кои ние поминавме во покраината Азија. Тие беа толку тешки и неподносливи, што загубивме секаква надеж дека ќе останеме живи. 9Помисливме дека ќе умреме и престанавме да се потпираме на сопствените сили. Му се препуштивме на Бог, Кој и мртви може да воскресне. 10Тој нѐ избави од сигурна смрт и пак ќе нѐ избавува. На Него се надеваме и знаеме дека ќе продолжи да нѐ избавува. 11Вие ни помагате со тоа што се молите за нас. Кога тие многубројни молитви ќе бидат одговорени и Бог ќе ни ја покаже својата дарежлива благонаклоност, многу луѓе ќе Му бидат благодарни.

Икреност и отвореност

[уреди]



12Ние можеме да бидеме горди на нашата чиста совест. Спрема сите луѓе, а посебно спрема вас, бевме отворени[2] и искрени, онака како што Бог нѐ учи. Не постапувавме онака како што телесен човек би сметал дека е мудро, туку нѐ водеше Бог, Кој ни беше благонаклонет. 13Моите писма се јасни. Нема ништо неразбирливо, или скриено меѓу редови. Се надевам дека еден ден сѐ ќе ви биде јасно, 14иако сега само делумно ви е јасно. Така, на денот кога нашиот Господ Исус ќе се врати, вие ќе се гордеете со нас, а ние со вас.

Причини за одлагање на посетата на Коринт

[уреди]



15Со таа увереност имав намера да дојдам прво кај вас, и дури двапати да ви бидам полезен: 16еднаш да ве посетам на одење накај Македонија, а потоа на враќање од Македонија повторно да свратам кај вас и оттаму вие да ме испратите за Јудеја.

17Се надевам дека нема да ме обвините оти не си стојам на зборот и дека се однесувам како световните луѓе кои кога велат да, всушност мислат не. 18Бог ми е сведок дека нашето „да“ не е двосмислено, па да значи и „не“, 19затоа што Божјиот Син, Исус Христос, за Кого ви проповедавме јас, Силван и Тимотеј, не зборуваше двосмислено, туку она што ќе го кажеше секогаш беше и остануваше така како што е кажано[3]. 20Сите Божји ветувања се исполнети во Него. Затоа кога на Бог Му оддаваме слава преку Исус велиме „Амин[4]“. 21Бог е Тој што и вам и нам ни дава сили да стоиме цврсто на страната на Христос. Тој нѐ одбра, 22го всели Својот печат врз нас и Го стави во нашите срца Својот Дух како потврда дека сме Негови.

23Бог ми е сведок дека причината за моето недоаѓање во Коринт беше со цел да ве поштедам од укорување. 24Ние не сме ви господари што ќе ви кажуваат како треба, а како не треба да верувате[5]. Сакаме само да соработуваме со вас, за да бидете исполнети со радост, зашто вие во верата сте непоколебливи.

Глава 2

[уреди]




1Решив да не ве нажалам со уште една болна посета. 2Ако јас вас ве натажам, кој мене ќе ме развесели? Зар тие кои штотуку сум ги натажил? 3Затоа така ви напишав во моето претходно писмо, та кога ќе дојдам да не ме нажалат оние кои одвај чекам да ме зарадуваат. Уверен сум дека знаете оти кога сте среќни вие, среќен сум и јас. 4Колку тешко ми беше да ви го напишам претходното писмо! Ви пишував длабоко нажален, со болка во срцето и со солзи во очите. Не сакав да ве повредам. Сакав само да сфатите колку е голема мојата љубов спрема вас.

Треба да му се прости на тој што згрешил

[уреди]



5Не претерувам ако речам дека човекот што ја направи целава оваа невола повеќе ве нажали сите вас, отколку мене. 6Но повеќето од вас се усогласивте по ова прашање и казната што му ја изрековте е доволна. 7Сега треба да му простите и да го утешите, за да не биде толку повреден што нема да биде во состојба духовно да се врати и да закрепне. 8Затоа, ве молам, покажете му на тој човек дека сѐ уште го сакате!

9Ви го пишувам ова бидејќи сакам да ве проверам и да видам дали сте подготвени да се придржувате до сите мои упатства. 10А на тој на кого вие ќе му простите, му простувам и јас. А тоа што јас веќе сум простил, ако воопшто сум имал нешто за простување, тоа е за ваша полза пред Христос. 11Ако не постапуваме така, сатаната ќе нѐ надмудри, а знаеме какви се неговите намери!

Апостолската служба

[уреди]



12Кога пристигнав во Троада[6] за да ја проповедам Радосната вест за Христос, видов како Господ пред мене отвора ново поле за работа. 13Но немав душевен мир, бидејќи мојот драг пријател Тит не се беше вратил откај вас. Затоа, се збогував со луѓето во Троада и заминав за Македонија, за таму да се сретнам со Тит.

14Но, благодарни сме Му на Бог, Кој, на чело со Христос, секогаш нѐ води во победа. Преку нас Тој насекаде ја шири вистината за Христос, како што се шири миризливоста од пријатен мирис. 15За Бог ние сме како пријатен мирис што го приближува Христос кон сите: и кон оние што Го прифаќаат и се спасуваат, и кон оние што Го одбиваат и пропаѓаат. 16За жал, на оние што Го одбиваат Христос, овој мирис ќе им биде смртна пресуда. На оние, пак, што Го прифаќаат Христос, ние сме им како најпријатен мирис што им носи вечен живот. Кој е способен да извршува ваква служба? 17Ние не сме трговци - а такви ги има многу - што се обидуваат да заработат пари од проповедање на Божјиот слово! Ние проповедаме за Христос искрено, како што Бог сака. Нас Бог нѐ испрати и Тој нѐ надгледува.

Глава 3

[уреди]




1Можеби ова ви звучи како самите да се препорачуваме? Дали нам ни се потребни, како што им се потребни на некои, писмени препораки за да проповедаме кај вас, или пак препораки од вас? 2Вие сте нашата препорака, запишана во нашите[7] срца, која сите луѓе можат да ја видат и прочитаат. 3Очигледно е дека вие сте препораката што ја имаме, која преку нашиот труд е напишана од Христос, не со мастило, туку со Духот на Живиот Бог; не врз камени плочи, туку врз човечки срца.

4Уверени сме во ова затоа што, преку Христос, имаме доверба во Бог. 5Нема ништо во нас што би ни дало за право да тврдиме дека сме способни да направиме нешто од трајна вредност. Нашата способност доаѓа од Бог. 6Тој нѐ оспособи да го претставуваме Неговиот нов завет. Тоа не е завет од пишани закони, туку од Светиот Дух. Стариот начин, преку пишаниот закон, води кон смрт, а новиот начин, преку Светиот Дух, дава живот.

Величественоста на Новиот завет

[уреди]



7Мојсеевиот Закон беше врежан само на камени плочи, па сепак беше даден со таков блесок што луѓето не можеа да гледаат во лицето на Мојсеј, иако сјајот што тој го имаше полека бледнееше. Ако тојЗакон што води во смрт беше даден на така величествен начин, 8колку повеличествено ќе биде дејствувањето на Светиот Дух!? 9Ако стариот завет што доведе до осуда на сите луѓе беше толку величествен, тогаш колку повеличествен ќе биде новиот завет што ни овозможува да се стекнеме со праведност пред Бог! 10Токму поради тоа што новото е далеку повеличествено, старото го загуби својот сјај! 11Ако стариот завет, кој веќе е надминат, беше величествен, тогаш колку повеличествен ќе биде новиот завет, чија слава ќе трае вечно!?

12Токму поради тоа што имаме таква прекрасна надеж, можеме толку смело да настапуваме. 13Ние не сме како Мојсеј, кој ставаше превез врз лицето, за да не забележат луѓето дека сјајот на неговото лице бледнее и исчезнува. 14Но умовите им закоравеа, па и ден-денес, кога го читаат Стариот завет, превез им ги покрива умовите и тие не можат да ја согледаат вистината. Тој превез се отстранува само кога човек ќе поверува во Христос. 15Да, дури и денес, кога ги читаат Мојсеевите книги, превез им ги покрива срцата и тие не разбираат.

16Но кога човек ќе се сврти кон Господ, превезот се отстранува. 17Господ е во единство со Духот и каде што е присутен Господовиот Дух, Тој донесува слобода. 18Сите ние, пред чии лица нема превез, сме одраз на славата Господова, како во огледало. Со помош на Господовиот Дух доживуваме преобразба и стануваме сѐ послични на нашиот славен Господ.

Глава 4

[уреди]


Храбри Христови пратеници

[уреди]



1Затоа сега, кога како израз на Божјата милост ја добивме оваа служба, ние не се обесхрабруваме. 2Се откажавме од сите подмолни и срамни работи. Не се служиме со итрини и не го извртуваме Божјиот збор, туку јасно, пред Бог, му ја откриваме вистината на секој човек, оставајќи му ја одлуката на неговата совест.

3Ако Радосната вест што ние ја проповедаме е скриена од некого, тоа е јасен знак дека тој се определил за пропаст. 4Но на таквите сатаната, богот на овој зол свет, им го заслепил разумот и тие не можат да го видат прекрасниот сјај на Радосната вест што ни доаѓа од преславниот Христос, Кој, како слика, точно Го одразува самиот Бог.

5Ние не се истакнуваме себеси, туку проповедаме дека Исус Христос е Господ, а ние сме ви на услуга, заради Исус. 6Зашто Бог, Кој рече: „Нека се појави светло во темнината[8]!“, Тој ги просветли и нашите срца, за да согледаме дека Неговата слава се одразува во ликот на Исус Христос.

7Но ова скапоцено богатство го носиме во обични земјани садови, односно во нашите смртни тела. Така на сите им е јасно дека оваа величествена сила доаѓа од Бог, а не од нас.

8Од сите страни сме притиснати, но не сме поразени. Понекогаш сме збунети, но не сме без надеж. 9Прогонувани сме, но Бог не нѐ оставил. Нѐ соборуваат наземи, но не сме уништени. 10Преку страдањата на овие наши тела, ние постојано учествуваме во смртните страдања на Исус, за да се види и Неговиот живот во нашите тела.

11Живееме под постојани закани дека ќе нѐ убијат поради тоа што проповедаме за Исус, за да може Исусовиот живот да се пресликува во нашите смртни тела. 12И така, додека смртта си ја покажува силата против нас, вечниот живот ја покажува својата сила во вас[9].

Надеж во воскресението

[уреди]



13Ние ќе продолжиме да проповедаме, бидејќи и ние ја имаме истата вера што ја имал псалмистот кога рекол: „Верував во Бог и затоа зборував[10].“ 14Знаеме дека истиот онојБог, Кој Го воскресна Господ Исус, и нас ќе нѐ воскресне. Потоа, и нас и вас, заедно со Исус, ќе нѐ доведе кај Себе. 15Сето ова е за ваша полза. Така сѐ повеќе и повеќе луѓе ќе дознаваат дака Бог дарежливо им е благонаклонет и ќе Му искажуваат благодарност, а Бог сѐ повеќе ќе се прославува.

16Затоа ние не се обесхрабруваме. Иако нашите тела постепено пропаѓаат, духот во нас[11] секојдневно се обновува. 17Овие мали и привремени тешкотии низ кои минуваме ќе ни донесат неизмерна слава што ќе трае вечно. 18Затоа ние не се сосредоточуваме на она што сега се гледа, туку на придобивките што допрва ќе се видат. Зашто сѐ што е сега видливо е привремено, а тоа што еден ден ќе го видиме е вечно.

Глава 5

[уреди]


Очекуваме нови, вечни тела

[уреди]



1Знаеме дека кога ќе пропадне овој >шатор' во кој сега живееме, односно, нашето овоземно тело, нѐ очекуваат на небото вечни домови направени од Бог, а не од човечка рака. 2Во нашите сегашни тела офкаме и копнееме по денот кога како нова облека ќе ги облечеме нашите небесни тела, 3зашто ние нема да бидеме голи духови, без тела, туку ќе ги облечеме нашите нови, небесни тела. 4Додека живееме во овој овоземен шатор, односно во нашите смртни тела, офкаме бидејќи имаме мака. Но ние не копнееме по тоа да умреме и да останеме без тела, туку со нетрпение чекаме да се преселиме во нашите нови тела, па вечниот живот да го проголта ова смртно тело. 5Бог нѐ подготви за тоа и ни Го даде Светиот Дух како гаранција дека тоа навистина ќе се случи.

6Затоа ние секогаш сме смели, и покрај тоа што сѐ додека сме во ова овоземно тело, ние не сме дома, кај Господ. 7Верата е она што нѐ движи напред, а не тоа што сега го гледаме. 8Храбри сме, бидејќи повеќе сакаме да се иселиме од ова наше овоземно тело и да си одиме дома, кај Господ. 9Затоа, било да сме дома кај Господ, или да сме овде, сакаме да го работиме тоа што Нему Му е по волја. 10Секој од нас ќе треба да се појави пред Христовиот суд, за да го прими она што го заслужил со своите добри или лоши постапки додека бил во овоземното тело.

Ние сме Божји амбасадори

[уреди]



11Ние имаме страхопочит спрема Господ, и затоа со сите сили се обидуваме да им всадиме вера и на другите луѓе. Бог знае дека сме искрени, а се надевам дека длабоко во себе и вие знаете какви луѓе сме. 12Не, не ни е намерата да ви се наметнуваме, туку да ви дадеме аргументи за да се гордеете со нас, и да можете да им одговорите на оние што се фалат со својата надворешност, а не со внатрешни квалитети. 13Ако ви изгледаме надвор од себе, тоа е за да Му донесеме слава на Бог. Ако, пак, разумот нѐ води, тоа е за ваша полза. 14Што и да работиме, тоа е затоа што нѐ раководи[12] љубовта на Христос. Како што веруваме дека Христос умре за сите луѓе, така веруваме и дека сите ние умревме за стариот начин на живот што го живеевме. 15Тој умре за сите нас и затоа тие што го прифаќаат од Него подарениот, нема веќе да живеат за да си угодуваат самите на себе, туку ќе живеат за да Му угодат на Христос, Кој умре и воскресна за нив.

16Затоа, ние веќе никого не вреднуваме според телесните постигнувања. Ако порано така гледавме на Христос сега веќе не гледаме така. 17Тоа значи дека кога некој ќе стане христијанин, тој е веќе нова личност. Не е веќе ист како порано, зашто со стариот живот е веќе завршено. Започнува нов живот!

18Тој нов живот доаѓа од Бог, Кој, преку Христос, нѐ помири со Себе и ни ја довери задачата да им објаснуваме на луѓето како и тие да се помират со Него. 19Нашата порака е дека Бог беше во Христос и му понуди помирување на целиот свет со Себе, готов да им ги прости гревовите на луѓето. Таа порака, која објаснува како можеме да се помириме со Бог, ни ја довери нам, за да им ја проповедаме на сите луѓе.

20Ние сме амбасадори на Христос, и преку нас Бог ви говори. Во име на Христос, ве молиме: помирете се со Бог! 21Бог Го даде Христос, Кој немаше никаков грев, да биде жртва за нашиот грев, та преку Него ние да се здобиеме со Божја праведност.

Глава 6

[уреди]




1Ние, во улога на Божји соработници, ве молиме да не ја пропуштите Божјата милосрдна благонаклоност спрема вас, 2зашто Бог вели:


„Повикај Ме во вистинскиот час 


и Јас ќе ти ја услишам молитвата; 


побарај Ме во денот кога ти нудам спасение 


и Јас ќе ти помогнам![13]


Денес е вистинскиот час! Денес е денот кога ти нудам спасение!

Тешкотиите со кои се соочувал Павле

[уреди]



3Не даваме повод нашето поведение некого да поколеба да поверува во Господ, затоа се трудиме нашата работа да биде беспрекорна. 4Во сѐ се однесуваме како Божји службеници, стрпливо поднесувајќи ги сите напади, страдања и тешкотии. 5Нѐ тепаат, нѐ ставаат в затвор, креваат бунтови против нас, а ние работиме, минуваме бессони ноќи и гладуваме[14]. 6Се докажувавме преку нашата чистота, знаење, стрпливост, љубезност, преку силата на Светиот Дух и преку нашата искрена љубов. 7Верно ја проповедаме вистината. Божјата сила работи во нас. Праведноста е нашето оружје и за напад и за одбрана[15].

8Му служиме на Бог без разлика дали луѓето нѐ почитуваат, или нѐ презираат, дали имаат добро или лошо мислење за нас. Ние сме чесни, но тие нѐ нарекуваат измамници. 9Сите знаат за нас, а се однесуваат спрема нас како да не нѐ познаваат. Соочени со смртни закани, а сепак, ете, живи сме. Казнувани сме, но не сме убиени. 10Се обидуваат да нѐ растажат, но ние сепак сме радосни. Сиромашни сме, но на многумина им дадовме духовно богатство. Немаме ништо, а сепак поседуваме сѐ.

11Драги наши пријатели во Коринт, ние искрено ви проговоривме, широко ги отворивме нашите срца. 12Не сме ние затворени спрема вас, туку вие сте затворени спрема нас. 13Како на свои деца ви велам: отворете ги и вие вашите срца спрема нас!

Пазете се од штетни компромиси

[уреди]



14Немојте да се здружувате[16] со неверници! Како може праведен и неправеден да работат заедно? Како може светлината и темнината да живеат заедно? 15Може ли да има слога меѓу Христос и ѓаволот[17]? Каква заедница може да има еден христијанин со безверник? 16Треба ли во Божјиот храм да ставате и идоли? Ние сме храмови на Живиот Бог. Како што Самиот Тој вели за Своите следбеници:


„Ќе живем во нив, 


ќе се движам меѓу нив; 


Јас ќе бидам нивни Бог, 


а тие Мој народ[18].“



17<>Затоа, напуштете ги оние што не Му припаѓаат на Бог,

одвојте се од нив,' - вели Господ. 


>Не мешајте се со она што е нечисто 


и Јас ќе ве прифатам[19].'“



18<>Ќе ви бидам Татко,

а вие ќе бидете 


Мои синови и ќерки,' 


- вели Семоќниот Господ[20].“

Глава 7

[уреди]




1Драги пријатели, сега кога ги знаеме сите овие ветувања, да се исчистиме од сѐ што може да ги оскверни нашето тело или дух. Да се трудиме, од страхопочит спрема Бог, да стануваме телесно и духовно сѐ почисти, до совршенство.

За односите меѓу апостол Павле и црквата во Коринт

[уреди]



2Направете повеќе место за нас во вашите срца! Ние никого не сме онеправдале, никого не сме завеле, никого не сме измамиле и искористиле. 3Не го велам ова за да ве обвинувам. Вие сте ни толку прираснати за срце што сме готови со вас да го делиме и животот и смртта. 4Имам голема доверба во вас. Се гордеам со вас и навистина сте големо охрабрување за мене. И покрај сите наши тешкотии, мојата радост не знае за граници.

5Откако дојдовме во Македонија, немаме мир. Се соочуваме со неволи од сите страни: однадвор напади, однатре стравови. 6Но Бог, Кој ги охрабрува потиштените, со доаѓањето на Тит ни ја врати храброста. 7Охрабрување за нас беше не само неговото доаѓање, туку и тоа што тој ни го пренесе за вас: како вие него сте го охрабриле, колку сте биле желни да ме видите, колку тагувате и колку ревносно сте приврзани за мене. Тоа уште повеќе ме зарадува.

8Дури и ако сум ве нажалил со претходното писмо што ви го пратив, не се каам што го сторив тоа. Извесно време ми беше жал, зашто тоа писмо привремено ве натажи 9но сега се радувам, не затоа што ве нажалив, туку затоа што тоа ве доведе до покајување. Таа жалост ви е од Бог. Ние со ништо не сакавме да ве повредиме. 10Бог може да ја употреби жалоста во нашите животи за да ни помогне да се оттргнеме од гревот и да бараме спасение. Ако сте доживеале таква жалост, не треба да ви биде криво. Опасна е жалоста што не води кон покајание, бидејќи таа води во смрт.

11Видете колку позитивно се одрази на вас таа жалост од Бога! Ве направи многу поотворени и поревносни да покажете дека не сте виновни. Каква огорченост, каква тревога, каква желба, грижа и решителност да се казни прекршителот! Со сето ова покажавте дека во однос на таа работа вие сте чисти. 12Зашто, кога ви го напишав тоа писмо, не ми беше намерата да го обвинам оној што направил прекршок, ниту да го бранам оној што бил онеправдан. Ви напишав за да ви покаже Бог колку сте приврзани кон нас. 13Тоа навистина нѐ охрабри.
Не само што ова нѐ охрабри, туку уште повеќе нѐ зарадува тоа што Тит се врати радосен. Сте му покажале дека нема причина да биде загрижен. 14Сето она за што сум ве фалел пред него се потврди како вистина и не ме посрамивте. Секогаш сум ја зборувал вистината за вас, па така и тоа што ве фалев пред Тит се потврди дека е вистина. 15Кога Тит видел колку сте вие послушни, со колкава страхопочит и трепет во срцето сте го пречекале, тој уште повеќе ве засака. 16Многу сум радосен што можам да имам целосна доверба во вас.

Глава 8

[уреди]


ХУМАНИТАРНА ПОМОШ ЗА ХРИСТИЈАНИТЕ ВО ЕРУСАЛИМ

[уреди]



1Драги пријатели христијани во Коринт: сакаме да ве известиме за Божјата милосрдна благонаклоност кон црквите во Македонија. 2Тие поминаа низ големи искушенија и низ многу неволи, но нивната радост е толку голема што, и покрај нивната голема сиромаштија, тие се многу дарежливи. 3Јас сум сведок дека тие дадоа толку доброволни прилози колку што им се можностите, па и повеќе. 4Многу нѐ молеа да им дадеме можност и тие да се вклучат во собирањето доброволни прилози за помош на христијаните во Ерусалим. 5Направија повеќе отколку што очекувавме. Прво самите себе Му се предадоа на Господ, а потоа ни се предадоа и нам, следејќи ја Божјата волја.

6Затоа го замоливме Тит, кој од порано ја започна оваа служба на милосрдие меѓу вас, да се врати кај вас и да ја доврши. 7Како што вие во многу нешта се истакнувате и имате: вера, проповедници, знаење, сериозен однос, љубов спрема нас[21], така погрижете се и вашата милосрдна дарежливост да не заостане. 8Ова не е наредба, туку, гледајќи ја ревноста со која другите ѝ пристапуваат на оваа задача, сакам да проверам колку е искрена вашата љубов.

9Вие знаете каков милосрден дар ни даде нашиот Господ Исус Христос! Иако беше богат, заради вас Тој стана сиромашен, та преку Неговата сиромаштија вие да станете богати.

10Пред една година вие први почнавте да давате прилози и го правевте тоа од сѐ срце. Затоа ви препорачувам сега да го довршите тоа дело; тоа ќе биде добро и за вас. 11Довршете ја оваа работа со истата ревност со која и ја започнавте. Дајте толку колку што можете. 12Ако постои добра волја, таа се цени според можностите на секој дародавател. Никој не очекува да дадете нешто што немате. 13Не велам давајќи за другите, вие да западнете во невола, туку повикувам на еднаквост. 14Сега, кога вие имате во изобилие, треба да им помогнете на оние што се во немаштија, па кога тие ќе имаат во изобилие, а вие ќе бидете во скудност, тие вам да ви помогнат, па така да постои еднаквост меѓу нас. 15Сетете се што пишува во Светото писмо:


„На оној што собра многу 


ништо не му преостана, 


а на оној што собра малку 


сепак, му достаса[22].“

2) Апостол Павле препорачува хуманитарни работници

[уреди]



16Му благодарам на Бог што во срцето на Тит ја стави истата грижа што јас ја чувствувам за вас. 17Тој, не само што ја прифати нашата молба да дојде кај вас, туку одвај чекаше што побрзо да тргне на пат! 18Со него ви испраќаме уште еден наш брат кој е проповедник на Радосната вест, и ужива голема почит меѓу сите цркви. 19Освен тоа, тој е одбран од црквите да патува со нас кога ќе ги носиме доброволните прилози во Ерусалим[23]. Тоа дело е за слава на Господ и ја покажува нашата готовност да помогнеме.

20Ќе патуваме заедно, за да не му дадеме никому повод да нѐ озборува дека сомнително располагаме со овие вредни дарови, 21зашто сакаме да бидеме чесни не само пред Господ, туку и пред луѓето.

22Со нив ви испраќаме и еден наш брат чија искреност повеќепати сме ја провериле во многу работи. Тој сега уште повеќе сака да помогне, зашто има голема доверба во вас. 23Ако некој се распрашува за Тит, кажете му дека тој е мој другар и соработник во мојата служба меѓу вас. Што се однесува до браќата што ќе го придружуваат, тие се претставници[24] на црквите. Тие се прекрасен пример како треба да се работи за слава на Христос. 24Покажете љубов спрема нив, за да видат црквите дека ние со право се гордееме со вас.

Глава 9

[уреди]


3) Доброволни прилози од Коринт за христијаните во Ерусалим

[уреди]



1Излишно е да ви пишувам дека треба да собираме помош за христијаните во Ерусалим. 2Знам дека вие сте готови да помогнете. Со гордост им зборував на христијаните во Македонија дека вие, христијаните од Ахаја, уште од лани бевте подготвени да дадете доброволни прилози. Токму вашата ревност ги поттикна и нив. 3Затоа сега бидете подготвени, зашто ги испраќам браќата кај вас; да не испадне дека напразно сме ве фалеле! 4Можеби ќе дојдат со мене и неколку Македонци. Ако видат дека вие не сте подготвени, јас би се засрамил, затоа што изразив голема доверба спрема вас. Вие уште повеќе би се засрамиле. 5Значи сметав дека е неопходно да ги замолам браќата да дојдат кај вас пред јас да дојдам, и да ги соберат прилозите што вие уште отпорано ги ветивте. Така тоа нема да биде изнуден прилог, туку великодушен подарок од вас.

6Едно сакам да ви припомнам: кој скржаво сее, скржаво и ќе жнее; кој штедро сее, штедро и ќе жнее! 7Секој нека даде онолку колку што самиот ќе реши, без да му биде жал или сосила да се принудува. Бог ги сака оние што даваат со радост. 8А Бог може толку изобилно да ве благослови, така што секогаш ќе имате доволно од сѐ што ви треба, па од изобилието ќе можете да правите разновидни добри дела. 9Како што е напишано во Светото писмо:


„Дарежливиот човек 


на сиромасите штедро им дава, 


праведноста негова 


ќе се памти довека[25]!“ 




10Бог, Кој обезбедува семе за сеидба, ќе обезбеди и леб за прехрана. А така ќе ви создаде и многубројни можности да сеете добри дела, па плодовите од вашата праведност ќе бидат обилни.

11Ќе ве направи богати во сѐ, така што уште поштедро ќе можете да давате. Кога ќе им ги однесеме вашите дарови на оние што се во скудност тоа ќе ги поттикне од сѐ срце да Му се заблагодарат на Бог. 12Зашто, извршувањето на оваа служба, освен што ќе им ги исполни потребите на христијаните во Ерусалим, во исто време ќе поттикне изливи на благодарност спрема Бог. 13Значи, тие ќе Му оддадат слава на Бог благодарение на тоа што вие на дело се докажавте во оваа служба. Тоа ќе им биде доказ дека вие навистина живеете според принципите на Радосната вест од Христос, која вие ја исповедате и поради која толку штедро давате и за нив и за сите. 14Тие со голема љубов ќе се молат за вас, затоа што Бог токму преку вас им покажа колку милосрдно им е благонаклонет.

15А сите ние сме Му благодарни на Бог за Неговиот дар[26] што со зборови не може да се искаже*.

Глава 10

[уреди]


Павле зборува за овластувањата што ги има од Бог

[уреди]



1Сега јас, Павле, лично ве молам со кроткост и љубезност какви што би покажал Христос, да ме послушате, иако некои од вас зборувале дека сум бил строг, кога сум далеку од вас, а малодушен кога сум кај вас. 2Не би сакал да бидам принуден да покажам строгост спрема оние што тврдат дека нас нѐ водат телесни мотиви. 3Ние сме од крв и месо, ама не војуваме со телесни, световни методи. 4Не сме вооружени со човечки оружја, туку со моќните Божји оружја. Со нив ги уриваме сатанските упоришта 5и ги соборуваме сите зли мудрувања и сѐ друго што ги попречува луѓето да Го запознаат Бога. Ја поразуваме секоја бунтовна човечка мисла и ја учиме да Му биде послушна на Христос. 6Ние сме готови да ги казниме оние што не се послушни во сѐ, но дури откако вие ќе покажете дека сте целосно послушни.

7Многу површно гледате на работите*! Треба да ви биде јасно дека и ние Му припаѓаме на Христос исто толку колку што за себе го тврдат тоа оние што гордо изјавуваат дека се Христови! 8Дури и ако претерано сум го истакнувал авторитетот што Господ ни го даде, јас од тоа не се срамам, бидејќи тоа било за да ве изградуваме, а не да ве уриваме.

9Не сакам да звучи како да се обидувам да ве заплашам со моите писма. 10Слушам дека некои велат за мене: „Неговите писма се сериозни и строги, но кога е овде кај нас, тој е слаб и неговите говори се безвредни!“ 11На таквите луѓе им порачуваме дека онакви какви што сме на зборови, во нашите писма, сега кога не сме кај вас, исти такви ќе бидеме и на дела, кога ќе дојдеме кај вас!

Против самофалби

[уреди]



12Ние не се ни осмелуваме да се изедначуваме или споредуваме со оние што имаат толку високо мислење за себе. Тие постапуваат неразумно, зашто се вреднуваат себеси со свои мерки па испаѓа дека се споредуваат сами со себе!

13А ние не сакаме да се фалиме без мера, туку исклучиво според мерката што ни ја даде Бог, а таа мерка е да допреме до сите луѓе, па и до вас. 14Ние не го протегаме своето дејстување на места кои не сме ги досегнале; всушност, ние први стигнавме до вас, проповедајќи ви ја Радосната вест од Христос. 15Така, ние не се фалиме со плодови околу кои други се труделе, туку се надеваме дека вашата вера ќе зајакне, па да можеме и да ја прошириме својата работа во вашиот крај, 16а потоа да ја проповедаме Радосната вест и на други места, подалеку од вас, каде што никој претходно не проповедал. Така нема да може да ни се приговори дека се фалиме со резултати што некој друг ги постигнал.

17Но, Светото писмо вели:


„Ако некој се фали, 


нека се фали со она што 


Господ го прави[27]!“ 




18Зашто кога некој сам себеси се фали, тоа не е вистинска препорака. А кога Господ некого ќе пофали, таквиот навистина е достоен.

Глава 11

[уреди]


ОДЛИКИ НА ВИСТИНСКИТЕ АПОСТОЛИ

[уреди]



1Се надевам дека ќе ме истрпите, дури и ако не зборувам мошне мудро. Ве молам, истрпете ме! 2Љубоморен сум на вас, онака како што е љубоморен и Бог! Ве 'свршив' за еден Свршеник, за Христос, за да ве доведам кај Него чисти како девица, 3но се плашам вашите умови да не бидат заведени и да не отстапите од вашата целосна[28] и чиста посветеност на Христос. Се плашам да не бидете измамени онака како што змијата со итрина ја измами Ева. 4Ние ви проповедаме за Исус, и вие го примивте Светиот Дух и ја прифативте Радосната вест. Но сега дозволувате да ви проповедаат за некаков друг Исус, за примање на некаков друг дух и за прифаќање на некаква друга порака!

5Јас не се сметам за помалку вреден од тие „супер апостоли“. 6Ако и не сум толку вешт говорник, моето знаење не е ништо помало од нивното. Тоа на сите полиња ви го докажавме, и тоа јавно, пред сите.

2) Работа без наплаќање

[уреди]



7Згрешив ли што бесплатно ви ја проповедав Радосната вест, понижувајќи се себеси за вас да ве издигнам? 8Додека работев кај вас, добивав издршка од другите цркви. Живеев на нивни товар, за да ви служам вам. 9Никого од вас не обременував кога запаѓав во скудност. За моите потреби се погрижија браќата од Македонија. Внимавав, а и понатаму ќе внимавам, никому од вам да не му бидам на товар. 10Како што цврсто ја имам вистината за Христос во себе, така цврсто ви велам дека никој не ќе може да ме спречи со гордост да зборувам за ова по цела Ахаја! 11Зошто го велам ова? Зар затоа што не ве сакам? Бог знае дека искрено ве сакам.

12Ќе продолжам и во иднина да работам онака како што работев и досега, за да не им дадам можност на тие други „апостоли“ да се поистоветуваат со нас и да се фалат дака се исти како нас. 13Тие се лажни апостоли! Се служат со измами и се преправаат во апостоли на Христос. 14Немојте да се чудите на ова! И самиот сатана може да се преправа во ангел на светлината! 15Тогаш не е необично ако и неговите слуги се преправаат во службеници направедноста. Но на крајот тие ќе си ја добијат казната што ја заслужиле со своите зли постапки.

3) Голема пожртвуваност

[уреди]



16Ќе повторам: не би сакал никој од вас да смета дека сум неразумен! Но ако е веќе така, ислушајте ме како неразумен, па барем да можам малку сам себеси да се пофалам! 17Самофалбата е нешто што Господ не го сака и затоа се чувствувам неразумно. 18Но кога веќе толку многу луѓе се фалат со своите човечки достигања, ќе се пофалам и јас. 19Впрочем, иако вие се сметате за мудри, со задоволство ги слушате неразумните! 20Не ви пречи кога некој ве третира како робови, ве искористува, ве ограбува, ве понижува и ви удира шлаканици! 21Се срамам што ние за вакви работи се покажавме неспособни!
Знам дека е неразумно ова што ќе го кажам, но ако некој има смелост така да се фали, имам смелост и јас. 22Тие биле Евреи! Па и јас сум! Биле Израелци! Па и јас сум! Биле потомци на Авраам! Па и јас сум! 23Му служеле на Христос! Глупаво е што самиот за себе вака зборувам, но јас многу повеќе Му служам на Христос, многу повеќе работам, поради што многу почесто ме затвораат, ме тепаат и ми се закануваат со смрт! 24Петпати сум камшкуван од Евреите, по триесет и девет удари со камшик! 25Трипати сум тепан со стапови, еднаш сум каменуван, трипати сум преживеал бродоломи, цел ден и цела ноќ сум поминал во вода, на отворено море. 26Често патував, и бев изложен на опасности од надојдени реки и од разбојници. Изложен сум на опасности и од моите сонародници, Евреите, и од паганите. Изложен сум на опасности и во град и во дивина, и на море. Изложен на опасности од лажни пријатели[29]. 27Работам, се мачам, минувам бессони ноќи, гладен, жеден, постам, ѕемнам без доволно облека.

28И покрај сѐ што ме притиска, јас секојдневно се грижам за сите цркви. 29Се случило ли некој да го фати слабост, а јас да не сочувствувам со него? Се случило ли некој да застрани, а јас да не согорувам?

30Ако веќе морам да се фалам, ќе се фалам со она што ја покажува мојата немоќ. 31Бог, Таткото на Господ Исус, Кому Му припаѓа вечна слава, знае дека не лажам. 32Кога бев во Дамаск, управникот на царот Арета постави стража до градските порти за да ме уапси. 33Луѓето ме префрлија преку ѕидините во кош, преку еден прозорец,и така му побегнав.

Глава 12

[уреди]


Апостол Павле говори за виденијата и откровенијата што ги имал

[уреди]



1Иако фалењето не е добро, сакам да ви раскажам за виденијата и откровенијата што ги добив од Господ. 2Пред четиринаесет години бев[30] однесен на третото небо. Дали бев грабнат сосе тело, или само мојот дух, не знам. Тоа Бог го знае. 3Бог знае дали грабнувањето беше сосе тело, или само на духот, но знам дека се случи. 4Бев грабнат и однесен во рајот. Таму чув работи што не можат да се искажат, а и не ми беше дозволено да ги кажувам. 5Со таквото доживување можам да се фалам, а со самиот себе не можам да се фалам, освен да признаам дека сам по себе сум немоќен. 6Кога би сакал да се фалам, има многу работи со кои би можел да се пофалам, и тоа не би било неразумно, бидејќи е вистина. Но ќе се воздржам од фалење. Не сакам некој да стекне повисоко мислење за мене од она што го добива гледајќи ме и слушајќи ме.

7Но, за да не станам премногу горделив поради многубројните откровенија што ги добив од Бог, ставен ми е трн во телото, сатански ангел, кој ме измачува и така ме држи во понизност. 8Трипати во агонија Го молев Господ да ме ослободи од него, 9но Тој ми рече: „Ја имаш Мојата благонаклоност и тоа ти е доволно! Мојата сила најдобро се забележува во твојата немоќ!“ Затоа, смело ја признавам својата немоќ зашто така станува очигледно дека Христова сила работи преку мене. 10Затоа, заради Христос, јас смело ги поднесувам немоќта, навредите, маките, прогоните и тешкотиите. Бидејќи, кога јас сум најнемоќен, Господ преку мене дејствува најмоќно!

Загриженост за христијаните во Коринт

[уреди]



11Почнав неразумно да зборувам, но вие ме принудивте. Вие требаше да ме фалите! Иако и јас сум никој и ништо, сепак во ништо не заостанувам зад тие ваши „големи апостоли“. 12Додека бев кај вас, ви дадов доволно докази дека јас навистина сум апостол испратен од Бог. Со голема стрпливост ви беа покажани многу видливи докази, чуда и големи дела. 13Во што бевте запоставени во споредба со другите цркви, освен што не ви бев на товар и издршка? Простете ми што во тоа сум ве “онеправдал!“

14Еве, готов сум и по третпат да дојдам кај вас. Нема да ви бидам на товар, зашто не барам ништо материјално од вас. Вие сте ми важни. Впрочем, не се децата тие што треба да обезбедуваат храна за родителите, туку обратно: родителите ги хранат децата. 15Од моја страна, јас со задоволство ќе потрошам сѐ што имам, па и самиот себе ќе се потрошам, за да ги нахранам вашите души. Но се чини дека, колку повеќе јас ве засакувам, толку помалку вие мене ме сакате.

16Нека биде така. Ќе се согласите дека со ништо не ви бев на товар. Некој може да рече: „Беше таков за лукаво, со измама да нѐ придобие!“ 17Дали јас или некој од оние што ги испраќав кај вас ве искористувале? 18На моја молба Тит дојде кај вас, придружуван уште од еден брат. Зар Тит ве искористуваше? Зар тој не оди по моите стапки? Зар и него не го водат истите мотиви што ме водат и мене?

19Можеби ќе си помислите дека ние сега сакаме да се правдаме пред вас. Не! Ви зборуваме како Христови слуги и знаеме дека Бог нѐ слуша. Сѐ што правиме, драги пријатели, е за да ве изградиме. 20Се плашам дека, кога ќе дојдам кај вас, нема да ве затекнам онакви какви што сакам да бидете, поради што ни јас спрема вас нема да бидам онаков каков што вие би сакале да бидам. Се плашам дека меѓу вас ќе затекнам кавги, љубомора, лутина, соперништво, озборувања, омаловажувања, самобендисаност и безредие. 21Страхувам Бог да не ме посрами пред вас, зашто многу ќе се нажалам поради оние што порано грешеле, а досега не се покајале за неморалот, блудот и развратот што ги направиле.

Глава 13

[уреди]


Строги предупредувања

[уреди]

1Ова ќе биде третпат како доаѓам кај вас. „Секое обвинение мора да биде потврдено од двајца или тројца сведоци[31]“ - вели Светото писмо. 2Во текот на мојата втора посета ве предупредив, а и сега, кога не сум кај вас, однапред ги предупредувам оние што порано грешеле, а и сите други: кога овојпат ќе дојдам, нема да ве штедам!

3Барате доказ дека преку мене зборува Христос!? Ќе добиете! Тој не е немоќен да излезе на крај со вас! Ви има покажано колку е моќен. 4Кога Христос беше распнат, се чинеше дека е слаб, но Тој е сега жив преку Божјата моќна сила. Така и ние што сме со Него изгледаме слаби, но ние живееме со Него преку Божјата сила, со која ќе истапиме спрема вас.

5Проверете се и проценете дали ја имате вистинската вера! Дали Исус Христос живее во вас? Ако не, вие сте лажни верници! 6Се надевам дека ќе се уверите оти ние не сме лажни верници.

7Му се молиме на Бог да не правите ништо лошо. Не со цел да се докажеме ние, туку за да постапувате правилно вие, па макар и да нѐ сметате за лажни верници. 8Наша должност е никогаш да не ѝ се противставуваме на вистината, туку цврсто да застанеме на нејзина страна. 9Се радуваме кога сте вие силни во верата, па макар да нѐ сметате нас за слаби. Се молиме одново да станете зрели христијани.

10Затоа и ви го пишувам ова, пред да дојдам кај вас, за да не бидам принуден да постапам строго кога ќе дојдам, употребувајќи ја власта што ми е дадена од Господ. Зашто таа власт ми е дадена за да изградувам, а не да уривам.

Поздрави и благослов

[уреди]



11На крајот, драги пријатели христијани, сакам да бидете радосни. Стремете се кон духовна зрелост, охрабрувајте се еден со друг, трудете се да живеете во слога и мир. Тогаш Бог, Кој е извор на љубов и мир ќе биде со вас.

12Поздравете се меѓусебно со изрази на искрена љубов[32]. Ве поздравуваат сите овдешни христијани.

13А сега, над секој од вас нека бдеат милостивата благонаклоност на нашиот Господ Исус Христос, Божјата љубов и пријателската придружба на Светиот Дух!




  1. Или: ЃГрцијаЃ, се работи за областа јужно од планината Олимп.
  2. Во некои ракописи: ЃсветиЃ.
  3. Буквално: ЃНе беше и да и не, туку кога ќе кажеше да, остануваше даЃ.
  4. Што значи: Ѓтака нека бидеЃ или Ѓвистина еЃ.
  5. Буквално: Ѓние не сакаме да господариме над вашата вераЃ.
  6. Антички град во Азија, во пределот на денешна Турција, недалеку од тогаш веќе разурнатата Троја, позната од Хомеровото дело „Илијада и Одисеја“.
  7. Според некои ракописи: ЃвашитеЃ.
  8. 1 Мојсеева 1:3.
  9. Буквално: ЃВо нас работи смртта, но затоа во вас има животЃ.
  10. Пс. 116:10.
  11. Буквално: ЃИако нашата надворешност пропаѓа, нашата внатрешна природа секојдневно се обновуваЃ.
  12. Или: Ѓнѐ тера, нѐ поттикнуваЃ.
  13. Цитат од Исаија 49:8.
  14. Или: ЃпостимеЃ.
  15. Побуквално:Ѓ...оружје и во десната и во левата ракаЃ.
  16. Буквално:<...да се впрегнуваме во ист јарем...“.
  17. ЃБелиалЃ, хебрејски израз за ѓаволот. Значење: „Безвреден“.
  18. Цитат од 3 Мојсеева 26:12.
  19. Цитат од Исаија 52:11, Езекиел 20:34.
  20. Цитат од 2 Царства 7:14.
  21. Во некои ракописи: Ѓнашата љубов спрема васЃ.
  22. Цитат од 2 Мојсеева 16:18.
  23. Потсетете се на ова во Првото писмо до христијаните во Коринт 16:3-4.
  24. Грчки: ЃапостолиЃ.
  25. Псалм 112:9.
  26. Зборот ЃдарЃ овде веројатно се однесува на Исус, Кого Бог ни го дарува како Спасител.
  27. Цитат од Еремија 9:24.
  28. Или: ЃедноставнаЃ или ЃискренаЃ.
  29. Или: Ѓлажни христијаниЃ.
  30. Буквално: „Познавам еден човек во Христос кој пред 14 години...“. Повеќето интерпретатори сметаат дека апостол Павле зборува за себе, поврзувајќи со седмиот стих од оваа глава.
  31. Цитат од 5 Мојсеева 19:15.
  32. Буквално: Ѓсо свет бакнежЃ.