Прејди на содржината

Второ писмо од апостол Јован (вики-превод)

Од Wikisource
Прво писмо од апостол Јован (вики-превод) Второ писмо од апостол Јован
Библија (вики-превод)
од н.п.
Трето писмо од апостол Јован (вики-превод)


Глава 1

[уреди]


Авторство и поздрави

[уреди]

1Од старешината Јован,
до почитуваната госпоѓа и до нејзините деца[1]. Имам искрена љубов спрема вас, каква што имаат и сите други што ја знаат Божјата вистина, 2онаа вистина што живее во нас и што ќе биде со нас засекогаш.

3Бог Таткото и Неговиот Син, Исус Христос, нека ни бидат благонаклонети, нека ни бидат милостиви и нека ни дадат мир, за да останеме на страната на вистината и да живееме во љубов.

Поттик на меѓусебна љубов

[уреди]

4Многу се израдував кога дознав[2] дека некои од вашите деца се на вистинскиот пат и се придржуваат до заповедта што ни беше дадена од Небесниот Татко. 5Сега, драга госпоѓо, јас не ви пишувам некоја нова заповед, туку ве молам да се придржувате кон заповедта што ја имаме уште од почетокот: да се сакаме меѓусебно. 6А љубовта се докажува преку придржување до Божјите заповеди. Заповедта да се сакаме ја слушнавме уште од самиот почеток и до неа треба да се придржуваме.

Предупредување за појавата на измамници

[уреди]

7Многу измамници се појавија на овој свет. Не признаваат дека Исус Христос дојде на овој свет во човечко тело. Секој што зборува така е измамник и антихрист. 8Чувајте се, за да не го загубите она за што се трудевме[3]. Борете се да ја добиете целосната награда! 9Секој што отстапува и не се држи до Христовото учење нема заедништво со Бог. Оној што се држи до Христовото учење има заедништво со Небесниот Татко и со Синот - Христос.

10Ако некој дојде кај вас, и не го носи Христовото учење, немојте да го примате во вашите домови, немојте дури ни добредојде да му посакате. 11Оној што ќе му посака добредојде станува соучесник во неговите зли дела.

Заклучок

[уреди]

12Имам уште многу да ви кажам, но не сакам тоа да го сторам вака, со перо и мастило, туку се надевам дека ќе дојдам кај вас и сѐ што имам да ви кажам, ќе ви кажам лице в лице. Верувам дека тоа ќе биде обострано задоволство.

13Ве поздравуваат децата на вашата сестра[4], одбрана од Бог.




  1. Или: до црквата, избрана од Бог и до нејзините членови, или: до избраната Кирија и нејзините деца.
  2. Или: се запознав со некои од вашите деца и дознав.
  3. Според некои ракописи: за што се трудеше.
  4. Или: сестринска црква.