Прејди на содржината

Втора книга летописи/ 30 глава

Од Wikisource

29 глава Втора книга летописи
30 глава
од н.п.
31 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

 1 Потоа Езекија им порача на сите Израелци и Јудејци, па им напиша и писма на Ефремовото и Манасиевото племе, да дојдат во Господовиот Дом во Ерусалим за да направат Пасха на Господа, Израелевиот Бог.
  2 Царот, советувајќи се со кнезовите и со сиот собор во Ерусалим, одлучи да ја слават Пасхата во вториот месец.
  3 Тоа не можеа да го направат во право време зашто немаше доста посветени свештеници, и народот не се имаше собрано во Ерусалим.
  4 И тоа беше право во царевите очи и во очите на сиот собор,
  5 па одредија да биде разгласен по сиот Израел од Вир-Савеа па до Дан за да дојдат и да направат Пасха на Господа, Израелевиот Бог, во Ерусалим, зашто премногу не ја празнуваа како што е пропишано.
  6 Така отидоа гласниците со писмата од царот и од неговите кнезови, по сиот Израел и Јуда, та зборуваа според царевата заповед: „Израелеви синови, обратете му се на Господа, на Аврамовиот, Исаковиот и Израелевиот Бог, па и Тој ќе се обрати кон Остатокот, кој ви остана од рацете на асирските цареви.
  7 И немојте да бидете како вашите татковци и вашите браќа, кои Му згрешија на Господа, Бога на своите татковци, та ги предаде на пропаст, како гледате и самите.
  8 И така, не бидете тврдоврати како вашите татковци: протегнете ја раката кон Господа и дојдете во Неговото Светилиште, што го посвети засекогаш, и служете Му на Господа, својот Бог, па ќе го одврати од вас Својот жесток гнев.
  9 Ако Му се обратите на Господа, вашите браќа и вашите синови ќе најдат мислост во оние кои ги заробија, па ќе се вратат во оваа земја; зашто Господ, вашиот Бог, е милостив и милосрден, и нема да го одврати Своето лице од вас, ако вие Му се обратите Нему.”
10 И така гласниците тргнаа од град до град по Ефремовата и Манасиевата Земја па до Завулон, а луѓето им се потсмеваа и се подигруваа со нив.
11 Сепак некои од Асировото, од Манасиевото и од Завулоновото племе се смирија и дојдоа во Ерусалим.
12 На Јудејците пак слезе Божјата рака и ги проникна со еднодушност за да прават што беа заповедале царот и кнезовите по Господовото слово.
13 Многу народ се собра во Ерусалим за да го прослават Празникот на пресните лебови, во вториот месец; собирот беше многу голем.
14 Тогаш станаа и ги отстранија жртвениците што беа во Ерусалим, ги отстранија сите кадилници и ги фрлија во потокот Кедрон.
15 Тогаш почнаа да ја колат Пасхата во четиринаесеттиот ден на вториот месец, а свештениците и левитите се засрамија и откако се посветија, почнаа да ги внесуваат палениците во Господовиот Дом.
16 Застанаа на своето место според правилото, според Законот на Мојсеј, Божјиот човек; свештениците прскаа со крв, примајќи ја од рацете на левитите.
17 Бидејќи имаше мнозина во соборот кои не се посветија, левитите ги колеа пасхалните јагниња за сите кои не беа чисти, за да Му ги посветат на Господа.
18 Најголемиот дел од народот, мнозина од Ефремовото и од Манасиевото, од Исахаровото и од Завулоновото племе, не се очисти, та ја јадеше Пасхата непрописно. Но Езекија се помоли за нив, велејќи: „Благиот Господ нека го очисти од грев секого,
19 кој го насочил срцето да го бара Бога Господа, Бога на своите татковци, иако не е чист како што му прилега на Светилиштето!”
20 Господ го послуша Езекија и му прости на народот.
21 Така Израелевите синови, кои се најдоа во Ерусалим, го празнуваа празникот Бесквасни лебови седум дена со голема веселба, а левитите и свештениците го фалеа Бога од ден во ден со свиралките за Господова слава.
22 Езекија ги храбреше левитите, кои покажуваа добро знаење и приврзаност кон Господа. Ја јадеа свечената жртва седум денови принесувајќи помирителни жртви и славејќи го Господа, Бога на своите татковци.
23 Потоа сиот собор, советувајќи се, одлучи да празнуваат уште седум денови; прославуваа уште седум денови со веселба.
24 Јудејскиот цар Езекија му подари на соборот илјади млади јунци и седум илјади грла ситна стока; а кнезовите му подарија на соборот илјада млади јунци и десет илјади грла ситен добиток; тогаш се посветија многу свештеници.
25 Така се повесели сиот јудејски собор, и свештениците и левитите, и сиот собор што дојде од Израел, и придојдениците, кои беа дошле од Израелската Земја, и жителите во Јудеја.
26 Беше голема веселба во Ерусалим зашто од времето на Давидовиот син Соломон, израелскиот цар, не беше така во Ерусалим.
27 Тогаш свештениците и левитите станаа та го благословија народот: нивниот глас беше послушан, а нивната молитва допре до Божјото Свето Живеалиште на небото.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse