Втора книга летописи/ 24 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

23 глава Втора книга летописи
24 глава
од н.п.
25 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

     1 На Јоаса му беа седум години кога се зацари, а царуваше четириесет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Сивија, од Вир Савеа.
  2 Јоас правеше што е право во Господовите очи додека беше жив свештеникот Јодај.
  3 Јодај го ожени со две жени и тој имаше со нив синови и ќерки.
  4 Потоа науми во срцето да го обнови Господовиот Дом.
  5 Откако ги собра свештениците и левитите, им рече: „Излезете по јудејските градови и собирајте од сите Израелци сребреници за да биде обновен Домот на вашиот Бог, од година до година, а вие побрзајте со таа работа.” Ама на левитите не им се брзаше.
  6 Затоа царот го повика главатарот Јодај и му рече: „Зошто не бараш од левитите да го донесуваат од Јудеја и од Ерусалим данокот што го одреди Господовиот слуга Мојсеј и Израелевиот собир, за Шаторот на сведоштвото?
  7 Зашто нечесната Готолија и нејзините синови го ограбија Божјиот Дом, и сите работи што му беа посветени на Господовиот Дом ги употребија за вааловците.”
  8 Потоа царот нареди да се направи ковчег и да се стави надвор кај вратата на Господовиот Дом.
  9 Разгласија по Јудеја и по Ерусалим да Му се донесува на Господа данок, што му го беше одредил Божјиот слуга Мојсеј на Израел во пустината.
10 Сите кнезови и сиот народ се зарадуваа, и почнаа да донесуваат и да фрлаат во Ковчегот додека не се наполни.
11 Левитите го донесуваа Ковчегот во царското надгледувалиште и кога ќе се видеше дека има многу сребреници доаѓаа царевиот тајник и повереникот на свештеничкиот главатар за да го испразнат Ковчегот. Тогаш пак го однесуваа и го ставаа на неговото место. Така правеа секој ден и собраа многу сребреници.
12 Тогаш царот и Јодај им ги даваа на настојниците над работата околу Господовиот Дом, а тие најмуваа за плата каменоресци и дрводелци за да биде обновен Господовиот Дом, па ковачи, кои умеат да работат со железо и бронза за да се поправи Господовиот Дом.
13 Настојниците работеа и поправувањето напредуваше под нивната управа; го вратија Божјиот Дом во ред и го обновија.
14 А кога свршија сè, ги донесоа пред царот и пред Јодај сребрениците што останаа; од тоа направија посатки за Господовиот Дом, посатки за служење, за паленици, кадилници и други златни и сребрени предмети. Палениците беа принесувани во Господовиот Дом непрекратно додека живееше Јодај.
15 Тогаш Јодај, откако остаре и се насити од животот, умре во сто и триесетата година.
16 Го погребаа во Давидовиот Град кај царевите, зашто правеше добро во Израел и кон Бога и кон Неговиот Дом.
17 По Јодаевата смрт дојдоа Јудините кнезови и му се поклонија на царот. Тогаш царот почна да ги слуша.
18 Јудејците беа го оставиле Господа, Бога на татковците, и почнаа да им служат на ашерите и на ликовите; Божјиот гнев дојде на Јудејците и на Ерусалимците за таа кривица.
19 Бог им праќаше пророци за да ги обратат кон Господа, тие ги опоменуваа, но тие не сакаа да слушаат.
20 Тогаш Божјиот Дух го исполни Јодаевиот син Захариј, кој, застанувајќи повисоко од народот, рече: „Бог вели вака: ‘Зошто ги прекршувате Господовите заповеди? Зошто не сакате да бидете среќни? Како што вие го оставивте Господа, така ќе ве остави и Тој.’”
21 Но тие се побунија против него и го затрупаа со камења, по царска заповед, во дворот на Господвиот Дом.
22 Ни царот Јоас не си спомна за љубовта што му ја покажа таткото Јодај, туку му го уби синот; а тој умирајќи рече: „Господ нека гледа и нека одмазди!”
23 Кога помина година време, се подигна против него арамејската војска и, напаѓајќи на Јуда и на Ерусалим, ги погуби сите кнезови во народот и му го испрати сиот плен на царот во Дамаск.
24 Иако арамејската војска беше мала по луѓе, сепак Господ и ја предаде во рацете мошне бројната војска, зашто Го оставија Господа, Бога на своите татковци. Така му се одмаздија Арамејците на Јоаса.
25 Кога си отидоа од него, оставајќи го во тешки болести, неговите стотници се побунија против него зашто го уби синот на свештеникот Јодај, па и тие го убија него на постела, та загина; го погребаа во Давидовиот Град, но не го закопаа во царската гробница.
26 Еве ги оние што се заверија против него, Завад, син на Амонката Симеата, и Јозавад, син на Моавката Симрита.
27 А за неговите синови и за големото пророштво против него, за обновата на Божјиот Дом, сè е запишано во Толкувањето на Свитокот на царевите. На неговото место зацари син му Амасиј.

Поврзано

Надворешни врски


PD-icon.svg Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
Nuvola apps important.svg
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.