Прејди на содржината

Втора книга Самоилова/ 2 глава

Од Wikisource

1 глава Втора книга Самоилова
2 глава
од н.п.
3 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Потоа Давид го праша Господа вака: „Треба ли да отидам во некој Јудин град?” А Господ му одговори: „Тргни!” Давид праша пак: „Каде да тргнам?” А одговорот беше: „Во Хеврон!”
  2 Така Давид отиде таму, а со него и неговите две жени, Ахиноама од Езраел и Авигеја, Наваловата жена од Кармил.
  3 И луѓето кои беа со Давида отидоа со него, и се населија во гратчињата на Хеврон.
  4 Тогаш дојдоа луѓе од Јуда и го помазаа таму Давида за цар над Јудиниот дом. Тогаш му јавија на Давида дека луѓето од Јавис во Галад го погребаа Саула.
  5 Тогаш Давид испрати гласници кај Јависците во Галад и им порача: „Бидете благословени од Господа зашто го направивте тоа дело на љубов кон својот господар Саул и зашто го закопавте!
  6 Затоа Господ нека ви ги искаже Својата милост и добрина, а и јас ќе ви направам добро затоа што направивте така.
  7 А сега охрабрете се и бидете јунаци, зашто Саул, вашиот господар загина, а мене Јудиниот дом ме помаза за свој цар.”
  8 Ама Авенир, Нировиот син, војвода на Сауловата војска, го зеде Сауловиот син Исвостеј и го доведе во Маханаим.
  9 Таму го постави за цар над Галад, над Асур, над Езраел, над Ефрем, над Венијамин и над сиот Израел.
10 Но Исвостеј, Сауловиот син, беше на четириесет години кога стана цар над Израел, а царуваше две години. Само Јудиниот дом го следеше Давида.
11 А Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом седум години и шест месеци.
12 Потоа излезе Авенир, Нировиот син, со луѓето на Сауловиот син Исвостеј од Маханаим кон Гаваон.
13 Ама и Јоав, Серуиниот син, излезе со Давидовите луѓе од Хеврон и се сретна со нив кај Гаваонското Езеро. Таму застанаа, овие од едната страна на езерото, а оние од другата страна.
14 Тогаш Авенир му рече на Јоава: „Младците нека станат и нека се повеселат пред нас!” А Јоав одговори: „Нека станат!”
15 И станаа, па ги изброија: дванаесет од Венијамин за Исвостеј, Сауловиот син, и дванаесет од Давидовите луѓе.
16 И секој го фати својот противник за главата и му го закачи мечот во слабината, така што сите паднаа заедно. Затоа тоа место беше наречено Хелкат Асурим (Поле на Ножевите), а лежи кај Гаваон.
17 Потоа се заметна во тој ден многу жестока битка, и Давидовите чети ги разбија Авенира и Израелците.
18 А таму беа три Серуинови синови: Јоав, Ависај и Асаил; а Асаил беше брз при трчање како газела во полето.
19 И Асаил се стрча во потера по Авенира; во стапка го следеше Авенира не свртувајќи ни десно ни лево.
20 Авенир се обѕрна и праша: „Ти ли си, Асаилу?” А тој одговори: „Јас сум.”
21 А Авенир му рече: „Сврти надесно или налево па зграпчи еден од тие младци и земи му го неговото оружје!” Ама Асаил не сакаше да сврти од него.
22 Авенир му рече пак на Асаила: „Отстрани се од мене! Зошто да те составам со земјата? Како тогаш уште би смеел да излезам пред очите на твојот брат Јоав?”
23 Ама тој никако не сакаше да се отстрани. Затоа Авенир го удри со задниот дел на копјето во желудникот така што копјето му излезе низ плеќите надвор: тогаш тој падна и умре на место. И подзастануваше секој што ќе дојдеше на она место, каде што падна и умре Асаил.
24 А Јоав и Ависај продолжија да го гонат Авенира, а кога зајде сонцето, стигнаа до брежето Ама, што лежи спроти Гија, на патот кон Гаваонската Пустина.
25 Дотогаш Венијаминовите синови се собраа околу Авенира, составија дружина и застанаа на врвот на брежето Ама.
26 Тогаш Авенир му викна на Јоава: „Зар довека ќе не голта нас мечот? Не знаеш ли дека тоа ќе заврши со несреќа? Кога отпосле ќе им кажеш на своите луѓе да се откажат од гонењето на своите браќа?”
27 А Јоав одговори: „Така ми живиот Господ, да не проговореше ти, бездруго утре наутро овие луѓе ќе се откажеа од гонењето на своите браќа.”
28 Тогаш Јоав затруби во рог, и сета војска застана: прекратија да го гонат Израел и не го продолжија бојот.
29 Авенир и неговите луѓе одеа низ Араба цела онаа ноќ; потоа поминаа преку Јордан, го продолжија патот цело утро и најпосле стигнаа во Маханаим.
30 Кога Јоав се откажа од потерата по Авенира и кога ја собра целата војска, видоа дека од Давидовите луѓе нема деветнаесетмина, и Асаил покрај нив.
31 А Давидовите луѓе убија три стотини и шеесет луѓе од Венијаминовите синови, Авенирови војници.
32 Го дигнаа Асаила и го погребаа во гробот на неговиот татко во Витлеем. А Јоав и неговите луѓе одеа цела ноќ, и веќе се раздени кога стигнаа во Хеврон.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse