Прејди на содржината

Втора книга Самоилова/ 21 глава

Од Wikisource

20 глава Втора книга Самоилова
21 глава
од н.п.
22 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

 1 Во Давидовите дни еднаш владеше глад три години едно по друго. Давид Му се обрати на Господа, а Господ му одговори: „Врз Саула и неговиот дом лежи крвна вина, зашто ги погуби Гаваонците.”
  2 Тогаш царот ги повика Гаваонците да ги праша. Тие Гаваонци не им припаѓаа на Израелците, туку беа остаток од Аморејците, на кои што Израелците им се заколнаа со заклетва, ама Саул бараше да ги уништи во својата ревност за Израелците и за Јудејците.
  3 И Така Давид ги праша Гаваонците: „Што да сторам за вас и со што да ви дадам задоволство, за да го благословите Господовото наследство?”
  4 Гаваонците одговорија: „Не бараме ние ни сребро ни злато од Саул и од неговиот дом, ниту ни е да биде погубен некој човек во Израел.” На тоа Давид им рече: „Што ќе речете, ќе направам за вас.”
  5 А тие му одговорија на царот: „Човекот кој нè сотруваше и кој смислуваше да нè уништи, за да не нè биде никаде во сето израелско подрачје,
  6 нека ни бидат предадени седум луѓе од неговите потомци, за да ги обесиме пред Господа во Саулова Гаваја на Господовата Гора.” Царот одговори: „Ќе ви ги дадам.”
  7 Царот го поштеди Мефивостеј, синот на Сауловиот син Јонатан, заради заклетвата пред Господа, што ги поврза, Давида и Јонатана, синот Саулов.
  8 Така царот ги зеде двата сина на Ресфа, ќерката на Ајин, која му ги роди на Саула, Армониј и Мефивостеј, и сите пет синови на Михала, Сауловата ќерка, која му ги роди на Адрил, синот Варзелаев, од Меола.
  9 Нив им ги даде на Гаваонците, а тие ги обесија на гората пред Господа. Така загинаа сите седум заедно, погубени во првите денови на жетвата, во почетокот на јачменовата жетва.
10 Ресфа, ќерката на Ајин, зеде вреќа и ја спростре за себе врз камен, од почетокот на јачменовата жетва сè додека не падна дожд од небото врз мртвите тела, и така не ги остави небеските птици да се спуштаат на нив дење ни полските ѕверови ноќе.
11 Кога на Давида му соопштија што направила ќерката на Ајин Ресфа, Сауловата соложница,
12 Давид отиде и ги зеде Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан од жителите на Галадскиот Јавис, кои ги беа однеле скришно од плоштадот во Вет Сан, каде што ги обесија Филистејците во оној ден кога Филистејците го поразија Саула на Гелвуја.
13 Давид ги пренесе оттаму Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан па ги здружи со коските на погубените.
14 И ги закопаа Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан со коските на погубените во Венијаминовата Земја, во Сила, во гробот на Сауловиот татко Кис. Откако исполнија сè што царот заповеда, Бог се смилува на земјата.
15 Еднаш пак почна војна меѓу Филистејците и Израелците. Давид отиде во бој со своите луѓе, та се бореа со Филистејците така што Давид се замори.
16 Јасви Венов, еден од Рефаимовите потомци, чие копје беше тешко три стотини бронзени сикли и кој имаше на појасот нов меч, се фалеше дека ќе го убие Давида.
17 Но на Давида му прискокна на помош Серуиниот син Ависај, тој го удри Филистеецот та го уби. Тогаш Давидовите луѓе се заколнаа, велејќи му на Давида: „Не ќе одиш веќе со нас во бој, за да не го угасиш Израелевиот светилник!”
18 Потоа пак избувна војна со Филистејците во Гова; тогаш Хусанецот Сивехај го погуби Сафа, еден од Рефаимовите синови.
19 Покрај тоа настана војна со Филистејците во Гова; тогаш Јаре-Орегимовиот син Елханан од Витлеем го погуби Гетеецот Голијат, кој имаше копјиште колку ткаачко вратило.
20 Потоа избувна пак војна во Гат, каде што беше некој човек со висок раст: тој имаше на секоја рака и нога по шест прсти, и така дваесет и четири; и тој беше потомок на Рефаим.
21 Кога почна да го хули Израел, го уби Јонатан, син на Давидовиот брат Сама.
22 Тие четворица беа потомци на истиот Рефаим од Гат, а загинаа од Давидовата рака и од рацете на неговите слуги.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse