Прејди на содржината

Втора книга Самоилова/ 18 глава

Од Wikisource

17 глава Втора книга Самоилова
18 глава
од н.п.
19 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Потоа Давид го изброи народот што беше со него и постави над нив илјадници и стотници.
  2 Потоа ја подели војската на три дела: едната третина му ја предаде на Јоава, втората третина на Ависај, а третата третина на Гетеецот Итај. Тогаш Давид му рече на народот: „И јас ќе дојдам со вас во војна.”
  3 Но народот се спротиви: „Ти не смееш да одиш. Зашто ние и ако побегнеме, никој не ќе обрнува внимание на тоа, или ако загинеме и половина, не ќе се обрнува внимание на тоа; ама ти самиот вредиш колку десет илјади од нас. Освен тоа, подобро е да бидеш подготвен да ни помогнеш од градот.”
  4 А царот им одговори: „Ќе направам сè што ви се чини добро.” И царот застана покрај вратата, додека војската излегуваше по стотини и илјади.
  5 А на Јоава, на Ависаја и на Итаја им даде заповед: „Чувајте ми го младиот човек Авесалом!” И сиот народ чу дека царот им заповеда така на своите војводи за Авесалома.
  6 Така војската излезе подготвена за бој пред Израел, и се зафати битка во Ефремовата Гора.
  7 Давидовите луѓе ја поразија израелската војска; и голем пораз беше во оној ден: дваесет илјади мртви.
  8 Бојот се рашири низ сиот оној крај, и повеќе луѓе голтна во тој ден гората отколку мечот.
  9 Авесалом им падна во рацете на Давидовите луѓе. Авесалом јаваше на мазга, а мазгата помина под гранките на голем даб, така што Авесаломовата глава се закачи за гранките, и тој остана висејќи меѓу небото и земјата, додека мазгата од под него замина натаму.
10 Некој човек го виде тоа и му јави на Јоава, говорејќи: „Токму го видов Авесалома како виси на еден даб.”
11 А Јоав му одговори на човекот кој му го јави тоа: „Кога си го видел, зошто не го срамни на место со земјата? Тогаш мојата должност ќе беше да ти дадам десет сребрени шекели и еден појас!”
12 Ама човекот му одговори на Јоава: „И кога би ми изброил на дланката илјада сребрени сикли, не би кренал рака на царскиот син! Со свои уши чувме кога царот ви заповеда тебе, на Ависај и на Итај, велејќи: ‘Чувајте ми го младиот човек Авесалом!’
13 Да нападнев подмолно на него излагајќи го на опасност својот живот - зашто на царот ништо не му останува скриено - тогаш и ти би се држал настрана.”
14 А Јоав одговори: „Не ќе губам јас тука време со тебе!” И зеде три стрели во раката и ги забоде во срцето на Авесалома, кој беше уште жив висејќи на дабот.
15 Потоа пристапија десет момчиња, Јоавови штитоносци, и го дотолчкаа Авесалома и го усмртија.
16 Тогаш Јоав заповеда да затрубат во рог, и војската прекрати да го гони Израел, зашто Јоав ја запре војската.
17 Потоа го зедоа Авесалома, го фрлија во длабока јама сред гората и навалија врз неа голем куп камења. Израелците пак избегаа секој во својот шатор.
18 Авесалом уште додека беше жив си постави споменик во Царевата Долина, зашто мислеше: „Немам син кој би го запазил споменот за моето име.” И го нарече тој споменик според своето име, та уште и денес се вика „Авесаломов Споменик.”
19 Ахимас, Садоковиот син, му рече на Јоава: „Одам да му ја соопштам на царот веселата вест дека Господ му додели правда, откако го избави од рацете на неговите непријатели.”
20 Ама Јоав му рече: „Денес не можеш да бидеш гласник, туку тоа ќе бидеш во некој друг ден; денес не можеш да однесеш добра вест, зашто загина царевиот син.”
21 Потоа Јоав му нареди на Етиопецот: „Оди и соопшти му на царот што виде!” Етиопецот му се поклони на Јоава и отрча.
22 А Садоковиот син Ахимас пак го замоли Јоава: „Што и да се случи, дозволи ми да отрчам и јас по Етиопецот.” А Јоав праша: „Зошто би трчал, сине мој, кога таа вест нема да ти донесе награда?”
23 А тој повтори: „Што и да се случи, ќе трчам!” А Јоав му одговори: „Трчај!” И Ахимас отрча низ рамницата и го престигна Етиопецот.
24 Давид токму седеше меѓу две градски врати, а стражарот беше качен на покривот на вратата. Подигнувајќи ги очите, стражарот согледа човек како што трча сам.
25 Стражарот извика и му соопшти на царот, а царот рече: „Ако е сам, носи вест во устата.” Човекот доаѓаше сè поблизу.
26 Тогаш стражарот здогледа друг човек како трча. И извика стражарот кој беше над вратата: „Еве уште еден човек, кој трча сам!” А царот одговори: „Тој е гласник.”
27 Стражарот продолжи: „Го препознавам трчањето на првиот човек: трча како Садоковиот син Ахимас.” А царот одговори: „Тој е добар човек, доаѓа со добра вест.”
28 Ахимас се доближи до царот и го поздрави: „Здраво!” Се фрли со лицето на земјата пред царот и продолжи: „Благословен да е Господ, твојот Бог, Кој ги напушти луѓето што дигнаа раце против мојот господар и цар!”
29 А царот праша: „Дали е живо момчето Авесалом?” А Ахимас одговори: „Видов голема врева кога царевиот слуга Јоав го испраќаше твојот слуга, ама не знам што беше.”
30 Царот му рече: „Отстапи и застани таму!” Тој отстапи и застана.
31 Тогаш стигна Етиопецот и проговори: „Нека мојот господар цар ја прими добрата вест. Господ денес ти даде правда откако те избави од рацете на сите оние кои што се дигнаа против тебе.”
32 А царот го праша Етиопецот: „Дали е живо момчето Авесалом?” А Етиопецот одговори: „Нека непријателите на мојот господар и цар и сите кои се подигнаа против тебе со лоша намера - поминат како тоа момче!”
33 Царот се возбуди, се искачи во горницата над вратата и заплака; липајќи зборуваше вака: „Сине Авесаломе, сине мој! Сине мој Авесаломе! Ох, да умрев јас место тебе! Авесаломе, сине мој, сине мој!”

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse