Втора книга Мојсеева/ 3 глава
2 глава | Втора книга Мојсеева 3 глава од Мојсеј |
4 глава |
1 Мојсеј ги пасеше овците на деда си Јотор, мадијамски свештеник. Гонејќи го така стадото по пустината, дојде до Божјата Гора, Хорив.
2 Господов ангел му се покажа во распламнат оган од една капина. Тој се загледа: целата капина во пламен, а сепак не изгорува.
3 „Ајде да се доближам - рече Мојсеј - и да ја набљудувам оваа чудна глетка: зошто капината не изгорува.”
4 Кога Господ виде дека приоѓа да разгледа, Бог го повика од капината: „Мојсеј! Мојсеј!” „Еве ме,” се јави.
5 „Не приближувај се наваму! - рече. - Собуј ги обувките од нозете! Зашто местото на кое стоиш е света земја.
6 Јас Сум - продолжи - Бог на твојот татко; Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.” Мојсеј го засолна лицето: се плашеше да гледа во Бога.
7 „Ги видов страдањата на својот народ во Египет - продолжи Господ - и му ја чув тужбата против неговите угнетувачи. Познати ми се неговите маки.
8 Затоа слегов да го избавам од египетските раце и да го одведам во добра и пространа земја, во земја каде течат мед и млеко: во родниот крај на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците.
9 Повиците на Израелевите синови стигнаа до мене. И Самиот видов како Египетците ги угнетуваат.
10 Затоа, ајде! Јас те испраќам при фараонот да го избавиш Мојот народ, Израелците, од Египет.”
11 „Кој сум јас да се запатам при фараонот - Му одговори Мојсеј на Бога - и да ги изведам Израелците од Египет!”
12 „Јас ќе бидам со тебе - продолжи. - И ова ќе биде знак дека Јас те испратив: кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му искажете почитување на Бога на оваа гора.”
13 Тогаш Мојсеј Му рече на Бога: „Ако отидам при Израелците и им речам: ‘Бог на вашите татковци ме испрати при вас’, и тие ме прашаат: ‘Како Му е името?’ - што ќе им одговорам?”
14 „ЈАС СУМ, КОЈ СУМ,” му рече Бог на Мојсеја. Потоа продолжи: „Кажи им вака на Израелците: ‘ЈАС СУМ, ме испрати при вас.’”
15 Натаму Бог му рече на Мојсеја: „Речи им на Израелците вака: ‘Господ, Бог на вашите татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, ме испрати при вас. Тоа е Мое име довека, така ќе Ме викаат од род до род.’
16 Оди, собери ги старешините на Израелците и речи им: ‘Господ, Бог на татковците - Бог Авраамов, Исаков и Јаковов - ми се јави и ми рече: „Ве посетив и разбрав што ви прават во Египет.
17 Одлучив да ве изведам од египетската беда во земјата на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците - во земјата во која течат мед и млеко!”‘
18 Тие ќе те послушаат. Тогаш тргни со старешините на Израелците кон египетскиот цар и речи му: ‘Ни се јави Господ, Бог на Евреите. Пушти нè да одиме три дни одење во пустината, да Му принесеме таму жртва на Господ, на својот Бог.’
19 Јас знам дека египетскиот цар нема да ве пушти, ако не биде натеран од силна рака.
20 Затоа Јас ќе ја испружам Својата Рака и ќе го притиснам Египет со секакви чудеса, што ќе ги направам во него. После ќе ве пушти.
21 Египетците се расположени добро кон овој народ, па кога ќе тргнете, нема да тргнете со празни раце.
22 Нека секоја жена побара од својата сосетка и состанарка во својата куќа сребрен и златен накит, и облеки. Ставете го тоа на своите синови и ќерки. Така ќе ги ограбите Египетците.”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse