Втора книга Мојсеева/ 39 глава
38 глава | Втора книга Мојсеева 39 глава од Мојсеј |
40 глава |
1 Од љубичестото, црвеното и темноцрвеното предено направија убаво изработено руво за служба во Светилиштето; направија света облека за Арона, како што Господ му нареди на Мојсеја.
2 Наплеќникот го направија од злато, љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен.
3 Исковаа златни плочки, а потоа ги исекоа на нишки, за да ги испреплетат уметнички во љубичестото, црвеното и темноцрвеното предено и во препредениот лен.
4 За наплеќникот направија прекурамници што беа составени со него на своите два краја;
5 ткаенината што стоеше на него, беше направена од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен како и тој, и од едно парче со него како што Господ му нареди на Мојсеја.
6 Камењата на ониксот ги опточија со раб од злато. Врз нив беа, како што се режат печатите, врезани имињата на Израелевите синови.
7 Нив ги ставија на прекурамениците на наплеќникот, за да бидат спомен-камења на Израелевите синови, како што Господ му нареди на Мојсеја.
8 И врзградникот го изработија со работата на вештаците како и наплеќникот: од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен.
9 Врзградникот го направија четириаглест, двоен; беше долг една педа, широк педа, а удвоен.
10 Вметнаа во него четири реда бесцени камења. Првиот ред беше од сард, топаз и смарагд;
11 вториот ред од антракс, сафир и адамант;
12 третиот ред од лигур, ахад и аматист;
13 а четвртиот од кризолит, оникс и јаспис. Сето тоа беше обрабено со злато.
14 На бесценетите камења беа имињата на Израелевите синови. На број беа дванаесет колку и нивните имиња. Беа врезани како и печати - секој камен со името на едно од дванаесетте племиња.
15 За врзградникот направија веришки од чисто злато како засукани врвци.
16 Потоа направија две златни рамки и две златни колца па ги прицврстија двете колца за двата горни агли на врзградникот.
17 Сега ги заврзаа тука засуканите врвци од злато за двете колца што беа прицврстени за аглите на врзградникот.
18 Другите два краја на засуканите врвци ги прицврстија за две рамки. Така ги поврзаа со прекурамениците на наплекниќот однапред.
19 Потоа направија две златни колца па ги прицврстија за двата краја на врзградникот покрај внатрешниот раб, свртен кон наплеќникот.
20 Уште направија две златни колца па ги прицврстија за долниот, преден крај на прекурамениците на наплеќникот, крај местото каде се врзува, врз ткаенината на наплеќникот.
21 Ги врзаа колцата на врзградникот со колцата на наплеќникот со сина врвца, така што врзградникот да стои над препашката на наплеќникот и да не може да се одвои од наплеќникот, како што и Господ му нареди на Мојсеја.
22 Направија и наметка за наплеќникот од љубичесто предено.
23 Во средината на наметката имаше прорез како отвор на оклоп, разрез опшиен наоколу, за да не се скине наметката.
24 На долниот раб на наметката направија калинки од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен.
25 А направија и ѕвончиња од чисто злато, па ѕвончињата ги врзаа меѓу калинките; сè наоколу во долниот раб на наметката меѓу калинките:
26 ѕвонче па калинкин цвет, ѕвонче па калинкин цвет околу долниот раб на наметката за вршење на служба, како што Господ му нареди на Мојсеја.
27 Потоа од исткаен лен направија кошули за Арона и за неговите синови;
28 а направија и капа од лен и капчиња од лен; направија платнени гаќи од препреден лен.
29 И појасите беа од препреден лен и од љубичесто, црвено и темноцрвено предено, извезани, како што Господ му нареди на Мојсеја.
30 Направија и плоча, свет венец, од чисто злато, и врз неа врежан натпис како што се врезува на печатен прстен: „Посветен на Господа.”
31 За неа приврзаа сина врвца, за да можат да ја врзат на врвот на капата, како што Господ му нареди на Мојсеја.
32 Така беа завршени сите работи на Шаторот на средбата. Израелците направија сè онака како што Господ му нареди на Мојсеја да направат.
33 Тогаш му ги донесоа на Мојсеја: Шаторот и сиот негов прибор: неговите куки, неговите даски, неговите лостови, неговите столбови и неговите подножја;
34 покрив од направени црвени овновски кожи, покрив од јазовечки кожи, завесата за засолнување;
35 Ковчегот на сведоштвото со неговите ластегарки и Очистилиштето;
36 столот и сиот негов прибор, принесените лебови,
37 светилникот од чисто злато со неговите светилки - светилки веќе ставени во ред - и сиот негов прибор - и масло за осветление;
38 златен жртвеник, миро за помазание, благомиризлив темјан и завесата за влезот во Шаторот;
39 жртвеник од бронза со бронзена решетка; неговите ластегарки и сиот негов прибор; мијалникот и неговата потпирка;
40 завесите за дворот; нивните столбови и нивните подножја; завесата за дворниот влез, неговите јажиња и нивните колчиња - сиот прибор за служба во Шаторот на средбата;
41 убаво изработени облеки за служба во Светилиштето - света облека за свештеникот Арон и облеки за свештеничката служба на неговите синови.
42 Токму како што Господ му нареди на Мојсеја, така Израелците ја свршија целата работа.
43 Мојсеј ги прегледа сите работи и утврди дека ги довршиле: како што Господ нареди, така и ги направија. И Мојсеј ги благослови.
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse