Втора книга Мојсеева/ 29 глава
28 глава | Втора книга Мојсеева 29 глава од Мојсеј |
30 глава |
1 „Ова е обредот што ќе го извршиш врз нив, за да ги посветиш за Мои свештеници: земи еден јунец и два овна без недостатоци;
2 потоа пресен леб, пресни колачиња замесени во масло и бесквасни кори намачкани со масло. Направи ги од чисто пченично брашно.
3 Нареди ги во кошница и принеси ги во кошницата со јунецот и двата овна.”
4 Доведи ги Арона и неговите синови до влезот во Шаторот на средбата и измиј ги во вода.
5 Потоа земи ја облеката и облечи го Арона во кошула; стави ги врз неа наметката на наплеќникот, наплеќникот и врзградникот и препаши го преку ефодот.
6 Сложи му ја капата на главата; на капата сложи го светиот венец.
7 Потоа земи масло за помазание; излеј го врз неговата глава и помажи го.
8 Тогаш доведи ги неговите синови; облечи ги во кошулите,
9 препаши ги со појасите Арона и неговите синови и завиткај им ги капите. Свештенството нека им припаѓа според вечна одредба. Така посвети ги Арона и неговите синови!”
10 „Потоа доведи јунец пред Шаторот на средбата, па Арон и неговите синови нека положат раце врз главата на јунецот.
11 Тогаш пред Господа, на влезот во Шаторот на средбата, заколи го јунецот.
12 Земи ја крвта на јунецот и со твојот прст намачкај ги роговите на жртвеникот. Остатокот од крвта истури ја во подножјето на жртвеникот.
13 Земи го сето мрсно околу дробот, мрежичката на црниот дроб и двата бубрега со мрсното околу нив, па изгори ги на жртвеникот.
14 Месото од јунецот, неговата кожа и неговата нечистотија изгори ги во оган надвор од логорот. Тоа е жртва покајница за грев.”
15 „Потоа земи еден овен, па Арон и неговите синови нека ги положат своите раце врз неговата глава.
16 И заколи го овенот, собери му ја крвта и попрскај го со неа жртвеникот од сите страни.
17 Потоа насечи го овенот на делови, измиј му ја внатрешноста и нозете и положи ги врз неговите други делови и врз главата.
18 И тогаш изгори го целиот овен на жртвеникот. Тоа е жртва паленица во чест на Господа, пријатен мирис, огнена жртва.”
19 „Тогаш земи го вториот овен, па Арон и неговите синови нека ги положат своите раце на главата на овенот.
20 Сега заколи го овенот; собери му ја крвта и намачкај ги: месестиот дел на десното Ароново уво, месестиот дел на увото на неговите синови, палецот на нивната десна рака па палецот на нивната десна нога. Со остатокот од крвта плисни го жртвеникот наоколу.
21 Потоа земи ја крвта што остана на жртвеникот и маслото за помазание и попрскај ги Арона и неговата облека, и неговите синови и нивните облеки. Така ќе бидат посветени тој и неговата облека, неговите синови и нивните облеки.”
22 „Потоа земи еден овен со лој, со мрсна опашка, со лој околу дробот, мрежичката на црниот дроб, двата бубрега и мрсното околу нив; десната плешка - зашто е тоа овен принесен за свештеничко посветување -
23 потоа еден тркалест леб, еден колак со масло и една кора од кошницата на бесквасниот леб што е пред Господа.
24 Сето тоа сложи им го на рацете на Арона и на неговите синови и принеси жртва вртена пред Господа.
25 Тогаш земи ги од нивните раце и изгори ги на жртвеникот, над жртвата паленица, за пријатен мирис пред Господа. Тоа е палена жртва во чест на Господа.
26 Потоа земи ги градите на овенот принесен за Ароновото посветување и принеси ги како жртва вртена пред Господа. Тоа нека биде твој дел.
27 Посвети ги градите што беа принесени како вртена жртва и плешките што беа принесени како поткрената жртва од овенот принесен за посветување на Арона и на неговите синови.
28 Тоа нека им биде награда на Арона и на неговите синови од Израелците за сите времиња. Па тоа е наемот што Израелците ќе го даваат од своите помирителни жртви - наем што Му припаѓа на Господа.
29 Ароновите посветени облеки нека им припаднат на неговите синови по него, за да бидат во нив помазани и посветени.
30 Синот кој ќе стане свештеник место него, кога ќе влезе во Шаторот на средбата за да врши служба во Светилиштето, нека ги носи седум денови.”
31 „Потоа земи го овенот за посветување и свари го неговото месо на посветено место.
32 Арон и неговите синови нека го јадат месото од тој овен и леб од кошницата на влезот во Шаторот на средбата.
33 Нека јадат од она што служи за нивно покривање на гревот, за да бидат посветени и свети. Ниту еден туѓинец нека не јаде од тоа, зашто е посветено.
34 Ако остане нешто од месото за свештеничко посветување или нешто од оној леб до наутро, изгори го на оган. Не смее да се изеде, зашто е посветено.”
35 „Направи им токму така на Арона и на неговите синови, како што ти наредив. Посветувај ги седум денови.
36 Секој ден принесувај по еден јунец како жртва покајница - за помирување. И принеси жртва покајница за помирување на олтарот, потоа помажи го, за да биде посветен.
37 Седум денови принесувај жртва помирница за жртвеникот и посветувај го. Така жртвеникот ќе стане пресвет, и сè што ќе се допре до жртвеникот ќе биде посветено.”
38 „А ова треба да го принесуваш на жртвеникот: две јагниња, годиначиња, секој ден без прекин.
39 Жртвувај едно јагне наутро, а другото жртвувај го навечер.
40 Принеси со првото јагне десетина од ефа бело брашно замесено со четвртина ин првоточно истолчено масло, и жртва изливница од четвртина ин вино.
41 Другото јагне принеси го во примрак. Со него принеси жртва приносница со неговата жртва излевница како и наутро - за пријатен мирис, жртва палена во чест на Господа.
42 Тоа нека биде трајна жртва паленица од поколение до поколение - при влезот во Шаторот на средбата, пред Господа. Таму Јас ќе се среќавам со тебе за да ти зборувам.
43 Ќе се состанувам тука и со Израелците, и Мојата слава ќе ги посветува.
44 Јас ќе ги посветам Шаторот на средбата и жртвеникот; ќе ги посветам Арона и неговите синови, за да ми служат како свештеници.
45 Јас ќе престојувам меѓу Израелците и ќе им бидам нивни Бог.
46 Тогаш тие ќе познаат дека тоа Сум Јас, Господ нивниот Бог, Кој ги избави од Египетската Земја, за да пребивам среде нив - Јас, Господ, нивниот Бог.”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse