Прејди на содржината

Втора книга Мојсеева/ 13 глава

Од Wikisource

12 глава Втора книга Мојсеева
13 глава
од Мојсеј
14 глава


 1 Господ му рече на Мојсеја:
  2 „Посветете ми го Мене секој првороденец! Мене ми припаѓаат првенците на мајчината утроба кај Израелците и од луѓето и од животните!”
  3 А тогаш Мојсеј му рече на народот: „Помнете го овој ден, во кој сте избавени од Египет, од куќата на ропството, зашто Господ ве избави оттаму со својата силна рака. Стасан леб нека не се јаде!
  4 На овој ден во месецот Авив е вашето избавување.
  5 Затоа: кога Господ ќе те воведе во земјата на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Евејците и Евусејците, за која се заколна на твоите предци дека ќе ти ја даде - земја каде течат мед и млеко - во овој месец изврши ваков обред:
  6 шест дена јади бесквасен леб, а на седмиот ден нека се прославува празник во чест на Господа.
  7 Седум дена нека се јаде бесквасен леб; леб со квас нека нема кај тебе; и нека никаде не се види квас во твоето подрачје.
  8 На тој ден објасни му на твојот син: ‘Ова е поради тоа што Господ ми стори кога се спасив од Египет.’
  9 Нека ти биде како знак на твојата рака и како опомена на твоето чело: за да биде Господовиот закон во твојата уста. Зашто Господ те избави од Египет со силна рака.
10 Вршете го овој пропис секоја година во одредено време.”
11 „А кога Господ те доведе во земјата на Ханаанците - како што ви се заколна, тебе и на твоите татковци - и кога ќе ти ја предаде,
12 отстапувајте Му ги на Господа првороденците на мајчината утроба, а така и сите првородени што ги дава твојот добиток - секое машко Му припаѓа на Господа!
13 Секое првородено на ослињата откупи го со јагне или јаре. Ако не го откупиш, свиткај му го вратот. А секој првороденец меѓу своите деца откупи го.
14 Кога твојот син ќе те праша утре: ‘Што значи тоа?’ - одговори му: ‘Господ нè изведе со силна рака од Египет, од куќата на ропството.
15 Бидејќи фараонот стана закоравен па не сакаше да нè пушти, Господ ги погуби сите првороденци во Египетската Земја: првороденците на луѓето и првороденците на добитокот. Ете затоа на Господа му ја жртвувам секоја првина на мајчината утроба, а го откупувам секој првороденец од своите синови.’
16 Нека ти биде тоа како белег на твојата рака и како знак среде челото дека Господ нè избави со силна рака од Египет.”
17 Кога фараонот дозволи да замине народот, Бог не ги поведе кон Филистејската Земја, иако оттаму беше најблизу. Имено, Бог рече: „Може народот да се премисли и да се врати во Египет кога ќе види војување.”
18 Затоа Бог го поведе народот по заобиколувачки пат, низ пустината кон Црвеното Море. Израелците ја напуштија Египетската Земја вооружени.
19 Мојсеј ги зеде со себеси Јосифовите коски. Зашто Јосиф ги заколна Израелците со зборовите: „Бог бездруго ќе се застапи за вас. Тогаш земете ги со себе оттука!”
20 Тргнувајќи од Сокхот се настанија во Етам, на крајот на пустината.
21 Господ одеше пред нив, дење во столб од облак, за да им го покажува патот, а ноќе во столб од оган, за да им свети. Така можеа да патуваат и дење и ноќе.
22 И не исчезнуваше од пред народот столбот од облак дење, ни огнениот столб ноќе.

Поврзано

[уреди]

Надворешни врски

[уреди]

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse