Амандмани на Уставот на Република Македонија

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Амандмани на Уставот на Република Македонија

од [[Собрание на Република Македонија]]


06.01.1992 I, II амандман[уреди]

Врз основа на член 131 став 4 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 6 јануари 1992 година, донесе

ОДЛУКА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА АМАНДМАНИТЕ I и II НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


Се прогласуваат амандманите I и II на Уставот на Република Македонија, што ги усвои Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 6 јануари 1992 година.


СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Број 08-44/1 6 јануари 1992 година С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Стојан Андов


АМАНДМАНИ I И II НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Овие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со денот на нивното проласување.

АМАНДМАН I

1. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави.

2. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општо прифатените меѓународни норми.

3. Со точката 1 на овој амандман се дополнува членот 3, а со точката 2 се заменува ставот 3 на членот 3 на Уставот на Република Македонија.

АМАНДМАН II

1. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

2. Со овој амандман се дополнува ставот 1 на членот 49 на Уставот на Република Македонија.


01.07.1998, III амандман[уреди]

Врз основа на член 131 став 4 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 1 јули 1998 година, донесе


О Д Л У К А ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА АМАНДМАНОТ III НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


Се прогласува амандманот III на Уставот на Република Македонија, што ги усвои Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 1 јули 1998 година.


СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


Број 07-2717/1 1 јули 1998 година С к о п ј е ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Тито Петковски


АМАНДМАН III на Уставот на Република Македонија


Овој амандман е составен дел на Уставот на Република Македонија и влегува во сила со денот на неговото прогласување.

АМАНДМАН III

1. Притворот до подигнување на обвинението, по одлука на суд, може да трае најдолго 180 дена од денот на притворувањето.

По подигнување на обвинението, притворот го продолжува или го определува надлежниот суд во случај и во постапка утврдени со закон.

2. Со овој амандман се заменува ставот 5 на членот 12 на Уставот на Република Македонија.


16.11.2001, IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII амандман[уреди]

Врз основа на член 131 став 4 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 16 ноември 2001 година, донесе


О Д Л У К А

ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА АМАНДМАНИТЕ IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


Се прогласуваат амандманте IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII на Уставот на Република Македонија

што ги усвои Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 16 ноември 2001 година.


СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Број 07-3795/1 16 ноември 2001 година С к о п ј е ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Стојан Андов


АМАНДМАНИ

IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII

на Уставот на Република Македонија


Овие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со денот на нивното прогласување.


А М А Н Д М А Н IV


1. Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на с# што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро - Република Македонија - во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој

2. Со точката 1 на овој амандман се заменува Преамбулата на Уставот од Република Македонија.

А М А Н Д М А Н V


1. На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.

Личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон.

Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.

Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.

Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

2. Со овој амандман се заменува членот 7 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н VI


1. Соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.

2. Со точката 1 на овој амандман се дополнува алинејата 2 на членот 8 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н VII


1. Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон.

2. Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

3. Со точката 1 на овој амандман се заменува ставот 3 на членот 19, а со точката 2 се заменува ставот 4 на членот 19 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н VIII


1. Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница.

Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници.

Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет.

Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик се изучува и македонскиот јазик.

2. Со овој амандман се заменува членот 48 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н IX


1. Републиката гарантира заштита, унапредување и збогатување на историското и уметничкото богатство на Македонија и на сите заедници во Македонија, како и на добрата кои го сочинуваат без оглед на нивниот правен режим.

2. Со точката 1 на овој амандман се заменува ставот 2 на членот 56 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н X


1. Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.

2. За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.

3. Со овој амандман се заменува членот 69 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н XI


1. Собранието избира народен правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

2. Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител посветува особено внимание за заштита на начелата на недискриминација соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и во јавните установи и служби.

3. Со точката 1 на овој амандман се заменува ставот 1 на членот 77, а со точката 2 се дополнува ставот 2 на членот 77 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н XII


1. Собранието основа Комитет за односи меѓу заедниците.

Комитетот го сочинуваат 19 члена од кои по седум члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. Доколку некоја од заедниците нема пратеници, народниот правобранител, по консултации со релевантните претставници на тие заедници, ќе ги предложи другите членови на Комитетот.

Собранието ги избира членовите на Комитетот.

Комитетот разгледува прашања од односите меѓу заедниците во Републиката и дава мислења и предлози за нивно решавање.

Собранието е должно да ги разгледува мислењата и предлозите на Комитетот и да донесе одлука во врска со нив.

Во случај на спор во врска со спроведување на постапката за гласање во Собранието, утврдена во членот 69 став 2 Комитетот одлучува, со мнозинство гласови од членовите, за тоа дали ќе се спроведе постапката.

2. Со точката 1 на овој амандман се заменува членот 78 од Уставот на Република Македонија и се брише алинејата 7 на членот 84 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н XIII


1. При именувањето на тројцата членови, претседателот ќе обезбеди составот на Советот, како целина, соодветно да го одразува составот на населението во Република Македонија.

2. Со точката 1 на овој амандман се дополнува ставот 2 на членот 86 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н XIV


1. Тројца од членовите се избираат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

2. Со овој амандман се дополнува ставот 2 на членот 104 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н XV


1. Собранието ги избира судиите на Уставниот суд. Собранието избира шест судии на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.

2. Со овој амандман се заменува ставот 2 на членот 109 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н XVI


1. Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

2. Со овој амандман се заменува ставот 5 на членот 114 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н XVII


1. Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

2. Во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

3. Со точката 1 на овој амандман се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, а со точката 2 се заменува ставот 2 на членот 117 од Уставот на Република Македонија.


А М А Н Д М А Н XVIII


1. Одлука за измена на Преамбулата, членовите за локална самоуправа, членот 131, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, вклучувајќи ги особено членовите 7, 8, 9, 19, 48, 56, 69, 77, 78, 86, 104 и 109, како и одлука за додавање која било нова одредба која се однесува на предметот на тие одредби и тие членови, ќе биде потребно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.

2. Со овој амандман се додава нов став 4 на член 131 од Уставот на Република Македонија


А М А Н Д М А Н XIX


1. Се гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација. Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката. Законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.

2. Со овој амандман се заменува членот 17 на Уставот на Република Македонија.


07.12.2005, XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX И XXX амандман[уреди]

Врз основа на член 131 став 5 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 7 декември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА АМАНДМАНИТЕ XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX И XXX НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


Се прогласуваат амандманите XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX И XXX на Уставот на Република Македонија, што Собранието на Република Македонија ги донесе на седницата одржана на 7 декември 2005 година.


СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Број 07- 4542/1

7 декември 2005 година

С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

д-р Љупчо Јордановски, с.р.


Дека преписот е верен на оригиналот, тврди:

ЗАМЕНИК НА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Фелек Касами



АМАНДМАНИ

XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX И XXX НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


Овие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со денот на нивното прогласување.


АМАНДМАН XX

1. За прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

2. Со овој амандман се дополнува членот 13 од Уставот на Република Македонија.


АМАНДМАН XXI

1. Се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

2. Со овој амандман се заменува членот 15 на Уставот на Република Македонија.


АМАНДМАН XXII

1. Предлага двајца членови на Судскиот совет на Република Македонија.

2. Со овој амандман се заменува алинејата 5 на членот 84 од Уставот на Република Македонија.


АМАНДМАН XXIII

1. Претседателот ужива имунитет. За неговиот имунитет одлучува Собранието.

2. Со овој амандман се заменува ставот 3 на членот 89 од Уставот на Република Македонија.


АМАНДМАН XXIV

1. Предлага Јавен обвинител на Република Македонија по претходно мислење од Советот на јавни обвинители.

2. Со овој амандман се заменува алинејата 12 на членот 91 од Уставот на Република Македонија.


АМАНДМАН XXV

1. Судската власт ја вршат судовите.

Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Забранети се вонредни судови.

Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

2. Со точката 1 на овој амандман се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија.


АМАНДМАН XXVI

1. На судијата му престанува судиската функција:

  • ако тоа сам го побара;
  • ако трајно ја загуби способноста за вршење на судиската функција, што го утврдува Судскиот совет на Република Македонија;
  • ако ги исполни условите за старосна пензија;
  • ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца и
  • ако е избран или именуван на друга јавна функција, освен кога судиската функција мирува под услови утврдени со закон.

Судијата се разрешува:

  • поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и

поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврденисо закон. 2. Со точката 1 на овој амандман се заменува ставот 3 на членот 99 од Уставот на Република Македонија.


АМАНДМАН XXVII

1. Судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет на Република Македонија, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

2. Судиската функција е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на друга јавна функција или професија утврдена со закон.

3. Со точката 1 на овој амандман се заменува ставот 2 на членот 100 од Уставот на Република Македонија, а со точката 2 на овој амандман се заменува ставот 3 на членот 100 од Уставот на Република Македонија.


АМАНДМАН XXVIII

1. Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Советот го сочинуваат петнаесет члена.

По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда.

Осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови. Тројца од избраните членови се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, при што ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Тројца членови на Советот избира Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Двајца членови на Советот предлага претседателот на Република Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Македонија, односно што ги предлага претседателот на Република Македонија се од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и други истакнати правници.

Мандатот на избраните членови на Советот трае шест години, со право на уште еден избор.

Условите и постапката за избор, како и основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.

Функцијата избран член на Советот е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.

2. Со овој амандман се заменува членот 104 од Уставот на Република Македонија.


АМАНДМАН XXIX

1. Судскиот совет на Република Македонија:

  • ги избира и разрешува судиите и судиите поротници;
  • утврдува престанок на судиската функција;
  • ги избира и разрешува претседателите на судовите;
  • ја следи и оценува работата на судиите;
  • одлучува за дисциплинската одговорност на судиите;
  • одлучува за одземање на имунитетот на судиите;
  • предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија од редот на судиите и
  • врши други работи утврдени со закон.

При изборот на судиите, судиите поротници и претседателите на судовите ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Советот за својата работа поднесува годишен извештај до Собранието на Република Македонија, чија форма, содржина и начин на усвојување се уредуваат со закон.

2. Со овој амандман се заменува членот 105 од Уставот на Република Македонија и се брише алинејата 15 на ставот 1 на членот 68 од Уставот на Република Македонија.


АМАНДМАН XXX

1. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители.

Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Јавниот обвинител на Република Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот.

При изборот на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот.

Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.

Основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители се уредува со закон.

Функцијата Јавен обвинител на Република Македонија и јавен обвинител е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.

Се забранува политичко организирање и дејствување во Јавното обвинителство.

2. Со овој амандман се заменуваат ставовите 2 и 3 на членот 106 од Уставот на Република Македонија и се брише членот 107 од Уставот на Република Македонија.