Автор:Григор Прличев/ Мечта на еден старец
Мечта на еден старец од Григор Прличев |
првично објавено во весник „Балкан“, година I, број 15 од 28 април 1883, страници 8-9 |
Само што слушнав за вашата света редакција не можев да воздржам еден силен восклик: Одиме напред! Жешките молитви за успехот на вашето дело ми се постојани, но не ги пишувам, некој да не ми рече: "и......е многузборлест".
Поканата да учествувам во издавањето на весникот „Балкан", колку и да беше скокотлива за мене, долго време се борев со мојата волја: да ја прифатам или не? Слабите ми сили не ми одговараат на мојот вжештен залог. Лишен од секаков бугарски речник, оригинален во јазикот, стародревен по правопис, речиси крајно оттргнат од периодичните списанија, на запознат со текот на случувањата, неслободен да ги посетувам селата, во кои би собрал богат книжевен материјал, природно телесно слаб, а уште повеќе ослабен од долгогодишното и неплодно елинско учење, од деноноќна работа, од судските расправии со несвети светоначалници, од ужасните зандани, од тежината на годините и оковите, огорчен од грубата критика, истоштен од нездравиот воздух на лошо изградени и лошо одржувани училишта, а при тоа презадоволен од мојата учителска плата, загрижен за напредокот на 117 ученици, зафатен по пет часа на ден со професијата, професија што според мене е многу посериозна од секоја друга (само еден добар свештеник просветлен од св. дух може да е рамен на учителот по полезност на професија) имав право, или подобро кажано, бев должен да се одречам.
Навистина, првата изјава на мојата волја беше едно цврсто, неизбежно, ослободено од секаква колебливост решение да не ја прифатам поканата. Но, според Хомер, друг дух ме препна; бугарскиот гениј ми се претстави; опулот му беше сматен, тажен.
- Духу мој, посетата твоја ме ужаснува, ме растреперува; срцебиењата ми се сè почести и по болежливи; грч ми ги совладува нервите и мускулите; знам дека си дошол да ме задолжиш со нешто. Но зошто толку си огрубел и си се смуртил? Дали со нешто сум те разгневил? Какве ли должност не сум исполнил? Со што ли можеш да ме протераш? Колку примамливо ти ми се претстави во Атина, кога пред Универзитетот приквечерта поминаа костурските работници и си разговараа на мајчинскиот, на светиот, на бугарскиот јазик. Паметиш ли како студентите, кога го чуја бугарскиот јазик, го презреа говорот и говорителите и рекоа: „Еве минуваат воловите“. Тогаш, колку ласкаво ти ме поттупна по плеќи и ми рече: „Одмазди им! Одмазди им за Костур и за сиот бугарски народ!“ Паметиш, дека со тебе заедно беше и оној крилест, величествен трубач, кого сега не ми го претставуваш, бидејќи знаеш дека тој за мене не претставува веќе никаков восхит. И јас, со надежта на мојата младост сесрдно бев те послушал, ја оставив богатата свршеница Панахија[1] и сиот тебе ти се предадов, и со твоја помош им вратив и ги победив како единствен јунак. Остави ме да зборувам и не мурти се. Знам дека фалбата е крастава, но таа е својство на староста и на секоја слабост. А ти, мој духу, жити Севишниот, којшто те испратил, нели се израдува повеќе од мене и како награда на жртвата моја венец од неземни цвеќиња ми стави околу главата? Нели ти, понесен од благородните момчиња во составот на тогашното бугарско-цариградско „Читалиште“, ми врачи писмо со нивна срдечна благодарност, дека во туѓо племе јас не ја заборавив мајка ми, иако од младоста бев воспитан на јазик за неа совршено непознат. Јас паметам, колку тогаш одот ти беше личен, колку челото ти беше величествено, каков блесок од очите твои зрачеше, а говорот твој толку возвишен.
- Прими ја благодарноста на сиот бугарски народ и биди вечно благословен, мој верен! Не си ме заборавил, нема да те заборавам; ќе го разгласам името твое на далечни страни, веста ќе ја пренесам пред која ќе затрепери од радост секое словенско срце - и навремено му мигна на оној крилатиот, веселиот, на оној, што освојува под девственото лице призрак, којшто облечен во светла, како сонце, облека, во левата рака држи венец, а во десната - долга труба. И призракот послушен затруби звучно, заглушувачки: „ Се прослави бугарското име среде грчката престолнина“.
- Таков ти беше кон некогаш мене; а сега зошто си мрачен? Паметиш ли кога „Дунавски лебед“ гласно извести во Атина за смртта на браќата Миладиновци, колку решително јас таму го оставив сиот украс на животот и си тргнав во татковината за да ѝ служам со дар, за да умирам заедно со моите смртни сограѓани, да им го покажам вистинскиот пат кон напредокот, да го искоренам елинскиот јазик од црквите и од училиштата, по четири векови варваризам да го воведам повторно звучниот славјанизам, и за народниот напредок и одмазда за смртта на моите учители да претрпам неискажливи маки. Нели ти беше тој што ме поттикнуваше на такви жртви и подвизи? Од каде сега толку гневен? Зошто си намуртен?
И духот гласно и луто ми одговори: - Како да не сум намуртен? Каков Бугарин си ти кога за Грците напиша бесмртни дела а за своите еднородци ниту еден ред? Ако и да си бил од Метузалем постар, и од Терсит послаб, и од Гледсон познаен, и од Раковски по оргинален, и од Бизмарк покритикуван; ако би живеел и во африканските пустини, лишен од секаква врска со човечкиот род, ако и да си бил уверен дека критиката ќе ти го загорчи животот, ќе те убие; ти си должен да се претставиш пред бугарскиот народ со каква и да е творба.
Ова го рече духот со силен глас и со прекорувачки тон, а јас тврдоглаво му одговорив: -Јас не пишував за Грците освен по твоја наредба. Всушност, истиот тој кој ми наметнал едно дело, може ли да ме прекорува за извршувањето? Ти ги знаеш причините заради кои одамна не пишувам на бугарски. Ако тие не се доволни да те убедат, јасно е дека ти си неподнослив мој тиранин и дека си збеснал од мојата слепа послушност. Ако ти си се обидел да ме исплашиш, злобно си се излагал: не се плаши оној којшто дванаесет пати се борел со смртта, и тоа по твоја наредба. Немам причини да се плашам ни од тебе, ни од светиите, ни и од самиот Господ. Ги исполнив, ми се чини, сите должности кон Бога, кон господарот, а сега сакам да си дадам оддишка. Ќе ме принудиш ли на старост да грачам како гавран, кога на младоста така убаво пеев. Сега ли ти паѓа на памет да бидеш неразделен од мене и да ме вознемируваш со чести посети, мој мачителу? А кога јас, заради кусогледаоста не можев никаде пријател да придобијам, кога подгрбавен врвев по патот, без да внимавам на личностите коишто минуваат; кога знамените мажи минуваа пред мене во недоумица, зошто јас в земја гледам и никого не поздравувам, тогаш кај беше ти да ми дадеше барем очила? Но да почнам од почеток. Кога јас по тригодишно учителствување добив 1200 гроша, и со нив, уште малолетен и неискусен се подготвував да тргнам за Атина, за да учам од Хомера и Херодота, кај беше ти? Како тогаш не ми се јави да ме одвратиш од тој пат и да ми ги посочиш Киев или Прага? Како сега ме принудуваш да пишуванм на бугарски, кога не ми си дал еден, барем еден бугарски речник?
- Одличните мажи, кои што те удостоија да им бидеш соработник, и многу други достојни синови на младата Бугарија, преку своите списанија ќе направат речник, тоа зависи од вас, слушаш ли? - Чув! - Па, ајде, пишувај. - Го замразив пишувањето откако три мои статии се изгубија по пат. - Отсега нема да се губат. - Не знаеш ли ти дека, ако се осмелам да отидам по селата за да соберам материјал, ненаситниот Албанец ќе ме одведе како заробеник во планините и ќе ми бара триста лири откуп? - Не оди по селата; пишувај што ќе ти падне на ум. Јас сега барам твој материјал, а селскиот ми е обезбеден. - Ја мразам необразованата критика; мојот ловоров венец порано беше свежо-зелен, не свенлив; грубата критика се сви околу него како змија и од злото што го изли неговите лисја овенаа, се исушија. - Грубата критика ќе онеме, биди уверен. - Но за сребро ли или за празнословие да си го фрлам под нозе спокојството и напредокот на моите ученици? - Ниту за едно, ниту за друго; во полза на Бугарија ќе ги жртвуваш токму минутите на почивката своја, без да потцениш ниту јота од својата учителска должност. - И така, куси и ретки ќе бидат моите чкртаници врз девствената хартија!.. Но, што е најглавно, да се работи за исправување на нашето земјоделство, или на нашето сточарство или пак за експлоатација на земјата, за затворање на крчмите? - Јас сум бессонец и мојот труд е неуморлив; но такви чуда наеднаш не се прават. А каква полза од чкртаниците мои? - Уште ли презборуваш? Јас ја сакам секоја чкртаница на многу страдалниот Македонец, имено, поради тоа што во нивното наречие наоѓам многу првобитни форми. - Но како ќе ме поттикнеш на работа, додека не го видам монументот на моите учители, браќата Миладиновци. - Нивниот момнумент е на небото; слушај! - Подготвен сум. - Додека Бугарија уште е сиромашка, трудете се. Вашиот труд (здружениот труд е Божји благослов), каков и да е таа ќе го прими со благодарност. Ајде, работете! Времето лета, фатете го за косата. Сега, сега! Додека Бугарија уште е; додека спомените за ропството уште се живи, треба да се појават нејзините добри синови. Во идниот век Бугарија ќе биде почестита; туку ми е страв самата нејзина благосостојба да не ги опие чедата нејзини. Си прочитал ли? - Со многу мала полза од тоа. Хомер ме научи да бидам бујно бестрашен, а Херодот - да се сомневам во вистината на историјата. - Слушај! Франција додека беше уште бедна, ги роди оние велики синови кои се прославија во царството на Луј XIV; а потоа, колку што Франција стануваше почестита, толку бројот на нејзините великани се намалуваше. Зошто лицето ти се промени? Оаа појава чудна ли, несфатлива ли ти се виде? - Да! - Но нема да се чудиш кога ќе видиш дека тоа е последица на злоупотреба на слободата. Бог бесплатно не дава, туку го продава земното богатство, и тоа го продава за труд. Народи со трескавичен труд достигнаа до недостижни степени на слава и величие и станаа трепет на земјата, и ја принудија да молкне пред нив; а во мигот кога се впуштија на мрзеливост, се урнаа, а уривањето им било толку брзо и гласно. Трудот е здравје; трудот е трезвеност. Кој што се труди е весел: а без веселост нема здравје. Навистина, по лицето на црната земја се наоѓаат гении, блажени смртници на кои разумот, одраз на севидливиот Божји разум, достига до небесата, од каде што потекнува; но тие, како бесценети камења се тврди и ретки. Најголем број олеснување на маченичкиот човечки живот го должиме на трудот. Кој е поголем? Палмерстон ли кој со пијанство си го скусил животот или Гладстон, кој со неограничен труд седумпати го преведе Хомера? Труд сакам од тебе: труд! Труд! додека сме трезни. Јас знам дека силите ти се слаби, но мака ли ќе ти е да бидеш соработник со толку знаменитости? Лошо ли ќе ти е, ти белокос, да се водиш со цветот на младинците и да го дишеш истиот воздух што го дишат тие? Нели ти го нудам единственото место да се подмладиш? По толку твои преречувања би те оставил без никакво двоумење. Јас, како и тебе, така и многумина сум поттикнал на работа, на подвизи и на опасности, оти како и младината, јас сиромашкиот малкумина можев да спасам. При сетоа тоа настојувам пред тебе, со блага надеж дека возраста твоја ќе ги насочи, ќе ги воодушеви твоите млади соработници. О, каква чест! Кога ти, среде нив ќе подвикнеш со старечкиот, но звучен твој глас: „Напред момчиња! Исправете ја паднатата в кал маченицата наша мајка, или гинете!“ О, каков ризик! Кога сонливиот од работа соработник ќе го пробудиш со татковски прекор: „Стани, стани, мрзливецу! Младоста да ти ја имам, срцето да ти го немам!“
- Ах, да би бил млад како во Атина, кога со многугласен триумф, јас во битките сосема неопитен, победив и величествено неколкумината ги спружив под своите нозе еден по еден, сам, и таму спрострени дваесет и седум стамени борци, од мажи и од жени со прст покажувани; да не бев таков, не ќе имав потреба од ваша помош: едната моја десница би ја усреќила милата ми моја мајка. Но сега јас сум, како што гледате, слаб!
- Во каков пламен ќе зовријат срцата на младежот кога ти обелен, изнемоштен старец, ќе ги предводиш по полето на честа? Кога ќе им викнеш со својот силен глас: „Напред, момчиња! Чесен живот или чесна смрт!“ Каква гордост кога ти, угнетен од итри и силни непријатели, ќе им викнеш на своите: „Во беда су, чеда! Кој ќе ми ја острами побелената коса? Нема ли меѓу вас јунак од јуначка мајка роден?“ О, тогаш и најропските Бугари ќе ти притекнат на помош, ќе ги разбијат нај збиените редови на непријателската фаланга, ќе ги убијат твоите најсилни угнетувачи и ќе им заблагодарат на своите родители и на Бога, што ги удостоил да бидат учесници во борбата на тој историски ден и избавувачи на твојот живот.
- Уште ли дрдорење? - Ме победил: мојот слух не може да го пренесе широкогрмечкиот повик, но барем знај дека моите чкртаници ќе бидат ретки и куси. - И тоа нека биде: ако ти често чкрташ, прв јас ќе ти кажам дека го уважуваш среброто, како сите остари. - Победуваш. А ти кога не си победил?
Тогаш духот благо се насмевна и в миг се промени, се преобрази: брчките на лицето му исчезнаа. Светол венец му го опкружи лицето: очите му блеснаа како сонце.
- Смрт или живот носишти? - Јас му припаѓам на животот, но не на земниот. - Ако некогаш сум те послушал, послушај ме сега. - Подготвен сум. - Подистави се, ти се молам: слабичково тело ми изгоре пред пламените лачи на твоите очи.
И во еден миг тој провеа над мене низ едниствениот прозорец на мојата соба и ја остави полна со тивка светлина и со своето блажение.
Охрид, 27 март, 1883 г.
Белешки
[уреди]- ↑ Божица на медицината