Прејди на содржината

Јов/ 38 глава

Од Wikisource

37 глава Јов
38 глава
од н.п.
39 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 Тогаш Господ му одговори на Јова од бура и рече:
  2 Кој е тој кој со безумни зборови ја замрачува божествената промисла?
  3 Препаши си го крстот како јунак Јас ќе те прашам, а ти поучи Ме.
  4 Каде беше кога ја основав земјата, кажувај, ако знаеш!
  5 Знаеш ли кој и ги одреди мерките и кој го оптегна измерувачкото јаже над неа?
  6 На што и почиваат основите? Кој и постави крајаголен камен,
  7 додека воскликнуваа утринските ѕвезди и извикуваа Божјите дворјани?
  8 Кој го затвори морето со врати, кога заизвори од мајчиното крило,
  9 кога го облеков со облак како со облека и кога го завиткав со густа магла како со пелени;
10 кога ја одредив неговата меѓа, ставив врати со лостови?
11 Дотаму, не подалеку, му реков нему, тука нека се крши гордоста на твоите бранови!”
12 Зар некогаш си му заповедал на утрото? Зар си и го покажал на зората нејзиното место,
13 да ја потфати земјата за рабовите и да ги истресе од неа сите безбожници,
14 да ја претвори во печатна глина и да ја обои како некаква облека?
15 Таа им ја одзема светлината на злосторниците и им ја крши кренатата тупаница.
16 Зар си проникнал до морските извори? Зар си одел некогаш по дното на бездната?
17 Зар ти ја покажаа вратата на смртта? Ги виде ли вратите на крајот на мртвите сенки?
18 Ги согледа ли пространствата на земјата? Зборувај, доколку го знаеш сè тоа.
19 Кои патишта водат во домот на светлината, на кое место престојуваат темнините,
20 за да ги одведеш во нивните краишта, за да им го покажеш патот кон нивниот стан?
21 Ти го знаеш тоа, па ти се роди одамна, бројот на твоите денови е многу голем!
22 Дали си стигнал до ризниците на снегот и зар ги виде засолништата на градот,
23 што ги запазив за деновите на неволјата, за време на крвав бој и војна?
24 По кој пат се дели молњата, кога распрснува искри по целата земја?
25 Кој го ископа подводниот ров, кој му го исчисти патот на грмежот
26 за да врне дожд врз ненаселено подрачје, врз пустината каде нема жива душа,
27 за да ја напои неплодната пустина, за да никне трева во степата?
28 Има ли дождот свој родител? Кој е тој што ги раѓа капките на росата?
29 Од чие крило излегува мразот, кој ја создава сланата, што паѓа од небото?
30 Како се сцврстуваат водите како камен и како замрзнува површината на бездната?
31 Можеш ли да ја врзеш Плејадата со вериги и да ги разврзеш врските на Орион,
32 да ја изведеш Деницата во вистинско време, да ја водиш Мечката со нејзините млади?
33 Зар ги познаваш ти небесните закони, па да им доделиш ним сила на земјата?
34 Можеш ли да им извикаш на облаците, па да те послушаат поројните дождови?
35 Зар по твоја заповед летаат секавиците и зар ти се одѕиваат тебе: „Еве нè?”
36 Кој ја положи мудроста во човекот, кој му даде разум на срцето?
37 Кој ги пребројува мудро облаците и кој ги излева небесните мевови,
38 додека земјата не се згусти во тесто и додека не се залепат нејзините грутки?
39 Зар ти ќе и уловиш лов на лавицата или ќе го задоволиш гладот на лавчињата,
40 додека чекаат гладно на своето легло и дебнат на жртвата од засолништето?
41 Кој им набавува храна на гавраните кога неговите пилци пиштат кон Бога и летаат наоколу без храна?

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse