Прејди на содржината

Јов/ 31 глава

Од Wikisource

30 глава Јов
31 глава
од н.п.
32 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

 1 Склучив завет со своите очи, дека нема да погледнат на ниедна девица.
  2 А што ми досуди Господ одозгора, какво ми е наследството од Сèдржителот?
  3 Па, не е ли несреќата за нечесниот, а неволјата за оние што прават зло?
  4 Не ги гледа ли Тој сите мои патишта, не ги брои ли Тој сите мои чекори?
  5 Зар одев, кога и да било, во друштво со лагата? Зар мојата нога брзаше кон измама?
  6 Нека ме измери Бог врз права мерка, па ќе ја види мојата непорочност!
  7 Ако мојот чекор се отстрани некогаш од патот, ако моето срце го следеше окото, и ако срамно дело ми ги извалка рацете,
  8 друг нека го јаде тоа што сум го посеал, нека ги искорени сите мои подници.
  9 Ако моето срце се завело по некоја жена, ако дебнев некогаш зад вратата на својот ближен,
10 тогаш мојата жена нека меле на друг, нека ја подели својата постела со друг!
11 Со тоа би направил бесрамно дело, злостор на кој правдата треба да му пресуди.
12 Би запалил оган што жеже до пропаст и што би ја изгорел сета моја едногодишна жетва.
13 Ако некогаш го презрев правото на својот слуга или слугинка, кога спореа со мене,
14 што ќе направам кога Бог ќе стане? Што ќе одговорам кога ќе побара сметка?
15 Зар Тој не нè создаде двајцата во утробата и нè создаде еднакво во мајчиното крило?
16 Дали се правев дека не ги слушам молбите на сиромашните или ги расплакав вдовичините очи?
17 Дали го јадев некогаш сам својот залак, а да не го делев со сирачето?
18 Па, од младоста му бев како татко, го водев од мајчиното крило!
19 Зар го гледав безкуќникот без облека или некој беден без покривка,
20 а неговите бедра да не ме благословија мене, кога се стопли со руното на моите овци?
21 Ако кренав рака против невин, знаејќи дека мојот бранител е при вратата,
22 моето рамо нека се откорне од плеќката и нека ми отпадне раката од лактот!
23 Зашто Божјите ужаси би паднале врз мене и не би можел да устојам пред Неговото величество.
24 Зар надежта ја ставив во златото или му реков на златото: „Сигурност моја!”
25 Зар се радував на големо богатство, на богатствата што ги спечалија моите раце?
26 Зар - гледајќи го сонцето како блеска и како месечината патува по сјајното небо,
27 моето срце се зазеде потајно да им испратам бакнеж со раката?
28 Тоа ќе беше грев што вика по суд, бидејќи би се одрекол од Сèвишниот Бог.
29 Зар се зарадував на неволјите на непријателите и ликував кога го снајде зло,
30 јас, кој не го остави јазикот да греши, проколнувајќи го и сакајќи да умре?
31 Не зборуваа ли луѓето на мојот шатор: „Па кого тој не го засити со месо?”
32 Никогаш странец не ноќеваше надвор, ја отварав својата врата на патникот.
33 Не ги криев своите гревови како Адам, не ја криев вината во своите гради.
34 Зашто се плашев од озборувањата на мноштвото и стравував од племенското презрение, па молчев не преминувајќи преку својот праг.
35 О, да имаше некој да ме сослуша! Јас го кажав својот последен збор: Сèдржителот нека ми одговори сега! Противникот нека ми напише оптужница,
36 и јас ќе ја носам на своето рамо, ќе го украсам челото со неа како со круна.
37 Ќе Му дадам сметка за своите чекори и ќе стапам пред Него како кнез.”
38 Ако мојата земја викаше против мене, ако со неа, плачеа нејзините бразди;
39 ако јадев плодови, без да платам, и ако ги јадосав нејзините орачи,
40 нека расте троскот на неа, место жито, и место јачмен нека расте какол насекаде! - Крај на Јововите зборови.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse