Јов/ 13 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

12 глава Јов
13 глава
од н.п.
14 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 „Јас го видов сè тоа со своите очи, чув со своите уши и разбрав.
  2 Сè што знаете вие тоа го знам и јас, во ништо не сум полош од вас.
  3 Затоа, треба да зборувам со Сèдржителот, да ја изложам својата причина пред Бога.
  4 Зашто, вие сте вистински ковачи на лагата и вие сте сите напразни лекари!
  5 Кога бисте знаеле да молчите, ќе ја покажевте својата мудрост!
  6 Сепак слушајте ги моите докази, чујте ја причината на моите усни.
  7 Зар заради Бога зборувате лаги и зар заради Него се тие измамливи зборови?
  8 Зар сакате пристрасно да Го браните Бога? Зар сакате да Му бидете застапници?
  9 Зар би било добро Тој да ве испита? Зар бисте Го измамиле како човек?
10 Тој ќе ве изобличи со претешка казна, заради вашата потајна пристрасност.
11 Зар не ве плаши Неговото величество и зар не ве опфаќа ужас од Него?
12 Вашите причини се пословици од пепел, вашата одбрана е одбрана од кал.
13 Молкнете сега! Оставете ме да зборувам, па после нека ме снајде што му е мило.
14 Зар своето тело да го кинам сам со забите? Зар да го упропастувам животот со својата рака?
15 Тој може да ме убие: немам друга надеж, туку да ги оправдам своите патишта пред Него.
16 И тоа е веќе залог за моето спасение, зашто лицемер не може да стапи пред Него.
17 Послушајте ги внимателно моите зборови, нека навлезе беседата во вашите уши.
18 Ете: јас приготвив расправа, зашто сум уверен во своето право.
19 Кој сака да се суди со мене? Зашто ако молкнам, одма ќе издивнам.
20 Само две молби не ми скратувај, да не се кријам од Твоето лице,
21 крени ја од мене Твојата тешка рака и не плаши ме со својот ужас.
22 Тогаш прашај ме, а јас ќе одговорам; или јас да прашам, Ти да одговараш.
23 Колку престапи и гревови направив? Покажи ми ги мојот прекршок и вината.
24 Зошто го криеш сега Своето лице од мене и зошто гледаш непријател во мене?
25 Зошто го изморуваш со страв листот гонет од ветер и зошто се нафрлаш врз суво сламче?
26 О, Ти, Кој ми пишуваш горчливи пресуди и ме теретиш со гревовите на младоста,
27 Кој ми ги стави нозете во клада, и Кој бдееше над секој мој чекор и ги испитуваш трагите на моите стапки!
28 Животот ми се распаѓа како гнило дрво, како облека што молците ја изедуваат.”

Поврзано

Надворешни врски


PD-icon.svg Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
Nuvola apps important.svg
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.