Хошеа (вики-превод)
Даниел | Хошеа Библија (вики-превод) од н.п. |
Јоел |
Глава 1
[уреди]1Збор од ГОСПОД што дојде за Хошеа[1], син на Беери, во деновите на Јудејските цареви Уззија[2], Јотам, Ахаз и Езекија, и во деновите на Израелскиот цар Јеровоам[3], синот на Јоаш.
Жената и децата на Хошеа.
[уреди]2Почна да зборува ГОСПОД преку Хошеа и му рече ГОСПОД на Осија: „Оди, земи си жена блудница и деца од неверство, зашто за блуд, за блуд е виновна земјата и од ГОСПОД застранува.“
3Па отиде тој и се ожени со Гомер, ќерка на Дивлаим. Зачна таа и му[4] роди син.
4Тогаш му рече ГОСПОД: „Дај му име Језреел[5], зашто брзо ќе го казнам домот на Јеху[6] за крвопролевањето во Језреел и ќе му ставам крај на царството на домот Израелев.
5Во тој ден ќе го скршам лакот[7] на Израел во долината Језреел.“
6Зачнаа таа повторно и роди ќерка. Тогаш му рече ГОСПОД: „Дај ѝ име Ло Рухама[8], зашто нема веќе да го сакам домот Израелев, ќе го заборавам, сосема ќе го заборавам.
7А домот Јудин ќе го сакам и ќе го спасам[9], но не со лак, ни со меч, ни со битка, ни со коњи, ни со коњаници, туку преку ГОСПОД, нивниот Бог.“
8Откако ја одби Ло Рухама, зачна и роди син.
9Тогаш ГОСПОД рече: „Дај му име Ло Ами[10], зашто вие не сте мој народ и Јас не сум ваш Бог.“
10Сепак, бројот на децата Израелеви ќе биде како морската песок, која не може ниту да се измери, ниту да се изброи. На местото каде што им беше кажано: „Не сте мој народ[11].“, ќе бидат наречени: „Синови на живиот Бог[12].“
11Тогаш повторно ќе се обединат народот од Јуда и народот од Израел, ќе си назначат еден водач, и ќе излезат од земјата, зашто голем е денот на Језреел.
Глава 2
[уреди]1Кажете им на вашите браќа: „Мој народ[13]“ и на сестрите ваши: „Сакана[14]“.
Израел казнет и обновен.
[уреди]- 2’Прекорете ја вашата мајка, прекорете ја,
- зашто таа не е моја жена
- и Јас не сум нејзин маж.
- Нека ги отстрани блудствата од лицето свое
- и неверствата од меѓу градите,
- 3зашто ќе ја соблечам гола,
- ќе ја направам како од мајка родена,
- пустина ќе ја направам,
- во сува земја ќе ја претворам
- и ќе ја оставам да умре од жед.
- 4Децата нејзини нема да ги сакам,
- зашто тие се деца на блуд.
- 5Ете, неверна беше нивната мајка,
- срамно го направи нивното зачнување,
- рече: ’Ќе одам по моите љубовници[15],
- оние што ми го даваат мојот леб и мојата вода,
- мојата волна и мојот лен,
- моето масло и моите пијалоци.'
- 6Затоа, гледајте, ќе ѝ го препречам патот со трнови грмушки,
- ќе ја заградам со ѕид па нема да може да си ги најде патиштата.
- 7Ќе трча по своите љубовниците,
- но нема да ги фати.
- Ќе ги бара, но нема да ги најде.
- Тогаш ќе каже: ’Ќе станам и ќе се вратам кај мојот прв маж,
- зашто тогаш ми беше подобро од сега.'
- 8Таа не признаваше дека Јас ѝ го давав житото,
- младото вино и маслото,
- сребро и злато истурав врз неа,
- а тие го употребија за Баал[16].
- 9Затоа ќе се свртам и ќе си го земам моето жито кога ќе созрее
- и младото вино кога ќе стаса;
- ќе си ги земам волната и ленот
- кои им беа давани за да си ја покријат голотијата.
- 10Така сега ќе ја покажам развратноста нејзина
- пред очите на нејзините љубовници
- и никој нема да ми ја заме од раце.
- 11Ќе ги сопрам сите нејзини прослави[17],
- годишните славја[18], Младите Месечини,
- Саботите - сите нејзини празници.
- 12Ќе ги уништам лозата и смоквата нејзина
- за кои вели: ’Тие ми се плата што ми ја дадоа моите љубовници.'
- Ќе ги претворам во грмушки па дивите животни ќе ги брстат.
- 13Ќе ја казнам за деновите кога на Баалите им палеше темјан,
- се китеше со прстени и накит и одеше по нејзините љубовници,
- а Мене Ме заборави.“ - вели ГОСПОД.
- 14’Затоа Јас ќе ја намамам,
- ќе ја одведам во пустината
- и ќе му зборувам на нејзиното срце.
- 15Ќе ѝ ги вратам таму лозјата нејзини,
- а долината Акор[19] ќе ја претворам во врата на надеж.
- Ќе ми возврати таму како во деновите на нејзината младост,
- како во деновите кога дојде од Египетската земја.
- 16Во тој ден,“ - вели ГОСПОД - „ќе ме нарекувате Иши[20],
- и нема повеќе да ме нарекувате Баали[21].
- 17Ќе ги отстранам имињата на Баалите од нејзината уста
- и нивните имиња нема повеќе да се повикуваат.
- 18Во тој ден ќе склучам за нив завет со полските ѕверови,
- со птиците небесни и со суштествата по земјата,
- па лак, меч и битка ќе исфрлам од употреба во земјата
- и ќе можат да одмараат во безбедност.
- 19Ќе те верам за Себе довека,
- ќе те верам за Себе во праведност,
- во правда, во љубов и милост.
- 20Ќе те верам за Себе во верност
- и ќе ти стане јасно Кој е ГОСПОД.
- 21Во тој ден ќе им возвратам,“ - вели ГОСПОД -
- „ќе им возвратам на небесата, а тие, тие ќе ѝ возвратат на земјата,
- 22и земјата ќе му возврати на житото и на младото вино
- и на маслото и тие ќе му возвратат на Језреел[22].
- 23Ќе ја посадам за Себе во земјата
- и ќе ја љубам Немила[23],
- и ќе му речам на Не-мој-народ[24], ’ти си мој народ',
- а тој ќе рече: ’Боже мој'.
Глава 3
[уреди]Помирувањето на Хошеа со неговата жена.
[уреди]1И ми рече ГОСПОД: „Ајде сега оди, и повторно сакај ја жената која беше сакана од друг и беше блудница, како што ГОСПОД ги сака синовите на Израел, иако тие се свртуваат кон други богови и ги сакаат колачите од суво грозје[25].“
2Па ја откупив за петнаесет сребреници[26] и за еден хомер[27] и еден летек јачмен.
3Тогаш ѝ реков: „Многу денови ќе мора да живееш со мене. Не смееш да блудствуваш и не смееш да бидеш со маж, а ни јас со тебе.“
4Оти многу денови ќе живеат синовите Израелеви без цар и без кнез, без жртва и без свети камења[28], без ефод[29] и идоли[30].
5Потоа ќе се вратат синовите на Израел и ќе го побараат ГОСПОД, нивниот Бог, и Давид, нивниот цар, и ќе дојдат во последните денови треперејќи кај ГОСПОД и кај неговите благослови.
Глава 4
[уреди]Обвинение против Израел.
[уреди]1Слушнете го зборот ГОСПОДОВ синови на Израел, зашто обвинение има ГОСПОД против жителите на земјата:
- „Ете, нема верност, нема љубов,
- нема свесност за Бог во земјата.
- 2Клетви, лаги, убиства, кражби, блуд
- - ги преминаа сите граници.
- После секое крвопролевање[31] следи ново крвопоролевање.
- 3Заради ова страда[32] земјата
- и гинат сите нејзини жители.
- Умираат ѕверовите полски,
- птиците небесни и рибите морски.
- 4Но нека не подига обвинение човек против човек,
- зашто твојот народ е како оние што обвинуваат свештеник.
- 5Потклекнувате дење, потклекнува пророкот со вас ноќе,
- затоа ќе ја уништам вашата мајка.
- 6Уништен е мојот народ, зашто му недостасува знаење.
- Затоа што го отфрли знаењето
- и Јас ќе те отфрлам, да не бидеш Мој свештеник.
- Затоа што го занемари законот на својот Бог
- и Јас ќе ги занемарам твоите деца.
- 7Колку повеќе се множеа
- толку повеќе против Мене грешеа.
- Славата нивна во срам ќе ја претворам.
- 8Тие се хранат од гревот на Мојот народ
- и ненаситни се од неговата неправедност.
- 9И вака ќе биде: „Како луѓето, така и свештениците
- ќе ги казнам за патиштата нивни,
- ќе им платам според делата нивни.
- 10Ќе јадат, ама нема да се наситуваат,
- ќе блудствуваат, ама нема да се множат,
- зашто ГОСПОД го напуштија, за да им се препуштат на
- 11блуд, старо и младо вино,
- а тоа го одзема разумот.
- 12Мојот народ со дрвени кипови се советува,
- дрвени столбови му даваат одговор,
- ете, духот на блудствата го заведува
- и неверни му се на својот Бог.
- 13По врвовите планински[33] жртвуваат
- и по ридовите палат жртви паленици.
- Под даб, под топола и теребинт[34],
- зашто пријатна е нивната сенка.
- Ете затоа вашите ќерки се свртеа кон блуд[35],
- снаите ваши кон прељуба.
- 14Нема да ги казнам ќерките ваши кога ќе блудствуваат,
- ниту снаите ваши кога ќе вршат прељуба,
- зашто и самите мажи со блудници спијат
- и на храмски блудници[36] им принесуваат жртви,
- а народот е во незнаење и пропаѓа.
- 15Иако ти вршеше прељуба, О Израеле,
- Јуда нека не биде виновен!
- Не одете на Гилгал,
- не качувајте се на Бет Авен[37]
- и не колнете се: „Жив е ГОСПОД.“
- 16Ете, Израел е тврдоглав како тврдоглава јуница.
- Може ли тогаш ГОСПОД да ги пасе како јагнињата на ливада?
- 17Ефраим[38], оној што се здружи со идоли[39],
- оставете го!
- 18Им заврши пијалокот,
- па се предадоа на блуд и блудствуваат.
- Го сакаат, о како го сакаат срамниот пат владетелите негови.
- 19Ќе ги збрише виорот со неговите крилја,
- нивните жртвеници ќе им донесат срам.
Глава 5
[уреди]Пресуда против Израел.
[уреди]- 1Слушнете го ова свештеници,
- внимавај доме Израелев, начули ги ушите доме царски:
- „Ете, против тебе е оваа пресуда:
- ’стапица бевте во Миспа[40]
- и мрежа распната во Тавор[41].
- 2Бунтовниците длабоко забраздија во колеж
- и сите нив Јас ќе ги казнам.
- 3Го знам Јас Ефраим[42], Израел не е сокриен од Мене,
- зашто сега кон блуд се сврте Ефраим,
- Израел е расипан.
- 4Делата нивни не им допуштаат
- да се вратат кон нивниот Бог,
- ете духот на блудствата е во нивните срца
- и ГОСПОД не го познаваат.
- 5Гордоста на Израел сведочи против самиот него,
- а Израел, дури и Ефраим потклекнуваат во сопствениот грев,
- а со нив потклекнува и Јуда.
- 6Со стоката своја и со стадата
- одат да Го бараат ГОСПОД,
- но нема да Го најдат, се повлече од нив.
- 7На ГОСПОД му се неверни, вонбрачни деца раѓаат.
- Сега Младата Месечина[43] ќе ги проголта и нив и нивните полиња.
- 8Затрубете труба во Гивеа[44], рог во Рама[45]!
- Дигнете боен вик во Бет Авен!
- Зад тебе сме Венијамине.
- 9Ефраим ќе биде уништен[46] на денот на пресметката -
- меѓу племињата Израелеви го објавувам она што е сигурно.
- 10Водачите на Јуда се како оние кои разместуваат[47] камења меѓници,
- врз нив како вода ќе го излеам Мојот гнев.
- 11Потиснат е Ефраим, згазен со право,
- зашто зафатен е само со идоли[48].
- 12А Јас сум како молец за Ефраим,
- како гнилеж за домот Јудин.
- 13Кога Ефраим ја виде својата болест и Јуда својата рана,
- се сврте Ефраим кон Асирија[49]
- и побара помош од големиот цар.
- Но тој не може да ве излекува,
- не може да ги исцели вашите рани.
- 14Оти Јас ќе бидам како лав за Ефраим,
- како лав голем за домот Јудин.
- Јас, Јас нив ќе ги искинам на парчиња и ќе си заминам,
- ќе ги одведам и ќе нема кој да ги спаси.
- 15А Јас ќе се вратам во Моето место
- сѐ додека не си ја признаат вината и не Ме побараат.
- Во бедата своја искрено ќе Ме побараат.“
Глава 6
[уреди]Израел не се кае.
[уреди]- 1Дојдете да се вратиме кај ГОСПОД,
- зашто Тој на парчиња нѐ раскина, но Тој и ќе нѐ излечи.
- Тој нѐ рани, но ќе ни ги превие раните.
- 2После два дни ќе нѐ оживее,
- на третиот ден повторно ќе нѐ крене,
- за да живееме со Него.
- 3Да Го запознаеме, да бараме сите да Го запознаат ГОСПОД.
- Како изгрејсонце ќе се појави,
- ќе ни дојде како зимски дожд,
- како пролетен дожд што ја натопува земјата.
- 4Што да ти правам Ефраиме, што да ти правам Јудо?
- Твојата верност е како утринска магла,
- како роса која рано исчезнува.
- 5Затоа на парчиња ги раскинав преку Моите пророци,
- ги убив со зборовите од Мојата уста -
- како молња блеснаа пресудите против нив.
- 6Оти за верност[50] сум желен, а не за жртва,
- за познавање на Бог, а не за жртви паленици.
- 7Но и тие, како и Адам[51],
- го прекршија заветот и ми беа неверни.
- 8Гилеад, град на злосторници,
- извалкан со траги крвави.
- 9Разбојници во заседа го демнат човека,
- банда свештеници убиваат на патот за Шехем,
- срамни злосторства прават.
- 10Страшни нешта видов во домот на Израел.
- На блуд се оддал Ефраим,
- осквернет е Израел.
- 11А и за тебе Јуда Тој одреди жетва.
- Кога ќе го обновам богатството на мојот народ,
Глава 7
[уреди]- 1кога ќе го излечам Израел,
- ќе се изнесе на виделина гревот на Ефраим и злосторствата на Самарија[52].
- Тие лажат, крадци по домовите влегуваат,
- по улиците разбојници ограбуваат.
- 2Но не сфаќаат дека сето зло во нивните срца Јас го памтам.
- Гревовите нивни ги преплавуваат и секогаш Ми се пред очи.
- 3Со својата злоба радост му причинуваат на царот,
- со лагите свои (ги развеселуваат) кнезовите.
- 4Сите тие развратни луѓе се како печка разгорена од пекарот.
- Тој престанува да ја разгорува од кога ќе го замеси тестото,
- па сѐ додека тоа не се надигне.
- 5На денот на нашиот цар кнезовите се зажаруваат од топлината на виното,
- а тој им подава рака на оние кои се подбиваат.
- 6Срцата им се како печка, приоѓаат со сплетки[53].
- Нивната страст тлее цела ноќ,
- а наутро се разгорува како огнен пламен.
- 7Сите тие се врели како печка,
- ги проголтуваат нивните владетели.
- Сите нивни цареви паѓаат[54]
- и нема ниту еден кој Мене Ме повикува.
- 8Ефраим со народите се меша.
- Ефраим е како рамна погача непревртена[55].
- 9Туѓинци му ја цицаат[56] силата,
- а тој не сфаќа.
- Главата со седи влакна му е прошарана,
- а тој не забележува.
- 10Дрскоста на Израел сведочи против него,
- но и покрај тоа тие не се враќаат кај ГОСПОД, нивниот Бог, ниту пак Го бараат.
- 11Ефраим е како гулабица лесноумна и глупава.
- Египет го повикуваат, кон Асирија се свртуваат!
- 12Кога ќе тргнат, ќе ја фрлам преку нив мрежата Моја,
- како птица во воздухот ќе ги соборам,
- ќе ги уловам кога ќе ги слушнам да се собираат.
- 13Тешко на нив зашто застранија од Мене!
- Уништување за нив зашто се побунија против Мене!
- Јас би ги избавил, но тие зборуваат лаги против Мене!
- 14Не повикуваат кон Мене од срце,
- туку лелекаат врз нивните кревети.
- Заради житото и младото вино се собираат и застрануваат од Мене.
- 15Јас ги обучив и им дадов сила на нивните раце,
- а тие против Мене коваат зло.
- 16Не се свртуваат кон Севишниот[57].
- Тие се како лак во кој не може да се има доверба.
- Од меч ќе паднат водачите нивни заради нивниот безобразен јазик.
- Заради ова ќе се подбиваат со нив во земјата Египетска.
Глава 8
[уреди]Израел ќе жнее виор.
[уреди]- 1Принесете ја трубата до уста!
- Орел[58] лета над домот ГОСПОДОВ,
- зашто тие го прекршија Мојот завет
- и против Мојот закон се побунија.
- 2Израел кон Мене вика: „Боже мој, Те познаваме!“
- 3Го отфрли Израел она што е добро,
- сега непријателот ќе го прогонува.
- 4Си поставуваат[59] цареви кои не се Мои луѓе,
- избираат кнезови кои не ги одобрувам.
- Со нивното сребро и злато прават идоли за да бидат уништени.
- 5Отфрли го телето[60] Самарио!
- Мојот гнев гори против нив!
- До кога нема да бидат способни за чистота?
- 6Тие се од Израел, а телето занаетчија го направи
- и тоа не е бог.
- На парчиња ќе го здробам телето на Самарија.
- 7Ете ветер посеаја, виор ќе жнеат!
- На стеблото клас нема да остане и брашно нема да даде.
- Кога би и дало, туѓици ќе го изедат.
- 8Проголтан е Израел,
- сега тие се меѓу народите безвредно нешто,
- 9оти тие се искачија во Асирија
- како диво магаре кое талка препуштено само на себе.
- Ефраим им се продаде[61] на љубовниците.
- 10Но иако се продадоа меѓу народите,
- сега Јас ќе ги приберам.
- И ќе почнат да се исцрпуваат под угнетувањето на моќни цареви.
- 11Иако многу жртвеници подигна Ефраим
- за да принесува жртви за грев,
- тие за него станаа жртвеници за грев.
- 12Им напишав многу нешта од Мојот закон -
- како нешто туѓо ги сметаа.
- 13Ми принесуваат жртви, дарови за Мене,
- месото го јадат, но ГОСПОД не е задоволен со нив.
- Ќе си спомне сега за нивната лошотија
- и ќе ги казни нивните гревови.
- Тие во Египет ќе се вратат.
- 14Го заборави Израел својот Создател и изгради дворци,
- Јуда соѕида многу градови утврдени.
- Оган ќе испратам врз нивните градови
- и ќе им ги проголтаат тврдините.
Глава 9
[уреди]Казна за Израел.
[уреди]- 1Не радувај се Израеле,
- не весели се како народите,
- зашто ти Му беше неверен на својот Бог!
- Платата блудничка[62] ја сакаш на секое житно гумно.
- 2Гумното и винската преса нема да ги нахранат,
- а младото вино ќе потфрли.
- 3Нема да останат во земјата ГОСПОДОВА.
- Ефраим ќе се врати во Египет,
- а во Асирија ќе јадат нечисто[63].
- 4Нема да му полеваат на ГОСПОД вино,
- ниту ќе Му бидат пријатни нивните жртви.
- Како лебот на ожалостениот[64] ќе Му бидат
- и сите кои ќе ги јадат ќе бидат нечисти.
- Ете, нивната храна ќе биде само за нив
- и нема да влегува во храмот ГОСПОДОВ.
- 5Што ќе правите во деновите на вашите свечености,
- на денот кога е празник ГОСПОДОВ?
- 6Дури и да го избегнат уништувањето,
- Египет ќе ги собере, Мемфис[65] ќе ги погреба.
- Среброто, нивното богатство капината ќе им го преземе.
- Трње ќе завладеат во нивните шатори.
- 7Нека знае Израел - идат денови за казна,
- идат денови за пресметка!
- За неразумен го сметате пророкот,
- за луд вдахновениот човек,
- заради многуте ваши гревови и големата омраза.
- 8На човекот кој го чува Ефраим,
- кој е со мојот Бог,
- на пророкот, примки му поставувате по сите негови патишта
- како да е дива птица.
- Раздор владее во домот Божји.
- 9Длабоко потонаа во расипаност како во деновите на Гивеа.
- Ќе си спомне Тој за нивната лошотија
- и ќе ги казни нивните гревови.
- 10Како грозје во пустина го најдов Израел,
- како првите плодови на смоквата ги видов вашите татковци,
- а тие отидоа кај Баал Пеор[66]
- и им се посветија на срамни нешта,
- станаа исто толку одвратни како и она што го засакаа.
- 11Како птица ќе одлета славата на Ефраим.
- Нема да има ни раѓање,
- ни бременост, ни зачнување.
- 12Дури и ако одгледаат деца, Јас ќе ги напуштам.
- О, тешко ним кога Јас ќе им свртам грб.
- 13Ефраим е како Тир[67],
- на убаво место посаден,
- но Ефраим децата свои на клање ќе ги води.
- 14Дај им ГОСПОДИ што ќе им дадеш,
- дај им утроба јалова,
- дојки пресушени.
- 15Заради сета нивна лошотија во Гилгал
- Јас ги замразив.
- Заради грешноста на нивните постапки
- од Мојот дом ќе ги избркам.
- Нема повеќе да ги сакам нивните водачи -
- сите до еден бунтовници[68].
- 16Пепелница го погоди коренот на Ефраим,
- се исуши, плод веќе не дава.
- Дури и да родат децат,
- Јас ќе ги погубам нивните мили потомци.
- 17Ќе ги отфрли нив мојот Бог,
- зашто тие не Му беа послушни,
- па ќе станат скитници меѓу народите.
Глава 10
[уреди]- 1Лоза нашироко разлозена беше Израел.
- Богат род роди[69].
- И колку повеќе плод му се раѓаше,
- тој повеќе жртвеници градеше.
- Колку повеќе неговата земја напредуваше,
- тој повеќе ги засакуваше светите камења.
- 2Измамничко е срцето нивно
- и сега вината мора да си ја сносат.
- Ќе им ги разруши Тој жртвениците,
- ќе им ги урне светите камења.
- 3Тогаш ќе речат: „Немаме цар[70]
- зашто не Го почитувавме ГОСПОД.
- А цар и да имавме, што може тој да направи за нас?“
- 4Даваа ветувања, лажно се колнеа,
- договори склучуваа,
- а судските спорови се множеа како отровен плевел по ораница.
- 5За телето[71] на Бет Авен[72]
- се плашеше народот на Самарија[73].
- Ете сега луѓето и идолските свештеници,
- кои ѝ се радуваа на неговата велелепност,
- тагуваат по него,
- зашто одземено им е и однесено е во прогонство.
- 6Во Асирија ќе биде однесено
- како данок за големиот цар.
- Немилост врз Ефраим ќе падне,
- а Израел ќе се засрами од неговите советници[74].
- 7Ќе отпловат Самарија и нејзиниот цар
- како сламка на водената површина.
- 8Уништени ќе бидат возвишенијата на злото[75],
- гревот на Израел.
- Трн и чички ќе растат по нивните жртвеници.
- Тогаш ќе им кажат на планините - прекријте нѐ,
- и на ридовите - паднете врз нас.
- 9Уште од деновите на Гивеа грешеше Израеле,
- а таму и си остана.
- Не ги порази ли војна злосторниците од Гивеа?
- 10Кога ќе Ми се посака тогаш ќе ги казнам.
- Ќе бидат собрани против нив народите,
- за да ги оковаат во ланци за нивните двојни гревови.
- 11А Ефраим е јуница[76] добро обучена,
- која сака да врши,
- затоа ќе ѝ ставам јарем на нејзиниот гол врат.
- Ќе го впрегнам Ефраим, Јуда ќе мора да ора,
- Јаков ќе мора да брани[77] за него.
- 12Посејте според правдата,
- ожнејте ги плодовите на верната љубов[78].
- Разорајте ја неразораната земја,
- зашто време е да се бара ГОСПОД,
- сѐ додека Тој не дојде и не излее врз вас правда како дожд.
- 13Посеавте лошотија, зло ожнеавте.
- Го јадеше плодот на измамата,
- затоа што се потпираше на сопствената сила,
- на твоите многубројни војници.
- 14Ќе се дигне боен вик против твојот народ
- и сите твои тврдини ќе бидат разурнати,
- како што Шалман[79] го уништи Бет Арвел во денот на битката,
- мајка со деца собори на земја.
- 15Еве ова ќе ве снајде Бет Ел[80], заради вашата голема лошотија.
- В зори, сосема ќе биде уништен царот на Израел.
Глава 11
[уреди]Божјата љубов за Израел.
[уреди]- 1’Кога Израел беше дете го сакав
- и од Египет го повикав Мојот Син[81].
- 2Но колку повеќе ги повикував,
- толку повеќе тие од Мене бегаа.
- На Баали[82] им принесуваа жртви,
- на леани богови[83] им палеа темјан.
- 3Ете Јас го научив Ефраим да оди,
- за раце го држев,
- но тие не сфатија дека Јас ги излекував.
- 4Ги водев со врските на љубовта како со оглавник за луѓе.
- За нив бев како Оној Кој од вратот им го симнува јаремот.
- Се приврзав кон нив и ги хранев.
- 5Нема ли пак во земјата Египетска да се вратат
- и нема ли Асирија да владее со нив,
- затоа што одбија да се покаат?
- 6Меч ќе блесне во нивните градови,
- ќе ги уништи лостовите на нивните портите
- и ќе им стави крај на нивните намери.
- 7Мојот народ решил да Ми врти грб.
- Дури и ако повикаат кон Севишниот,
- нема да им возврати.
- 8Како да се откажам од тебе Ефраиме?
- Како да те предадам на друг Израеле?
- Како да се однесувам кон вас како кон Адма[84]?
- Можам ли да ве направам како Севоим?
- Се промени во Мене Моето срце.
- Сето Мое сочувство се разбуди.
- 9Нема да ја спроведам мојата огнена лутина,
- нема да го опустошам Ефраим,
- зашто Јас сум Бог, а не човек,
- Светиот[85] среде тебе,
- и нема да ти дојдам[86] со гнев.
- 10ГОСПОД тие ќе Го следат,
- а Тој како лав ќе рика.
- Кога Тој ќе рикне,
- ќе дојдат треперејќи децата од запад.
- 11Ќе дојдат треперејќи
- како птица од Египет,
- како гулабица од земјата Асирска,
- па ќе ги населам по нивните домови.“ - вели ГОСПОД.
Гревот на Израел.
[уреди]- 12Ефраим со лага ме опколи,
- со измама домот Израелев,
- а Јуда е сѐ уште своеглава против Бог,
- против верниот Светец.
Глава 12
[уреди]- 1Ефраим со ветер се храни.
- Трча по источниот ветер[87] по цел ден,
- лага и насилство умножува.
- Спогодба со Асирија склучи,
- а на Египет му испрати масло.
- 2Ете ГОСПОД има обвинение против Јуда,
- ќе го казни Јаков[88],
- според неговите патишта,
- според неговите дела ќе му плати.
- 3Во утробата братот за пета го фати,
- во својата мажественост со Бог се бореше.
- 4Се бореше[89] со ангелот и го победи.
- Плачеше и за милост го молеше.
- Го најде во Бет Ел[90]
- и таму зборуваше со него.
- 5Ете ГОСПОД, Бог Семоќен,
- Јахве[91] е Неговото славно име.
- 6А ти врати се кај својот Бог!
- Запазувај ги љубовта[92] и правдата
- и секогаш надевај се на својот Бог!
- 7Трговецот в рака држи нечесни мерки,
- сака да поткраднува.
- 8Многу се фали Ефраим: „Богат сум, си најдов богатство.
- И покрај сите мои богатства,
- нема да се најде кај мене неправичност или грев.“
- 9Ете Јас, ГОСПОД, вашиот Бог
- Кој од земјата Египетска ве избави[93],
- пак ќе ве направам да живеете во шатори како во празничните[94] денови.
- 10Им зборував на пророците
- и многу виденија им дадов,
- преку пророците параболи ви кажував.
- 11Зол е Гилеад.
- Тие се сосема безвредни.
- Во Гилгал волови жртвуваат,
- а жртвениците им се како купишта камења[95] по изорано поле.
- 12Јаков побегна во земјата Арамска[96],
- и служеше Израел за жена,
- за жена чуваше овци.
- 13ГОСПОД преку пророк го избави Израел од Египет
- и преку пророк се грижеше за него.
- 14Но Ефраим горко Го предизвикуваше на гнев,
- и крвнината[97] негова нема да се прости.
- Заради презирот негов ГОСПОД ќе му плати.
Глава 13
[уреди]Божјиот гнев против Израел.
[уреди]- 1Кога Ефраим зборуваше луѓето трепереа.
- Прочуен[98] беше тој во Израел,
- но згреши славејќи го Баал и погина.
- 2А сега уште повеќе грешат,
- си прават идол од сребро според својот ум, леани богови.
- Сите тие се дела на занаетчија.
- За нив се зборува дека луѓе[99] жртвуваат и телето го бакнуваат.
- 3Затоа ќе бидат како утринска магла,
- како роса рано што исчезнува,
- како плева што се одвејува од гумното,
- како чад што излегува од прозорец.
- 4Но Јас сум ГОСПОД, вашиот Бог,
- Кој ве изведе од земјата Египетска[100],
- и нема да познавате друг бог освен Мене,
- ќе немате друг Спасител освен Мене.
- 5Јас се грижев за вас во пустината,
- во земјата на врели горештини.
- 6Кога ги нахранив се заситија.
- Кога се заситија се возгордеа нивното срце,
- затоа Ме заборавија.
- 7Затоа ќе им дојдам како лав,
- како леопард крај патот ќе ги демнам.
- 8Ќе ги нападнам како мечка на која ѝ ги грабнале младенчињата.
- Ќе ги распорам сѐ до срцето.
- Ќе ги проголтам како лав.
- Дивите животни на парчиња ќе ги дерат.
- 9Ќе те уништам Израеле,
- зашто си против Мене, твојот Помошник.
- 10Каде е твојот цар да те спаси?
- Каде се управителите на сите твои градови?
- Каде се сите оние за кои велеше:
- „Дај ни цар и кнезови![101]“?
- 11Ти дадов цар во лутина
- и ти го зедов во гнев.
- 12Добро се чува вината на Ефраим,
- запишан е неговиот грев.
- 13Болки на родилка му дојдоа,
- а тој е дете неразумно.
- Кога времето му дојде,
- не ја отвори утробата.
- 14Од власта на гробот[102] ќе ги откупам,
- од смртта ќе ги избавам.
- Каде е сега смртниот помор?
- Каде е гробу твојата уништувачка сила?
- Сочувството ќе биде сокриено од моите очи,
- 15иако тој меѓу своите браќа напредува[103],
- ќе дувне од пустината источен ветер,
- ветер од ГОСПОД,
- ќе секне неговиот извор,
- бунарот ќе пресуши.
- Ќе ги ограби од амбарите сите негови богатства.
- 16Народот на Самарија[104] мора да сноси вина,
- затоа што се побунија против својот Бог.
- Од меч ќе паднат,
- малите меѓу нив ќе бидат смачкани на земја,
- бремените жени ќе бидат распорени.
Глава 14
[уреди]Покајание кое носи благослов.
[уреди]- 1Врати се Израеле кај ГОСПОД, твојот Бог!
- Ете ти падна заради твојот грев.
- 2Најди зборови и врати се кај ГОСПОД!
- Кажи Му: „Прости ни ги сега сите наши гревови
- и прифати[105] ги благонаклоно плодовите од нашите усни.
- 3Асирија не може да нѐ спаси,
- а ние на боен коњ нема повторно да се искачиме
- и никогаш повеќе нема да им кажеме
- на делата на сопствените раце: ’богови наши',
- зашто во Тебе сиракот наоѓа милост[106].“
- 4’Ќе ја излекувам нивната своеглавост
- и ќе ги сакам во слобода,
- зашто се сврте Мојот гнев од нив.
- 5Ќе бидам роса за Израел
- и тој ќе цвета како лилјан,
- ќе ги пушти корените длабоко како (кедрите од) Либан.
- 6Ќе растат фиданките негови
- и величественоста негова ќе биде како маслиново дрво,
- а мирисот како (кедрите од) Либан.
- 7Ќе живеат повторно луѓето во сенка,
- ќе класаат како жито,
- ќе расте бујно како лоза од Либан славата негова.
- 8Ефраиме, што уште барате од идолите?
- Јас ќе ви дадам одговор,
- ќе се грижам за вас.
- Јас сум како зелено борово дрво[107].
- Твојата плодност[108] од Мене доаѓа.
- 9Кој е мудар ќе сфати,
- кој е паметен ќе разбере.
- Ете праведни се патиштата ГОСПОДОВИ
- и праведните одат по нив,
- а бунтовните потклекнуваат на нив.
Забелешки
[уреди]- ↑ Хошеа значи спасение.
- ↑ Уззија владеел од 792 до 740, пр. Хр., Јотам од 750 до 732, Ахаз од 735 до 715, Езекија од 729 до 686. Владеењата на некои цареви се преклопуваат, на пример Езекија од 729 до 715 владеел заедно со Ахаз, а од 715 до 686 бил самостоен владетел. Во 701 година пр. Хр., после четиринаесет години самостојно владеење, Сенехериб го нападнал и почнал да ги презема неговите градови.
- ↑ Јеровоам втори, владеел од 793 до 753 година пр. Хр.
- ↑ Во 6 и 8 стих, кога се зборува за раѓањето на Ло Рухама и на вториот син, Ло Ами, не е употребен зборот му, што можеби укажува дека Хошеа не бил нивни татко.
- ↑ Језреел значи рассејува, распрснува.
- ↑ Јеровоам Втори бил од династијата на Јеху (841-814 пр. Хр.). Крајот на династијата на Јеху е со убиството на Зехарија во 753 година (2 Цар 15:8-10).
- ↑ Израел воено е победен во 724 година, а Самарија останала уште две години под опсада (2 Цар 17:5-6)
- ↑ Ло Рухама значи немила.
- ↑ На двапати биле избавувани од Асирија во 722-721 и во 701 година пр. Хр (2 Цар 19:32-36).
- ↑ Ло Ами значи не мој народ.
- ↑ Ло Ами.
- ↑ Бене Ел Хај.
- ↑ Ами.
- ↑ Рухама.
- ↑ Канаанските божества, на кои им служеле, надевајќи се на поголема плодност на земјата. Служењето на тие божества вклучувало и рутуален блуд.
- ↑ Канаански бог за кого се верувало дека управува со временските прилики и плодноста на посевите, луѓето и животните.
- ↑ Во прогонството немало можност да се слават празниците.
- ↑ Годишни славја, 2 Мој:14-17, 5 Мој 16:16. Млади Месечини, 2 Цар 4:23, Иса 1:13, Амос 8:5. Саботи, 2 Мој 20:8-11
- ↑ Акор, близу до Јерихон, инаку значи мака. Како што се менува значењето на имињата на децата, така и Акор се менува од мака во врата на надежта.
- ↑ Значи мој маж, мој сопруг.
- ↑ Значи мој господар.
- ↑ Језреел овде значи Господ сее, за разлика од 1:4, каде што значи Господ распрснува, рассејува.
- ↑ Ло Рухама
- ↑ Ло Ами
- ↑ Колачи од суво грозје му се принесувале на Баал како благодарност за жетвата.
- ↑ околу сто и седумдесет грама.
- ↑ околу триста и триесет литри.
- ↑ Свети камења, видете 5 Мој 16:22, 1 Цар 14:23, 2 Цар 17:10, Мих 3:13
- ↑ Ефод - свештеничка горна наметка. Кај првосвештеникот била изработена богато, везена со злато и други скапи материјали.
- ↑ Идоли, видете 1 Мој 31:30 и 1 Сам 19:13,16
- ↑ Ова може да се однесува на убиствата меѓу луѓето, убиствата на царевите (по Јеровоам Втори, три цара владееле во исто време, 2 Цар 15:10-14), или пак на принесувањето човечки жртви.
- ↑ или се суши.
- ↑ Идолските жртвеници обично се наоѓале по планинските врвови и по ридовите.
- ↑ Pistacia terebinthus, терпентиново дрво.
- ↑ Паганските обреди вклучувале и ритуален блуд.
- ↑ Службенички во паганските храмови, кои учествувале во ритуалниот блуд.
- ↑ Бет Авен - дом на злото, иронично име за Бет Ел, Божји дом.
- ↑ Израел, северното царство.
- ↑ Златното теле и култот на Баал.
- ↑ Миспа или во Гилеад, источно од Јордан или во Венјамин.
- ↑ Тавор, планина на југоисточната граница на долината Језреел.
- ↑ Израел, северното царство.
- ↑ Млада месечина, време за празници, но во овој случај време за пресуда. Можеби значи дека само за еден месец пророштвото ќе се исполни.
- ↑ Гивеа, околу три километри северно од Ерусалим
- ↑ Рама, северно од Гивеа.
- ↑ Некои сметаат дека ова пророштво се однесува на Арамејско - Израелската војна ( 2 Цар 16:5-9 ).
- ↑ Јудејците освојувале Израелска територија.
- ↑ Не е јасно што точно овој Еврејски збор значел.
- ↑ Асириски записи кажуваат дека Израелските цареви Менахем и Хошеа ( 2 Цар:15:19-20; 17:3 ), му плаќале данок на Асирскиот цар Тиглафилесар Трети.
- ↑ Еврејски хесед, што значи пријателство, верност, приврзаност.
- ↑ Или сите луѓе.
- ↑ Самарија, друго име за Израел, северното царство. Самарија била царски град, одбрана од Омри за главен град на Израел ( 1 Цар 16:24 )
- ↑ Можеби се мисли на еден од превратите во царската палата (2 Цар 15:8-30).
- ↑ За дваесет години се смениле четири цара, Зехарија и Шалум за само седум месеци (2 Цар 15:10-15).
- ↑ Рамните погачи се печеле на вжештен камен и ако не се превртеле, биле препечени од едната, а сирови од другата страна (1 Цар 19:6), метафора за неразумната политика што Израел ја водел во однос на двате околни моќни царства, Египет и Асирија.
- ↑ Даноците кои му ги плаќале на Тиглатфилесар (2 Цар 15:19-20,29) и на Египет економски ја уништиле земјата.
- ↑ или: „Не се свртуваа нагоре...“
- ↑ или мршојадец, се однесува на Асирија.
- ↑ После Јеровоам Втори дури пет цара владеат со Израел во време од тринаесет години (2 Цар 15:8-30), од нив тројца доаѓаат на власт со насилство (Ос 7:7).
- ↑ Златните телиња поставени од Јеровоам Први (930-909 пр. Хр.) во Бет Ел и Дан (1 Цар 12:28-33)
- ↑ Израелските цареви Менахем (2 Цар 15:19) и Хошеа (2 Цар 17:2) плаќале данок на Асирија за да го штити.
- ↑ Во време на жетва се преспивало на гумната за да се сочува житото. Не ретко доаѓале блудници и добивале дел од житото, плата за блуд (Рут 3:2-3).
- ↑ Нечисто според законот.
- ↑ Нечист како лебот во куќата во која има мртовец (4 Мој 19:14, 5 Мој 26:14, Јер 16:7).
- ↑ Мемфис, главен град на северен Египет.
- ↑ Баал Пеор, скратено од Бет Баал Пеор, што значи домот на богот на планината Пеор. Некаде се употребува и Бет Пеор (5 Мој 3:29, 4:3,46).
- ↑ Тир, прочуен по богатството, безбедноста и убавата природа.
- ↑ Водачи - бунтовници, игра со зборови, овие два збора во Еврејскиот јазик слично се изговараат.
- ↑ Веројатно се мисли на напредокот во времето на владеењето на Јеровоам Втори (793-753 пр. Хр.).
- ↑ Набрзо Асирија ќе ги покори и ќе постави свој намесник.
- ↑ Самарија, престолнина на северното царство, Израел.
- ↑ Бет Авен - дом на злото, иронично име за Бет Ел, Божји дом.
- ↑ Златното теле, идолот што го постави Јеровоам во Бет Ел (1 Цар 12:32-33)
- ↑ Неговите советници - дрвените идоли.
- ↑ Места за пагански обреди и жртви (4:13-14).
- ↑ Сѐ до тука Ефраим (Израел), се нарекува јуница која ја работи лесната работа, врши на гумното и јаде од овршеното. Но сега Бог и на Израел (тука наречен уште и Ефраим и Јаков) и на Јуда ќе им стави јарем и ќе ги натера да ја работат тешката работа, орањето и бранењето - приказ на заминувањето во Асирско и Вавилонско ропство.
- ↑ Да брани - после орањето со брана да ги дроби крупните грутки земја.
- ↑ Еврејски хесед, што значи пријателство, верност, привазаност (6:6).
- ↑ Не се спомнати на друго место во Библијата и не се знае за кој настан се мисли.
- ↑ Бет Ел - Божји дом
- ↑ Не само потсетување на избавувањето од Египет, туку и пророштво за Исусовото повикување од Египет (Мат 2:15).
- ↑ Еврејски Баалим, множина од Баал, значи господари, пагански богови.
- ↑ Леани богови (5 Мој 7:25; 12:3).
- ↑ Адма и Севоим, градови во рамницата (1 Мој 10:19; 14:2,8), уништени заедно со Содом и Гомора.
- ↑ Светиот среде тебе (Иса 1:4, 6:1, 12:6).
- ↑ или нема да дојдам против мојот град.
- ↑ Бесплодна надворешна политика, невешто колебање кон која од двете велесили да се приклони.
- ↑ Јаков значи: „грабна за петата“, односно измами.
- ↑ Се бореше со ангелот (1 Мој 32:22-28).
- ↑ Во времето на Осија Бет Ел било најважното царско светилиште во северното царство.
- ↑ Јахве = ГОСПОД, што значи Вечниот, Живиот, Оној Кој навистина постои, за разлика од паганските богови кои се творба на човечката рака.
- ↑ Еврејски хесед, што значи пријателство, верност, приврзаност.
- ↑ или: Кој е со вас уште од Египет.
- ↑ Празникот на Колибите, кога се ноќева во шатори во спомен на патувањето низ пустината.
- ↑ Во Еврејскиот постои игра на зборови меѓу Гилгал и галлим, што значи купишта камења.
- ↑ Северозападна Месопотамија (1 Мој 28:2,5).
- ↑ Вината за крвта на невините жртви, Божјите пророци.
- ↑ Ефраим станал моќно племе меѓу дванаесетте племиња на Израел (Суд8:1-3; 12:1-7; 1 Сам 1:1-4), од кого излегле истакнати водачи како Јошуа (Јошуа 24:30) и Јеровоам Први (1 Цар 11:26, 12:20).
- ↑ или: оние што жртвуваат, телето го бакнуваат (2 Цар 17:17, 23:10, Езе 20:26, Мих 6:8).
- ↑ или: Кој е со вас уште од Египет.
- ↑ Во северното царство го одбрале за цар Јеровоам Први, наместо царевите од Давидовата лоза (1 Цар 12:26).
- ↑ Евр. шеол.
- ↑ Игра со зборови, Ефраим значи плоден, а изразот: ’тој ќе напредува', односно на Еврејски: ’јаефри', звучи слично и има ист корен со Ефраим.
- ↑ Самарија, главен град на северното царство, овде се однесува на целото царство.
- ↑ или: ’прифати ги плодовите од нашите усни, како да сме ти жртвувале волови.'
- ↑ Евр. јерухам, игра со зборови со името на девојчето Лорухама.
- ↑ Единствено место во Стариот Завет каде Бог е спореден со дрво.
- ↑ Ефраим значи плоден.