Прејди на содржината

Хавакук (вики-превод)

Од Wikisource

Наум Хавакук
Библија (вики-превод)
од н.п.
Сефанија


Глава 1

[уреди]


1Пророштвото[1] што го прими пророкот Хавакук[2].

Поплака на Хавакук.

[уреди]

2До кога, о ГОСПОДИ, морам да молам за помош, а Ти не слушаш, да викам кон Тебе: „Насилство!“, а Ти не спасуваш? 3Зошто ме тераш да гледам неправда и зло трпиш? Пред мене уништување и насилство, раздор и кавга насекаде. 4Затоа законот е немоќен и правдата никогаш не победува. Ете злиот го надвива праведниот и така правдата се изопачува.

Одговорот на Господ.

[уреди]

5<Погледни кон народите и внимателно загледај се! Зачуди се! Стаписај се! Ќе направам нешто во деновите твои, за кое, некој да ти кажуваше, не би му поверувал! 6Ете гледај, ги кревам Халдејците[3], народ жесток и нескротлив, кој се шири преку целата земја за да заграби живеалишта што не се негови. 7Тој е страшен и ужасен. Самиот на себе си е закон. Својата слава ја воздигнува. 8Побрзи од леопарди се коњите негови, пожестоки од волци на приквечерина. Гази напред коњицата негова. Коњаниците негови од далеку доаѓаат, летаат како мршојадци, се втурнуваат за лакомо да голтаат. 9Сите тие за насилство идат. Нивните орди[4] напредуваат како пустински ветер и собираат[5] заробеници како песок. 10Цареви иссмеваат и со владетели се подбиваат. Се потсмеваат на секој утврден град. Градат земјен насип и го освојуваат. 11Тогаш прелетуваат како ветер и продолжуваат понатаму. Престапници! Луѓе кои ја почитуваат[6] само сопствената силата!“

Втората поплака на Хавакук.

[уреди]

12О, ГОСПОДИ, та нели си Ти од вечноста? Боже мој, Светецу мој, ние нема да умреме. О, ГОСПОДИ, Ти нив си ги одредил за да ја извршат пресудата. О, Карпо, ти нив си ги одбрал за да ја спроведат казната. 13Премногу чисти се очите Твои за да гледаат зло, да трпиш неправда Ти не можеш. Тогаш, зошто ги трпиш подмолните? Зошто молчиш, додека злите ги проголтуваат поправедните од себе? 14Си ги создал луѓето како рибите во морето, како суштества со кои никој не управува. 15Сите нив тој со јадица ги извлекува, во мрежата своја ги фаќа, со вршата[7] своја ги црпи и заради тоа се радува и се весели. 16Затоа ѝ принесува жртви на својата мрежа, на вршата своја темјан ѝ пали, затоа што од нив живее во раскош и ужива во пробрана храна. 17Ќе продолжи ли тој да ја празни својата мрежа, уништувајќи народи без милост?

Глава 2

[уреди]


1Ќе застанам на стража, ќе се поставам на ѕидините[8]. Ќе чекам да видам што ќе ми каже Тој и каков[9] одговор ќе добијам на мојата поплака.

Одговорот на Господ.

[уреди]

2Тогаш ГОСПОД ми одговори и рече: „Запиши го ова откровение и забележи го јасно на плочи, така што гласник[10] да може да ги понесе. 3Зашто ова откровение е за определеното време. Тоа зборува за свршетокот и нема да излаже. Дури и ако се забави, чекај[11] на него[12], оти ќе дојде, навистина ќе дојде и нема да се одложи. 4Гледај, тој се возгордеа, неговите желби не се праведни, но праведниот[13] ќе живее преку својата вера. 5И ете виното го издава - човек вообразен и никогаш спокоен. Тој како гроб е алчен[14], како смртта - никогаш не се наситува. Ги приграбува кон себе сите народи, ги запленува сите племиња. 6Нема ли сите тие нему да му се потсмеваат, со подбив и презир да му велат: >Тешко на оној, кој натрупува туѓо! До кога? Тешко на оној кој се збогатува уценувајќи!' 7Нема ли одеднаш твоите должници[15] да се кренат, да станат и да те натераат да трепериш?! Тогаш, ти ќе станеш нивна жртва! 8Заради тоа што ти ограби многу народи, заради крвта човечка, и уништувањето на земји, градови и сите жители во нив, племињата што останаа ќе те ограбат тебе! 9Тешко на оној кој печали нечесна заработка за своето царство, кој гнездо вие на високо, за да ги избегне канџите на уништувањето! 10Му нанесе срам на својот дом, уништувајќи многу племиња. Така си наштети самиот на себе. 11Ете, каменот од ѕидот ќе извикне и гредата кровна ќе му возврати. 12Тешко на оној кој подига град со крвопролевање и поставува тврдина со злосторство! 13Зарем не е од ГОСПОД Семоќен човечката работа да биде само храна за огнот, народите да се истоштуваат напразно? 14Зашто ќе се исполни земјата со знаење за славата ГОСПОДОВА, како што водите ги прекриваат морињата. 15Тешко на оној кој му дава да пие на својот ближен, налевајќи му опојно вино, сѐ додека не го опие, за да може да го гледа неговото голо тело! 16Со срам ќе бидеш исполнет, наместо со слава! Сега ти пиј и изложи ја голотијата своја! Врз тебе ќе падне чашата од десницата ГОСПОДОВА! Срам ќе ја покрие славата твоја! 17Ете, насилството направено против Либан[16] ќе те преплави и уништувањето[17] на животните ќе те преплаши, заради пролеаната човечка крв и уништувањето на земјата, градот и на сите негови жители! 18Каква полза од резбан лик кој од човечка рака е длабен, или од леан кип што подучува на лаги? Зарем оној кој ги создал верува во сопствената творба, иако идолите[18] што ги прави се неми? 19Тешко на оној, кој на дрвото вели >оживеј!', на беживотен камен - >разбуди се!'. Може ли тој да го води? Ете, тој е прекриен со злато и сребро, но здив[19] во него нема. 20Но ГОСПОД е во својот свет храм. Молчи пред Него, цела земјо!“

Глава 3

[уреди]


Молитва на Хавакук.

[уреди]

1Молитва на пророкот Авакум. На шигјонот[20]. 2ГОСПОДИ, слушнав за славата Твоја. Стојам во стравопочит пред делата Твои. Обнови ги во годините наши, во нашето време покажи ги, во гневот спомни си за милоста. 3Бог од Теман[21] дојде, Светиот од планината Паран[22]. Села[23]. Славата Негова ги прекри небесата, величественоста Негова ја исполни земјата. 4Сјајот Му е како изгрев, зраци бликаат од раката Негова. Таму се крие силата Негова. 5Пред Него чума одеше, помор ги следеше стапките Негови. 6Застана и ја затресе земјата. Погледна и ги натера народите да треперат. Древните планини се срушија, старите ридови се урнаа, а патишта Негови се вечни. 7Во јад ги видов шаторите на Кушан[24], во мака живеалиштата на земјата Мидјанска. 8На реките ли се налути, о, ГОСПОДИ? Против потоците ли беше Твојот гнев? Против морето ли се разјари, та ги јавна Своите коњи, колите Твои победоносни? 9Го извади Својот лак, кон проклетите исфрли стрели. Села[25]. Ја раздели земјата со реки. 10Те видоа планините и се поклонија, потоците се разлеаја, бездната испушти рика, на високо ги крена брановите свои. 11Сонцето и месечината застанаа мирно на небото пред сјајот на Твоите стрели во лет, пред блесокот на Твоето светло копје. 12Во гнев ја прегази земјата, во лутина ги согази народите. 13Излезе за избавување на Твојот народ, за избавување на Твојот Помазаник. Го уништи водачот на земјата на злото, го соголи од глава до пети. Села. 14Со стрелите негови му ја пронижа главата. Војниците негови јурнаа да ме сотрат, радувајќи се дека ќе го проголтаат бедниот што се крие. 15Го согази морето со Твоите коњи, разматувајќи ги големите води. 16Слушнав и затрепери срцето мое на тој звук, се затресоа усните мои. Морници[26] ми поминаа низ телото и нозете ми се растреперија. Сепак, ќе чекам стрпливо денот на големата несреќа да дојде врз народот што нѐ напаѓа. 17Дури и смоквата да не пушти пупки и да нема грозје по лозите, дури и бербата на маслината да потфрли и полињата да не дадат храна, дури и да снема овци во трлата и стока во оборите, 18јас, сепак, ќе се зарадувам во ГОСПОД и ќе се веселам во Бог, мојот Спасител. 19Јахве, ГОСПОД е мојата сила, ги прави стапалата мои како стапала на елен. Тој кон висините ме води. За диригентот: на моите жичани инструменти.


Белешки

[уреди]
  1. Хебрејски масса, што значи терет, бреме.
  2. Хавакук најверојатно е име од Вавилонско потекло и означува градинарско растение.
  3. Вавилонците, народ кој се изборил за самостојност од Асирија во 626 г. пр. Хр., го уништил Асирското царство меѓу 612 и 605 и доживеал процут сѐ до 539 г. пр. Хр.
  4. Значењето на овој збор во хебрејскиот јазик не е сосема јасно.
  5. Како и Асирците, Вавилонците ги расселувале покорените народи.
  6. Букв. на кои сопствената сила им е бог.
  7. Врша, кош исплетен од врбови прачки со кој се лови риба.
  8. ѕидините на Ерусалим.
  9. или: каков одговор да дадам кога некој ќе ме прекори.
  10. или: така што читателот да може јасно да го разбере.
  11. Овој дел од пророштвото зборува за падот на Вавилон во 539 г. пр. Хр, шеесет и шест години после после пророкувањето на Хавакук.
  12. или: Него.
  13. Оваа реченица често се цитира во Новиот завет како поткрепа на учењето дека луѓето се спасени преку вера (Рим 1:17, Гал 3:11 Еф 2:8) и треба да живеат преку вера (Евр 10:38-39).
  14. Гробот никогаш не вели: „Доволно е!“ (Пог. 30:15-16).
  15. или: оние на кои им должиш.
  16. Хебр. Леванон, Вавилонците речиси сосема ги уништиле кедровите шуми во Либан, за да добијат украсно дрво за своите дворци и храмови.
  17. Асирските натписи и релјефи кажуваат дека ловењето во Либанските области бил омилен спорт за богатите.
  18. Хебрејскиот збор елилим означува божества, идоли на многубошците.
  19. Хебрејски руах, што значи дух, здив, ветер.
  20. Веројатно литературен или музички израз, оваа глава се употребувала како псалм.
  21. Теман, овде значи јужна земја.
  22. Паран (5 Мој 33:2), веројатно северозападно од Акабскиот залив и јужно од Кадеш Варни, меѓу Едом и Синај.
  23. Веројатно музички израз.
  24. Кушан и Мидјан, арапски племиња кои живееле во близината на Едом.
  25. Веројатно музички израз.
  26. букв. Слабост ми полаза низ коските.