Трета книга Мојсеева/ 25 глава
24 глава | Трета книга Мојсеева 25 глава од Мојсеј |
26 глава |
1 Господ му рече на Мојсеја на Синајската Гора:
2 „Зборувај им на Израелците и кажи им: ‘Кога ќе влезете во земјата што ви ја давам, таа земја нека ја пази Господовата саботна починка.
3 Шест години сеј ја твојата нива, шест години режи го твоето лозје и бери го неговиот плод.
4 А на седмата година и земјата нека ја ужива саботната починка, Господовата сабота: не засевај ги твоите ниви, ниту режи го твоето лозје.
5 Што ќе порасне само од себе на твојата нива, не жнеј го; ниту го бери грозјето од нережана лозница. Тоа нека и биде на земјата година на почивање.
6 Земјината починка ќе ве снабди со исхрана: за тебе, за твојот слуга, за твојата слугинка, за твојот наемник и за придојденецот кој живее со тебе;
7 а и за твојот добиток и за ѕверовите во твојата земја - нејзините плодови нека служат за храна.’
8 ‘Изброј седум седмици такви години, седумпати по седум години. Седум години седмици ќе ти изнесуваат четириесет и девет години.
9 Тогаш засвири во трубата - во седмиот месец, на десеттиот ден на месецот, на Денот на Очистувањето; затрубите во труба ширум низ сета ваша земја.
10 Таа педесетта година прогласете ја за света! Прогласете низ земјата ослободување на сите нејзини жители. Тоа нека ви биде прославна, проштавачка, година: секој нека се врати во својата татковина; секој нека се врати во својот род!
11 Таа педесетгодишница нека ви биде јубилејна година: не сејте, не жнијте што ќе порасте само од себеси, ниту берете од нережана лоза.
12 Зашто прославата треба да биде света. Хранете се со она што ќе донесе нивата од себе.
13 ‘Во јубилејната година секој нека се врати во своето наследство.
14 Затоа, кога му продавате имот на свој сонародник или кога купувате од свој сонародник, не му нанесувајте штета на својот брат!
15 Купувај од својот ближен, откако ќе го одбиеш бројот на годините на прославата; а тој нека ти продава според бројот на годините на плодособирањето.
16 Колку повеќе години, зголеми ја цената; колку помалку години, и цената нека биде помала. Зашто, она што тој ти продава е број на едногодишни полски приходи.
17 Нека никој од вас не му нанесува штета на својот сонародник; туку бој се од твојот Бог! Зашто Јас Сум Господ, ваш Бог!’
18 ‘Исполнувајте ги Моите закони и Моите наредби; спроведувајте ги верно на дело па ќе живеете безопасно на земјата.
19 Земјата ќе го дава својот род, ќе јадете до наситка и ќе живеете спокојно.
20 Ако речете: „Со што ќе се храниме во седмата година, кога не ќе сееме, ниту ќе собираме плодови?”
21 Јас ќе го испратам Мојот благослов на вас: шестата година ќе роди за три години.
22 Кога ќе сеете во осмата година, ќе се храните со стари плодови до деветтата година. Додека не дојдат нејзините плодови, ќе јадете стари.
23 Земјата не смее да биде продадена за секогаш, зашто земјата Ми припаѓа Мене, додека вие сте само странци и гости кај Мене.
24 Затоа во секој крај каде што имате земјишна сопственост, треба да дозволите откупување на земјата.’
25 ‘Ако твојот брат осиромаши и ако продава од својата татковина, нека дојде неговиот најблизок роднина и нека го откупи она што го продава неговиот брат.
26 Ако нема некого да ја откупи, а после и самиот стане имотен и спечали средства за да ја откупи,
27 нека ги изброи годините од продавањето, нека му исплати на купувачот износ за другото време и нека се врати на своето наследство.
28 Ако нема средства за да ја откупи, тогаш продаденото нека остане во рацете на купувачот до јубилејната година. А кога ќе стапи во јубилејот, нека се врати на својата таткова земја.’
29 ‘Ако некој продаде куќа за живеење во град, заграден со ѕид, може да ја откупи додека не се наполни година по продавањето; и така, откупниот рок нека е една година.
30 Ако не ја откупи во рок од една година, тогаш куќата, во градот заграден со ѕид, им останува за секогаш на купувачот и на неговите потомци; нека не се враќа ни при прославата.
31 Но куќите по селата, што немаат ѕидови околу себе, нека се сметаат како недвижен имот во полето; можат да бидат откупувани. Во јубилејот купувачот треба да излезе од нив.
32 Куќите што се во левитските градови им припаѓаат на левитите; левитите можат да ги откупуваат во секое време.
33 Ако некој левит не се послужи со своето право за откуп, тогаш куќата што ќе биде продадена, во градот на неговата сопственост, ќе му биде вратена во прославата. Зашто кај Израелците куќите во градовите на левитите се нивна сопственост.
34 Неизградената земја околу нивните градови не може да биде продадена, зашто таа е нивна сопственост за сите времиња.’
35 ‘Ако твојот брат осиромаши и е без средства при тебе; помагај го, како да е странец или гостин, за да може да живее со тебе!
36 Не земај од него ни камата ни печалба. Бој се од својот Бог, и твојот брат нека живее со тебе.
37 Не давај му сребро на заем со камата, ниту му ја давај твојата храна за печалба.
38 Јас, Господ, вашиот Бог, ве избавив од Египетската Земја за да ви ја дадам Ханаанската Земја и за да бидам ваш Бог.’
39 ‘Ако осиромаши твојот брат, кај тебе, и ако ти се продаде, не присилувај го да ти служи како роб.
40 Нека биде кај тебе како наемник или надничар. Нека служи кај тебе до јубилејната година.
41 Тогаш ослободи го да си отиде од кај тебе; самиот и неговите деца со него; нека се врати во својот род и пак нека ја земе својата дедовина.
42 Затоа што тие се Мои слуги, кои Јас ги изведов од Египетската Земја; не смеат да бидат продавани како робови.
43 Не постапувај грубо со нив и бој се од твојот Бог!
44 А ако сакаш да имаш робови и робинки, можете да ги купите, и машки и женски, од народите што се околу вас.
45 Можете да ги купувате и од придојдениците, кои се населени меѓу вас; од нивните семејства што живеат со вас и што се родени во вашата земја. Таквите можат да станат ваша сопственост.
46 Нив можете да им ги предавате во наследство на вашите деца, за да ги наследат за секогаш во сопственост. Кон нив можете да постапувате како кон робови. Но кон своите браќа, Израелевите синови, никој не смее да господари со жестокост.’
47 ‘Ако туѓинецот или придојденикот, кој живее со тебе, се збогати, а твојот брат осиромаши кај него, па ако му се продаде на странецот, кој живее со тебе, или на кој и да е потомок на семејството на придојденикот;
48 тој може да биде откупен и по продавањето. Нека го откупи некој од неговите браќа;
49 или, нека го откупи неговиот стрико, неговиот роднина или кој и да е од неговото семејство од неговата крв. Или, ако има средства нека се откупи сам.
50 Нека го пресмета времето, со својот купувач, од годината кога му се продал до јубилејната година. Цената на неговото ослободување нека биде според бројот на годините. Времето што го поминал кај својот купувач нека се процени како време на еден наемник.
51 Ако остануваат уште многу години, нека исплати за својот откуп сребро, сразмерно на цената со која бил купен.
52 А ако остануваат само неколку години до јубилејната година, нека пресмета и нека исплати за својот откуп според годините на службата.
53 Нека биде при него како наемник, во сите години. Тој не смее да господари над него со жестокост, пред твоите очи.
54 Ако не биде откупен вака; тогаш, тој и неговите деца, со него, нека си отидат во јубилејната година;
55 зашто Израелевите синови се Мои слуги; тие се Мои слуги, кои Јас ги изведов од Египетската Земја. Јас Сум Господ, ваш Бог.’
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse