Трета книга Мојсеева/ 21 глава

Од Wikisource

20 глава Трета книга Мојсеева
21 глава
од Мојсеј
22 глава


 1 И Господ му рече на Мојсеја: „Зборувај им на свештениците, на Ароновите синови, и речи им: ‘Нека не се онечистуваат со допирање на покојник во својот народ,
  2 освен за свои најблиски роднини: за мајка си, за татка си, за синот, за ќерката и за братот,
  3 и за својата сестра, девица, која му е најблиска крвна роднина, која живее при него и не била мажена.
  4 Но нека не се онечистува за роднините и така да стане нечист.
  5 Нека не ја бричат главата; нека не ги стрижат краиштата на своите бради, ниту да прават засеци на своето тело.
  6 Нека Му бидат свети на својот Бог; нека не го обесветуваат името на својот Бог, зашто тие принесуваат палени жртви на Господа, леб на својот Бог; затоа треба да бидат свети.
  7 Нека не се женат со блудница и со обесчестена; ниту смеат да се женат со онаа, која нејзиниот маж ја отпуштил, зашто тие се свети на својот Бог.
  8 И нека биде осветен, зашто тој го принесува лебот на твојот Бог; нека ти биде свет, зашто Сум свет Јас, Господ, Кој ве осветува вас.
  9 Ако свештеничка ќерка се обесчестила со блудствување, таа го бесчести татка си; нека биде изгорена на оган.’
10 ‘А велесвештеникот од своите браќа, на чија глава е излеано масло за помазание и кој е осветен да носи света облека, нека не оди со откриена глава, ниту да ја раскинува својата облека.
11 Нека не влегува ниту при еден мртовец; не смее да се онечистува, ниту за татка си, ниту за мајка си.
12 Нека не излегува од Светилиштето, за да не го онечисти Светилиштето на својот Бог, зашто на себе го носи венецот на маслото со помазанието на својот Бог. Јас Сум Господ.
13 Нека зема девица за жена.
14 Не смее да се жени со вдовица, или со оставена од маж, или со обесчестена или со блудница; нека се жени со девица од својот народ;
15 така нема да го загади своето потомство меѓу својот народ, зашто Јас, Господ, го осветувам.’”
16 Господ му рече на Мојсеја:
17 „Речи му на Арона: ‘Никој од твоите потомци, во нивните родови, кои ќе имаат некаков телесен недостаток не смее да се доближи да го принесува лебот на својот Бог.
18 Ниеден на кого има недостаток не смее да пристапува: ни слеп, ни хром, ни со обезличен нос, ни со излишен член;
19 ни таков кој има скршена рака или нога;
20 ни подгрбавен, ни со сув член, ни со болни очи, ни лишав, ни јадежлив, ни килав.
21 Ниеден човек од потомците на свештеникот Арон, кој има недостаток, нека не пристапува да принесува паленица; бидејќи има недостаток, нека не се доближува да Му принесува леб на својот Бог.
22 Може да јаде од храната на својот Бог: од светите и од пресветите жртви;
23 но нека не доаѓа кон завесата, ниту да му пристапува на жртвеникот, зашто има недостаток. Нека не ги обесветува Моите светилишта, зашто Јас, Господ, ги осветувам.’”
24 Мојсеј им го кажа тоа на Арона, на неговите синови и на сите Израелеви синови.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.