Трета книга Мојсеева/ 14 глава
13 глава | Трета книга Мојсеева 14 глава од Мојсеј |
15 глава |
1 Господ му рече на Мојсеја:
2 „Ова нека ви биде закон за лепрозниот во денот на неговото очистување: нека биде доведен при свештеникот;
3 свештеникот нека излезе надвор од логорот и нека го изврши прегледот. Ако утврди дека лепрозниот оздравел од лепрата,
4 нека нареди да се земат, за човекот што се очистува: две птици, чисти и живи, кедрово дрво, црвено предено и босилек.
5 Потоа свештеникот нека нареди да биде заклана едната птица над жива вода во глинен сад.
6 Потоа нека ја земе живата птица, а тогаш нека ги натопи заедно: кедровото дрво, црвената волна и босилекот во крвта на птицата, заклана над живата вода.
7 И нека го попрска седум пати оној, кој се очистува од лепрата и нека го прогласи за чист, а живата птица нека ја пушти во полето.
8 Очистуваниот нека ја испере својата облека, нека ги истриже сите свои влакна, нека се искапе во вода и ќе биде чист. Потоа нека влезе во логорот, но нека живее седум дена надвор од својот шатор.
9 На седмиот ден нека ги избричи сите свои влакна: косата, брадата и веѓите; нека ги избричи сите други свои влакна. Откако ќе ја испере својата облека и откако ќе го измие своето тело во вода, ќе биде чист.”
10 „На осмиот ден нека земе: две машки јагниња, без недостаток, едно женско јагне годиначе, исто така без недостаток, три десетини ефа чисто брашно за лебен принос, месено со масло, и една мерка масло.
11 Свештеникот што го врши очистувањето нека ги стави пред Господа при влезот во Шаторот на средбата, со човекот, кој треба да се очисти.
12 Потоа свештеникот нека земе едно машко јагне, па нека го принесе, со една мерка масло, како жртва за престап. Нека ги принесе пред Господа како движен принос.
13 Нека го заколе јагнето таму каде што се колат жртвите за грев и палениците - на светото место; зашто приносот за престап и приносот за грев му припаѓаат на свештеникот: тоа е пресвето.
14 И свештеникот нека земе од крвта на жртвата за престап и нека му стави на крајот од десното уво на оној, кој се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога.
15 Потоа свештеникот нека земе елеј од чашата и нека го излие во дланот на левата рака.
16 Откако свештеникот ќе го стави својот десен прст во елејот што е во левата дланка, нека изврши, со елејот од својот прст, прскање пред Господа седум пати.
17 Од елејот што ќе му остане во дланката, свештеникот нека ги помаже, врз крвта од приносот за престап: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на оној, кој се очистува.
18 А останатиот елеј, што е во дланката на свештеникот, нека го положи на главата на очистуваниот. И свештеникот ќе направи покривање на гревот за него, пред Господа.
19 Потоа свештеникот нека принесе жртва за грев за да се покрие гревот на тој кој се очистува; после тоа нека ја заколе паленицата.
20 И свештеникот ќе ги положи паленицата и лебниот принос на жртвеникот. И свештеникот ќе направи покривање на гревот и ќе биде чист.”
21 „Ако е беден па не може да го набави тоа, нека земе само едно машко јагне за жртва за престап за вртење, за да се покрие неговиот грев, и една десетина ефа чисто брашно за лебен принос, месено со масло, една мерка масло,
22 и две грлици или две гулапчиња - според неговите можности - едното за принос за грев, а другото за паленица.
23 На осмиот ден на своето очистување нека ги донесе кај свештеникот, при влезот на Шаторот на средбата, пред Господа.
24 Свештеникот нека ги земе јагнето за приносот за престап и едната мерка елејот, па нека ги принесе пред Господа како вртена жртва.
25 Таму нека биде заклано јагнето на приносот за престап; а свештеникот нека земе крв од него и со неа нека ги намачка: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на очистуваниот.
26 Потоа свештеникот нека налее елеј во својата лева дланка.
27 А тогаш, со елејот што му е во дланката на левата рака, нека изврши прскање, седум пати, со прстот на својата десна рака, пред Господа.
28 Од елејот во својата дланка свештеникот нека ги помаже, врз крвта на жртвата за престап: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на оној, кој се очистува.
29 А остатокот од елејот, во неговата дланка, свештеникот нека го положи на главата на очистуваниот, за да го покрие гревот пред Господа.
30 Па нека принесе една од двете грлици или едното од двете гулапчиња - што можеше да ги набави -
31 како жртва за грев, а другата како паленица заедно со лебен принос. Свештеникот нека направи да се покрие гревот пред Господа на оној, кој се очистува.
32 Тоа е закон за заразен со лепра, кој не може да се снабди со сè за своето очистување.”
33 Господ им рече на Мојсеја и Арона:
34 „Кога ќе влезете во Ханаанската Земја што ќе ви ја дадам во наследство, и кога ќе пуштам лепра на некоја куќа во земјата што ќе ја заземете,
35 тогаш оној чија е куќата нека дојде кај свештеникот и нека рече: ‘Ми се чини дека мојот дом е заразен со лепра.’
36 Свештеникот нека нареди да биде испразнета куќата, пред тој да дојде да ја прегледа куќата, за да не биде прогласено за нечисто сè што е во куќата; потоа свештеникот нека влезе да ја прегледа куќата.
37 Ако по прегледот забележи дека заразата на куќните ѕидови се состои од зеленкасти или црвенкасти вдлабнатини и ако му се стори дека се спуштаат подлабоко од поврвнината на ѕидот,
38 свештеникот нека излезе од домот низ куќната врата и нека ја затвори куќата за седум дена.
39 На седмиот ден свештеникот нека дојде повторно и нека ја прегледа; ако заразата се проширила по ѕидовите на куќата,
40 свештеникот нека нареди да се извадат заразените камења и да бидат исфрлени на некое нечисто место надвор од градот.
41 Потоа нека заповеда да се истружат сите внатрешни ѕидови на куќата и иструганиот прав да биде фрлен на некое нечисто место надвор од градот.
42 Па нека земат други камења и нека ги вметнат место оние камења. И нека земат друга вар и нека ја варосаат куќата повторно.”
43 „Ако заразата се појави пак, откако беа извадени камењата, а куќата истругана и пак варосана,
44 свештеникот нека отиде да прегледа: ако заразата се раширила по куќата, тогаш тоа е заразна лепра; куќата е нечиста.
45 Домот нека биде урнат, а неговите камења, неговите дрвени делови и сета вар нека бидат однесени надвор од градот на некое нечисто место.
46 Кој ќе влезе во куќата додека е затворена нека биде нечист до вечерта.
47 Кој ќе спие во куќата, треба да ја испере својата облека. И кој ќе јаде во куќата, треба да ја испере својата облека.”
48 „Ако свештеникот дојде и види дека заразата не се раширила по куќата, откако куќата беше варосана повторно, свештеникот нека ја прогласи куќата за чиста, зашто заразата ја нема.
49 А за очистување на куќата нека земе: две птици, кедрово дрво, црвено предено и босилек.
50 Нека заколе една од птиците над жива вода во глинен сад.
51 Потоа нека ги земе: кедровото дрво, босилекот, црвената нишка и живата птица и нека ги накваси во крвта на закланата птица и во живата вода, па нека ја попрска куќата седум пати.
52 Откако ќе ја очисти така куќата со крвта на птицата, со живата вода, со живата птица, со кедровото дрво и со црвената нишка,
53 нека ја пушти живата птица надвор од градот во полето; и ќе го очисти домот, и ќе биде чист.”
54 „Тоа е закон за секаков вид лепра и јадеж,
55 за лепра на облека или на куќа,
56 за оток, лишаи или дамки,
57 за да покажува кога е тоа нечисто, а кога е чисто. Тоа е закон за лепрата.”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse