Прејди на содржината

Темен се облак зададе

Од Wikisource

Темен се облак зададе

од македонскиот фолклор
македонски народни песни

Темен се облак зададе
на врв Пелистер планина.
Под облак орле леташе,
црвено знаме носеше,
крвави солзи ронеше.

Орлето грачи, говори:
- „Станвајте, браќа, не спијте,
од сон се разбудувајте!
Турчин реформи не дава,
купува пушки мамѕери
сос долги бојни ножови!
Станвајте, браќа, не спијте,
сос него да се биеме!“

На врв Пелистер планина
над четничката рамнина,
кај Пупучево кладенче,
там' седеја три војводи,
три војводи за слобода.

Први војвода ми беше
тој Даме Груев војвода;
втори војвода ми беше
војвода Алексо Турунџов;
трети војвода ми беше
војвода Ѓурчин Сланчанец.

Војвода Гурчин Сланчанец
в' раце ми држи дуљбија.
Рипна Алексо на нозе
и зеде да ми зборува:
- „Слушајте, браќа војводи,
што збор зборува орлето,
солзи крвави ми рони,
в уста ми носи знамето“.

Орлето грачи, говори:
„Четите да ѝ збериме
горе Пелистер планина“.
Рипна Сланчанец на нозе,
в' раце ми држи дуљбија,
се тој ми гледа низ поле,
низ тоа поле Битолско.

Едно ми време догледа,
догледа силна потера:
Сите сос' бели атови,
сите сос' пушки мамѕери
и с' тие долги ножови.

Рипна ми Груев на нозе,
в раце ми зеде малихер,
двајсипет пати испука,
дур' да се зберат четите.

Дофтасаја ми четите
на чело с' Ѓорѓи Сугарев
сос' триста души кумити
горе в' Пелистер планина.
Таму се тие удрија,
ситички и загубија,
ни еден жив не се врати.

Даме ми распна знамето,
под знаме собра четници,
голем подарок им даде,
зашчо се братски бореа,
ни еден не се издаде.


Поврзано

[уреди]
Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво.