Сторил ниет Зајко
Изглед
- Сторил ниет Зајко, Зајко да се жени,
- Зајко Кокорајко, токмо младожења
- Сторил ниет Зајко, Зајко да се жени,
- Зајко Кокорајко, Зајко сербеслија,
- напрчил мустаќи, си натресол гаќи,
- нагрнал џамадан, капа писќулија,
- море, токму младожења.
- Дејгиди ерген, Зајко бре,
- ерген мераклијо
- Ми оженил Зајко Лиса удовица
- светска испосница, личи на невеста.
- Ми поканил Зајко, китени сватови
- мечка месарија, волчица кумица,
- ешко тапанџија, жаба зурлаџика,
- овен есавџија, Мурџо аберџија,
- море, се’ лични сватови.
- Се накити Лиса, Лиса удовица,
- маза размазана, селска визитарка.
- Па си тргнал Зајко низ Солунско поле
- там' си сретнал Зајко до два-три ловџии
- ем они си носат пушки сачмајлии,
- 'рти ем загари, се одбор ловџии,
- море силни нишанџии.
- Дејгиди ерген, Зајко бре,
- ерген мераклијо
- Кога виде Зајко, 'рти ем ловџии,
- се уплашил Зајко, личен младожења
- Па си летнал Зајко, Зајко да ми бега,
- Зајко Кокорајко, личен младожења
- си искинал гаќи, размрсил мустаќи,
- искинал џамадан, викнал се, провикнал:
- море не сум младожења!
- Дејгиди ерген, Зајко бре,
- ерген мераклијо
Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е непознат/народно творештво. |