Прејди на содржината

Рина Усикова/ Современиот литературен македонски јазик во споредба со други словенски јазици

Од Wikisource

Современиот литературен македонски јазик во споредба со други словенски јазици

од Рина Усикова


За особеностите на литературниот македонски јазик на Семинарот е говорено, така да се рече, милион пати. Но оваа година, кога најмладиот литературен словенски јазик – македонскиот – навршува 60 години од својата официјална кодификација, време е да го споредиме неговиот систем со системите на други словенски јазици – пред сè со соседните словенски јазици – српскиот и бугарскиот, но исто така и со други словенски јазици, главно со рускиот. На таа попаушална споредба е посветен мојов реферат.

1. По својот материјален состав, повеќето коренски морфеми, префикси, суфикси и флексии на глаголските и именските форми, македонскиот јазик спаѓа во јужнословенската група на словенските јазици.

2. На лексички план, современиот литературен македонски јазик е многу близок до народно-разговорниот, бидејќи социолингвистички се однесува кон литературните јазици од „нов тип“ (термин на Д. Брозовиќ) кои прекинаа врски со црковнословенската традиција. При кодификацијата на македонскиот литературен јазик (1945 г.) се прокламираше дека лексиката ќе се зема од сите македонски дијалекти, меѓутоа терминолошка лексика не може да се земе само од дијалекти, и македонската терминологија се создаваше со помош на неологизми, со калкирање и заемање на српска терминологија и интернационализми преку српското посредство, зашто српскохрватскиот литературен јазик беше службен во целата федеративна Југославија, а македонскиот – само во Република Македонија и основната маса население во Македонија владееше српски јазик. Но последните петнаесет години, кога Македонија стана самостојна суверена држава, а македонскиот јазик – еден од јазиците во меѓународна комуникација, новата македонска лексика се создава и се зема без српско посредство. По својот лексички состав, современиот македонски литературен јазик е на ниво со развиените современи литературни јазици, богат е со современа терминологија, експресивна лексика и фразеологија, со формирани функционални стилови и е способен лексички да ги изрази сите нијанси и страни на околната стварност. И така, според лексичкиот состав, македонскиот литературен јазик е пред сè јужнословенски и е поблизок до српскиот отколку до бугарскиот, кој од социолингвистички аспект е поврзан со традицијата и има црковнословенски елементи во лексиката и дури во морфологијата (на пр. глаголски придавки). Од друга страна, македонскиот јазик е балкански, и неговата балканскост лексички се карактеризира со „умерен“ пуризам (термин на Л.Минова-Ѓуркова).

3. Според граматичката структура што се пројавува главно на нивото на морфосинтакса, македонскиот јазик влегува во групата балкански јазици (таканаречен балкански јазичен сојуз) заедно со бугарскиот јазик, некои српски дијалекти, а исто така со албанскиот, романскиот, влашките дијалекти и новогрчкиот јазик.

4. Како од соседните словенски јазици, така и од другите словенски, а и од повеќе балкански јазици, литературниот македонски јазик се одликува со акцентскиот систем, кој внатре во зборот не носи парадигматски туку фонетски карактер (третиот слог од крајот на зборот), но покрај тоа, акцентот засегнува и некои типови синтагми (прва вечер – прва вечер; му дадов – не мудадов; напиши – напиши му – напиши му го итн.).

5. Од најблискиот по граматичка структура бугарскиот јазик (кој е истовремено и балкански) македонскиот литературен јазик честопати се одликува со средства за израз на некои балкански по потекло и структура граматички категории. На пр. во глаголскиот систем при изразување на веродостојност/неверодостојност. Така, во бугарскиот во перфектот се употребуваат само аористни -л-форми и помошниот глагол во 3-то лице не се испушта, а при изразување на прекажан аорист и имперфект, помошниот глагол во 3-то лице се испушта и се користи опозицијата на аористни и имперфектни -л-форми, што е невозможно во македонскиот, затоа што во него помошниот глагол секогаш се испушта во 3-то лице, а поради поврзана зависност меѓу видот и времето во перфектот може да се употреби и аористна, и имперфектна -л-форма, на пр.: тој плачел, но тој заплакал, додека во прекажани форми може да се употреби тој плачел, ќе плачел и тој заплакал, ќе заплачел). Во бугарскиот има посебни форми за недоверливо прекажување: той е рекъл (перфект) – тойрекъл (прекажан аорист) – той бил рекъл (недоверливо прекажување), а во македонскиот недоверливоста (неверодостојноста) се изразува имплицитно со прекажаните форми. За да се реализира можноста за изразување неверодостојни дејства со помош на перфектот од типот сум видел, сум дошол како граматички показател, во македонскиот глаголски систем се најдени други посебни формални средства: се формираат нови индикативни темпорални форми за перфект (и воопшто за категоријата резултатив), земени од југозападните македонски дијалекти од типот има видено, има дојдено. Со кодифицирањето на тие иновациски дијалектни форми, современиот литературен јазик ја отстранува категоријалната многузначност и амбивалентност на постари перфектни форми, а кодифицирањето на новите перфектни форми им го придава статусот на општонационални.

Во глаголскиот систем на македонскиот и бугарскиот јазик, кој по својата структура скоро е ист, има и други формални разлики. Така, во двата јазика постои минато-идно време, но во македонскиот формата за минато-идно време се изразува со глаголската честица ќе + имперфект, а во бугарскиот – со помошен глагол во имперфект (щях, щеше, щеше, щяхме, щяхте, щяха) + да + форми на презент; во двата јазика има разлики и во глаголските форми за изразување претпосгавка и сомневање. Воопшто, за македонскиот е карактеристична граматикализација на бившата глаголска морфема со значењето ’vоlаrе‘ во честицата ќе и нејзиното пошироко користење за образување на понови аналитички глаголски форми.

6. Секако, во глаголскиот систем на македонскиот литературен јазик и во системите на соседните литературни јазици има некои разлики што резултираат од историскиот развој на дијалектите. Пред с# ја имам предвид категоријата на глаголските придавки. Во српскиот и македонскиот останаа само еден вид глаголски придавки, кои во српскиот се образуваат само од преодни глаголи и означуваат пасив. Во литературниот македонски јазик исто така останаа глаголски придавки само од овој тип (по потекло – минати пасивни глаголски придавки), меѓутоа за разлика од другите словенски јазици тие глаголски придавки се образуваат од сите глаголи – свршени и несвршени, преодни и нeпрeодни, а можат да означуваат и пасив, и актив, а исто така признаци на сегашоста и минатоста. Значењето на глаголската придавка во литературниот македонски јазик зависи од значењето на глаголот и од контекстот (на пр. легнат може да има и пасивно, активно значење; виден – пасив, дојден – актив, притоа глаголските темпорални форми од типот имам видено, имам дојдено секогаш имаат значење на активниот залог, додека составите од типот сум+ глаголска придавка зависно од глаголот може да имаат значење на пасивен залог (е напишан), или на конкретен резултат во активен залог (е дојден). Во разговорниот бугарски јазик, покрај пасивните глаголски придавки на -н/-т има активни минати глаголски придавки на -л (во македонскиот и српскиот л-формата се употребува само како дел од глаголска модално-темпорална форма). А бидејќи бугарскиот литературен јазик е поврзан со црковнословенската јазична традиција, во него има и други форми на глаголските придавки, на пр. активни за сегашно време на -ащ, -ящ, -ещ (решаващ, летящ, пишещ), кои скoро не се употребуваат во разговорниот бугарски јазик. И така, значењата и употребата на единствената глаголска придавка на -н/-т во македонскиот литературен јазик покажуваа уште една негова специфичност во споредба со соседните литературни словенски јазици.

7. Некои граматички категории во македонскиот и во бугарскиот се разликуваат и со семантички можности, благодарејќи на разликите во формалното изразување. на пр.: тројниот член на именките во македонскиот јазик дава можност да се изрази и просторна положба на предметот кон говорникот, и преносно емоционален однос на говорникот кон блискоста на предметот (На пример: Колку одамна не сум го видел езерово! – може да каже еден охриѓанец во Америка, мислејќи на омиленото Охридско езеро).

8. За литературниот македонски јазик повеќе од другите словенски јазици е карактеристична тенденцијата кон полна граматикализација и ширење на некои категоријални значења, изразувани со одредени морфеми, врз сите граматички зборовни класи, што им е својствено и на македонските дијалекти. Така, во граматикализацијата и анализатизацијата на начини за изразување на синтаксички функции и категоријални значења на различни видови (класи) зборови доста голема улога играат заменките, а имено: а) коренските морфеми на демонстративните заменки станале показатели на категоријата определеност кај именките (тројниот член), на определени прилошки определби за време (деновиве, утредента и сл.) и дури влегуваат во сферата на глаголот (разговорниот глагол онади/ онадува); б) кратките форми на личните и повратните заменки покрај основното лексичко значење вршат службена аналитичка функција во синтаксата како показатели на директниот објект и дативниот објект на адресатот на дејство и како морфолошки показатели за преодноста / непреодноста на доста глаголи (се радува – радува; легнав – го легнав); в) коренските морфеми од квалитетни и количински заменски прилози во различни раздели на адјективните заменки ги граматикализираат признаците за квалитет (-ак-), а во некои раздели дури и за количина и величина (-от-), на пр.: како – каков – таков – некаков и т.н., колку – колкав – толкав – колкав годе, колкав било и т.н.

9. За граматичкиот систем на литературниот македонски јазик е важно, исто така дека во процесот на развој на нови (балкански) категоријални значења кај некои стари (словенски) форми се развиваат нови категоријални признаци и значења, на пр., кај аористот и имперфектот – категоријално модално значење на веродостојноста и признак на лично сведоштво на говорникот за дејството. Така е и во бугарскиот јазик, зашто тие се балкански јазици.

Од друга страна, при функционирањето на некои форми се појавува категоријална многузначност и амбивалентност, кога се изразуваат две значења наеднаш, или пак ни едното, ни другото, ама нешто средно меѓу нив. На пример: а) во бројот еден – неопределена заменка и неопределен член; б) во перфектот со сум +-л-форма – темпорално перфектно значење (резултатив), нова модална категорија за прекажување, начин за умозаклучок и претполагање, адмиратив (неочекуван резултат што предизвикува чудење на говорителот) – границите во значењата меѓу тие категории честопати се амбивалентни; в) во различните глаголски форми со честицата ќе што се наоѓаат на периферијата на функционално-семантичкото поле за темпоралноста се изразуваат идно време, минато-идно време, неактуелно повторливо дејство во сегашно или минато, кондиционал, а исто така и редица амбивалентни значења меѓу нив; врз таа база се зараѓаат нови аналитички глаголски форми (ќе+да+ глагол) за нови модални граматички категории, на пр. за претполагање, итн. Како балкански јазици, и македонскиот и бугарскиот имаат стремеж кон иста граматичка структура, но формалните средства за изразување на таа структура во двата јазика доста се разликуваат.

10. Стремежот кон пополна формална граматикализација го одликува македонскиот јазик од повеќето други словенски јазици, на пр.граматикализацијата на глаголскиот вид со вторични имперфекти (мак. св. в. напише — несв. в. напишува, во буг. исто напиша — написвам, но во рус. само св. в. ниписатъ). Во македонскиот јазик, а делумно и во разговорните јужнословенски јазици бугарски и српски, образувањето на аналитичките форми за споредбени степени со помош на морфемите по- и нај- не им се својствени само на квалитетните придавки и прилози (како и во другите словенски јазици, но со свои форми за споредба), туку и на именки и глаголи, а во македонскиот литературен разговорен стил честиците по- и нај- може да се употребуваат и самостојно како синоними на прилози за мера и степен. На пример: мак. убав – поубав – најубав; рус. красивый – красывее / более красивый – самый красивый / наикрасивепшип; мак. мај- стор – помајстор – најмајстор, рус. мастер – мастер получше ~ самый лучшип /наилучший мастер; мак. тој знае – тој по знае – тој најзнае, рус. он знает – он лучше (болъше) знает ~ он знает болыие (лучше) всех.

Поважни заклучоци од изнесеното:

Македонскиот јазик е еден од јужнословенските јазици и лексички и социолингвистички како литературен јазик тој е поблизок до српскиот отколку до бугарскиот. Македонскиот литературен јазик како балканословенски структурно-типолошки е многу близок до бугарскиот. При сето тоа, современиот македонски литературен јазик значајно се одликува од сите други и словенски и балкански јазици лексички, фонолошки, прозодиски, а исто така со формалните средства за изразување на системот граматички категории. По 60 години развој, македонскиот литературен јазик го достигна нивото на потполно развиените современи литературни јазици како во лексичкиот состав, така и во граматиката.