Рамковен договор

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Точките во наредниов текст даваат усогласена рамка за обезбедување на иднината на демократијата во Македонија и овозможување на развојот на поблиски и поинтегрирани односи помеѓу Република Македонија и Евро-атлантската заедница. Овој Рамковен договор ќе го промовира мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество, истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани.

1. Основни принципи[уреди]

1.1. Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.

1.2. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања.

1.3. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот.

1.4. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат.

1.5. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците.

2. Прекин на непријателствата[уреди]

2.1. Страните го истакнуваат значењето на заложбите од 5 јули 2001 година. Ќе има целосен прекин на непријателствата, целосно доброволно разоружување на етничките албански вооружени групи, и нивно целосно доброволно распуштање. Тие го прифаќаат фактот дека за донесување Одлука од страна на НАТО да помогне во овој контекст, ќе биде потребно воспоставување општ, безусловен и неограничен прекин на огнот, согласност за политичко решение за проблемите на оваа земја, јасна заложба на вооружените групи доброволно да се разоружаат, и прифаќање од сите договорни страни на условите и ограничувањата во рамките на кои ќе делуваат силите на НАТО.

3. Развој на децентрализирана власт[уреди]

3.1. Ќе биде усвоен ревидиран Закон за локална самоуправа со кој ќе се зајакнат овластувањата на избраните локални претставници, и значително ќе се зголемат нивните надлежности во согласност со Уставот (како што е измените во согласност со Анекс А) и Европската повелба за локална самоуправа, при што ќе се одрази принципот на вертикална организираност кој што во моментов важи во Европската унија. Зголемените надлежности пред се ќе се однесуваат на областите на јавните услуги, урбаното и руралното планирање, заштитата на животната средина, локалниот економски развој, културата, локалните финансии, образованието, социјалната заштита и здравствената заштита. Ќе се усвои Закон за финансирање на локалната самоуправа за да се обезбеди соодветен систем на финансирање, за на локалните власти да им се овозможи да ги исполнуваат сите свои надлежности.

3.2. Во рок од една година по завршувањето на новиот попис, кој под меѓународен надзор ќе биде спроведен до крајот на 2001 година, ќе бидат ревидирани општинските граници. Ревизијата на општинските граници ќе биде спроведена од страна на локалните и националните власти, со меѓународно учество.

3.3. Со цел да се обезбеди дека полицијата е свесна за и одговора на потребите и интересите на локалното население, локалните началници на полицијата ќе ги избираат советите на општините од листи на кандидати предложени од страна на Министерството за внатрешни работи и истите редовно ќе комуницираат со советите. Министерството за внатрешни работи ќе го задржи овластувањето за разрешување на локалните началници на полицијата во согласност со законот.

4. Недискриминација и правична застапеност[уреди]

4.1. Целосно ќе се почитува принципот на недискриминација и рамноправен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија, како и кај пристапот до јавното финансирање за равојот на деловните активности.

4.2. Во законите со кои се регулираат вработувањата во јавната администрација, ќе бидат содржани мерки со кои ќе се обезбеди правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јавни тела и на сите нивоа на вработување во тие тела, истовремено почитувајќи ги правилата за компетентност и интегритет според кој се раководи јавната администрација. Властите ќе преземат активности за да ја корегираат постоечката неврамнотеженост во составот на јавната администрација, особено преку вработување припадници на заедниците со недоволна застапеност. Особено внимание ќе се посвети на тоа да се обезбеди, колку е можно побрзо, полициските служби генерално да го одразат составот и распределбата на населението во Македонија, како што е специфицирано во Анекс Ц.

4.3 За Уставниот суд, една третина од судиите ќе се избира од страна на Собранието, со мнозинство од вкупниот број пратеници, која ќе содржи мнозинство од вкупниот број пратеници кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија. Оваа постапка ќе се применува и при изборот на Народниот правобранител и на тројца членови на Судскиот совет.

5. Посебни собраниски процедури[уреди]

5.1. На централно ниво, уставните амандмани и Законот за локална самоуправа, нема да можат да се усвојат без квалификувано мнозинство на две третини од гласовите, во рамките на што ќе мора да има мнозинство од гласовите на пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија.

5.2. За донесување на законите кои директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и на законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници, ќе мора да постои мнозинство од гласови, во рамките на што ќе мора да има мнозинство од гласови на пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија.

6. Образование и употреба на јазиците[уреди]

6.1. Во однос на основното и средното образование, наставата ќе се изведува на мајчините јазици на учениците, а истовремено во цела Македонија ќе се применуваат унифицирани стандарди за академските програми.

6.2. Финансирање од страна на државата ќе се обезбеди за високо образование на јазиците на кои што зборуваат најмалку 20 проценти од населението во Македонија, а врз основа на посебни спогодби.

6.3. При уписот на државните универзитети на нови студенти, кои припаѓаат на заедници кои не се мнозинско население во Македонија, ќе се применува принципот на позитивна дискриминација се додека уписот правично не го одрази составот на населението во Македонија.

6.4. Низ цела Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик.

6.5. Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението, исто така, е службен јазик, како што е овде образложено. Во органите на Република Македонија, кој било службен јазик различен од македонскиот може да се употребува во согласност со законот, како што понатаму е елаборирано во Анекс Б. Кое било лице што живее во единица на локална самоуправа во која најмалку 20% од населението зборуваат службен јазик различен од македонскиот, може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со регионалната канцеларија на централната влада, надлежна за таа општина; таквата канцеларија, ќе одговори на тој јазик, дополнително на македонскиот. Кое било лице може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со главна кацеларија на централната влада, кој ќе му одговори на тој јазик, дополнително на македонскиот.

6.6. Во однос на локалната самоуправа, во општините каде одредена заедница сочинува најмалку 20% од населението на општината, јазикот на таа заедница ќе се употребува како службен јазик, дополнително на македонскиот. Во однос на јазиците на кои зборуваат помалку од 20% од населението во општината, локалните власти демократски ќе одлучат за нивна употреба во јавните тела.

6.7. Во кривични и граѓански судски постапки на кое било ниво, обвинетото лице или која било страна ќе има право на превод на државен трошок на сите постапки, како и на документи во согласност со соодветни документи на Советот на Европа.

6.8. Кои било лични документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, исто така, ќе бидат издадени на тој јазик, дополнително на македонскиот јазик, во согласност со законот.

7. Изразување на идентиетот[уреди]

7.1. Во однос на симболите, непосредно до симболот на Република Македонија, локалните власти ќе ја имаат слободата на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува идентитетот на заедницата која што е во мнозинство во општината, со почитување на меѓународните правила и примени.

8. Имплементација[уреди]

8.1. Уставните амандмани приложени во Анекс А, веднаш ќе бидат презентирани пред Собранието. Страните ќе ги преземаат сите мерки за да го обезбедат усвојувањето на овие амандмани во период од 45 дена по потпишувањето на овој Рамковен договор.

8.2. Усвојувањето на измените во законодавството утврдени во Анекс Б ќе биде во согласност со динамиката таму специфицирана.

8.3. Страните ја покануваат меѓународната заедница, што е можно поскоро да свика донаторска конференција, на која особено ќе се разговара за макро-финансиската помош; поддршката за финансирање на мерките кои ќе се преземаат за потребата на имплементирање на овој Рамковен договор, вклучувајќи ги и мерките за зајакнување на локалната самоуправа; и ревитализација и обнова во подрачјата погодени од борбите.

9. Анекси[уреди]

Следниве анекси се составен дел од овој Рамковен договор.

А. Уставни амандмани
Б. Измени во законодавството
Ц. Имплементација и мерки за градење доверба

10. Завршни одредби[уреди]

10.1. Овој Договор стапува на сила со негово потпишување.

10.2. Верзијата на англиски јазик на овој Договор е единствената автентична верзија.

10.3. Овој Договор се водеше под покровителство на претседателот Борис Трајковски.

Потпишан во Скопје, Македонија, на 13. август 2001 на англиски јазик.