Прво писмо од апостол Павле до христијаните во Солун (вики-превод)
Библија
Писмо од апостол Павле до христијаните во Колос (вики-превод) | Прво писмо од апостол Павле до христијаните во Солун Библија (вики-превод) од н.п. |
Второ писмо од апостол Павле до христијаните во Солун (вики-превод) |
Глава 1
[уреди]
Авторство и поздрави
[уреди]
1Од Павле, Силван и Тимотеј
до членовите на црквата во Солун, до оние што Му припаѓаат на Бог Таткото, и на Господ Исус Христос.
Бог нека ви биде благонаклонет и нека ви даде мир.
Примерната вера на солунските христијани
[уреди]
2Постојано Му заблагодаруваме на Бог за сите вас и секогаш ве спомнуваме во нашите молитви.
3Си спомнуваме пред Бог, нашиот Татко, како се покажа вашата вера на дело, како работите со љубов и колку трпеливо се надевате на нашиот Господ Исус Христос.
4Знаеме, драги пријатели, дека Бог вас ве сака и дека ве одбра да бидете Негов народ,
5затоа што Радосната вест не ви ја проповедавме само преку зборови, туку бевте сведоци на огромна сила: Светиот Дух наполно ве увери дека тоа што ви го говоревме е вистина. Вие знаете како ние живеевме додека бевме кај вас. Тоа беше дополнителен доказ дека нашата порака е искрена.
6Вие сега се однесувате онака како што се однесуваме ние и како што се однесува Господ, па, иако многу настрадавте, со радост ја прифативте пораката што доаѓа од Светиот Дух.
7Така им станавте пример на сите христијани во Македонија и Ахаја.
8Не само што од вас почна да се шири пораката Господова во Македонија и Ахаја, туку за вашата вера насекаде се раскажува! Нема никаква потреба ние за тоа да зборуваме.
9Самите луѓе раскажуваат за вас, како сте ги пречекале, како сте се обратиле кон Бог и сте престанале да им служите на идолите, за да Му служите на вистинскиот, на живиот Бог;
10и како го чекате Неговиот Син Исус да дојде од небото. Него Бог Го воскресна од мртвите и Тој нѐ избави од Божјиот гнев што ќе дојде.
Глава 2
[уреди]
Мисијата на Павле во Солун
[уреди]
1Вие, драги мои, знаете дека нашето доаѓање кај вас не беше загубено време.
2Знаете како настрадавме и како нѐ навредуваа во градот Филипи, пред да дојдеме кај вас. Сепак, Бог ни даде храброст, наспроти силното противење, и вам да ви ја пренесеме Неговата Радосна вест.
3Тоа што ви го проповедавме не произлегува од заблуда, ниту пак е со нечисти мотиви, или со измами.
4Зборуваме онака како што Бог бара од нас, зашто Тој нѐ провери и утврди дека може да ни го довери проповедањето на Радосната вест. Затоа ние зборуваме, не со намера да им угодуваме на луѓето, туку да Му угодиме на Бог, на Оној што ги проверува мотивите на нашите срца.
5Добро знаете дека ние не се обидовме да ве придобиеме со подмилкување. Бог ни е сведок дека не дојдовме кај вас со подмолна алчност за богатење.
6Не бараме ни признание од луѓето: ниту од вас, ниту од други луѓе.
7Како апостоли на Христос можевме да ви поставуваме разни барања, но ние многу внимателно се однесувавме со вас, како мајка доилка што со нежност се грижи за своите дечиња.
8Толку ни станавте мили, толку се приврзавме спрема вас, што бевме решени не само да ви ја пренесеме Божјата Радосна вест, туку и душите свои да ги дадеме за вас.
9Впрочем, драги пријатели, потсетете се како ние работевме и се трудевме. Ден и ноќ работевме за својата издршка, за да не му бидеме на товар на никого од вас додека ви ја проповедавме Божјата Радосна вест.
10Вие и Бог сте ни сведоци дека нашето поведение спрема вас христијаните беше искрено, праведно и беспрекорно.
11Знаете дека спрема секого од вас се однесувавме онака како што татко се однесува спрема своите деца.
12Ве охрабрувавме, ве утешувавме и ве поттикнувавме да живеете онака како што прилега за Бог, Кој ве повикува да станете дел од Неговото царство и да учествувате во Неговата слава.
13Постои и друга причина поради која ние постојано Му заблагодаруваме на Бог. Кога ја слушнавте од нас Божјата порака, вие ја прифативте не како порака што доаѓа од луѓе, туку како Божја порака, што таа навистина и е. Таа сега дејствува во вас кои поверувавте.
14Драги пријатели христијани, вам ви се случија истите нешта што им се случуваат на Божјите цркви во Јудеја и на сите луѓе што Му се верни на Исус Христос. Вие настрадавте од вашите сонародници, исто како што тие страдаа од Евреите,
15од оние што Го убија Господ Исус, што ги убиваа пророците, од оние што и нас жестоко нѐ прогонуваа. Тие не Му се по волја на Бог. Непријателски се расположени спрема целото човештво.
16Ни забрануваа да им проповедаме на луѓе што не се Евреи, за да не се спаси и некој што не е Евреин! Со тоа докрај се исполни списокот на нивните гревови. Сега Божјиот гнев конечно дојде и на нивна глава.
Павле сака повторно да ја посети црквата во Солун
[уреди]
17Драги пријатели! Колку многу ни недостасувате, колку желно сакаме пак да ги видиме вашите лица, иако само кратко време сме одвоени од вас, се разбира физички, но не и во нашите мисли.
18Сакавме да дојдеме кај вас. Јас, Павле, не еднаш се обидов, но сатаната нѐ спречи.
19Конечно, што ни дава надеж и радост, со каков венец ние ќе се гордееме? Тоа сте вие! Кога нашиот Господ Исус повторно ќе дојде, ние со вас ќе се гордееме и ќе се радуваме.
20Вие сте нашата слава и радост.
Глава 3
[уреди]
1Веќе не можевме да издржиме. Решивме само ние да останеме во Атина,
2а кај вас да го пратиме нашиот брат Тимотеј. Тој работи со нас за Бог и ни помага во проповедањето на Радосната вест за Христос. Сакавме тој да ве охрабри и да ја зацврсти вашата вера.
3Не сакаме никој од вас да се обесхрабри од овие тешкотии. Однапред знаевте дека ќе треба да страдаме.
4Кога бевме кај вас, ви кажувавме дека ќе минуваме низ неволи. Така и се случи.
5Затоа јас не можев да чекам повеќе и го испратив Тимотеј да види како се држите, во каква состојба е вашата вера. Страхував сатаната да не успеал да ве поколеба преку искушенија и да го уништи сето она што ние го постигнавме.
6Сега Тимотеј се врати од кај вас и ни донесе радосни вести. Ни раскажа дека во вас има и вера и љубов. Ни пренесе дека со радост се сеќавате на нас, и дека и вие копнеете пак да нѐ видите.
7Така, драги пријатели, и покрај сите маки и страдања низ кои минуваме, вашата вера многу нѐ охрабри.
8Вашата непоколеблива вера во Господ претставува силен поттик[1] за нас.
9Како да Му се заблагодариме на Бог за вас? Како да Му возвратиме за сета радост што ни ја причинувате?
10Деноноќно, од сѐ срце Му се молиме на Бог пак да се сретнеме со вас и да ви помогнеме онаму каде што имате потреба во однос на вашата вера.
11Се молиме Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос, да ни дозволат пак да дојдеме кај вас.
12Господ нека ја поттикне љубовта што ја имате еден спрема друг и спрема сите луѓе. Таа љубов нека расте онака како што расте нашата љубов спрема вас.
13А кога нашиот Господ Исус ќе дојде, заедно со сите Негови следбеници, нека ги направи вашите срца чисти и посветени во очите на Бог, нашиот Татко. Амин.
Глава 4
[уреди]
Поттик на богоугоден живот
[уреди]
1За крај, драги пријатели, сега кога Му припаѓате на Господ Исус, ве молиме и ве повикуваме да живеете богоугодно, онака како што ве учевме. Вие веќе сега живеете така, но трудете се уште повеќе.
2Потсетувајте се на упатствата што ви ги дававме како на следбеници на Господ Исус.
3Бог сака вие да бидете свети - да се чувате од блуд.
4Секој треба да умее да го контролира своето тело[2], за да биде свето и за почит.
5Немојте да им робувате на вашите необуздани страсти, како што прават луѓето што не Го познаваат Бога.
6Во однос на ова прашање, никако не смеете да мамите и искористувате други христијани! Потсетете се, веќе ве предупредивме дека Господ ќе го казни секој што така прави.
7Бог не ве одбра за да живеете валкан живот, туку за да бидете свети.
8Секој што не се придржува кон ова, не е непослушен спрема нас, туку спрема Бог, спрема Оној што ни Го дава Својот Свет Дух.
9Нема потреба да ви пишувам дека треба да се сакате еден со друг. Самиот Бог веќе ве научи како да се сакате,
10и вие веќе ја покажавте својата љубов спрема сите христијани во цела Македонија. Сакам само да ве охрабрам, драги пријатели, таа љубов кај вас уште повеќе да расте.
11Трудете се да живеете тивко, да си ја гледате својата работа, да си заработувате за живејачка, како што и ве учевме.
12Така и тие што не се христијани ќе ве почитуваат, а вие нема да зависите од никого.
Воскреснување и вознесување на христијаните
[уреди]
13Драги пријатели христијани, сакаме да знаете што ќе се случи со оние што се починати, за да не тагувате како луѓето што по ова прашање немаат никаква надеж.
14Ако ние веруваме дека Исус умре и воскресна, веруваме и дека Бог пак ќе ни Го врати, а со Него ќе ги врати и сите што пред да починат верувале во Исус.
15Ова ни е кажано од Господ. Тој ни рече дека ние што ќе бидеме живи кога Тој повторно ќе дојде, ќе се сретнеме со Него откако Тој претходно ќе ги воскресне починатите.
16Господ Лично ќе се симне од небото, со силен глас ќе заповеда, со глас на архангел и со труба Божја, и прво ќе воскреснат оние што верувале во Христос пред да починат;
17потоа ние што сме живи, заедно со нив, ќе бидеме грабнати во облаците, за да се сретнеме со Господ и засекогаш да останеме со Него.
18Затоа, утешувајте се и охрабрувајте се меѓусебно со овие зборови.
Глава 5
[уреди]
1Нема потреба да ви пишувам за времето и датумот кога ќе се случи ова.
2Вие сигурно и самите знаете дека доаѓањето на Господ ќе биде ненадејно, како кога крадец неочекувано упаѓа ноќе.
3Кога луѓето ќе си мислат: „Сега сме мирни и безбедни,“ тогаш неочекувано ќе им дојде уништувањето, како кога породилни болки ѝ доаѓаат на жена што треба да роди. Тоа неминовно ќе им се случи.
4Но вие што сте христијани, не живеете во мрак, па во тој ден нема да бидете непријатно изненадени, како од крадец.
5Вие ѝ припаѓате на светлината и на денот, а не на темнината и на ноќта.
6Затоа, да нѐ бидеме заспани, како другите луѓе, туку да бидеме будни и трезвени.
7Ноќе луѓето спијат, ноќе се опиваат;
8но ние што му припаѓаме на денот треба да бидеме трезвени. Треба да се вооружиме со вера и љубов. Тие да ни бидат како штитник на градите. Треба да се вооружиме со увереност дека ќе бидеме спасени и тоа да ни биде како шлем на главата.
9Бог не нѐ одбра за да нѐ казни, туку за да бидеме спасени преку нашиот Господ Исус Христос,
10Кој умре за нас, за да Му се придружиме и вечно да живееме со Него, без оглед на тоа дали кога Тој ќе се врати ќе бидеме живи, или починати.
11Затоа, продолжете да се охрабрувате и да се изградувате еден со друг.
Упатства за меѓусебните односи во Црквата
[уреди]
12Драги христијани по црквите, ве молиме да им оддавате признание на оние што работат меѓу вас, што ве водат и поучуваат;
13искрено да ги почитувате и да ги сакате заради тоа што го работат. Ве молиме да не се карате.
14Опоменувајте ги мрзливите, охрабрувајте ги малодушните, помагајте им на слабите и имајте трпение со сите.
15Гледајте никој никому да не враќа зло за зло. Напротив, однесувајте се добро еден спрема друг и спрема сите луѓе.
16Бидете секогаш радосни,
17постојано молете се.
18Што и да ви се случува, прифаќајте го со благодарност, зашто така, вие што Му припаѓате на Исус Христос, ја исполнувате Божјата волја.
19Немојте да го задушувате дејствувањето на Светиот Дух.
20Немојте да ги занемарувате пророштвата.
21Проверувајте сѐ што се проповеда и држете се до тоа што е добро.
22Држете се настрана од сѐ што е зло.
Благослови и поздрави
[уреди]
23Самиот Бог, Кој е извор на мир, нека ве направи целосно свети и нека го зачува чисто целото ваше битие: духот, душата и телото, сѐ до повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос.
24На Оној што ве одбра, можете да Му верувате. Тој навистина ќе го стори тоа.
25Драги пријатели христијани, молете се и за нас.
26Поздравете се меѓусебно со свет бакнеж.
27Ве задолжувам, во името на Господ, да го прочитате ова писмо пред сите христијани.
28Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет.
Забелешки: