Прејди на содржината

Прво писмо од апостол Павле до Тимотеј

Од Wikisource
Второ писмо од апостол Павле до христијаните во Солун Прво писмо од апостол Павле до Тимотеј
Библија
од [[]]
Второ писмо од апостол Павле до Тимотеј



Глава 1

[уреди]


Авторство и поздрави

[уреди]



1Од Павле,
апостол на Исус Христос, назначен по заповед на Бог, нашиот Спасител, и на Христос, нашата надеж.

2До Тимотеј, кој заради заедничката вера ми е како син.
Ти посакувам Бог Таткото и нашиот Господ Исус Христос да ти бидат благонаклонети, да покажат милост спрема тебе и да ти дадат мир.

Предупредување против изопачените учења

[уреди]



3Кога заминував за Македонија, те замолив да останеш во Ефес и да предупредиш одредени луѓе таму да престанат да шират изопачени учења, 4да престанат да си го губат времето со митови и со бескрајни родослови. Со такви нешта само предизвикуваат расправии, а не водат до Божјиот план, кој може да се осознае само преку вера.

5Целта на нашето предупредување е тамошните христијани да научат да сакаат искрено и од сѐ срце, да имаат чиста совест и искрена вера. 6Некои учители застранија од ова и се свртеа кон празни мудрувања. 7Сакаат да бидат учители на Мојсеевиот Закон, а не го разбираат ниту она што го зборуваат, ниту пак она што го тврдат со толкава самоувереност!

Улогата на законите

[уреди]



8Ние знаеме дека, ако правилно се применуваат, законите се добри. 9Но го знаеме и тоа дека законите не постојат за да ги контролираат праведните луѓе, туку да ги одвраќаат престапниците, бунтовниците, безбожниците и грешниците. Тие постојат заради луѓе на кои ништо не им е свето, луѓе што сквернават сѐ што ќе стигнат, убијци што се во состојба да си ги убијат дури и сопствените родители! 10Законите се напишани заради блудните луѓе, заради полово изопачените, трговците со робови, лажговците и оние што не си ги почитуваат заклетвите. Тие постојат заради сите оние што му се противставуваат на правилното учење 11што произлегува од величествената Радосна вест која ми ја довери нашиот прекрасен Бог.

Благодарност за Божјата милост

[уреди]



12Благодарен сум Му на нашиот Господ Исус Христос, Кој сметаше дека може да има доверба во мене и ми даде сила да ја вршам оваа работа. 13Јас зборував навредливи нешта за Него, безобѕирно ги прогонував Неговите следбеници, но Тој се смилува над мене, зашто знаеше дека тоа се случуваше пред да поверувам и не бев свесен што правам. 14Каква огромна благонаклоност покажа нашиот Господ спрема мене! Целосно ме исполни со вера и љубов каква што има Исус Христос.

15<Исус Христос дојде на овој свет за да ги спаси грешните.“ Оваа вистина сите треба да ја прифатиме со целосна доверба. Јас сум најголемиот грешник од сите! 16Но токму заради тоа Бог се смилува над мене и преку мојот пример покажа колку Исус Христос е трпелив со нас грешните. Така и други луѓе ќе сфатат дека и тие можат да поверуваат во Него и да добијат вечен живот. 17На вечниот Цар, бесмртен и невидлив, на единствениот Бог, да Му оддадеме слава и почит за вечни времиња! Амин.

18Тимотеј, сине мој, упатствата што ти ги давам се засновани врз пророштвата што претходно се дадени за тебе. Нека те поттикнуваат да се бориш како добар војник, 19да бидеш верен и да имаш чиста совест. Некои луѓе доживеаја бродолом во својата вера, бидејќи не си ја слушаа совеста. 20Тоа им се случи на Именеј и на Александар. Тие луѓе му ги препуштив на Сатаната, за да се научат да не зборуваат навредливо за Бог.

Глава 2

[уреди]


Како треба да Му се служи на Бог

[уреди]



1Како прво, ве поттикнувам да се молите за сите луѓе. Барајте од Бог да им помогне и да ги благослови, а потоа заблагодарувајте Му се за сите нив. 2Молете се за царевите и за сите што се на власт, за да имаме мирен и тивок живот, исполнет со побожност и достоинство. 3Ваквите молитви се добри и Бог, нашиот Спасител, ги прифаќа. 4Тој сака сите да се спасат и да ја сфатат вистината, а тоа е дека 5постои само еден Бог и постои само Еден што може да посредува меѓу Бог и луѓето: тоа е човекот Исус Христос. 6Тој го даде Својот живот за да се откупи слобода за секој човек. Бог му ја упати оваа порака на светот во вистинско време.

7Бог ме одбра да бидам проповедник и апостол на таа Радосна вест. Јас не лажам. Она што ви го зборувам е вистина. Бог ме испрати кај оние што не се Евреи, да ги учам за верата и вистината.

8Затоа, каде и да се собирате, од мажите барам да креваат чисти[1] раце кон небото и да се молат ослободени од лутина и препирки.

9Од жените барам да изгледаат скромно. Да се облекуваат едноставно и пристојно. Да не привлекуваат внимание со дотерување на косата, скапи облеки или накит од злато и бисери. 10Жените што тврдат дека веруваат во Бог треба да привлекуваат внимание со добри дела. 11Треба да бидат тивки и покорно да примаат поуки. 12Јас не дозволувам жените да ги учат мажите, или да им заповедаат. Треба да бидат тивки, 13зашто Бог прво го создаде Адам, а потоа Ева, 14а и не беше Адам тој што беше измамен, туку жената, која потоа направи грев. 15Сепак, жените, ако останат верни, ако ја зачуваат љубовта, ако бидат свети и скромни, ќе бидат спасени[2] преку раѓање деца[3].

Глава 3

[уреди]


Какви треба да бидат водачите и помошниците во црквите

[уреди]



1Точно е дека кога некој сака да биде водач[4] на црква, посакува многу возвишена работа. 2Затоа, за да биде човек водач на црква, мора да биде без пороци, да ѝ биде верен[5] на својата сопруга, да биде воздржан, разумен, со добар углед, гостољубив и способен да поучува. 3Не смее да се опива, ниту да врши насилства. Треба да биде трпелив, да не е склон кон расправии и да не биде алчен за пари.

4Треба да биде добар домаќин, а неговите деца треба да го слушаат и да го почитуваат. 5Ако тој не умее да го води сопственото домаќинство, како тогаш ќе се грижи за Божјата црква!?

6Тој не смее да биде новообратен, за да не стане горделив и да ја направи истата грешка што ја направи и ѓаволот[6]. 7Тој треба да ужива добар углед и кај луѓето што не ѝ припаѓаат на црквата. Во спротивно, тој може да падне во стапицата на ѓаволот и да се посрамоти.

8Истото важи и за ѓаконите[7] во црквата. Тие мора да бидат сериозни и чесни луѓе, да не лажат, да не се опиваат и да не бидат алчни за пари. 9Мора да имаат чиста совест и цврсто да се држат до начелата[8] на христијанската вера кои сега ни се откриени. 10Пред да бидат назначени за ѓакони, тие треба да се докажат како луѓе без пороци.

11Исто така и нивните жени[9] треба да бидат сериозни. Не треба да се занимаваат со озборување, не треба да бидат избувливи, туку треба да бидат верни во секој поглед.

12Секој ѓакон треба да ѝ биде верен на својата сопруга[10], добро да си ги воспитува децата и добро да го води сопственото домаќинство. 13Тие што добро ги извршуваат ѓаконските должности во црквата треба да бидат наградени со почит и доверба како верни следбеници на Исус Христос.

Тајната на нашата вера

[уреди]



14Се надевам дека набрзо ќе те посетам, но сепак ти го пишувам ова 15за, ако се забавам, да знаеш како треба да се однесува секој што му припаѓа на Божјото семејство, а тоа е Црквата на Живиот Бог, столбот и темелот на вистината.

16Без сомнение, тајната на вистинската вера во Бог е величествена:


Христос дојде во човечко тело. 


Светиот Дух потврди дека Тој 


ја исполни Божјата волја. 


Ангели Го видоа. 



За Него им беше проповедано 


на народите. 


Луѓето поверуваа во Него. 


Тој славно се вознесе на небото.

Глава 4

[уреди]


Распознавање на лажните учители

[уреди]



1Светиот Дух јасно ни кажува дека во подоцнежните[11] времиња некои луѓе ќе отстапат од вистинската вера. Тие ќе бидат измамени од лажливи духови и ќе се поведат по демонски учења. 2Нивните учители се лицемери, лажливци чија совест е докрај затапена[12].

3Ќе проповедаат дека не треба да се стапува во брак, ќе забрануваат да се јадат одредени видови храна. Храната е од Бог создадена и христијаните, оние што целосно ја знаат вистината, можат со благодарност да ја јадат. 4Сѐ што е создадено од Бог е добро. Ако се јаде со благодарност, ништо не е забрането. 5Божјиот збор и молитвата го прават чисто и свето.

Примерни христијански водачи

[уреди]



6Ако вака ги поучуваш другите христијани, добро ќе ја извршуваш службата што ти е доверена од Исус Христос. Со тоа ќе покажеш дека и самиот се храниш од пораката на верата и здравото учење што го следиш. 7Држи се настрана од непристојни и бабини прикаски! Вежбај се да бидеш вистински побожен. 8Од телесните вежби има одредена полза, но побожноста е многу покорисна. Таа ветува награда и за сегашниот и за идниот живот.

9Оваа порака е веродостојна и заслужува целосна доверба. 10Напорно работиме и се бориме[13], бидејќи се надеваме на Живиот Бог, Кој е Спасител за сите луѓе, а особено за оние што веруваат.

11На тоа треба да ги упатуваш и поучуваш луѓето. 12Не дозволувај никој да те потценува поради тоа што си млад. Со тоа што ќе го зборуваш, со твоето поведение, со твојата љубов, вера и чистота, биди им пример на сите христијани. 13Додека да дојдам кај вас, посвети се на читање на Светото писмо во црквата, на проповедање и поучување.

14Не запоставувај го духовниот дар што ти беше даден преку пророштво, со полагање раце од страна на советот на старешините[14]. 15Извршувај ги овие должности, посвети им се целосно, нека се гледа дека напредуваш. 16Внимавај како живееш и како поучуваш! Истрај во праведната работа, за да се спасиш и себеси, и оние што те слушаат.

Глава 5

[уреди]


Примерен однос спрема луѓето во црквата

[уреди]



1Спрема постари[15] луѓе не покажувај грубост, туку обраќај им се како што би му се обратил на сопствениот татко. Спрема тие што се помлади од тебе однесувај се како да ти се браќа. 2Спрема постарите жени однесувај се како да ти се мајки, а спрема помладите, твојот однос треба да биде чист, како спрема сестри.

3Грижи се за оние вдовици за кои навистина нема кој друг да се грижи. 4Ако вдовицата има деца или внуци, тие нека се учат да се грижат за оние што им се семејство, исто како што родителите се грижеле за нив. Нека ја покажат својата побожност најпрво спрема своето семејство. Тоа е она што Бог го бара од нив.

5Вистинска вдовица е онаа што нема роднини, што верува во Бог, Му се моли дење и ноќе, и бара помош од Него. 6Онаа вдовица што живее само за задоволства, духовно е мртва уште додека е жива. 7Пренеси им ги овие упатства, за да не грешат.

8Христијаните што не се грижат за своите роднини, а посебно за членовите на сопственото семејство, ја омаловажуваат верата! Тие се полоши и од неверниците!

9Секоја вдовица за која ќе се грижи црквата треба да ги исполнува следниве услови: да има најмалку шеесет години, да му била верна на својот сопруг[16], 10да се има докажано со правење добри дела, со одгледување деца, со гостољубивост спрема патници, со понизна услужливост[17] спрема вистинските христијани, со тоа што им помагала на луѓето во невола и секогаш била посветена на правење добри дела.

11Помлади вдовици не ставај на списокот. Ако телесните страсти ја надвладеат нивната посветеност спрема Христос, тие ќе посакаат повторно да се омажат. 12Така ќе го прекршат ветувањето што претходно го дале. 13Освен тоа, тие можат да станат мрзливи и да им стане навика да одат од куќа во куќа. Не само тоа, туку можат да почнат да озборуваат, да прават сплетки и да зборуваат работи што не им прилегаат.

14Затоа, мој совет е помладите вдовици повторно да се омажат, да раѓаат деца и да се грижат за сопствените семејства. Така противникот ќе нема повод да ги клевети. 15За жал, некои вдовици веќе скршнаа и му станаа следбенички на Сатаната.

16Ако некоја христијанка има роднини што се вдовици, нека им помага, а не да ги остава на товар на црквата, која треба да им помага на оние вдовици за кои нема кој да се грижи.

17Старешините на црквата што добро си ја вршат работата заслужуваат да добиваат двојно поголема плата, посебно ако проповедаат и поучуваат. 18Така вели и Светото писмо: „Не врзувајте му ја муцката на вол што врши жито[18].“, и „Секој што работи, заслужува да добие и плата[19].“

19Ако некој сака да обвини старешина во црквата мора да има најмалку двајца или тројца сведоци. Во спротивно, немој да го слушаш. 20Оние што грешат, искарај ги јавно, па и другите да извлечат поука.

21Пред Бог, пред Исус Христос и пред светите ангели, најсериозно те задолжувам да се придржуваш до упатствата што ти ги дадов! Немој да правиш дискриминација и да бидеш пристрасен!

22Не избрзувај да ракополагаш луѓе за Божја служба! Не соучествувај во туѓи гревови! Чувај се да останеш чист!

23Не пиј веќе само вода. Пиј по малку и вино, заради твојот стомак и болестите што често те мачат.

24Казната за гревовите на некои луѓе е очигледна, а кај други гревовите и казната ќе станат очигледни дури по извесно време. 25Така е и со добрите дела. Некои се очигледни, но и оние што не се нема да останат скриени.

Глава 6

[уреди]


За робовите - христијани

[уреди]



1Христијаните кои се затекнале како робови треба искрено да ги почитуваат своите господари. Во спротивно, ќе дадат повод да се зборува лошо за Бог и за нашето учење. 2Оние, пак, чии господари се христијани не треба поради тоа помалку да ги почитуваат. Напротив, треба да им служат најдобро што знаат и умеат, бидејќи со тоа му помагаат на својот брат по вера, што треба да го сакаат. Така треба да ги поучуваш и да ги советуваш.

Алчни вероучители. Опасности од алчноста за пари.

[уреди]



3Секој што поучува поинаку, му се противставува на здравото учење на нашиот Господ Исус Христос, кое е основа на побожноста. 4Таквите учители горделиво се самозалажуваат, а ништо не им е јасно. Имаат нездрава желба да се расправаат, за збор да се фаќаат, а од тоа произлегуваат завист, кавги, навреди, опасна недоверба 5и постојани расправии. Нивните умови се изопачени и тие не ја разбираат вистината. Мислат дека верата е средство за лично богатење.

6Да, верата е навистина големо богатство, бидејќи те учи да бидеш задоволен со тоа што го имаш. 7Со празни раце доаѓаме на овој свет и кога ќе го напуштиме ништо не можеме да понесеме со себе. 8Ако имаме храна и облека, треба да бидеме задоволни. 9Оние што сакаат да бидат богати паѓаат во сите можни искушенија и стапици. Стануваат робови на неразумни и опасни страсти што на крајот ќе ги доведат до питачки стап и целосна пропаст. 10Алчноста за пари е корен на сите зла. Некои луѓе се толку алчни по пари, што дури и од верата скршнаа и си нанесоа[20] многубројни болки.

Упатства за Божјите луѓе

[уреди]



11Тимотеј, ти си Божји човек, затоа бегај од тие зла! Труди се да бидеш праведен, побожен, верен, да ги сакаш луѓето, да бидеш трпелив и кроток. 12Бори се храбро за верата и држи се цврсто за неа, за да добиеш вечен живот. Токму за тоа Бог те одбра и ти веќе пред многу луѓе даде исклучително добро сведоштво! 13Пред Бог, Кој му дава живот на сѐ што постои, и пред Исус Христос, Кој даде добро сведоштво пред Понтиј Пилат, те задолжувам 14беспрекорно да се придржуваш до сите заповеди, та никој да не може да ти најде мана, сѐ до повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос.



15Бог е нашиот единствен Владетел,

Цар на царевите и Господар на господарите. 


Во определеното време Тој 


пак ќе Го испрати Исус Христос кај нас.



16Само Бог е бесмртен.

Тој живее во светлина 


во која никој не може да Му пријде! 



Човечко око не Го видело, 


ниту може да Го види. 


Сета почит и власт 


Му припаѓаат Нему. Амин! 




17Предупреди ги богатите на овој свет да не ги обзема горделивост, ниту да се надеваат на своето богатство што лесно можат да го загубат! Кажи им да се потпрат на Бог, Кој обилно ни дарува сѐ што ни е потребно за да уживаме во животот. 18Советувај ги да прават добри дела, да помагаат, да бидат дарежливи, решени да го делат со другите луѓе она што го имаат. 19Така ќе постават солиден темел за својата иднина, ќе се стекнат со вистински живот.

20Тимотеј, чувај го тоа што ти го доверил Бог! Не учествувај во непристојни и празни разговори, во расправи за она што лажно се нарекува „знаење[21]“. 21Некои луѓе скршнаа од верата, поведувајќи се по такви работи.
Бог нека ви биде благонаклонет!




  1. Буквално: ЃсветиЃ.
  2. Некои преведувачи ова го толкуваат и вака: ЃСепак жените, ако останат ..., кога ќе се пораѓаат, нема да бидат во смртна опасност.
  3. Буквално: Ѓпреку детераѓањетоЃ. Можно е да се мисли „преку Спасителот“, бидејќи Христос се роди како дете, преку жена.
  4. Грчки: ЃепископонЃ што значи надзорник.
  5. Буквално: Ѓда биде маж само на една женаЃ.
  6. Или: Ѓда падне под иста осуда како и ѓаволотЃ, или: Ѓѓаволот ќе го искористи тоа и ќе го собориЃ.
  7. Грчки: ЃдиаконосЃ, значи помошник.
  8. Буквално: Ѓдо тајните на вератаЃ.
  9. Или: Ѓжените - ѓакониЃ.
  10. Буквално: Ѓда биде маж само на една женаЃ.
  11. Буквално: Ѓво последните времињаЃ.
  12. Буквално: Ѓовената, исушенаЃ.
  13. Во некои ракописи: ЃстрадамеЃ.
  14. Грчки: ЃпрезвитериЃ.
  15. Или: Ѓцрковни старешиниЃ. Во оригиналот: ЃпрезвитериЃ.
  16. Буквално: Ѓда била жена само на еден мажЃ.
  17. Буквално: Ѓако им ги миела нозете на светииЃ.
  18. 5 Мој. 25:4.
  19. Лука 10:7.
  20. Буквално: Ѓсе избоцкаа со многу тагиЃ.
  21. Грчки: ЃгносеосЃ.