Прва книга Самоилова/ 25 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

24 глава Прва книга Самоилова
25 глава
од н.п.
26 глава

  1 Тогаш Самоил умре. Сиот Израел се собра и го исплака тажејќи по него; и го закопаа во неговиот роден крај во Рама. А Давид стана и слезе во пустината Фаран.
  2 Во Маон живееше човек кој имаше свој имот во Кармил; тоа беше многу богат човек, имаше три илјади овци и илјада кози. Токму тогаш ги стрижеше своите овци во Кармил.
  3 Тој човек се викаше Навал, а неговата жена Авигеја. Жена му беше убава и многу умна, а мажот суров и опак: беше Халевовец.
  4 Давид чу во пустината дека Навал ги стриже своите овци.
  5 Затоа испрати десет момоци наложувајќи им: „Одите горе во Кармил, отидете кај Навал и поздравете го во мое име.
  6 И речете му вака на мојот брат: ‘Мир ти, мир на твојот дом, мир на сè што имаш!
  7 Сега, слушам, ги стрижеш овците. А твоите пастири беа кај нас, не ги ѓибавме, ништо не им снема додека беа во Кармил.
  8 Прашај ги своите слуги, и ќе ти кажат. Затоа овие момоци нека најдат милост пред тебе, зашто дојдовме во свечен ден. Дај им на своите слуги и на својот син Давид што ќе ти се најде при рака.’”
  9 Давидовите момоци дојдоа и му ги повторија на Навала во Давидово име сите овие зборови, а потоа почекаа.
10 Ама Навал им одговори на Давидовите слуги вака: „Кој е Давид, кој е Јесејовиот син? Денес има многу слуги кои избегале од своите господари.
11 Зар да ги земам својот леб, својата вода, својот добиток што го заклав за своите стрижачи, па тоа да им го подарам на луѓето за кои не знам ни откаде се?”
12 Давидовите момоци се свртија и се вратија по својот пат. Кога се вратија, му ги јавија сите овие зборови на Давида.
13 А Давид им рече на своите луѓе: „Препашете го секој својот меч!” И го препашаа секој својот меч, и Давид го препаша својот, и околу четири стотини луѓе тргнаа по Давида, додека двеста останаа кај товарот.
14 А на Наваловата жена, Авигеја, и го јави еден од Наваловите слуги ова: „Ете, Давид испрати гласници од пустината, за да го поздрават нашиот господар, а тој ги истера.
15 А тие луѓе беа многу добри со нас; не нè ѓибаа, ништо не загинавме додека бевме во нивна близина, кога бевме во полето.
16 Ноќе и дење ни беа како тврдина за сето време додека бевме со нив пасејќи ги стадата.
17 Размисли сега и види што ќе направиш, зашто е готова погибелта на нашиот господар и на сиот негов дом; а тој е опак човек кому не може ништо да му се рече.”
18 Авигеја зеде бргу двеста лебови, два мевови со вино, пет зготвени овци, пет мерки пржено жито, сто гроздови суво грозје, двеста смоквини колачиња, и го натовари сè тоа на ослици.
19 И им заповеда на своите слуги: „Тргнете пред мене, а јас ќе идам по вас.” Ништо не му кажа на својот маж Навал.
20 Додека, јавајќи на осле, слегуваше зад горскиот завој, Давид со своите луѓе слегуваше спроти неа, така што таа се сретна со нив.
21 А Давид токму мислеше: „И така напразно го заштитував во пустината сè тоа што тој човек го имаше, и ништо не му снема од сè што имаше во сопственост! Сега ми враќа зло за добро!
22 Господ нека му го направи на Давида ова зло и нека му додаде друго, ако до мугрите му го оставам на Навала од сè што има и она што мокри покрај ѕид!”
23 Кога Авигеја го здогледа Давида, брзо слезе од ослето и падна пред Давида ничкум, поклонувајќи се до земја.
24 Откако му се фрли така пред нозете, рече: „Господару, нека вината падне врз мене! Дозволи и на твојата слугинка да им проговори на твоите уши, и удостои се да ги сослушаш зборовите на својата слугинка.
25 Мојот господар нека не гледа на оној опак човек, на Навал, зашто тој со право го носи своето име: се вика безумник и лудоста е со него. А јас, твојата слугинка, не ги видов момоците кои ги испратил мојот господар.
26 Затоа сега, господару, живиот ми Господ, и така да бидеш жив ти, и така ти Господа, Кој те запази за да не навалиш врз себеси крвна кривица и за да не ја набавиш за себе правдата со својата рака: нека поминат како Навала твоите непријатели и оние кои му кројат зло на мојот господар!
27 А овој подарок, што твојата слугинка му го носи на својот господар, нека им биде даден на момоците кои што одат по мојот господар на неговите патишта.
28 Прости и ја вината на својата слугинка! Навистина Господ ќе му основе траен дом на мојот господар, зашто мојот господар ги води Господовите боеви, и за време на сиот твој живот нема да се најде зло на тебе.
29 Ако некој се дигне да те гони и да ти работи за главата, животот на мојот господар нека биде сохранет во ризницата на животот кај Господа, твојот Бог, а животот на твоите непријатели нека го фрли Тој како од праќка.
30 И кога Господ ќе му го направи на мојот господар секое добро што ти го ветил, и кога ќе те одреди да бидеш кнез над Израел,
31 тогаш нека не му биде за смут ниту за гризење на совеста на мојот господар дека пролеа крв за ништо и дека ја набави за себе правдата со својата рака. И кога Господ ќе му направи добро на мојот господар, тогаш спомни си за својата слугинка!”
32 Давид и одговори на Авигеја: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој те испрати денес кај мене во пресрет!
33 Нека е благословена твојата мудрост, и благословена да бидеш ти што ме задржа денес за да не навалам врз себеси крвна вина и за да не набавам правда со своја рака.
34 Ама, така ми живиот Господ, Израелевиот Бог, Кој не дозволи да ти направам зло: да не ми излезеше така брзо во пресрет, навистина на Навала не ќе му останеше до утрото ни она што мокри покрај ѕид!”
35 Тогаш Давид го прими од нејзините раце она што му го беше донесла, и и рече: „Врати се со мир во својата куќа. Ете, го послушав твојот глас и се обѕрнав на тебе.”
36 Кога Авигеја се врати кај Навал, тој токму имаше гозба во куќата, вистинска царска гозба: Навал беше весел и сосем пијан; затоа таа не му рече ништо додека не осамна утрото.
37 А наутро, кога Навал се отрезни, му раскажа неговата жена сè што се случило, а нему му замре срцето во градите, и тој остана како да се скаменил.
38 А на десеттина дена потоа Господ го удри Навала, та умре.
39 Кога Давид чу дека умре Навал, рече: „Нека е благословен Господ, Кој ми ја исправи неправдата што ми ја направи Навал; и Господ го запази својот слуга да не направи зло, а ја навали Наваловата злоба на неговата глава!” Потоа Давид испрати порака до Авигеја дека ќе ја земе за жена.
40 Давидовите слуги дојдоа при Авигеја во Кармил и и рекоа: „Давид нè испрати кај тебе за да те земе за жена.”
41 А таа стана, се поклони до земјата и рече: „Еве ја твојата слугинка која е спремна да биде робинка и да ги мие нозете на слугите на својот господар!”
42 Потоа Авигеја стана и бргу го зајава ослето, а по неа тргнаа нејзините пет слугинки. Така отиде по Давидовите посланици и стана негова жена.
43 Давид се беше оженил и со Ахиноама од Езраел, и двете му беа жени.
44 Зашто Саул својата ќерка Михала, Давидовата жена му ја беше дал на Фалтиј, синот Лаисов од Галим.

Поврзано

Надворешни врски


PD-icon.svg Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
Nuvola apps important.svg
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.